Post Page Advertisement [Top]



          Исидора Јакимовска има 22 години, доаѓа од Крива Паланка и е позната по нејзината писателска дејност.  Љубовта кон пишаниот збор ја наследила од нејзината мајка, која исто така пишувала, но никогаш ја немала храброста професионално да пристапи кон писателскиот свет. Исидора тој чекор го направи пред точно пет години, во 2013 со нејзиното првенче „Сѐ што премолчивме“. Како животот ја промени Исидора низ овие пет години преку загубата на најдобрата другарка можете да прочитате во оваа септемвриска објава од рубриката КП ликови. 


 RK:  Кога се откри себеси како писател? Има ли некој посебен момент на кој се сеќаваш ?
Исидора:  Во четврто одделение ја добив првата награда на еден литературен конкурс, но како посебен момент кој го паметам и ден денес  е есејот посветен на баба ми кој го напишав кога таа  почина во петто одделение.

RK: Раскажи ни го твојот процес на пишување.
Исидора:  Се зависи од инспирацијата. Таа ми доаѓа спонтано, во даден момент. Не можам да седнам и да речам „Е сега ќе пишувам“. Се случува да ме инспирираат нешта со кои се соочувам на различни места било тоа да е на улица, на работа, на факултет, во природа или дома. Многу често слушам музика додека пешачам па така конкретни стихови од дадени песни комбинирани со настани кои ги перципирам во дадени моменти ми раѓаат исто така идеи за пишување. И кога ќе ми дојде некоја идеја на ум, ако сум во можност ја запишувам на хартија или компјутер, но ако не, тогаш на телефон. Потоа седнувам, ја развивам и „врамувам“ дадената идеја во обликот во кој ја  замислувам, било тоа да е расказ или нешто друго.

RK:  Можеби веќе одговори но да те прашам – од каде црпиш инспирација за пишување?
Исидора:  Јас пишувам за мојот живот. Инспирацијата ми се раѓа од се она што го доживувам и преживувам. Сето тоа го преточувам во зборови. Еве на пример,  првата љубов ми беше двигател и инспирација да го отворам мојот блог jakimovskaisidora.wordpress.com  и да започнам да ги излевам тогашните мои  чувства кои подоцна ги обединив и објавив во моето првенче.

RK: Ти веќе кажа дека идејата ја запишуваш, а подоцна развиваш. Дали имаш некои творби кои се напишани на еден здив и воопшто ги немаш поправено пред да ги објавиш?
Исидора:  Секако, ми се има случувано. Тоа се баш оние моменти кога ќе ти дојде моментално инспирацијата и имаш време веднаш да работиш на оформување на обликот во кој сакаш да ја реализираш таа идеја.  Во почетокот кога го започнав блогот пишував речиси секоја вечер по две-три објави кај што си ги излевав моменталните чувства без да ги „шминкам“.

RK:  Што претставуваше за тебе издавањето на книга?                    
Исидора:  Уште од  периодот кога почнав интензивно да пишувам ми се роди желбата  еден ден и јас да напишам книга, а како зацртана цел ми беше  да издадам книга пред  да наполнам осумнаесет години. Издавањето на мојата прва збирка раскази претставуваше успех, реализирање на еден сон, еден правец  по  кој зачекорив во светот на писателите.

RK:  Како изгледа издавање на книга од финансиски аспект?
Исидора:  Издавањето на моето првенче беше подарок од моите родители за моето полнолетство. Татко ми најде спонзор и имав минимални трошоци, но немав никаква заработка.

RK:  Дали „Сѐ што премолчивме“е вистинското твое првенче или е само официјално првенче? Односно, дали постојат некои творби пред оваа збирка кои можеби засекогаш ќе останат во некоја твоја фиока?
Исидора:  Кога имав четиринаесет години,  напишав една новела насловена „Немир во душата“. Првично ја пишував онлајн на еден интернет форум, а подоцна  започнав да ја развивам и преобразувам во роман. Дејството на „Немир во душата“ се одвива некаде кон крајот на осумнаесетти и почетокот на деветнаесетти век и рефлектира  судири и војни помеѓу религиите и љубовта. Инспирацијата која ме водеше низ процесот на пишување на овој роман се разликите како пречка помеѓу луѓето да не стапат во некој конкретен однос.

RK: Дали планираш еден ден да го објавиш тој роман?
Исидора:  Да, планирам. Првично имав замислено со „Немир во душата“  официјално да запливам во писателските води, но кога дојде моментот да се издаде книга се решив за „Сѐ што премолчивме“.


RK:  Од денешна гледна точка со која од тие две твои дела би ја започнала писателската кариера?
Исидора:  Па повторно би одбрала „Сѐ што премолчивме“.  Збирка раскази генерално наменета за тинејџерите, но тоа е една  епоха од емоции како плод  на  мојата прва љубов и можеби ми е повеќе лична, поблиска  и целосно преживеана.

RK: Со какви чувства се сеќаваш на денот на промоцијата на „Сѐ што премолчивме“?
Исидора:  Се враќам на тој ден со измешани емоции. Тоа беше сигурно најсреќниот ден од мојот живот. Бев испочитувана од  многу луѓе, роднини, пријатели, професори... И ја имав поддршката од  мојата најдобра другарка Фросе, која и покрај тоа што зема дел во промоцијата  со читање, всушност беше и целосен организатор на самиот настан.

RK:  Пет години по „Сѐ што премолчивме“,  дали си задоволна од тоа како помина кај читателите твоето првенче?
Исидора:  Презадоволна. И покрај тоа што генерално е тинејџерска збирка, беше прифатена и од повозрасната публика. Имаше барање за книгата и од други градови, им праќав по пошта примероци бидејќи немаа можност од каде да ја купат.

RK:  Ако треба да одбереш само еден расказ со кој би се претставила од четириесетината раскази вклучени во „Сѐ што премолчивме“, кој би бил тој?
Исидора:  Тоа би било последниот расказ насловен „И да е грешка ќе го сакам“. Тој расказ ја затвара збирката и во него ги имам обединето и сумирано сите чувства кои ме мачеа низ претходните раскази и ме доведоа до заклучок дека и покрај се, што и да ми кажуваат другите јас ќе продолжам да негувам љубовни чувства кон таа конкретна личност, зборуваме за период од пред пет години.

RK:  За кој расказ си добила многу пофалби, а според тебе има многу подобри кои ја заслужуваат популарноста која тој конкретен расказ ја доживеал?
Исидора:  „101 причина, премалку за да искажам се“ – еден од првите раскази кои ги имам напишано. Многу е краток и го имам напишано за време од пет до десет минути. И беше како некое интро во подлабоките чувства кои ги крие самата збирка. Можете да го прочитате во продолжение:
“Ќе останам до сабајле и ќе пишувам, на ова обично парче хартија 101 причина ќе запишам. 101 причина зошто те сакам. И не ќе биде доволно. Ќе требаат уште многу парчиња хартија, уште многу причина. И пак нема да можам да објаснам зошто те сакам, се уште ќе ми стои онаа празнина во душата. Онаа празнина која постојано ми вели дека треба нешто многу поголемо, многу поинакво за да искажам колку те сакам. Ама кај да го најдам тоа? Ништо не е доволно. Секогаш се е премалку. Секој збор. Секоја солза. Секое ветување. Со тоа само колку да се сетиш дека постојам. И дека имавме нешто. Нешто колку да се рече дека еднаш постоевме јас и ти. Заедно. И сакавме. Од срце сакавме. Ама сега кај да ги најдам тие проклети зборови со кои ќе те убедам дека навистина те сакам сеуште, со кои ќе знаеш дека сеуште постои надеж за нас двајцата.? Кај? 101 причина? И тоа е премалку за да искажам се.”

RK:  Кој расказ очекуваше повеќе да биде забележан, но за жал остана во сенка на други раскази?
Исидора:  Можеби „Љубовта кон тебе е почиста од овој валкан свет“, за разлика од останатите раскази не стана толку омилен помеѓу читателите, но мене ми е еден од  омилените, да не кажам и најомилен.

RK:   Кога би издавала ново издание на оваа збирка, кој расказ не би го вклучила во новото издание?
Исидора:  Не би вклучила голем дел од расказите. Како што кажав тоа што сум го чувствувала тогаш сум го пренела низ страниците на „Сѐ што премолчивме“ , а денес сум посозреана и би исфрлила голем број од тие четириесетина раскази.

RK:  Дали издавањето на книга е скапо задоволство во денешно време? Дали тешко се наоѓаат спонзори и како изгледа еден процес на издавање на книга?
Исидора:  Да, но јас ја имав таа среќа да најдам спонзор.  Го пишуваш конкретното дело, го праќаш на издавачката куќа да ти го одобрат, во мојот случај дизајнот на корицата и лекторот беа гратис од издавачката куќа, а спонзорот ги покри трошоците за печатење на самата збирка раскази.

RK:  Дали пишуваш поезија?  И што повеќе те влече – поезијата или прозата?
Исидора:  Ретко пишувам поезија и не мислам дека би издала збирка поезија, некако повеќе ми лежи прозата како форма за изразување.
                                         
RK: Што не ти се допаѓа кога станува збор за писателската дејност?
Исидора:  Не ми се допаѓа што денес книга може да напише секој којшто е доволно популарен за да може да ја продаде. Многу тешко пробиваат нови автори и е невозможно да се  опстојува и да се живее само од оваа дејност.



RK: Како после Фросе?
Исидора:  Од надвор изгледа дека се е супер, но од внатре мислам дека никогаш нема да заздравее таа рана. Во најубавите моменти што ми се случуваат секогаш ми недостасува таа. Немам храброст да издадам книга, независно дали книгата посветена на неа или некоја друга. Стравувам од недостатокот на Фросе во најважните и најсреќните мои моменти, бидејќи како што кажав таа ми беше голема поддршка и  организатор на мојата прва промоција, а за секоја следна промоција јас би требало да се погрижам за сите нешта.

RK:  Како загубата на твојата најдобра другарка те промени како човек, а како како писател?Исидора:  Комплетно ме промени. Можеби за еден ден созреав како за целиот мој живот до тогаш. Научив повеќе да ги ценам личностите кои ги имам во животот. На почетокот ме промени во еден да не кажам лош правец, но минав низ еден депресивен период  од кој научив дека треба да продолжам со животот и да ги ценам личностите кои се дел од мојот живот бидејќи никогаш не си сигурен кога ќе ги изгубиш. Како писател ме промени во таа насока да секогаш кога ќе седнам да пишувам, пишувам само за неа. Сите места, сите спомени, сите сеќавања ме тераат да пишувам.

RK:  Што може да очекуваме од тебе во иднина?
Исидора:  Па собирам храброст да ја објавам книгата за Фросе. Ја имам веќе готова, се вика „Чекор кон небото“ и претставува метафора за тоа дека можеби само еден чекор беше доволен да ја избегнеше  смртта. Книгата на некој начин е благодарност за се она што Фросе ни пружи, не само на мене, туку на сите луѓе кои беа дел од нејзиниот живот.

RK:  Како гледаш на осудите на луѓето кои би рекле дека го користиш тој настан за да се промовираш себеси?
Исидора:  Искрено не ми е важно што ќе кажат луѓето. Фросе нема да се заборави, но би сакала да ја издадам таа книга како нешто мое посветено на неа. И сите приходи кои би ги добила доколку би се продавала таа книга, јас би сакала да ги дадам во хуманитарни цели. Не би сакала да заработувам  од тоа.

RK:  Кога може да ја очекуваме таа книга, штом веќе е напишана?
Исидора:  Напишана е, но како што реков немам  доволно храброст. Првиот чекор го направив, стапив во контакт со Книжарница ТРИ, но сеуште го немам пратено текстот. Не се чувствувам доволно психички подготвена, но се надеваме дека ќе е во скоро време.

RK:  Ти благодарам Исидора и за крај порака за оние кои пишуваат, а немаат храброст да го споделат својот труд и се кријат под разни „никнејмови“?
Исидора:  Мора  од некаде да се почне. Како раснам и созревам како писател, се така подобри нешта пишувам, така да нема потреба од страв околу тоа дали нивните творби се доволно добри бидејќи и во две реченици можеш да се искажеш за нешто напишано на неколку страни, се е до креативноста.


                                                       
 ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

КП Ликови - Стефан Станоевски - „Кога имаш куче, никогаш не си сам.“



Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib