Post Page Advertisement [Top]


                  Читајќи ги интервјуата на Јован Павловски (македонски поет, раскажувач, романсиер, писател за нaјмладите, публицист, долгогодишен уредник на повеќе рубрики во Нова Македонија) во „Бев со нив“  си велам па релативно  временски не сме толку далеку од нив. Од кои? Од великаните кои ги удриле темелите и им го додале епитетот  „македонски“ на полињата кои го сочинуваат културното, уметничкото, научното и естрадното битисување во државата.
Тие дејствувале низ дваесетиот век, а во 1977г. под насловот „Бев со нив“ била издадена збирката од интервјуа кои Јован Павловски ги правел и пишувал во рубриката „Сакам да сум со нив“ за списанието „Екран“. И така листајќи низ страниците, дизајнот со фотографии и цитати од соговорниците ме инспирираа преку фотографија да ги претставам нив вградени во денешново Скопје. „Бев со нив“ вклучува четириесет и девет интервјуа со познати творци во различни области но јас издвоив само единаесет за оваа објава, кои може да ги погледнете подолу. 


Ацо Шопов 



                Ацо Шопов  (1923 – 1982) кој на широката маса е познат по песната „Очи“ во интервјуто со Јован Павловски  потврдува дека повод да ги напише песните „Oчи и „Љубов“ е токму Вера Јоциќ која била  обична, храбра, „неустрашлива“ и мошне убава девојка во Третата македонска бригада за време на Револуцијата и отпорот во текот на Втората Светска војна.  Шопов вели дека верува во моќта на поезијата и во способноста на поезијата да го направи човекот поблагодарен.


Блаже Конески



            Блаже Конески (1921-1993) во разговорот со Павловски го споделува процесот на пишување на неговите најпознати песни „Везилка“ и „Тешкото“.

„Мотивот на  „Везилка“ доста долго во себе го носев. Долго размислував во каква поетска форма тој мотив може да биде реализиран. „Тешкото“ многу лесно го напишав. Тоа е еден долг текст, го напишав, ако можам така да се изразам, на еден здив, во текот на едно претпладне. Меѓутоа, се случува понекогаш за некои мотиви да размислувам подолго, освен тоа се случува некои работи да ги скицирам, брзо, некои основни мисли да нафрлам, а по извесно време да се вратам на тие теми, кога ќе имам соодветно настроение.“


Бранко Гапо



          Бранко Гапо (1931 - 2008) е познат македонски режисер кој својата улога сликовито ја опишува на следниов начин:
„Се подготвувавме по мошне убаво време да одиме на Шара. Мислиме дека таму не' чека убаво време, зеленило, сонце, а не' пречекува снег, за кој ние не сме подготвени. Мислам дека режисерот треба да е подготвен секогаш да се сретне со лошо време и да се снајде и во таа ситуација.“

При крајот на интервјуто, Павловски го прашува Гапо за улогата на жената во филмовите режирани од него. Тој ја дефинира жената како трајно постоење, ново раѓање, темел на куќата и на опстојувањето како и смирување, издвојувајќи ја финалната сцена од неговиот филм „Време без војна“ кога Фидан разочаран ја става главата на скутот на жена си.


Васил Куноски



       Васил Куноски (1916 – 1993) е еден од основоположниците на современата литература за деца. Тој исто така работел и на составувањето на првиот македонски буквар и тоа искуство го пренесува во разговорот со Павловски со следниве зборови:
„Некаде во почетокот на зимата 1944 година бев пријатно изненаден со наредбата на Главниот штаб на НОВ на Македонија, бев ослободен од единицата и одреден да бидам еден од составувачите на тој буквар. Секако, голема беше и довербата и обврската. Првото списание за деца што се појави на 3 јануари 1945 година, тоа беше се – и буквар, и читанка, и лектира и секој друг учебник.“

Во неколку редови посочува на важноста да се твори за „тие светли очички“ односно децата, го критикува и карактеризира како опасен и погрешен потценувачкиот пристапот кон литературата  за најмладите читатели.


Властимир Николовски



         Властимир Николовски (1925 – 2001) е првиот македонски академски образован музичар, а тој за себе вели:
 „Јас сум првиот македонски композитор, но по Атанас Бадев.“ 

Иако е дел од спомениците на проектот Скопје 2014, сепак цитираните зборови „се' е друго периферно“ од неговото интервју, решив да ги поврзам со концептот љубов.


Живко Чинго



        Живко Чинго (1935 – 1987) е македонски писател, бил и директор на Драмата при Македонскиот народен театар во Скопје и би го цитирал неговиот одговор на прашањето на Павловски, дали верува во театарот?
„Ние и не знаеме колку губиме што не веруваме во уметноста. Загубите во другите области ќе се покријат, ќе се совладат, но оние празнини што ќе останат во духовната сфера тешко ќе се залечат, ќе ги нема тие средства.“


Крум Стојанов



       Крум Стојанов (1917 – 1996) бил првенец на Драмскиот театар во Скопје. Во разговорот со Јован Павловски, Крум вели дека тој како син на трговец да се определи да биде актер, односно артист – било најголемо морално паѓање за средината во која живееле. Уште во 1939 во Белград, Крум рецитирал на македонски јазик, а на прашањето на Павловски како дошло до тоа, Крум одговара:

„Во тоа време се појавија „Бели мугри“ од Рацин. Во Белград дојдоа илегално. Ме пленија веднаш. Токму тогаш требаше да полагам колоквиум како семестрален испит. Јас за тој колоквиум ги подготвив „Ленка“ и „Тутуноберачите“. Стиховите ги рецитирав доста запалено, на македонски, се разбира. По рецитирањето ми пријде Виктор Старчиќ и ме праша„Слушај, момче, на кој јазик рецитираше?“  Му реков„На македонски“. „А како се викаш?“ – ме праша. Му кажав: „Крунислав“. Тогаш ми рече„Крунислав, ти посакувам круна во театарот.“ Подоцна тој стана мој учител...“



Петре Прличко



           Петре Прличко (1907 – 1995) артист и режисер кој во разговорот со Павловски се жали и покрај тоа што бил еден од основачите на Македонскиот народен театар, не бил поканет на прославувањето на триесетгодишнината од неговото постоење па дури и неговите претстави биле исфрлени од репертоарот. Како интересни нешта околу неговата работа со битовите драми, тој издвојува:

„На пример „Македонска крвава свадба“, таква каква што беше, не можеше да се прикаже. Јас долго работев на неа, внесов нови личности, барав и изнаоѓав податоци дека со Гоце се бореле и чесни Турци и јас тој Асан, потоа Косачот ги внесов во пиесата, да би можела да биде прикажана, за да не го наруши братството и единството, зашто првобитниот текст на Војдан беше сиот вперен против Турците и се’ она што е турско. Дури избегнуваа режисерите такви пиеси да ги режираат, а јас ги режирав, ете! Зошто? Па тие се дел од нашето национално културно богатство! Ете, зошто мене ме погодува тоа дека тие се симнати од репертоарот.“


Славко Брезовски



        Славко Брезовски (1922 – 2017) е македонски архитект кој е креатор на многу градби во државата меѓу кои и Соборната православна црква „Св. Климент Охридски“ во Скопје. За изградбата на Скопје по земјотресот, Брезовски се согласува со тврдењето на Павловски дека Скопје нема своја архитектура. Како причина за тоа ја посочува хетерогеноста на архитектонската мисла бидејќи го граделе архитекти од многу земји како град на солидарноста и го претвориле во општо архитектонско експериментирање. Брезовски ги посочува Трговскиот центар и Поштата како објекти кои најдобро ја презентираат тогашната современа македонска архитектура.


Славко Јаневски



        Славко Јаневски (1920 – 2000) е македонски поет, раскажувач и романсиер. Сигурно во училиште ве учеле дека се уште не се знае кој е точно првиот македонски роман дали „Село зад седумте јасени“ на Славко Јаневски или „Крпен живот“ на Стале Попов. Јаневски за себе вели дека е многу самокритичен и во врска со ова негово дело вели:

„Мојот прв роман „Село зад седумте јасени“, можеби и добро мина кај читателите, но тој по извесно време ми кажа дека со него јас не сум зачекорил добро во литературата, не сум зачекорил во полн замав. Затоа целиот роман, поточно, целиот настан го подложив на моите современи сфаќања за романот. Јас во предговорот на „Стебла“ кажувам дека ниту еден друг роман на светот не ќе биде повеќе прв македонски роман, но „Село зад седумте јасени“ не го ставам повеќе ниту во еден мој избор, ниту пак дозволувам негово препечатување.“



Тодор Скаловски



          Тодор Скаловски (1909 – 2004) е композитор и прв диригент на Македонската опера и балет, а и основач на Македонската филхармонија. Неговиот прв балет се викал „Бал Тепе“ и кога започнал да го компонира не мислел на балет, а на ораториум. Сакал да создаде дело што ќе зборувало за нашето поднебје со директни цитати и мотиви од македонски народни песни преточени во вокално-инструментално дело. 
На прашањето од страна на Јован Павловски во врска со идејата да направи балет, Скаловски одговара:

„Идејата ми ја даде Ловро Матачиќ. Кога тој го погледна делото и кога го изведе првпат  во Виена, во 1962 година, ми рече„Тошо, ова мора да биде балет.“




* Сите цитирани содржини во оваа објава се од „Бев со нив“ на Јован Павловски. 






Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib