БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2021).
Во
денешното продолжение на #Бложиќ зборуваме со Дарко
Ристовски на тема фотографија како и за неговото волонтерство во Црвениот крст.
Уживајте!
RK: Здраво Даре, на почеток да ти честитам за добиената
награда по повод твоето волонтерство во Црвениот крст. Раскажи ни малку повеќе
за сето тоа.
Дарко: Здраво, најпрвин сакам да ти се заблагодарам за
поканата да бидам дел од овогодинешниот „Бложиќ“. Во Црвениот крст
волонтирам околу 8 години, всушност да бидеш волонер во Црвениот крст е среќа која не
може да се опише, поттик за да успееш во животот, мотивација да бидеш личност
на која сите би се воодушевувале. Самата помисла дека ќе помогнеш на некого и
дека ќе бидеш причина за да се роди насмевка на нечие лице вреди повеќе од
било што. Се што правиш од срце не е тешко, така и волонтирањето за време на
пандемијата.
RK: Каква беше за тебе
изминатава 2020-та година? Како влијаеше карантинот врз твојата инспирација?
Дарко: Година со многу предизвици, но научив како од
било која негативна работа да го извадам тоа позитивното. За време на
карантинот имав повеќе време да се посветам на плановите кои ќе дојдат во
иднина околу моето хоби т.е фотографирањето.
RK: Да преминеме на тема
фотографија. Како дојде до идејата да фотографираш метеорски дожд на Калин
Камен? Како се роди идејата?
Дарко: Кога е во прашање метеорскиот дожд, тој бара
соодветни услови за фотографијата да изгледа онака како што сакаме. Идејата?
Кога ја имаш потребната опрема за овој вид на фотографија тогаш се е полесно.
RK: Што всушност
претставува метеорски дожд и
колку е честа таа појава и како се следи?
Дарко: Метеорски дожд е небески настан во кој можеме
со голо око да го набљудуваме зрачењето на голем број метеори. Во текот на една
календарска година има десетина метеорски дождови кои се одлична претстава за
набљудувачите на небото, а Персеидите кои ги фотографирав јас се едни од
најголемите и најпознатите. Персеидите се појавуваат секоја календарска година
започнувајќи од средината на јули и траат се до крајот на август. Оваа година
Персеидите беа највидливи ноќта меѓу 11 и 12 август.
RK: Што е потребно да се
направи ваква фотографија?
Дарко: За набљудување на метеорскиот дожд е потребна
темна локација, без никакво осветлување. Кога ќе го достигне својот врв, дождот
Персеида може да содржи меѓу 50 и 100 метеори по час. Набљудувањето на ваков
феномен е интересно бидејќи не знаеш кога и од која страна може да се појави
метеорит, но за да се направи фотографија од Персеидите можам слободно да кажам
дека времето е најпотребно.
RK: Опиши го процесот како се одвиваше
фотографирањето.
Дарко: За да се направи фотографија од Персеидите
онаква каква што посакуваме најпрвин треба да имаш опрема која е потребна за
една ваква фотографија. Јас фотографирав со Canon2000D
+ Tokina 11-16mm f/2.8 ultra wide и секако потребен е статив (трипод).
Потоа, како што спомнав претходно времето и трпеливоста имаат огромна улога за
да се стигне до целта која може да трае неколку минути, но и неколку часа.
Потоа се избира локацијата и тоа што сакате да имате на фотографијата, во мојот
случај сакав тоа да биде езерото кое се наоѓа на врвот Калин Камен.
RK: За луѓето што ќе речат
дека фотографијата е фотошоп, ќе појасниш ли доколку навистина има некои
корекции (светлина, контраст и слично) или ова е оригиналната верзија на
фотографијата?
Дарко: Бидејќи се работи за фотографија со долга
експозиција корекциите кои ги наведе беа многу минимални, но тешко е да се
уловат повеќе метеорити во една фотографија. Така, крајната и посакуваната
фотографија е направена од повеќе фотографии кои на крај се споени во една.
RK: За крај една
порака/честитка за читателите?
Дарко: Бидејќи сѐ уште сме во време на
пандемија, верувам дека сите имаме иста желба.
RK: Така е, ти благодарам Даре
и ти посакувам успешна 2021-ва година.