RK

Robert Krstevski

НАЈДОБРОТО ОД 2019

Explore Kriva Palanka | Истражи ја Крива Паланка

Animals | Животни

Post Page Advertisement [Top]

БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2019).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



Во октомври пишував за фабриката чие постоење засекогаш ја променила Крива Паланка. Ако ја немате прочитано објавата, повелете:


ТРО „КАРПОШ“ - ехото на Крива Паланка

   Иако приближно три децении фабриката не постои, луѓето сѐ уште со топли чувства се навраќаат на златната, Карпошова епоха која променила многу животи.

Баба ми приближно триесет години поминала работејќи во просториите на оваа фабрика. Го напуштила селото и се преселила во градот. Како ги прекршила тогашните традиционални норми и наместо да продолжи со извршување на селските обврски и пасењето овци, таа одлучила да се пресели во градот и да се вработи во фабриката каде поминала близу триесет години од својот живот. За сето тоа, таа ни зборува во ова продолжение на БЛОЖИЌ.



RK: Бабо, раскажи како дозна за фабриката и како се одлучи да го направиш првиот чекор.
Баба Лоза: Бевме четири сестри, татко ни почина кога бевме мали и ние останавме сами со мајка ни и дедо ни. Завршив четиригодишно училиште и следните неколку години ги извршував селските работи. Дедото беше стар, браќа немавме, мајка ми ги извршуваше домашните обврски, а јас покрај тоа што ја пасев и поев стоката, и' помагав во сите други работи како копање, садење, вршење, жнеење... И така ај уште оваа година па ќе си барам работа, ај уште следната, и така пет-шест години по ред и веќе ми беше смачено од секојдневните селски обврски. Еден ден слушнав дека во Паланка имало некаква килимара. Имаше еден човек кој работеше во селската коперација /продавница/ и ми велеше да одам во Паланка да се распрашам во врска со фабриката. Јас бев несигурна, си велам немам ни пари, а и да се вработам каде ќе седам, ќе треба стан да плаќам... 
И така поминаа неколку месеци и во јануари 1963 нешто ми трепна и одлучив да појдам во градот, да се распрашам за фабриката. Паѓаше снег, а јас пешки од Осиче до Паланка. Стигнав и отидов во собрание мислев дека таму пишуваат молби. Чекав цел ден, но не успеав да дојдам на ред и се вратив во Осиче. Си велам утре ќе одам пак. Утредента повторно од Осиче до Паланка, пешки низ снегот и повторно отидов во собранието. Им соопштив дека сакам молба да ми напишат, но тие ме пренасочија кон Центарот за социјални работи. Отидов таму, имаше две врати, на едната пишуваше Димче, а на другата Дане. Јас чукнав и влегов кај Дане, му кажав дека сакам да ми напише молба за да се вработам во фабриката. Се испостави дека тој Дане го знаел татко ми, ми ја напиша молбата и рече веднаш да ја носам во фабриката. Тој ми ја напиша молбата на машина за пишување, му се заблагодарив, ја зедов и се упатив кон фабриката. 
Кога отидов таму, ги побарав директорите, но ми рекоа дека се наоѓале во градот  наспроти собранието во Крива Паланка. И јас што ќе правам, тргнав до тоа место. Кога стигнав таму, прашав еден човек да ми каже каде точно се наоѓаат директорите. Тој ми одговори дека само што излегле и отишле во фабриката. И јас повторно се упатив кон фабриката. Ги најдов и им се претставив, кажав дека барам работа. Ме прашаа колку години имам, колку години сум одела на училиште. Интересно е тоа што ме прашаа каков добиток чуваме на село, јас им кажав дека имаме едно магаре и пет-шест овци, а всушност имавме коњ и стадо овци. Директорите ми рекоа да направам молба, јас им ја покажав веќе напишаната молба и тие ме упатија кај дактилографката Ристена Гоговска. Кога отидов кај неа таа ми ја одби молбата и рече дека веќе не примаат работници. Јас и' кажав дека директорите ме упатија, но таа не ме 
прифати. Што ќе правам, отидов повторно кај директорите, но тие си беа заминале од канцеларијата. Веќе беше доцна и решив да си тргнам накај дома (с. Осиче). Утредента, трет ден по ред јас одам во Паланка. Мајка ми прашува што правам секој ден во Паланка, имало многу работи што чекаат да бидат завршени, а јас сум се шетала, ќе сум настинала на студот... Јас не и кажував зошто одам, бидејќи не знаев каква ќе биде нејзината реакција. Третиот ден отидов кај директорите и им кажав дека дактилографката не ми ја прифаќа молбата. Тие ми се потпишаа на неа и рекоа сега да ја однесам. Ја однесов и молбата беше прифатена и од страна на дактилографката. На излегување од фабриката сретнав еден човек кој ми се претстави дека бил трговски патник. Му кажав што како и тој ми рече да одам да се пријавам во Заводот за вработување. Јас не знаев ни каде се наоѓа, ни ништо. Си тргнав кон центарот на градот и прашав неколку луѓе кои ме насочија. Таму само ме запишаа и потоа се вратив во Осиче. 
Тоа беше во јануари, следните два-три месеци ни траг, ни глас од мојата молба. Два пати одев во фабриката и прашував, ми одговараа дека сѐ уште нема вработување. Во мај 1963 година ми стигна покана да одам на разговор. Имаше многу луѓе, како од градот, така и од различни села. Ни поставуваа прашања во врска со боите. Дали ги распознаваме боите, дали ги знаеме боите. Тоа беше едно од основните прашања. И кога завршија разговорите, ни рекоа од понеделник да почнеме со работа. Разговорите беа во петокот, а веќе од понеделник требаше да почнам со работа. Иако во себе не бев одлучна дали сигурно ќе појдам тој понеделник на работа, уште во петокот си побарав стан во Осичка мала и се договорив со сопствениците. Се сеќавам дека тогаш си купив половина кило леб, беше 25 динари во тоа време. Половина го изедов во петокот, а другата половината решив да ја чувам за во понеделникот кога ќе тргнам на работа.

RK: Како мајка ти реагираше кога ти и' соопшти дека ќе почнеш да работиш во фабриката во градот? 
Баба Лоза:  Таа ми рече дека ниту ме спречува, ни ме праќа да одам да работам. Ми рече дека тоа е моја одлука, како сакам, така да направам. Во понеделникот ми го даде коњот, ми даде две туби млеко и едно ќебе за во станот. Ми рече по завршување на смената да товарам брашно од воденицата, која се наоѓаше кај денешното игралиште во Паланка, а потоа да го вратам коњот. Си велам во себе како ќе одам на работа, па потоа повторно да се враќам во село, зошто тогаш го земав станот... И така со коњот отидов во градот, првин кај газдите оставив млекото и ќебето и сфатив дека лебот сум си го заборавила во село. Цел ден гладна, завршив со смената, го натоварив коњот со брашно и се вратив во Осиче. Утредента си го зедов заборавениот леб и пешки тргнав на работа од селото до фабриката. Немав часовник и сум задоцнила на работа. Кога пристигнав ми се развикаа, каква работничка сум била кога веќе вториот ден сум задоцнила на работа. Им се извинив и им кажав дека веќе нема да доцнам бидејќи ќе живеам во градот и фабриката ќе ми е поблиску. И така во тие мајски денови на 1963, јас станав дел од првите 84 вработени во Карпош.

RK: Какво беше чувството кога ја зеде првата плата? 

Бала Лоза: Се сеќавам дека првата плата беше десет илјади динари. Бев пресреќна и мислев кој знае колку пари се тоа, но за кирија, за храна, за ова, за она, брзо ги потрошив.

RK: Каков беше „Карпошовиот живот“? 
Баба Лоза: Многу убав. Во почетокот сите бевме исплашени, првпат дојдени, не знаевме што како, потоа се научивме, станавме пријатели, имаше колегијалност. Си помагавме многу, подоцна кога фабриката се прошируваше и доаѓаа се нови и нови лица, таа почит што ја имаше таа прва гарнитура работници почна лека полека да бледнее. Работниците станаа завидливи, алчни и за небитни работи се клеветеа едни други кај шефовите и директорите. На страна на тоа, Карпош беше многу повеќе од фабрика, едно време бевме во загуба и земавме 70 % плата, одевме на неплатен одмор,  но годините кога имаше добри резултати земавме и вишок /бонус/. Секој од својата плата даваше по илјада тогашни динари да се купи инвентар за кујната во фабриката. Дававме пари да се изградат разни објекти во Крива Паланка како училиштата, Ловечки, игралиштето, да се реновира базенот... Во почетокот суровината ја преработувавме, па ја праќавме во други фабрики да се доработи, па повторно се враќа да се финализира тука. Со текот на времето Карпош застана на цврсти нозе и си набави машини кои ги извршуваа сите процеси од обична суровина до краен производ. 

RK: Што произведувавте во Карпош? 
Баба Лоза: Ткаенини, ќебиња, навлаки за седишта на авиони, навлаки за седишта на автомобили, навлаки за кревети, декор ткаенини, таписерии. Многу таписерии се извезуваа во Афричките земји.

RK: Близу триесет години имаш поминато работејќи во Карпош, имаш добиено и пофалница. Како тогаш се наградуваа работниците? 
Баба Лоза: Имавме неколку прослави во текот на годината на кои се собиравме. Едната беше на 7-ми февруари, тоа беше ден на Карпош. Но, исто така секоја есен наградуваа по еден работник. За да бидеш награден требаше да имаш доста години стаж, да си редовен и послушен работник. 



RK: И после скоро три децении, како се раздели од овој Карпошовски начин на живот? 
Баба Лоза: Во почетокот кога останав во пензија ми беше многу тешко и ми фалеше сето тоа, но подоцна се навикнав. 

RK: Дали тогаш се чувствуваше дека крајот на оваа империја се приближува? 
Баба Лоза: Па народ како народ, и во годините кога беше во загуба фабриката си зборуваа ќе се затвора, ќе оди под стечај, но секогаш успеваше да се издигне над тие тешки моменти. Еден ден шефот ме викна во канцеларија. Ми кажа дека сум една од работничките со најдолг стаж, дека фабриката ја чекаат бурни времиња, а има премногу вработени  и ми предложи да се пензионирам и јас прифатив. И така ненадејно отидов во пензија.

RK: Денес, после толку години, со какви чувства се навраќаш на Карпошовската епоха? 
Баба Лоза: Карпош не беше само фабрика, Карпош беше начин на живеење. Убаво се живееше. И јас и дедо ти работевме во Карпош, успеавме и куќа да изградиме, и две деца да израснеме и школуваме со две Карпошови плати. Не дека беше лесно, ама некако тогаш беше поразлично време.


 БЛОЖИЌ 2018/2019 


БЛОЖИЌ #17 - Елена Василевска: „2018-та беше година на само-пронаоѓање“

БЛОЖИЌ #16 - Пред X Потоа


БЛОЖИЌ #15 - Данбо #danbomacedonia


БЛОЖИЌ #13 - Вистината за Ѓаволешката карпа 
во Крива Паланка

БЛОЖИЌ #12 - За режисерот од Крива Паланка чиј
 филм бил југословенски кандидат за Оскар

БЛОЖИЌ #11 - Дуња и Даела 🐘🐘

No comments:

Post a Comment

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib