Post Page Advertisement [Top]



           Катица Борисовска е пензионирана кривопаланчанка која со својот авантуристички дух  стигна дури до највисокиот врв во Африка – Килиманџаро. За тоа какви искушенија и’ приредиле планините каде што стапнала нејзината нога низ двaесет и три годишното активно планинарење таа ни зборува токму во ова октомвриско издание на КП ликови.

RK: Како почна со ова хоби? Раскажи ни ги почетоците.
Катица: Кога се затвори фабриката „Карпош“ јас останав невработена и многу тешко го прифатив тоа. Паднав во депресија, па дури посетив и лекар. На враќање од болницата накај дома си мислам во себе дека не сум ни прва ни последна и дека треба да почнам да мислам позитивно и да не дозволувам повеќе да ме измачува депресијата. Излезот од сето тоа го пронајдов во планинарењето. Прво започнав со кратки прошетки околу Крива Паланка, потоа продолжив на подолги релации. Како и секој почеток првите изодени километри ми беа тешки, но подоцна се навикнав. Се сеќавам на едно од првите искачувања на Калин Камен, седнавме да јадеме и забележавме дека не носиме нож. Се сеќавам носевме сланина и бидејќи немавме нож да ја исечеме, земавме со виљушките ја поделивме некако и ми се чинеше дека послатка сланина никогаш не сум јадела.


Килиманџаро, јануари 2016

RK: Раскажи неколку интересни ситуации на кои се сеќаваш и ден денеска.
Катица: Кога требаше да одиме за Елбрус (Русија, на границата Европа - Азија) и водичот од Скопје ми вели:
  „Катица ти ќе имаш една другарка од Гевгелија.“
Јас се согласив, а таа му се жалела на водичот:
 „Добро бе водичу, кај на мене си ми нашол некоја пензионерка, некоја баба, што ќе правам со неа...“
Таа беше околу дваесет години помлада од мене.
И дента кога да тргнеме од Скопје, се запознаваме и јас вeлам:
 Jас сум баба Ката, да се запознаеме.“
Таа ме гледа и вели:
„Евааа, каква баба си ти мa? Погледни ме мене каква сум, јас сум баба во споредба со тебе.“
Потоа кога заврши патувањето, зборуваат со  водичот и таа му вели:
„Јас се смеев на бабата, ама на бабата ништо не и’ беше, а ние сите попаѓавме“.

Во Турција бевме сведоци на едно запросување, но друго интересно нешто е дрес кодот на жените. Мене кога ме видоа во шорцеви, една жена со фереџе пријде и почна да објаснува да сум симнала ранецот за да ме прекрие со нејзината марама. Во почетокот се исплашив, но подоцна разбрав што се обидувала да ми каже.
На следните патувања во Турција водичите ме предупредуваа кога минуваме низ некое населено место да извадам марама и да се покријам.

RK: Сигурно си имала многу средби со животните низ планинските патешествија, раскажи ни некои поинтересни случки.
Катица: На Виторог (БиХ) имавме средба со мечка. Се искачивме на Виторог и потоа на враќање, одевме кон планинарскиот дом со превоз и пред нас на пет-шест метри оддалеченост седнала една мечка и гледа кон нас. Јас прва ја видов и целата радосна извикувам: „Вадете апаратите и сликајте!“ Додека да извадиме фотоапаратите, таа си отиде.
Исто така мечка имам видео многу одамна, на Чемплес, во близина на Велес, ако не се лажам  подоцна таа мечка беше удрена од воз. Еден од планинарите кои ме придружуваа ми вели„Катица, Катица, пази ама не е настрвена!“ Јас го гледам и се чудам што ли зборува и тој ми вика„Мечката позади тебе.“ Јас се свртев, но таа си замина по шумата, не беше ништо страшно.

RK: А кога станува збор за змиитекако се справуваш со нив?
Катица: Јас не ги забележувам змиите, тоа е чудо! По мене тие што одат тепаат змии на сите страни, а јас поминувам и не ги забележувам.

RK: Се сеќаваш ли на некои пострашни ситуации за време на планинарење? 
Катица: Најстрашно беше еднаш кога имаше силна бура, многу врнеше. На Ветуничка река, односно кај селото Ветуница, сакавме да поминеме, но беше многу голема реката. Се врзувавме со јажиња, но не успеавме. Се вративме на Крива Река, од таму во Ранковце. Не ме беше страв за мене, туку за децата кои ги водев. Јас имам патувано многу ноќи со лампи на глава, ама тие немаа. Се сеќавам застанавме под еден мост и како глувци заспавме бидејќи бевме многу изморени.

Исто така на Руен една година, јас и уште една жена ги придружуваме децата и човекот кој ги водеше, но тој тргна да си бере печурки. Невреме е, јас и другата  планинарка останавме со нив, а дождот се посилен. Што ќе правиме, ќе фаќаме преку Царев Врв. Град почна да врне, седнуваме на земја, се покривме со шаторско крило и што ни даде Господ тоа. Децата  ги прегнавме и така го пребродивме тоа невреме.

И маглата е многу опасна. Ветрушките кога надоаѓаат, седнуваш ниско до земја, не паничиш, тоа се моменти кои брзо поминуваат, но со маглата не е така. Се сеќавам една година од Нови Сад дојдоа гости, ги водев на Царев Врв, а утредента требаше да одиме на одбележување на „Светскиот ден на планината“ во Скопје. Меѓутоа времето беше облачно и имаше многу магла. Тргнавме и видовме дека е голема магла. Почнаа да ѕвонат од Скопје, д-р Угриновски вели да се вратиме, да не одиме. Останатите околу мене викат да фатиме наваму, да фатиме натаму, тензијата расте. Јас пресеков и реков:  „Добро што сакате, утре да биде прослава или меморијал? Подредете се по ред позади мене и следете ме.“ Наместо по патот фативме по друго место и по десетина метри немаше ни „М“ од маглата.  Супер го поминавме тој ден, како и следниот. Така да, се е до искуството и снаодливоста.

RK: Какви искуства имате со луѓето кои ги среќавате при планинарењето, како тие реагираат кога ќе ве видат или запознаат?
Катица: Се соочуваме со секакви луѓе. Некои се пријателски расположени, други не сакаат ни чаша вода да ни дадат. Се пазат, мислат одиш злато да бараш, многупати не ни веруваат дека само рекреативно планинариме и прашуваат по што сме трагале, злато ли сме барале и така.

RK: Каква е разликата во планинарењето во однос на годишните времиња?
Катица: Мене не ми е проблем годишното време инаку омилено годишно време за планинарење ми е есента. Додека пак зимското планинарење бара повеќе опрема и најбитното е да го познаваш теренот. Тоа значи да ти е познат теренот за да ги избегнеш лавините, да  не бидеш самобендисан, да почитуваш, да слушаш и да не ризикуваш многу.

RK: Дали лесно ги памтиш планинските патеки?
Катица: Да, штом еднаш поминам знам да се вратам. Но ми се има случено во Кочанскиот дел, еднаш се издвоив од групата, но по две три фрлени погледи се ориентирав и го пронајдов патот од каде дојдов.

RK: Кои се основните потреби за планинарење и кои се основните грешки кои ги прават почетниците?
Катица: За планинарење ти е потребна здрава и добра чевла, било каков ранец, секако желбата е важна, но најважното е да одиш стапка по стапка, да слушаш, да соработуваш, а не да си тврдоглав, саможив и уште од почетокот да не се залетуваш, како и во секое друго нешто – чекор по чекор ќе стигнеш до целта.

 RK: Можеш ли нешто да ни раскажеш за подготовките, односно психичките подготовки пред тргнувањето на пат?
Катица: Сите читат молитвеници, јас не читам. Св. Јоаким Осоговски си е со мене, јас со него. Не мислам на тоа како ќе се одвива патувањето, како ќе ме е страв, туку размислувам како ќе си се вратам дома среќна, исполнета, како дома на семејството ќе раскажувам и за ова патешествие. Размислувам на убави работи и нешто многу важно - јас не гледам напред. Ако гледаш мислиш на дофат ти е, ама не е. Јас чекор по чекор, ритамот на срцето и чекорот ги изедначувам, ако имам потреба земам одмор од секунда-две и си продолжувам. На едно искачување во Романија, еден доктор на сред пат се откажа и се чудеше како срцето не ми чукало забрзано.

RK: Од твое искуство, каква е разликата од планина до планина кога станува збор за искачување?
Катица: Секоја планина си е приказна сама за себе. Се разбира дека има разлики, за некого некои се полесни, за други потешки кога станува збор за искачувањето. На пример - Елбрус, Олимп, Триглав се технички потешки за искачување во споредба со Мусала иако со висините се тука некаде. Додека пак Килиманџаро не е технички толку тежок.

RK: Дали поголема енергија е потребна при искачувањето или при враќањето, односно симнувањето?
Катица: Повеќе енергија е потребна за враќање. Секој пат треба да знаеш да си ја распоредиш енергијата. Многу планинари прават кардинални грешки кога ќе се искачат, се опуштаат и мислат дека успеале, ама не – непосакуваните работи секогаш се случуваат на враќање. Јас кога ќе се искачам, се фотографирам и се задржувам не повеќе од десет до петнаесет минути. Се концентрирам и тргнувам назад.

К И Л И М А Н Џ А Р О 


RK: Раскажи ни за настанот кој се случи во јануари 2016 година, односно искачувањето на највисокиот врв во Африка – Килиманџаро.
Катица: Кога првично дознав не ми беше толку верно дека ќе одам, но ми беше предизвикувачко. Не се надевав, ама аплицирав. И една вечер ми се јавуваат и ми соопштуват да се спремам бидејќи ќе одам на Килиманџаро. Јас не знам што да правам, им реков дека не знам, не сум при пари, со пензијава што можам да направам и така. Потсвесно почнав да размислувам и почна скриената желба во мене да се разгорува, но повторно не бев сигурна, ми требаше поттик. Како маж ми така и долгогодишни пријатели доброволно ме поддржаа, како финансиски така и ми дадоа храброст и ја поттикнаа желбата во мене сосема да бидам сигурна дека не треба да ја пропуштам приликата да одам на Килиманџаро. Инаку спонзорство тешко се наоѓа бидејќи секој тргнува од тоа: “Она да се шета, а ние да и' плаќаме - не доаѓа во предвид да финансираме екскурзии.“
Сето тоа се одвиваше во период од месец дена, ме чекаа тие од Скопје, собрав се што беше потребно и отидов си ја зедов картата. Таму ме пофалија за храброста бидејќи бев највозрасна од групата од Македонија која требаше да оди, но се соочив со друга пречка. Дознав дека
морало да се прими некоја вакцина од која имало можност да се појават некои проблеми по десетина години. Си велам сега во оваа доба од животот, не би ризикувала со здравјето. Заради тоа бев спремна да се откажам од патот. Се распрашавме и д-р Угриновски  најде друго решение кое беше прифатливо – таблети. Никој од Македонците кои патувавме не ја прими вакцината, секој зеде по шест таблети – две испивме пред да тргнеме, две додека бевме таму и две кога се вративме, потоа требаше да си ја провериме крвната слика. 
И така и тој проблем се реши. Сега веќе се беше сигурно иако потсвесно си размислувам што ќе биде со овие апчиња, ако нешто не тргне како што треба...  На крајот си се охрабруваш што биде, нека биде, Господ нека ни е на помош. Тргнавме со авион од Софија до Катар, потоа до Танзанија патувавме шеснаесет часа. Таму не' чекаше агенцијата  и беше цело време со нас од моментот кога не’ пречекаа на аеродром, до хотелот, до искачувањето и се до моментот кога требаше да се вратиме. Целото патување траеше десет дена. Првиот ден беше претставувањето, сместувањето и проверка на опремата. Дали носиш се што ти е потребно, дали имаш специјално шише за вода, ако немаш тие ти обезбедуваат. Јас изнајмив некој дел од опремата од таму бидејќи не ми се носеше голем товар од тука. Утредента беше договорен термин да се пристигне до еден камп на 1.800 метри височина, а таму не прифатија водичи кои нe’ придружуваа во понатамошното искачувањето.

На  училиште...

RK: Што најмногу те фасцинираше од ова патување?
Катица: Буквално се ме фасцинираше. Ми беше жал да ги гледам луѓето како живеат таму. Седат во собички како бараки, имаат телевизор, завеса и минијатурно масиче, а надвор околу нив се дрвја со банани и други егзотични плодови. Не смеевме да контактираме со луѓето таму. Во селата живеат Масаите (народ од источно Суданското семејство на народи, гранка на Нилотите) кои живеат во куќи направени од кал, лепешки, имаат ходник, огништето е на средината, имаат една просторија постелана со кожи од животни. Луѓето се боси и прекриени со некои прекривки налик на ќебиња, но задолжително сите имаат по неколку менѓуши. Ќе им платиш по пет евра и тие ќе играат. Исто така ќе прободат крава колку да и потече крв и ќе ја испијат крвта.

RK: Кога станува збор за храната, дали има некој посебен режим или слично?
Катица: Од храна таму консумиравме плодови, џунглата беше богата со плодови. Но обично секогаш кога планинариме се храниме со суви плодови со висока енергетска вредност како што сесувото грозје, јаткастите плодови, чоколадото, банана, индиски и обични ореви итн. Леб и такви работи не се баш препорачливи.

RK: Раскажи ни за сафарито низ џунглата.
Катица: Во џунглата видовме се. Џунглата е посебно доживување. Одевме со специјални отворени џипови, водичите гледаа со двогледи ако некаде има повеќе лавови или некои други поопасни животни да ги избегнеме. Видовме слонови, зебри, алигатори, жирафи, мајмуни, нилски коњи и многу птици. Слушаш некои крикови, а не знаеш кои животни се, обично мајмуните беа најгласни.




RK: Каков е погледот од Килиманџаро?
Катица: Почнавме со искачување некаде ноќта во дванаесет часот, а на врвот стигнавме околу седум-осум часот наутро. Кога станува збор за погледот, изморен си, гледаш снег наоколу, чувството дека си успеал е повредно отколку погледот.

RK: Дали имаше некои потешкотии при ова искачување и како се чувствуваше кога заврши ова искуство?
Катица: Мислев дека искачувањето ќе биде потешко, а не беше. Додека пак  при враќањето имаше моменти на патот до базата кога земјата те влече по неколку метра и не можеш да се задржиш. Кога се вратив бев многу исполнета и долго време бев со мозокот таму, а дел од моето срце секогаш ќе живее таму. И не само Килиманџаро, секој врв, секоја планина на која сум била зазема посебен дел во моето срце за да можам секогаш кога сакам да се навратам со мислите таму.

С Р Н И 


RK: Пред многу години чуваше срнички. Раскажи ни повеќе за тоа. 
Катица: Срничките ги најдов случајно во село Црцорија, Крива Паланка. Кога ги видов бев и радосна и збунета бидејќи не знаев што да правам со нив. Отидов викнав  еден дедо, тој рече да ги оставиме ќе дојде мајката да ги бараЈас ги зедов и ги однесов до нашата куќа која беше многу блиску до местото кај што ги најдовме и чекавме до вечерта мајката да дојде, но ја немаше. Ако ги оставиме ќе умрат, мајката ја нема. Се решив, ги однесов дома во Крива Паланка, се јавив на секретарот и ловочуварот да ги пријавам срничките дека ќе ги чувам, да дојдат да ги видат, тие ме отфрлија со изговори да не им досадувам.
Ги нахранивме срничките, со цуцли им дававме млеко. Ги чувавме под гајби првите денови, но подоцна не можеше така. Барам помош, ми викаат„Абе пушти ги, кучиња нека ги однесат...“
Си мислам добро бе, какви луѓе сме, толку несовесни. Ништо, продолжив да си ги чувам. Доаѓаа соседи, роднини, мали деца, сите им се радуваа да ги видат. Ние им изградивме дом, ги храневме со трици и шума, ги пуштавме преку ден во двор, тие скокаа, се радуваа. Ги чував шест месеци, никој не преземаше мерки иако многупати им напоменував дека срничките се' уште се кај мене. Дојде дента кога се решив да ги пуштам, претходно ги пријавив на ловочуварот дека ќе ги пуштам на истото место кај што ги и најдов. Кога ги пуштив, ќе направеа двa-три чекори и ќе се завртат да ме погледнат, повторно двa-три чекори и повторно ќе се завртат и ќе ме гледаат и на крајот си заминаа во шумите. Срцето ми беше полно и малку тажно, но нивниот дом е шумата. Повеќепати сум наоѓала срнчиња како спијат, сум ги галела и не се бегале од мене, ме сакаат животните.

RK: Кое е твоето мислење за планините во Македонија? Дали има некои преценети, а некои не доволно познати на широката маса? Кои се понапорни за искачување? 
Катица: Сите планини се убави, некои се поживописни, но секоја си има своја убавина. Мислам дека Водно и Скопска Црна Гора се малку преценети, но тука е центарот на државата и тие се најблиски планини за поголем дел од граѓаните. Кога станува збор за напорни планини за искачување, можам да ја споменам Китка во близина на Куманово. Китка е висока околу 1.500 метри, но е малку напорна, а и нема нешто многу убаво да се види на неа, така да неа би ја издвоила.

RK: Какво е твоето мислење за Осоговските планини? 
Катица: Осоговските планини се многу благи, многу се убави за одење, за око имаат убав видик. Има разни цвеќенца, чаеви, имаат и вода и животински свет. Порано имаше стада овци, сега ќе видиш неколку коњи, крави... Бугарскиот дел од Осоговието е побогат со животинскиот свет, шумата е нискостеблеста, но релјефот не е убав. Македонскиот дел од Осогово е поубав според мене, побогат и пожив со многу ендемски растенија. Исто така оваа планина е многу неискористена и заслужува многу повеќе внимание. Станечките водопади толку се блиску до градот, а слабо се познати. Многу странци кои ни’ биле гости ни имат укажувано за потенцијалот кој го има Калин Камен за скијачки центар, но ништо од тоа нема реализирано. Дури и планинарски домови нема нашава Осоговска планина, како што имаат Кожув, Ниџе и останатите македонски планини.

RK: Ти благодарам Катица, ти посакувам уште многу успеси во планинарството, како што сега зборуваш за Килиманџаро еден ден така да зборуваш за Монт Еверест. За крај една порака за луѓето кои можеби се двоумат или плашат да ги запознаат планините? 
Катица: Тие што почнале, ги советувам да не се откажуваат. Тие што се двоумат им препорачувам да почнат, но како што реков во буквална смисла - стапка по стапка и ќе стигнат до целта. Планинарството е најдобриот спорт, не те ограничува било да си на 7 или 77 години, само здравје можеш да добиеш доколку планинариш.




КП ликови: Стефан Станоевски - „Кога имаш куче, никогаш не си сам.“


Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib