Post Page Advertisement [Top]

 БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2021).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.


 Ако сакате да дознаете повеќе за КОНКУРСОТ, каде што може да најдете линкови од претходните делови на оваа приказна, повелете:

КОНКУРС „НАЈСТУДЕНАТА ЗИМА ВО МОЈОТ ЖИВОТ"


Најстудената зима во мојот живот

(продолжение)

I награда


        Постојат зими потопли од било која пролет, постојат и лета поврнежливи од било која есен. Има и денови поцрни од најцрната ноќ, но и ноќи посветли од најблескавите изгрејсонца. Во староста го научив ова, Бела. Или можеби отсекогаш сум го знаел, но сум го криел во камарите на мојата душа, затоа што полесно ми било да ја обвинувам секоја зима чие заминување со душа го чекав. Го осудував зимското студенило поради она кое мене душата ми ја мрзнеше. Не го сакав нити снегот во чија белина и чистота слична на детска солза, јас ја препознавав својата самотија. Самотијата, Бела, е најголемата казна на која Бог може да го осуди човека. А јас, јас сè уште не знам за кој грев ја плаќам таа казна, но сега, кога веќе сум на работ на постоењето и кога се откинувам од последната нишка која ме поврзува со животот, тоа не е ни важно.


Јас ја сакав Изабела со целото мое срце и битие. Изабела беше мојата сопруга, мојот верен пријател, мајка на плодот на нашата љубов и на заминување понесе со себе сè што таа ми беше мене оставајќи ми ги само сеќавањата. Сеќавања кои ги евоцирав секој божји ден затоа што само така можев да живеам, само така можев сè уште да ја чувствувам покрај себе, само така можев да сакам. Многумина би помислиле дека Изабела нè напушти во некоја од оние непосакувани студени зими, но Бог одбра таа да замине во најтоплото августско попладне. Нејзиниот живот заоѓаше истовремено со заоѓањето на сонцето кое тогаш го боеше небото во сите нијанси на крвта, небаре нејзината крв од жилите се лееше на небото. А јас ја држев нејзината ладна рака на која паѓаа моите усни и солзи, додека на рамото го чувствував добро познатиот стисок. Овој пат посилен од било кога. Сепак, тоа беше доста спокојно збогување, Бела.


Од тоа августско попладне, почнав да живеам друг живот. На почетокот ми се чинеше туѓ, но подоцна се навикнавме еден на друг. И јас на животот и животот на мене. Дај му време на човека и на сè ќе се навикне, та дури и на болката.  Тоа не е ништо друго освен човечки инстинкт за преживување. А јас сакав да преживеам, имав за кого да го направам тоа. За раката која силно ми го стегаше рамото тоа августско попладне.


Ана, знам дека твојата љубопитност и твоето остро око ќе го пронајдат ова мое писмо каде и да го сокријам, па затоа нема ни да се трудам да го направам тоа. Па кога веќе знам дека ќе го прочиташ, сакам да ти го кажам она што веќе сум сигурен дека го знаеш. Ана, ти си плод на нашата љубов со Изабела. Ти си дете создадено во силна, непобедлива, безвременска и безусловна љубов. Во таква љубов и растеше и верувам дека токму поради тоа израсна во силна и мудра жена каква што си денес. Дете мое, доволно е само да ги поклопам моите очи и да го почувствувам твојот стисок на моето рамо. Ете и сега, додека го замислувам твојот убав лик на кој живо мрдаат сините исплашени очиња, ја чувствувам твојата растреперана рака. Затоа што таткото во својата ќерка секогаш ќе ја препознава ранливата птица која умешно се крие во храбрата женска фигура. Затоа сакав да живеам, за да бидам стражар на твоите крила и еден ден да можам да ја купам твојата посакувана кукла.


Ана, ангелу мој, знам дека сè уште те прогонува тоа сеќавање и верувај дека кога би можел без трошка двоумење би ти ја подарил силата за ослободување од сè она што не можеш да го промениш. Но, и јас сум само човек, зависен од волјата божја и неговата заповед. Затоа моли се, дете мое. Моли се и верувај, затоа што можат да ти земат сè освен вербата и она што го носиш во сопственото срце. Ако во тебе постои сомнеж дека некогаш сум ти се лутел за нешто, сакам во истиот миг кога ќе го прочиташ ова, да исчезне тој јад. Татковците никогаш не се лутат, Ана. Затоа што секогаш наоѓаат објаснување, а ако не најдат, го измислуваат, сè за да не се налутат. Кој би можел да му се лути на оној кој му дава смисла на неготово постоење? А ти, ти не беше само смислата на моето постоење, ти беше самото мое постоење. Веќе губам зборови и сфаќам дека секој следен збор би бил оскуден за да ја опишам татковската пожртвуваност, но сакам најдобро што можам да ти ја доловам силата на љубовта на еден родител и секој ден го молам Бога и тебе еден ден да ти го подари тој благослов. 

 

Марко, детето кое го посвоивте со твојот сопруг истата година кога дознавте дека не можете да имате деца, го љубам како роден внук. Знам дека ти беше пеколно тешко да се соочиш со таа проклета вистина и верувам дека во тие мигови на немир повеќе од сè ти требаше Изабела, но проклета туѓина. Се чувствувам како да носам двојна тага на моите плеќи, и за мене и за неа. Но, ни тогаш не престанав да верувам, се молев, ги повикував Бога и сите светци на небесата да ти вдахнат сила и моите молитви беа слушнати. Ангелу мој, ти покажа нереална храброст кога реши да му бидеш мајка на дете чие срце не чукало девет месеци под твоето. Тоа беше истата година кога ја најдов Бела, штотуку родена и прегладнета на нашата улица. Ја примив во нашиот дом и ја гледав како да е мое дете, исто како што ти постапи со Марко. И во овој миг, чувствувам дека некој горе на небото е многу горд на нас.


Минатиот Божиќ со Марко беше најубавиот Божиќ по заминувањето на Изабела. Тогаш ја доживеав и најтоплата зима во мојот живот и единствената која сакав да потрае. Сега кога со последните сили се обидувам да си ги избистрам сеќавањата и кога продирам во моето детство, во најраните години од моето постоење, помислувам дека можеби сум имал уште една топла зима.


Тоа беше последната зима со него. Последниот Божиќ со него покрај трпезата. Наредната зима, два дена пред Божиќ, тој си замина. Го чекав секој ден на прагот на нашата куќа и верував дека еден ден ќе се врати. Верував затоа што беше премногу болна вистината дека би можел да ме напушти засекогаш. Тогаш почнав да се молам. Се молев секоја вечер и желбата секогаш беше иста. Пораснав во исчекување и молење да се врати, слушајќи ги приказните на дедо ми кој со големи намери се обидуваше да ми го насочи умот кон нешто друго. Но, јас сепак продолжив да го чекам, а мојот татко никогаш не се врати.


Моето срце се кинеше секојпат кога бев сведок на мајчините солзи.  Тогаш гледав виновници во снегот, во зимското невреме, во тешката магла и не можев да го дочекам последниот зимски ден, небаре татко ми ќе се вратеше со доаѓањето на пролетта. Моите поголеми браќа ги интересираа други работи, та брзо прејдоа преку татковата смрт. Само јас останав да го чекам.


Години подоцна, ја запознав Изабела, пролетта на мојот живот. Немавме многу, а сепак имавме сè. Кога се роди ти, немаше посреќни од нас. Со каква возбуда те чекавме, мило мое! Си ветив на себеси дека ќе бидам татко каков што јас немав. Татко кој ти нема да бидеш принудена со години да го чекаш на прагот на нашата куќа. Ветив дека до последниот свој здив, сè што ќе правам ќе правам за ти да имаш добар татко. Затоа по толку многу години, ти ја подарувам долго посакувана кукла. Ја купив од истата продавница во која ја виде тогаш кога бевме заедно на прошетка. Ме стегна за раката и ме довлечка до излогот со твоите ситни чекори. Ете, повторно го чувствувам твојот стисок, мила Ана. Оваа кукла сакам да и ја подариш на твојата ќерка, на онаа чие срце ќе чука под твоето.


За неколку дена е Божиќ, а јас знам дека нема да го дочекам. Затоа со мојата Бела се одлучивме да го прославиме порано. Ја наместив трпезата и сега го пишувам ова писмо со последните сили. Среќен сум што не ме издаде снагата, па успеав да ти напишам сè што сакам да знаеш. Земи ја Бела во Германија и чувај ја најдобро што можеш. И уште нешто...Немој да ја мразиш зимата, душо моја, таа не е виновна за ништо.


автор: Јована Станојовска

18 години, Битола



БЛОЖИЌ 2020/21:

БЛОЖИЌ #47 -  Божиќ со Бојана Николовска


Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib