„Има денови, има настани што долго се паметат. Некои по изминат подолг период се забораваат, но има денови и настани што трајно остануваат не само во сеќавањата туку и со своето постоење, со своето растење, со својата перспектива... Во ваквите настани и денови се сврстува и 25 октомври 1960 година кога тогашниот Народен одбор на општината Крива Паланка донесе РЕШЕНИЕ за основање претпријатие во изградба: фабрика за декоративни ткаенини!“
Со овие зборови пробива никулецот на фабриката која ја промени засекогаш историјата
на ова мало гратче. Иако скоро триесет години поминаа од крајот на
Карпошовата епоха, сè уште се чувствува ехото од постоењето на оваа империја,
не само во ќошињата на градот, тоа одѕвонува и во животите на голем дел од
граѓаните.
Шест месеци по донесувањето на ова решение, на 5 април 1961 година Народниот одбор на општина Крива Паланка го донел решението за доделување на градско, градежно, неизградено земјиште во вкупна површина од над три хектари. Потоа бил потпишан договор со тогашното претпријатие „Руен“ за изградба на фабриката со вкупна пресметковна вредност на објектот од 172 801 847 динари само за градежниот дел со рок на завршување на работите до 30 ноември 1962 година.
„Семето беше фрлено, земјата раскопана, но не за земјоделско растение. Семе што требаше да ја означи новата епоха во историјата на Крива Паланка. Камен по камен, цемент, железо про'рти индустриското семе во некогашната Паланка, во некогашната Егри Дере. Полјанката се претвори во градилиште, многу не веруваа дека тука може да никне и нешто друго освен она што виреело со векови. На пространството од над три хектари и дење и ноќе се мешаше цемент, чакалот и песокта. Некогашната рамница, ораница почна да го менува ликот. Набргу про'рте семето, ги пушти и кревките корења, нивните жили навлегуваа во длабочините, го зацврстуваа темелот на идната фабрика. А недалеку оттука Крива Река брзаше кон клисурата, кон Пчиња, носејќи го со брановите гласот на градежните машини кон Славишко Поле...“
Во почетокот на 1961 освен директорот, првиот „тим“ на фабриката Карпош го
сочинувале: техничкиот директор, двајца
службеници односно книговодител и референт, еден магационер, дактилографка и
чистачка.
„Домашната машино-градба уште не стоеше на цврсти нозе, имаше охрабрувачки знаци за приближување кон европските стандарди, но за врвен квалитет беше неопходна и врвна технологија и техника. А Карпош мораше да тргне Карпошовски – смело, на широк фронт, без респект на конкуренцијата, со висок квалитет и агресивно во освојувањето на пазарот.“
По одредено време се дошло до решение да се откаже дел од увозната опрема и
да се замени со домашна.
„Карпош се гради, се гради првиот индустриски објект во Крива Паланка, Паланка наскоро ќе стане индустриски град, ќе стане нешто што дотогаш не била. Секој од луѓето, а особено младите, помислуваа во себе – „Кога би бил јас првиот во тие светли хали...“
Првите групи биле испратени на обучување во сличните фабрики во земјата.
Весникот „Нова Македонија“ осамнал едно утро со насловот „КАРПОШ ОБЕЗБЕДИ
ПОТРЕБНИ СТРУЧНИ КАДРИ!“
Во 1962 година фабриката има 27 работници – мајстори и ткаачи кои биле
обучувани во сличните фабрики низ земјата. Во 1963 година бројот на вработените
изнесувал 84, следната година 1964 бројот се зголемил на 128. Како што пишува
во монографијата на оваа фабрика – „Гледано од тогашна перспектива, настан на
деценијата!“ До 1980 година бројот на вработени изнесувал 1100.
„Темелот беше всаден во земјата, никна и стеблото, се развија гранки... Доаѓаа делови, од делови се создаваа целини, односно машини. Се работеше, се градеше, Карпош растеше. Ги даде и првите производи. Паланечки декор – ткаенини! Знае ли некој за нив? Не знаеше никој! Од анонимноста тешко се излегува. Не е лесен патот до афирмација, особено на непознатиот, за почетникот што нема познато име и презиме.“
Тогашната работна структура имала тешка задача – не само да го пробие
пазарот, туку и да навлегува и во неговите тајни, да ги дознава, да ги
обработува, да ги прифаќа и секогаш да се приспособува на промените водејќи
сметка за сопствената етика.
Еден од примерите во кои оваа тактика за освојување на пазарот е применета
е токму производството на епингле и букле ткаенини, чиешто производство било
дефицитарно во тогашна Југославија. Буклето се увезувало од многу индустриски
поразвиени европски земји, а во Југославија имало само дванаесет разбои кои
произведувале букле ткаенини. Со реченицата „ФАБРИКАТА КАРПОШ ЌЕ ИМА ДВАЕСЕТ И ЧЕТИРИ РАЗБОИ ЗА БУКЛЕ“ тогашна Нова Македонија ја завршува статијата за
иновативноста и пробивот на оваа фабрика на Југословенскиот пазар. Првото производство било продадено
главно на пазарите во социјалистичките Републики: Србија,
Хрватска и Словенија. Паланка повеќе не била анонимна, за Југославија таа не била повеќе само граничен премин, туку и производител на декоративни ткаенини.
Работнички совет бил формиран на 26 октомври 1965 година и го сочинувале дваесет
и три работници. На 12 ноември 1965 година на седница на Работничкиот совет бил
избран и првиот управен одбор. Бил донесен и статутот на фабриката, правилникот
за работни односи и други неопходни самоуправни акти. Со ова официјално
фабриката била предадена на управување на работниците. На 21 декември истата
година фабриката била регистрирана во Окружниот стопански суд во Скопје. Во петтата година од постоењето фабриката започнала со редовно производство
со 335 вработени. Од таа 1965 година, Карпош го започнал походот кон победите и
афирмацијата. Следните години патот кон успехот е стрмен, се до 1969 година кога по
третата година од почетокот на редовното производство фабриката застанува на
цврсти нозе, било ставено крај на загубите и продолжиле да се стремат кон
врвот.
Почетокот на седумдесетите години од минатиот век се нижат во низата започната од претходната
година, 1970 година е втората година по ред без загуби. Следната 1971 година е
забележана по тоа што како резултат на добрите резултати од минатите години,
Стопанска банка на Македонија одобрува средства за прва модернизација на
фабриката.
Следната година 1972 е запишана како најзначајна и најдобра година од
постоењето на оваа текстилна индустрија, за тоа сведочи и наградата „1 МАЈ“ на Стопанската комора на Македонија.
Наградата била врачена во 1973г. за „особени стопански остварувања во 1972
година“.
„Ретки се примерите на наши работни организации кои за така кратко време од своето постоење успеале со своите бројни резултати да се најдат во Клубот на најдобрите. Впрочем, последните зафати и остварени резултати во производството, потоа остварениот висок пораст на вкупниот приход, како и на доходот, просечните лични доходи и зголемените средства издвоени во фондовите уште еднаш ја потврдија вистината дека овој млад работен колектив, и покрај тешкотиите на кои наидува, програмирано ги остварува зацртаните задачи и не е ни малку случајно што тој деновиве ја освои и Првомајската награда на Стопанската комора на Македонија за особено постигнати резултати.“ – Стопански весник, 9 мај 1973г.
Следните години успесите продолжуваат. Се воведува и трета смена, односно
фабриката работи со четири смени. Успехот ескалира во 1976 година кога со
остварените производствени и финансиски резултати се искачува на второто место
во Југославија, веднаш зад фабриката „Декоративна“ во Љубљана.
ТРО „Карпош“ била најголема во општината Крива Паланка, како по бројот на
вработени, така и по економско финансиските резултати.
Во целото свое постоење фабриката имала вкупно четири генерални директори.
За жал оваа монографија го опишува битисувањето до 1980 година, а за време на
тоа дваесетгодишно постоење фабриката имала двајца генерални директори. Првата
деценија од постоењето ја предводел Спирко Стојчевски, а втората деценија
Стојко Ивановски.
Стојчевски бил поставен за директор од страна на Општинското собрание со
решението за изградба на фабрика на локацијата Расадник од 25 октомври 1960
година. Тој вели дека во март 1961 имало доброволна акција за поместување на
коритото на некое поточе кое минувало низ просторот предвиден за изградба на
фабриката и останала некоја анегдота кога некој функционер ветил дека ќе си ги
исече ушите ако на тоа место проработи фабрика. Но истрајната работа победува
се. Темелите биле удрени на празникот на трудот – 1 мај 1961 година, а
комплетно бил изграден во септември 1962 година. Во општината дотогаш биле
вработени 560 граѓани, а фабриката требало да вработи над 300 нови работници.
Вкупниот приход во општината изнесувал милијарда и седумстотини милиони динари, а
според програмата исто толку требало да остварува и Карпош.
Ивановски вели дека ако имало потреба и директорот бил најобичен работник.
Вели дека кога пристигнувале нови машини ги растоварале сите – од готвачи до
директорот. Не само што бил директор, туку и набавувач, па дури и возач. Но
целото тоа жртвување го правеле за да почнат со производство, за да бидат
познато име на пазарот. Признава дека периодот 1965 – 1968 бил многу критичен.
Реализацијата не тргнала како што очекувале, магацините се полнеле, барале
купувачи, нуделе и под цена на чинењето на производите, се додека не се афирмирале на пазарот.
Волјата и вербата во иднината ги водела низ овие критични мигови.
Фабриката се грижела многу за своите работници, имале одморалишта во
Дојран, граделе станови во градот за работниците, одвојувале финансии за
изградба на училишта и други објекти во Крива Паланка, имале културно-
уметничко друштво, фудбалски, шаховски и пинг-понг клуб, како и стрелачка,
одбојкарска, ракометарска и кошаркарска секција.
По повод дваесет години постоење на овој индустриски гигант, монографијата вели: „Јасни се визиите на „Карпош“ за наредните пет години, до
1985 година, а погледите допираат и до 90-те и до 2000-те години!“
За жал фабриката не стаса до крајната цел на тогашниот хоризонт.
Почетокот на последната декада од минатиот век беше кобен за златната епоха од животот на кривопаланчани. За жал не успеав да дојдам до информации како згаснало и последното жарче од оваа империја.
Почетокот на последната декада од минатиот век беше кобен за златната епоха од животот на кривопаланчани. За жал не успеав да дојдам до информации како згаснало и последното жарче од оваа империја.
Едно е сигурно, тие триесетина години ја промениле Крива Паланка засекогаш.
Многу семејства биле нахранети и многу домови изградени. Годините пред нас ќе
покажат дали некогаш некоја нова фабрика, некоја нова надеж, некоја нова сила
ќе го надмине и ќе остави поголем печат во ова мало североисточно македонско
гратче.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ :
Исповедта на Крива Река |
Дивјанци, Крива Паланка, Македонија |
Пролет во Добровница, Крива Паланка, Македонија |