Post Page Advertisement [Top]

 БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2021).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



Христос се роди! Навистина се роди! 

Добре дојдовте во божиќното продолжение на Бложиќ. Вечерва гостинка на овој голем христијански празник ни е Бојана Николовска, стјуардеса од Крива Паланка која живее и работи во Дубаи. Пандемијава ја спречи да ги мине празниците со семејството во родното место, но затоа пак од Дубаи ни раскажува за нејзината професија. 

Среќен Божиќ! пс. Бложиќ не завршува денес!



RK: Здраво Бони, како си? Како се чувствуваш на почетокот на оваа Нова 2021-ва година?

Бојана: Здраво Роби, пред се чест и задоволство ми е да бидам дел од твојата Б(л)ожиќ програма. Како и да е, мојата Нова 2021-ва година не започна многу сјајно. Многу познато ни е дека скоро една година се соочуваме со пандемија, која е и причината што ме спречи да си дојдам дома, во мојот  роден крај, а и да ги поминам овие прекрасни зимски денови и празници со моите најблиски и најсакани. Затоа, празниците ќе ги поминам во Дубаи, каде и што живеам сега. Инаку благодарна сум што сум добра и во совршена здравствена состојба.


Дубаи (пустина)

RK: Да се вратиме малку назад, како почна твојата приказна како стјуардеса?

Бојана: Ајде сега малку назад, ќе пробам да споделам барем малку од мојата приказна за тоа како почна моето поглавје од мојата животна приказна во Блискиот Исток  како стјуардеса. Иако уште како од мала во составите на темата „Што сакам да бидам кога ќе пораснам“ пишував  дека сакам да бидам стјуардеса, но тоа ми изгледаше тогаш толку далечно. Но, пред некоја година, додека живеев и работев во Скандинавијата, во Шведска, тогаш ми дојде идејата за остварување на некогашните соништа, па така аплицирав на одредените конкурси, ги поминав успешно сите регрутации и еве ме сега тука, една од избраните.


Сиднеј Опера Хаус

RK: Што всушност претставува оваа професија? Опиши еден работен ден.

Бојана: Нели велат работи го она што го сакаш и нема да работиш ниту еден ден во својот живот, па така  јас воопшто не ни чувствувам дека работам. Мојот работен ден започнува со лесно будење и тивка музика, потоа следуваат шминката и фризурата, кои се според стандардите на компанијата и секако униформата во склоп на тоа. Во кое време и да е летот, јас морам да се пријавам на работа во седиштето на авиокомпанијата два часа пред одреденото време. После часот за пријавување следат одредени проверки, како на документи така и на изглед, багаж и знаење поврзано со авијација, после тоа заминуваме во авионот каде што следат пак некои безбедносни проверки пред полетувањето. Како и пред полетување така и за време на летот и после слетувањето имаме обврска да се грижиме за сигурноста во авионот.


Нов Зеланд

RK: Што имаш да кажеш на тема „страв од летење“?

Бојана: Очигледно штом го работам ова, немам страв од летање, таму се чувствувам најсигурно, чудно знам, но вистина е. Меѓутоа, имам наидено на многу луѓе помеѓу патниците  кои се плашат, па додека сме таму горе на висина од околу 12.000км, ги храбрам таквите.


Порто, Португалија

RK: Кои се предностите, а кои недостатоците на оваа професија?

Бојана: Според моите пресметки предностите натежнаа отколку недостатоците, затоа ќе издвојам за сега барем по една. Огромна предност на оваа професија е можноста да се отиде со леснотија на премногу разни дестинации низ светот, да се истражи и види убавината на сите делови на светот. А, како недостаток ќе го издвојам пореметувањето на биоритамот, поточно  на телесниот часовник, поради разните дестинации и временската разлика.


Јапонија

RK: На кои нешта што ги бара оваа професија се навикна најлесно, а на кои ти требаше малку подолго време да се прилагодиш?

Бојана: Лесно се навикав на летањето и обврските што ги носи со себе, доколку пресметките околу спиење и одмор за будење во сред ноќ за на лет, сè уште знаат да бидат предизвикувачки. Бидејќи јас немам одредено работно време, секој лет - засебно поглавје.


RK: Благодарение на оваа професија, кои се земји ги имаш посетено досега?

Бојана: Доста се за набројување, но можам да кажам дека ги имам посетено сите континенти.


Јужна Африка

RK: Која земја ти има оставено посебен впечаток?

Бојана: Морам да кажам дека има преубави, воодушевувачки места на земјава, би се чувствувала виновно да издвојам едно. Но, можам да кажам за Русија дека иако е една од поладните земји, мене ми го стопли срцето. Дали од што имам читано многу книги и романи за тамошни случувања, причината уште ми е непозната.


RK: Колку часови траел најдолгиот лет?

Бојана: Окленд, Нов Зеланд – Дубаи, ОАЕ -19 часа.


Јужна Африка

RK: Да поминеме на тема 2020-та. Како целата година  влијаеше врз вашата работа?

Бојана: Како и на се во светот, така и тука. Ја забави брзината со која живеевме, но сепак не застанавме.


Русија

RK: Во која земја те затекна априлското затворање на границите?

Бојана: При почетокот на затворањето на границите бев во Лондон, Велика Британија, потоа во Болоња, Италија и на крајот во Дубаи.


Русија

RK: Колку денови остана таму, како се одвиваше животот тие денови?

Бојана: Тие беа прилично мрачни денови, со празни улици во велелепни градови, како што пее Северина – ‘videla sam grad bez ljudi’. На почетокот тие денови дури ми дојдеа добро за одмор, но по еден месец веќе беше поразлично.


Бурџ Халифа

RK: Ти недостасува ли Македонија и родниот град?

Бојана: Секако, што е и нормално. Колку и да уживам во сите прекрасни места кај и да отидам, не можам да го побијам тоа дека само еден е роден крај.


RK: Колку често се враќаш во родната земја?                                  

Бојана: Еднаш или два пати во годината.


Дубаи

RK: Една порака/честитка до сите оние кои го читаат ова интервју?

Бојана: Ви благодарам за одвоеното време прекрасни луѓе и СРЕЌНИ И ВЕСЕЛИ НОВОГОДИШНИ И БОЖИЌНИ ПРАЗНИЦИ, БИДЕТЕ МИ ОД БОГА БЛАГОСЛОВЕНИ. И никогаш не откажувајте се од остварувањето вашите соништа, колку и далечно да ви изгледаат. Топли поздрави од Дубаи.


RK: Ти благодарам многу Бони за овој божиќен разговор. Ти посакувам среќен Божиќ и среќна и успешна 2021-ва.




Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib