БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2019).
Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.
Мартина Величковска има само 21 година и веќе смело
чекори во светот на науката. Во име на празниците накратко го напушти тропскиот
Мајами, каде што студира, и се врати во родната Крива Паланка. Овој млад
научник зборува за својата кариера во ова продолжение на Бложиќ.
RK: Мартина раскажи ни го процесот на пронаоѓање на научникот во тебе.
Мартина:
Уште во текот на основното образование одев на разни регионални и државни
натпревари по математика кои на некој начин ми ја зацврстија желбата за
решавање на некои загатки, односно дополнително ја разгоруваа желбата во мене
за откривање на нешто ново. Се сеќавам дека уште како мала ме нервираше
изреката „Се е
веќе измислено“. Мислам
дека таа некоја љубопитност кон мистериозниот дел од науката ми е движечка сила
во мојата кариера.
RK: Раскажи
ни малку повеќе за твоето образование.
Мартина:
Основното образование го завршив во Крива Паланка, додека пак првите две
години од средното образование ги учев во гимназијата Орце Николов во Скопје.
Вторите две години од средното образование ги завршив во Марибор, Словенија
бидејќи основната цел ми беше стекнување на меѓународна матура. Не дека таа е
недостапна тука во Македонија, но покрај стипендијата и самото искуство на
живеење во друга земја, поголемата слобода при изборот на предметите ми беше
една од главните причини зошто избрав токму таму да го завршам средното
образование.
RK: Какво
искуство беше учењето во Словенија?
Maртина: Учениците кои
имавме за цел стекнување на меѓународна матура бевме во еден клас. Останатите
класови изучуваат сличен број предмети како и тука во Македонија. Ние бевме
како еден клас меѓутоа сите си имавме своја програма. Меѓународната матура таму
вклучуваше шест предмети кои самиот ученик си ги избира. Учењето во Словенија
некако ми даде работна етика. Исто така имав повеќе можности за работа во
лабораторија кои ми ги зацврстија мислите во врска со насоката кон која сакам
да ја градам својата кариера.
RK: Од каде
потекнува љубовта кон науката?
Мартина: Во текот
на летото, по
завршувањето на прва година средно образование бев изберена како стипендист на
Светскиот Центар за Млади Таленти при Џон Хопкинс Универзитетот во САД каде што
слушав предавања по генетика на универзитетско ниво. Ова на некој начин ме
воведе во светот на самата наука. Потоа кога се вратив во Македонија, следните
години од средното образование, посебно оние во Словенија, се посветив главно
на хемијата и биологијата. Имам освоено прво место на натпреварот за
Наноматеријали во Република Македонија. Во Словенија пак имав можност да
работам на индивидуални проекти во лабораторија и со победата на државниот
натпревар за Млади Истражувачи во Словенија и добивањето на годишната награда
за млад истражувач од фармацевтската компанија Крка, бев сосема сигурна дека биохемијата,
генетиката и биомедицината се мојот свет.
RK: По
завршување на средното образование, како дојде до идејата да ги започнеш
студиите токму на Универзитетот во Мајами?
Мартина:
Аплицирав на повеќе како американски, така и европски универзитети. Мајами
беше една од последните апликации кои ги испратив. Бев примена на повеќето, но
покрај стипендијата друг критериум кој го имав во предвид при изборот на
универзитет беше и тоа каде најдобро би можел да дојде до израз мојот
потенцијал.
RK: На кој
начин твојот потенцијал најдобро е реализиран на споменатиот универзитет?
Мартина:
Генерално во Америка ги ценат сите
твои квалитети. Универзитетот во Мајами е од типот универзитети во Америка кои
ставаат акцент на истражувачката дејност. Има професори кои работат само во лабораторија
и јас повеќе се посветив на лабораториски истражувања отколку предавања. Уште на почетокот почнав да работам во
лабораторија, ги проучував молекуларните механизми на различни
невродегенеративни болести.
Бев асистент во лабораторија, во почетокот ги извршував повеќе
административните работи, но набргу ја препознаа мојата желба кон
истражувачката дејност и ми дадоа да си имам свој проект. Многу студенти
доаѓаат во лабораторија колку да имаат некое искуство од одреден период, инаку
многу малку студенти сме навистина заинтересирани за целосна лабораториска
посветеност.
Мене приоритет и главната окупација ми се биохемијата и генетиката,
но има и такви наречени „minors“ кои ми
се како изборни активности за кои слушам факултетска настава и земам испити. На
пример, јас имам „minor“ во глума
кое ми беше хоби уште кога бев мала заедно со музиката, фотографијата и
фитнесот. И можам да речам дека самото тоа што чувствувам дека уметничката
страна на мојата личност е препознаена и воедно што имам толку можности за работа
во лабораторија и истражување кое ми го пружи универзитетот, ми дава уште
повеќе инспирацијата и мотивацијата да навлегувам во научниот свет.
RK: Неколку
од твоите истражувања беа објавени во реномирани научни списанија. Раскажи ни
повеќе за тоа.
Мартина:
Ова беа достигнувања што навистина не ни помислував дека ќе ми се случат на
оваа возраст. Но откако имав веќе две објави како коавтор добив финансиска
поддршка да работам на проект по свој избор и се фокусирав на митохондриската
дисфункција и молекуларните механизми кои можат да ги објаснат
невродегенеративните симптоми и забрзаното стареење кај ХИВ пациентите. Истите
ги проучував во матични нервни клетки во текот на последните две години и сега
кон крајот на 2018-та резултатите беа објавени во научното списание Molecular Pharmaceutics.
Резултатите од овој научен труд предложија додаток на
тековниот третман на ХИВ во форма на наночестички кои ја таргетираат
митохондријата и во себе го содржат коензимот Q10 кој има неврозаштитно дејство против токсичноста на
против-вирусните лекови. Но пред да бидат погрешно интерпретирани резултатите,
морам да нагласам дека моменталната ХИВ терапија е навистина едно од
најголемите достигнувања во медицината бидејќи им го продолжува животот на
толку луѓе. Но таа е дизајнирана за борба против вирусот, а кога некој има СИДА
се јавуваат и други компликации што не се директно поврзани со самиот вирус.
Така да моите пронајдоци не предложуваат отстранување на моменталната терапија,
туку се предлог за додаток кон веќе постоечката терапија. Додаток што би
елиминирал некои од секундарните компликации што се појавуваат, конкретно
заштита против невродегенеративните симптоми.
RK: Кога сме веќе
на таа тема, да те прашам за твоето мислење за ракот и хемотерапијата. Дали ракот
е синоним за смрт?
Мартина:
За жал мислам дека така го прифаќаат повеќето од луѓето. Во академскиот
свет на Америка не се доживува баш така. И хемотерапијата за жал не секогаш е
доволна да се отстрани ракот целосно.
Има една теорија дека ракот расне како нов орган и како
секој орган има матични клетки. Проблемот е во тоа што тие клетки немаат многу
од карактеристиките што хемотерапијата ги таргетира, затоа и се враќаат
канцерогените клетки по одреден период на време. Додатно ракот е како множество
болести кои на молекуларно ниво многу се разликуваат во зависност на тоа кој
орган го таргетираат.
Генерално, се уште нема доволно докажани истражувања во
врска со оваа болест за да кажувам некои мои конкретни заклучоци, ама мислам
дека за некој период од време ракот ќе биде сосема нормална појава.
RK: Да се
навратиме на почетокот, раскажи ни за првите денови во Мајами.
Мартина:
Во почетокот животот ми беше малку
надреален. Немаше време да бидам носталгична бидејќи бев толку зафатена, а и
генерално
јас сум таква личност којашто се справувам со ситуациите
моментално. Колку што можам избегнувам да не се оптоварувам со дополнителни
размислувања кои само негативно би влијаеле врз мене. Таму академската година
започнува месец дена порано, односно во август. Првата година е задолжително да
си сместен во студентски дом. Во соба се сместени по две цимерки. Кога
пристигнавме, првата седмица ни беше само за запознавање. Имаше организирано
различни настани на кои се запознаваш со останатите луѓе. Исто така и
факултетите се во склоп на студентски град и лесно доаѓаш до контакт со луѓе од
други насоки и факултети. Исто така од тие факултети можеш да си избереш некојa „minor“ активност.
RK: Какви се
Американците и како помина адаптирањето во новата средина?
Мартина:
Американците те прифаќаат таков каков што си. Во споредба со
прилагодувањето во Скопје или Марибор, во Мајами ми беше најлесно. Некако
подлабока поврзаност имам остварено со Американците. Иако има различни
стереотипи дека се емотивно стерилни, Американците го гледаат различното во
тебе како можност запознавајќи те тебе да се збогатат духовно. Тие те ценат како
индивидуа и на пример не прават забелешки поврзани со изговорот и акцентот.
RK: Како
реагираа кога им кажуваше дека си од Македонија? Дали знаеја каде се наоѓа?
Мартина:
Генерално не знаеја, но позитивно реагираат. На пример, ќе се
заинтересираат да дознаат повеќе ако досега не слушнале за Македонија. Имаше
луѓе кои слушнале за Македонија, но знаеја да ме лоцираат некаде во Русија и да
почнат да ми зборуваат на руски. Инаку еднаш кога бев во Италија едни луѓе
мислеа дека Македонија е име на овошна салата.
RK: Како се
соочи со ураганот кој го зафати Мајами минатата година?
Мартина:
Сезоната на ураганите почнува некаде од крајот на летото и трае до ноември.
Ураганите претставуваат опасност, но се предвидуваат. Најчесто жртви во урагани
се луѓето кои не сакаат да евакуираат или мислат дека нивните домови ќе ги
издржат ураганите. Конкретно минатогодишниот ураган беше некаде во септември и
не беше толку силен колку што беше предвиден дека ќе е, кое е доброто во целата
ситуација. Се сеќавам на тој момент кога бевме во библиотека и еден по еден
почнаа да се собираат и да ја напуштаат библиотеката и почна да се крева паника
буквално како од филмовите. Три-четири дена пред да помине ураганот бевме
известени преку мејл да се евакуираме. Сите се поздравуваа и насекаде слушаш: „Stay safe! Stay safe!”
Повеќето престојуваа во подземни засолништа, некои се
вратија дома. Авионските билети поскапеа бидејќи кога побарувачката расте и цените растат. Една
другарка ме смести кај неа дома во северниот дел на Флорида и таму поминав
скоро три недели додека траеше целата таа тензија. Претходно не бевме толку
блиски пријатели со тоа девојче, но тие три недели навистина се зближивме и си
го зацврстивме пријателството.
RK: Имаш
посетено повеќе делови од Америка, кое место ти остави посебен впечаток?
Мартина:
Баш кога помина ураганот, со автомобил патувавме од Мајами до Чикаго. Тоа
ми е едно од омилените патувања таму поради друштвото и авантуристичката
природа на самото патување. Инаку силен впечаток ми имат оставено сите поголеми
градови каде што бев на конференции. Би ги издвоила Њу Јорк, Лос Анџелес, Сан
Франциско, Бостон...
Но сепак најомилено место секако ми е Мајами. Ми се допаѓа
бидејќи не е типичен американски град. На југот е, тропски град, мешавина од
повеќе култури, храната е прекрасна, а истовремено ги има карактеристиките на
развиените посеверни градови.
RK: Кои се
твоите планови за во иднина?
Мартина:
Оваа година аплицирам за докторски студии кои ќе ги започнам на есен. Ќе
дипломирам во мај иако ми е трета година на Универзитетот во Мајами. Причината
е тоа што во првата година од студиите не морав да ги слушам воведните предмети
бидејќи ја имав соодветната меѓународна матура. На местата на тие предмети
секој семестар си земав предмети од другите години и така оваа година ќе
завршам со додипломските студии. Слободата во формирањето на распоредот што ја
нудат во Америка ми помогна да го постигнам ова.
RK: На каде
се насочени твоите погледи во врска со постдипломските студии?
Мартина: Кога
станува збор за постдипломски и докторски студии на овој универзитет, кога ќе
дипломираш ако си одлучен дека и ќе докторираш, можеш да ги земеш заедно
постдипломските и докторските студии. На тој начин стануваш вработен во
универзитетот и те плаќаат. Исто така имаш можност и да си продолжиш само со
постдипломски студии, без докторски. Јас сакам да продолжам со кариера на
истражувач така што докторските студии ми се дефинитивно потребни.
RK: Дали еден
ден би се
вратила да работиш во Македонија?
Мартина:
Јас генерално не размислувам за иднината. Обично се фокусирам, односно ја
насочувам целата своја енергија во нештата кои во моментот ми се важни и давам
се од себе за нивна најдобра реализација. Не ја исклучувам можноста еден ден да
се вратам и да работам во Македонија, ако би работела на нешто што ме
исполнува.
RK: Ти
благодарам Мартина, и за крај какво е чувството кога се враќаш во Крива
Паланка?
Мартина:
Убаво е да се вратиш на местото кое сведочи за основите од каде си почнал
да се градиш себеси како личност.
БЛОЖИЌ 2018/2019
БЛОЖИЌ #24 - Мартина Величковска: „Предизвик ми е да ги проширувам границите на науката“ |
БЛОЖИЌ #23 - Дона Митровска: „Санкт Петербург е остварување на една детска желба“ |
БЛОЖИЌ #22 - Дедо Мраз: „Извини сине, таа желба is not available in Macedonia!“ |
БЛОЖИЌ #21 - Најдоброто од 2018-тa |
БЛОЖИЌ #20 - Мемиња |
БЛОЖИЌ #19 - Буба и Клапчо од Крива Паланка |
БЛОЖИЌ #18 - Времеплов: Вероника x Сара |
БЛОЖИЌ #17 - Елена Василевска: „2018-та беше година на само-пронаоѓање“ |
БЛОЖИЌ #16 - Пред X Потоа |
БЛОЖИЌ #15 - Данбо #danbomacedonia |
БЛОЖИЌ #13 - Вистината за Ѓаволешката карпа во Крива Паланка |
БЛОЖИЌ #12 - За режисерот од Крива Паланка чиј филм бил југословенски кандидат за Оскар |