Post Page Advertisement [Top]


БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2019). 

 

Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



              Интервјуата на Јован Павловски со македонските великани од културните, уметничките, научните и естрадните сфери ме инспирираа да ја создадам објавата „Ги (фото)цитирав нив...“
Листајќи низ четириесет и деветте интервјуа вклучени во „Бев со нив“ посебен впечаток ми остави  претпоследното интервју бидејќи прочитав дека соговорникот на Павловски е роден во Крива Паланка. Станува збор за филмскиот режисер Кирил Ценевски. 
КИРИЛ ЦЕНЕВСКИ (28.01.1943, Крива Паланка) филмски режисер. Ги снимил играните филмови „Црно семе“ и „Јад“, за кои има добиено повеќе награди и признанија во земјата и странство. За филмот „Црно семе“, кој беше официјален југословенски кандидат за наградата Оскар, ја има добиено Златната арена за режија на фестивалот во Пула, дебитантската награда на „Студио“, наградата „Жар птица“ на Московскиот фестивал и многу други. Филмот „Јад“ југословенската критика го прогласи за најуспешно остварување во 1975 година. Автор е на филмските портрети на Леополд Седар Сенгор, Хисни Дагларџа и Еуџенио Монтале, добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

        Со овие реченици Павловски го претставува Ценевски кој во тоа време бил уметнички директор на тогашната единствена македонска филмска куќа „Вардар-филм“.




     Ценевски влегол во филмскиот живот неочекувано и случајно и вели дека токму тоа е пример и повод да се програмираат кадровските потенцијали во областа на кинематографијата. На прашањето дали тој би се доверил на недоволно афирмиран млад човек без завршено филмско образоване, Ценевски вели доколку постојат предуслови кои нудат одредена гаранција, покрај зрелоста и амбициозноста, секако дека би пружил прилика да се истакне некое недоволно афирмирано име во областа на кинематографијата.
 Ценевски потенцира на создавање атмосфера за целосна творечка афирмација на македонските филмски автори. Како пречки за постигнување на таква атмосфера  покрај финансискиот фактор, нетворечкиот однос кон материјата и нездравите меѓусебни односи меѓу филмските работници се посочени како дополнителни причини кои ја отежнувале филмската дејност.
„Секој старт е ризик и треба да биде тоа, бидејќи само таков однос кон творештвото ќе донесе до целосна провокација на авторскиот чин.“ - Кирил Ценевски
   „Црно семе“, филмот кој бил југословенски кандидат за Оскар, Ценевски го опишува со зборовите: искреност, ентузијазам, љубов, неизвесност и неповторливо авторско доживување. Филмот го обработува дејството на истоименото книжевно остварување на Ташко Георгиевски.

   Процесот на работа на филмот „Јад“ го карактеризира како интелектуално живеење и сосема нов творечки однос кон големата непознаница на средниот век, долг пат кон неизвесноста на потврдувањето со чувство на одговорност за продолжување на македонската култура, односно на македонскиот филм. Филмот во тематска смисла го отсликувал духот на еден менталитет, судбина проткаена низ вековите на бурната историја на Балканот како одговор на опстојувањето, живеењето, слободата и хуманизмот. Додека пак во естетска смисла „Јад“ претставувал експеримент и иновација, неколку нови теоретски поставки на филмската естетика.

  На прашањето на Јован дали некогаш бил во искушение да застане пред филмската камера, Ценевски одговара:
„Ценејќи ја актерската професија - една од најзначајните во остварувањето на филмското дело, мислам дека никогаш нема да се најдам пред камера, зашто за се треба талент, а јас мислам дека за тоа талент немам.“
  За тогашниот третман на филмот, Ценевски вели:
„ Во условите на нашето социјалистичко самоуправно општество третманот на филмот како стока, го доведува до поддржување на вкусот на гледачот заради неговата комерцијална реализација, а со тоа не секогаш ја извршува основната функција како културна дејност. Тој треба да ја оствари мисијата на духовно збогатување на духот на гледачот за поголема негова подготвеност при совладување на секојдневните професионални задачи. Креативниот однос на единката кон трудот во условите на високо-индустриски развиени економски односи треба да се активира преку неговото слободно време поминато во културните институции и организации.“
   Ставот на Ценевски за успехот:
„Релативен е успехот. За мене ќе биде доволно секое уметничко дело да провоцира, активира, предизвикува, облагородува и да предизвикува интерес. Неактивниот однос на публиката и критиката кон остварувањето секако е најголем неуспех на тоа уметничко дело.“
   Кон крајот на интервјуто, покрај тоа што Павловски му посакува успех на Ценевски во Пула, режисерот е категоричен дека не сака да му се прегледа низ прсти, бидејќи така не ќе може да го гради својот критериум за развој како творец. 
Ова интервју најверојатно датира од 1975 година.

         ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Ги (фото)цитирав нив...

* Сите цитирани содржини во оваа објава се од „Бев со нив“ на Јован Павловски. 


БЛОЖИЌ 2018/2019 


БЛОЖИЌ #17 - Елена Василевска: „2018-та беше година на само-пронаоѓање“

БЛОЖИЌ #16 - Пред X Потоа


БЛОЖИЌ #15 - Данбо #danbomacedonia


БЛОЖИЌ #13 - Вистината за Ѓаволешката карпа 
во Крива Паланка

БЛОЖИЌ #12 - За режисерот од Крива Паланка чиј
 филм бил југословенски кандидат за Оскар

БЛОЖИЌ #11 - Дуња и Даела 🐘🐘

No comments:

Post a Comment

| Designed by Colorlib