Post Page Advertisement [Top]


           Секоја година 28-ми и 29-ти август, односно Голема Богородица и Свети Јоаким Осоговски се празнуваат со традиционалниот собор кај манастирот што го носи името на овој светец. Историјата на манастирот кој лежи во прегратките на Осоговските планини е добропозната, но центар на мојот интерес овој пат беше соборот. За жал не успеав да дојдам до некои податоци поврзани со историјата на самиот настан, па решив да ги  прашам постарите да ми ги раскажат сеќавањата што им останале од годините на нивната младост. Прочитајте ги најинтересните одговори, цитирани во следниве редови: 


 - „Како мали одевме на соборот, бидејќи ние бевме од село Осиче, одевме преку ридот, преку Домачки дол. Старите (нашите родители, чичковци, вујни, стрини, тетки) ќе тргнат со коњи, а ние по нив. Кога ќе стасавме до кај што сега е Мотелот,  по стариот асфалтиран пат одеа коли, додека пак по другиот пат одеа луѓе - некои пешки, други со коњи, и ние ќе фатевме по тој пат. Кога ќе стасавме горе на соборот, си имавме како едно место кај што се собираа луѓето од нашето село. Имаше една голема маса со јадење и пиење и наоколу селаните од нашето село и ние децата.“


- „И тогаш имаше тезги како и денес. Но јас бев сирак, татко ми почина уште кога бев мала. Немав пари и се сеќавам  еднаш застанав на една тезга и зедов едно мало огледалце да го разгледам и продавачот зеде со еден стап и ме удри по рацете. Јас само го погледнав и го оставив огледалцето. Немав намера ниту да го украдам, ни да го купам бидејќи немав пари. Се сеќавам дека се продаваше и шеќерна волна.“


- „Е да ти кажам една интересна ситуација. Имавме ние едни роднини од Кочани со кои ретко се гледавме, но се познававме. На еден собор во толпата народ го видов братучед ми и тој ме виде мене. Само се гледавме, не бевме сигурни, поточно јас не бев сигурен дали е навистина тој дојден на соборот. И утрето дента ми кажа мајка ми дека тој дошол, бил на соборот и престојувал кај некој негов поблизок роднина во Паланка. Па така кога се видовме си признавме дека сме се познале на соборот, но не доволно за да бидеме сигурни дека сме навистина тоа ние - братучедите.


- „Имаше една вртелешка, имаше двајца луѓе - едниот стоеше на едната страна, другиот од другата страна на вртелешката. И кога ќе се потполнат сите места, тие со раце ќе ја завртеа вртелешката и таа ќе се врти. Јас само еднаш се имам „возено“ на таа вртелешка.“ 


- „На враќање од соборот, секогаш си купувавме лубеници за дома. Но не од соборот, туку од градот. На соборот ќе ги „надуваа“ цените, а во градот беа поефтини. Обично за Богородица секоја година јадевме лубеница, на враќање од соборот, во градот ќе ги товаревме коњите со лубеници и ќе си тргневме накај селата.“



    Во продолжение погледнете ги фотографиите од манастирот и околината.

- Дел од фреските на ѕидовите на манастирот:











- Манастирот и околната архитектура:









- Црно-бели форми:






-  Доколку сте во можност посетете го овој 28-ми и 29-ти август ова прекрасно место, помолете се со запалена свеќа и наполнете ја душата со чиста енергија.




Следете ме на инстаграм - @robkrst


Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib