Post Page Advertisement [Top]

БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2019).  

Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



Дона Митровска има 22 години и минатата година дипломираше на Градежниот факултет во Скопје. Студиите реши да ги продолжи ни помалку, ни повеќе туку во некогашниот Ленинград, односно Санкт Петербург. За празниците таа се врати во родната Крива Паланка и во ова продолжение на Бложиќ ни зборува за животот во студената Русија.

RK: Како одлучи да ги продолжиш студиите во Русија и зошто?
Дона: Уште при крајот на основното и почетокот на средното образование ми се појави желбата да учам руски јазик. Најпрвин слушав руски песни, но набргу почнав да учам италијански јазик и некако се преориентирав кон Италија. Бев на летна школа во Италија, но желбата еден ден да ја посетам Русија не згаснуваше. Пред две години преку БЕСТ организацијата од Скопје, во Охрид се запознав со едно девојче од Тетово кое студира исто така во Русија. Ми раскажуваше за нејзиниот студентски живот таму и јас и кажав дека ако еден ден се одлучам да одам таму на постдипломски или докторски студии ќе ја известам. И така таа средба ја пробуди искрата во мене да почнам сериозно да размислувам за студирање во Русија.



RK: Каква е процедурата за постдипломски студии во Русија?
Дона: Процедурата беше долга. Некаде од октомври 2017 започнав со подготвување со документите, а аплицирав во февруари 2018. Наведов пет факултети според приоритетна листа и бев примена на првиот факултет кој беше наведен на истата листа.

RK: Како реагираше кога дозна дека си примена на посакуваниот факултет во посакуваната земја?
Дона: Резултатите ги објавија некаде кон средината на летото. Се погоди баш кога бев на одмор во Шпанија и моментот кога се испраќавме на аеродром со едни пријатели од Мексико. Ми беше некако тажно тоа испраќање и земав чисто случајно да проверам и видов дека сум примена. Ураган од емоции.


RK: Раскажи накратко што се случуваше во периодот од кога дозна дека си примена до денот кога требаше да тргнеш.
Дона: Веднаш пишав на девојчето со коешто претходно се запознавме во Охрид, кое исто така студираше таму. Се договоривме да ме чека на аеродром. Многу ми помогна во почетокот да се сместам во студентскиот дом, да се поврзам со други Mакедонци кои студирале или се уште студираат во Русија...

RK: Раскажи ни го почетокот и адаптирањето во новата средина.
Дона: Повторно ќе потенцирам дека тоа девојче многу ми помогна бидејќи Русите комуницираат само на руски. Не зборуваат на англиски, ни на некој друг јазик само руски. Дури и повеќето брендови, натписи и слично им се напишани на кирилица, во кината имаат филмови синхронизирани на руски. Ние, другите говорители на словенската група јазици, разбираме што ни кажуваат на руски, но не знаеме да одговориме. Има студенти од Виетнам, од Кина и други земји кои не знаат ни англиски и на нив многу тешко им оди учењето на рускиот јазик, додека пак кај нас веднаш се забележува напредок. Сега јас оваа  година учам руски па од следната година ќе почнам со факултетот. Првиот семестар учев и полагав а1 ниво, сега ќе продолжам со а2.  Руската граматика е сложена, има шест падежи. Самогласките се десет и имаат три времиња – минато, сегашно и идно.



RK: Какви се условите во студентскиот дом каде што си сместена?
Дона: Студентскиот дом е голем, има околу две илјади студенти, не е многу скап, има добри услови, имаме топла вода хаха. Имаме кујна и менза, но јас сама си се обезбедувам со храна така да го плаќам само сместувањето. Во соба се сместени по две или три цимерки. Ние сме три цимерки во соба. Едната од Србија, другата од Боливија и јас.
                                       
RK: На кој јазик комуницирате со цимерката од Боливија?
Дона: Таа ми зборува на шпански, јас одговарам на англиски.
                                                      
RK: Каков е образовниот систем таму?
Дона: Русите завршуваат средно на седумнаесет години. Имаат како единаесет класа, потоа одат на колеџ три години и потоа продолжуваат на факултет. На повеќето Руси кои живеат во помалите градови сон им е да дојдат или пак да живеат во Санкт Петербург.



RK: Каков е студентскиот живот таму?
Дона: Супер е. Многу се дружиме, играме билјард, пинг-понг. Има во близина на студентскиот дом еден трговски центар каде што за многу ефтина карта може да останеш дури до шест часот сабајле. Има многу активности со кои можеш да се забавуваш таму. Најзначајното е што имаш многу студентски попусти. Еве на пример, влезот во Ермитаж, палатата дека живеело кралското семејство, последни Романови живееле таму, за студенти е бесплатен. Ермитаж е зимската палата каде престојувале во текот на зимата, летната палата е во близина на градот. Планирам повеќе да дознаам за самите палати па тогаш да ги посетам.

RK: Нешто повеќе да ни раскажеш за руската храна.
Дона: Имаат едно јадење, во вид на пита, го нарекуваат „пирот“. Мене ме потсеќа на бурек. Друг карактеристичен специјалитет им е супата од цвекло, наречена „борш“.
                                                                                                
RK: Кога станува збор за социјалните мрежи, како функционира Русија?
Дона: Не користат фејсбук, користат VK. Од останатите мрежи само Linked In e забранета од 2016-та наваму, другото е се исто. Една интересна ситуација, бев во продавница и на влезот на студентскиот дом сфаќам дека ми ја нема студентската карта. Му објаснив на чуварот и тој рече да си направам нова. Стигнав во соба и гледам на VK ме нашле тие од продавницата и ми пишале од кое до кое време можам да одам да си ја земам картата. Навистина позитивно ме изненади ова постапка.


RK: Каква е Русија од твоја перспектива? Дали навистина е толку студена?
Дона: Па да, студена е. Москва и Санкт Петербург се двата центри на Русија, главниот град е поблиску до Сибир и е постуден. Санкт Петербург е на море и многу дува ветер. Во овој дел од годината деновите траат само  неколку часови, се разденува околу 10 часот, а почнува да се стемнува околу 14:30 часот. Но, ми кажуваа дека  во текот на летото има дури и бели ноќи. Кажуваат дека досега најстудено било -30 степени, а во овој дел од годината и реките се замрзнати.



RK: Како реагираа кога слушнаа дека си од Македонија? Дали некој знаеше каде се наоѓа?
Дона: Обично Европејците знаат, но нема многу Европејци на тој универзитет, така да повеќето не знаеjа каде се наоѓа Македонија. Често знаеја да се збунат и да ја запомнат како балтичка земја кога ќе им објаснував дека е на Балканот.

RK: Какви се Русите како народ? Каков е животот таму?
Дона: За некои работи се доста in“, но и за многу работи се прилично out“. Се уште има остатоци од комунизмот, затворени се. На пример, ќе појдеме во некој клуб со пријатели од други националности или од друга етничка раса и ќе се случи нив некогаш да не ги пуштат да влезат во клубот. Најнормално ќе комуницираат, се додека на влезот не извадиш пасош и веднаш го менуваат изразот на лицето. Имам еден другар од Узбекистан, исто така затворена земја која некогаш е била дел од СССР и често правиме споредба Узбекистан/СССР и Македонија/Југославија.



RK: Каков е Санкт Петербург како град?
Дона: Градот е музеј на отворено. Има многу богата историја која му дава посебен сјај на духот на градот. На било која страна од градот да тргнеш, ќе те воодушеви. Има многу туристи. Понекогаш одам и си велам – „Па јас навистина живеам во овој град!“  Центарот е во барокен стил. Моментално ја градат највисоката зграда која ќе биде највисока таква во Европа.



RK: Некои други интересни/чудни настани?
Дона: Мажите се големи џентлемени, но има една интересна ситуација. На пример, седиме група луѓе и приоѓа некој Русин и се поздравува со рака само со мажите во групата. Жените ги игнорираат бидејќи било навреда ако така се поздрават со нив. Исто така, таму учат и во сабота.

RK: Какво е чувството сега кога си во Крива Паланка?
Дона: Во почетокот кога отидов во Русија многу ми фалеше наш народ, но со текот на времето се навикнав. Сега кога се вратив, убаво ми е. Се гледаш со најблиските, мислиш кој знае колку се променило за тие три-четири месеци, всушност се е исто.

RK: Ти благодарам Дона, и за крај која е твојата порака за сите оние кои сакаат да студираат надвор од нашата држава?
Дона:  Јас кога завршив гимназија не бев многу запознаена со студирањето во странство инаку уште тогаш би студирала на универзитетот каде што сега се наоѓам. Пораката за сите е убаво да се информираат за сите можности што им се нудат и тогаш да се насочат кон можноста што највеќе им одговара.


БЛОЖИЌ 2018/2019 


БЛОЖИЌ #17 - Елена Василевска: „2018-та беше година на само-пронаоѓање“

БЛОЖИЌ #16 - Пред X Потоа


БЛОЖИЌ #15 - Данбо #danbomacedonia


БЛОЖИЌ #13 - Вистината за Ѓаволешката карпа 
во Крива Паланка

БЛОЖИЌ #12 - За режисерот од Крива Паланка чиј
 филм бил југословенски кандидат за Оскар

БЛОЖИЌ #11 - Дуња и Даела 🐘🐘

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib