Post Page Advertisement [Top]

                       

                     Барајќи ги есенските бои во сјајот од октомвриското сонце кое пред згаснување го позлатуваше денот, од жуборот на Крива Река се слушна восклик: „Момче, еј момче, застани! Па зарем сум ти толку убава па ме овековечуваш мене? Дозволи ми да се запознаеме подобро. Јас сум душата на овој град. Поради мојот продор низ котлините, кој наликувал на крива линија Турците ме нарекоа „Егри Дере“, а градот „Егри Дере - Паланка“ што во тоа време би значело „Криворечка Паланка“. Имаше и џамија, мелница и бања кои тие ја нарекуваа „амам“. Го помнам и Челебија кој покрај што ја забележа џамијата, војниците, топовите и магацините за муниција ме опиша како опасна за минување бидејќи сум била кривулеста и заобиколена од многу ајдуци. Знаеш ли дека градот имаше и кадија? Арно ама војните меѓу турската и руско-австриската војска не дозволуваа развој на ова гратче. Но, имаше еден султан Абдул Меџит, кој почна да ја движи Егри Дере кон прогрес. Тој им обезбедуваше сигурност на животот и имотот на луѓето, не правејќи разлика меѓу  вера и народност. Ја паметам и „Виничката афера“, се сеќавам и на таа тешка 1943-та кога само десната моја страна беше ослободена од окупација. Тоа е исто како да ти ја отсечат левата рака, да ти ја остават само десната, боли. Како незаздравена рана ги паметам бугарските заседи, но исто така се гордеам и со многу битки. Се гордеам со Трајко Цветанов, кој со учеството на АСНОМ беше предвесник на слободата која се случи на 8-ми октомври 1944. Илјадници луѓе поминале тука, стотици лица низ прозорците на автомобилите впериле поглед кон мене, но никој, никој не се интересирал ни како се викам, ни зошто сум „крива, ниту пак виделе нешто убаво во мене. А јас, јас секогаш со мојот жубор ги поздравувам луѓето, им посакувам убав ден, но тие не само што се глуви, туку се и слепи. Да сум сина или црвена ќе ме забележат, а матната боја, бојата на отпадоците, канализацијата и сите човечки валканости што ги носам со себе, во политичките мозоци се прекриени со сината и црвената боја. Тие не знаат дека и јас бев сина кога селата беа полни, а градот празен. И јас бев црвена кога ја носев крвта на Карпошовите востаници. Тогаш луѓето беа сплотени и заедно одеа против непријателот и не им беше важна бојата туку слободата. Сум наводнувала полиња за да преживеат, сум поила трла овци и перела многу домови. Облеките си ги белеа низ моите бранови, но душите им се извалкаа. Тоа проклетство почна да ги јаде. За жал и да сакам нив не можам да им ги исперам, а добро е што и душевните валканости не протекле низ мене, би ме убиле. Сум била сведок дете мое на братоубиства, на завист, на алчност, на клетви, но повторно сум прогледувала низ прсти и не сум сакала да предизвикувам бури кои би оставиле траен печат на и така сиромашните  животи на граѓаните. Ќе речат како не, колку пати сум надоаѓала и мостови сум рушела, но знај тоа го правев за добро на граѓаните. Тие ќе направеа мало дрвено мосте и јас ја чекав првата бура да го срушам, се додека не ги натерав да изградат големи и стабилни мостови, за да не ги дели единствената тогашна раздeлба за која бев виновна јас – го делев градот на лева и десна страна, односно да изградат и мостови помеѓу себе. Но, проклети суштества! Најдоа мал милион ситни нешта да прават голем раздор помеѓу нив, оплакувајќи се како доаѓале се  полоши времиња и како порано се било мед и млеко. Протеков низ многу векови, ја раѓав природата секоја пролет и ја заспивав секоја есен, претеков сушни лета и стопив ледени зими, но луѓето беа и останаа исти. Те лажат мило ако ти велат дека  порано подобро се живеело, не. Маката секогаш постоела и ќе постои, но проклетството во луѓето зазема се поголеми размери. Прашај си ги дедовците и бабите, ако се уште ти се живи, колку браќа и сестри не зборуваат бидејќи имотот не можеле да поделат, алчноста како рак протекла низ роднинската крв. Родени да бидат поддршка еден на друг, тие претворајќи се во монструми избираат да се крвни непријатели. Па и ти се подразмисли, сега копнееш и сакаш да се вратиш во детството, а  наврати се десетина години наназад и сети се колку пати минуваше низ моите мостови без да ме забележиш, замислен и исплашен како ќе поминеш и тој ден на училиште, дали си научил доволно за да да добиеш петка, дали некој повторно би те наречел „дебел“... Се сеќаваш ли на часовите физичко, јас живеев со вас и секој момент кога ќе ви ја „зграпчев“ топката ќе ви дозволев  да ја земете, иако ти никогаш не ми ја подаваше. И ќе видиш мило мое, за десет или дваесет години ако останеш тука, а верувам дека нема, кога ќе се вратиш, ќе ме здогледаш повторно мене, ќе се сетиш на овој ден и ќе сакаш да се вратиш во оваа доба, доба на младоста. Но, свесна сум мило мое, нема иднина тука. Да ме погледнеш однадвор, ќе речеш дека сум убаво парче природа, но одвнатре ќе речеш отпад и канализација – зависи кој како сака да ме види. И ајде мене да ме изберат за најчиста река во државава со целиов овој отпад што го носам. И верувај тоа не е невозможно, бидејќи денес на пиадесталот квалитети е партиската книшка. Жална е таквата ситуација мило, луѓето заслепени од партиски цели сами си го празнат градот и си ја губат човечноста. Ги гледаш ли оние коњи на брегот, тие ми се омилени пријатели, прекрасни суштества, овековечи ги, но те молам исчисти го на фотошоп овој смет што го носам, да не ги грозам овие убавеци. Фала ти чедо што ме ислуша, се надевам дека доаѓаат подобри времиња и за тебе, и за мене.“


Автор: Роберт Крстевски 




Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib