Post Page Advertisement [Top]


                    Крива Паланка се наоѓа во  североисточниот дел на Македонија. Најголемата планина е Осоговската со највисок врв Руен, а најголема река на ова подрачје е Крива Река, која се влева во реката Пчиња кај селото Клечовце. Податоците говорат дека пред доаѓањето на Словените тука живееле Трачани и други племиња. Од времето на Римјаните има повеќе остатоци од рудници и помали тврдини што служеле за заштита. Со оформувањето на Самуиловата држава целиот регион влегува во нејзиниот состав, додека пак во времето на Немањиќи влегува во српската држава. Пред доаѓањето на Турците, центар на ова подрачје било селото Градец кое се наоѓа на околу седум километри северозападно од Крива Паланка. Со победата на Турците на реката Марица во 1371 година цела Македонија потпаѓа под нивна власт па и Кривопаланечкото подрачје.



                    Крива Паланка е основана од Турците како едно од упориштата на Османлиите. Таканаречената Криворечка турска тврдина е подигната во 1633 година. Се смета дека во таа година почнува и раѓањето на еден нов град, на денешна Крива Паланка. Тврдината ја градела таканаречената раја /населението/ и зафаќала површина од четири илјади квадратни метри, а имала и голем ан во кој можеле да се засолнат повеќе од петстотини коњи. Остатоците од оваа тврдина денеска сведочат за подалечното минато и се наоѓаат  позади зградата на Општинското собрание.  Исто така одредени извори сведочат за тоа дека била изградена и џамија, амам /бања/ и мелница, а се спомнува и карван сарајот со ливадата наречена Мензирска, денеска позната како Мизовска ливада. Записите говорат дека местото што сега го зафаќа градот и околината биле обраснати со густа шума, а при населувањето на Македонците и Турците почнало масовно сечење и употреба на дрвото за станбена изградба.



                    Кога станува збор за тоа како градот го добил името, основачот основата за истото го побарал во природата. Поради конфигурацијата на теренот, пробивот на реката низ котлините со изразито крива линија, Турците и’ го дале името Егри Дере /Крива Река/, а градот Егри Дере – Паланка, што би значело Криворечка Паланка.



ПАТОПИСЦИТЕ ЗА КРИВА ПАЛАНКА

                    Во историјата патописците се од особена важност, тие го бележат она што го виделе на минување или додека престојувале во некој град, регион или земја. За овој град најпознат е Евлија Челебија кој престојувал во Крива Паланка во 1660 или 1661 година. Еве што забележал Челебија:
„Покрај тврдината и џамијата тука имаше и магацин за муниција, топови, гарнизон од двесте војници со диздар /заповедник/. Покрај тоа, постои и град од осумстотини куќи покриени со ќерамиди и штици. Клисурата на Криворечка Паланка е опасна за минување, таа е кривулеста со многу погодни места за заседи. Од ајдуци тешко се минува. Заповедникот на тврдината е принуден да го обезбедува патот со сто педесет војници...“
Историјата посебно ја издвојува 1689 година, таа е позната по навлегувањето на австриските војски во овој дел од Македонија. Опаѓањето на силата на турската држава го разгорела пламенот за ослободување од вековното ропство. Во таа година проникнува храбриот Карпош, застанува на чело на намачениот народ и го поведува во решавачки битки против Турците. Карпош го крева познатото од историјата – Карпошово востание. Првата битка на неколкуте илјади востаници предводени од Карпош е добиена токму над Крива Паланка, поточно на Осоговскиот масив. Следната година Османлиите нанесуваат тежок удар на австриската војска, борбите продолжуваат кон Куманово каде што е задушено и востанието, а востаничката Крива Паланка е повторно поробена.



                    Во XVIII век Крива Паланка станува административен центар и има свој кадија, но од тоа време се споменува само тврдината како место во кое биле испраќани затвореници. Дури кон крајот на XVIII и во почетокот на XIX век, Турците за да ја зацврстат власта прават чекори за економско засилување на градот со хатишерифот на султанот Абдул Меџит им се гарантира животот и имотот на сите без разлика на вера и народност. Тогаш почнува да се развива и занаетчиството и трговијата во Крива Паланка. Меѓу првите се абаџискиот и терзискиот, а биле развиени и пушкарскиот и плочкарскиот занает, така што за железните плочи и прачки од Крива Паланка е запишано дека била извезувани за Унгарија. Се спомнува и производството на кремења за пушки кои биле извезувани дури во Цариград.
Во првата половина на XIX век се доселувале помали групи Власи од Грамос и Крушево кои формирале две летни населби со своите стада. Покрај млечните производи, тие на пазарот во Крива Паланка продавале и јамболии и други предмети од волна.



КОРЕНИТЕ НА КУЛТУРАТА

                    Како и во другите краишта, културата кај македонското население од овој крај прортува од свештенството и делумно од печалбарството. Исто така се јавуваат и првите национални и културни будители како Јоаким даскал Крчовски кој заедно со Кирил Пејчиноиќ „Тетоец“ се основоположници  на Македонското национално и културно будење. За Крчовски се знае само годината кога умрел 1820 и дека бил свештеник и прв народен учител во Крива Паланка. Тој бил со народот и меѓу народот. Ги преработил црковните книги во духот на народниот говор за да станат поразбирливи и поблиски до народот. По смртта на Крчовски, во 1833 година во Крива Паланка покрај црква е изградено и училиште, но современа настава е воведена дури во 1868 година. Наредната 1869 година, првиот клас го завршуваат дванаесет ученици. Покрај предметите граматика, црковна историја, земјопис, аритметика, литургија и краснопис, од јазиците се предавале и француски, турски и грчки јазик.



НОВ и СЛОБОДАТА

                    Економското јакнење и пробивот на просветителството и културата уште повеќе го разгоруваат пламенот на копнежот за слободата, за државност, за свој македонски јазик. Простор за ширење на отпорот е најден во идеите на Внатрешната македонска револуционерна организација. Јадрото на оваа организација во Крива Паланка го сочинувале шестмина граѓани, а биле создадени и тринаесет десетини. По познатата „Виничка афера“, кога била провалена организацијата, во Крива Паланка биле затворени триесет видни граѓани. Во периодот на подготовките на Илинденското востание населението од овој крај било изложено на силно влијание на пропагандите на Бугарија и тогашна Србија. Овие млади буржоаски држави преку црквите и училиштата правеле се’ за да го асимилираат македонскиот народ, но жителите од Кривопаланечко минувајќи низ невидени мачења и злосторства уште повеќе го разгореле пламенот и стремежот кон слободата.



                    Во стара Југославија Крива Паланка не забележила никаков стопански развој. Околу 90 од населението живеело на село под тешки економски услови. Во градот во 1928 година на Дурачка Река се изградени мала хидроцентрала и мелница. Со ваква општествена заостанатост населението од Крива Паланка ја пречекува судбоносната за југословенските народи и народности – 1941 година.



1941

                    Германските сили на 6-ти април 1941 година ја нападнале  стара Југославија од правецотЌустендил – Деве Баир – Крива Паланка – Скопје. Неколку дена подоцна и бугарските војски ја окупирале територијата. Ропството на народот од овој крај продолжило, но под нови услови. Народот ја имал ѕвездата предводничка – Комунистичката партија на Југославија на чело со Тито.




1943 – Мугра на слободата

                    Десната страна од Крива Река влегла во слободната територија на регионот Врање – Куманово – Крива Паланка – Црна Трава. Во овој регион не постоела окупаторска власт. Во Народноослободителната војна на југословенските народи Карпошовството станува симбол на слободата, овој пат во ликот на Христијан Тодоровски – Карпош. Карпош е партизански командант и ги води од битка во битка партизаните од каде што потекнува неговата лоза – Кривопаланечкото село Гулинци.



1944

   🔹На 13 јануари 1944 година Вториот Јужноморавски одред во еден часот по полноќ ја напаѓа Крива Паланка и ослободува двесте интернирци од соседните села на Србија, каде бугарскиот окупатор ги затворил во зградата на тогашното основно училиште.
   🔹На 20 февруари 1944 година ноќта колоната од Осогово се спуштила во селото Мождивњак каде што западнала во заседа. Но, вештите Титови партизани го надмудруваат непријателот и групата без загуби минува покрај бугарските заседи на Крива Река.
   🔹На 20 мај 1944 година кај месноста Лисец на Осоговскиот масив, Третата македонска ударна бригада, Шестата Јужноморавска бригада и Косовските баталјони со изненаден напад ја разбиле бројно и технички помоќната бугарска окупаторска војска и ја натерале во панично бегство. Во оваа борба подлегнала на раните народната хероина Вера Јоциќ.
   🔹На 14 јуни 1944 година на Чупино брдо, Третата македонска ударна бригада, дел од Шестата Јужноморавска бригада и Косовските баталјони го поразиле непријателот – илјада војници и офицери на Првиот армиски пешадиски полк на бугарската фашистичка војска. Непријателот имал големи жртви, ја оставил целата воена опрема и оружјето на боиштето, а другите во безредие и паника избегале кон Крива Паланка.



АСНОМ

                    Веста за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година  во манастирот Прохор Пчински со радост била примена од населението и се пренела како молња меѓу луѓето.  На ова заседание како делегат од Крива Паланка присуствувал Трајко Цветанов, студент од селото Конопница.
 🔹На 6 август во селото Рамно на планината Козјак бил формиран Кривопаланечки партизански одред.
  🔹На 3 октомври 1944 одредот стапува во жестока фронтална борба со германската единица кај селото Кркља.
 🔹На 6 октомври 1944 Кривопаланечкиот партизански одред од село Кркља тргнува на марш преку Жидилово, Трново, Добровница, Огут, Герман и во селото Жељувино на Козјак, заедно со други единици на НОВ, влегува во составот на седумнаесетата Македонска бригада која се формирала на 12 октомври.




 СЛОБОДАТА НА 8-ми ОКТОМВРИ 1944
                                   
                    Крива Паланка од окупаторите е ослободена на 8 октомври 1944 година. Народната власт е воспоставена во градот и селата. Слободата била пречекана со голема радост, со двојна радост поради тоа што македонскиот народ по толку тешки борби и страдања низ столетија конечно бил слободен и поради тоа што Македонија станува рамноправен член на братската заедница на југословенските народи и народности – на социјалистичка федеративна Титова Југославија. 

                    Новиот живот, животот во слобода од првиот ден почнува организирано и творечки, врз темелите што ги поставила НОВ – веднаш бил формиран Околиски народен одбор како највисок орган на народната власт, а потоа и општествено-политичките организацииКПМ, Народен фронт, НОМСМ, АФЖ. Народната власт и општествено-политичките организации, целото население со силен ентузијазам ја започнува битката за обнова и изградба на земјата, битката за ново социјалистичко општество.



ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ :

Исповедта на Крива Река

Дивјанци, Крива Паланка, Македонија

Пролет во Добровница, Крива Паланка, Македонија

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib