БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2021).
КОНКУРС „НАЈСТУДЕНАТА ЗИМА ВО МОЈОТ ЖИВОТ" |
Најстудената
зима во мојот живот
(продолжение)
III награда
- Тато,
се плашам дека нема да може да дојдеме кај
тебе оваа година. Аеродромот во Германија сѐ уште е затворен поради
пандемијата. - рече
Ана.
- Разбирам
ќерко, во ред е. Еве и вака си разговараме и се гледаме. Добро е што ме научи
како да работам на паметниот телефон. - се
насмевна татко ѝ, но таа насмевка не беше искрена. Зад неа се криеше тага.
- Дедо, прегрни го телефонот и јас ќе го прегрнам мојот и
ќе биде речиси исто. - предложи
внукот, додека Ана и дедото се насмевнаа.
- Види што ми донесе Дедо Мраз, два пиштоли на ласер. - тој ги покажува пред камерата. - Ќе си играме кога ќе дојдам да те посетам,
нели?
- Секако, секако. - дедото поткашла за да го скрие треперењето во гласот. - Јас морам да одам да ја прошетам Бела, ќе се слушнеме подоцна, важи?
- Чао дедоо. – извика детето.
Ана ја исклучи камерата и зјапаше отсутно во телефонот.
Грутката околу нејзиното срце ја стегаше сѐ повеќе. Таа не сакаше нејзиниот
татко да помине сам уште еден Божиќ. Ана забележа дека има нова електронска
порака и тоа од аеродромската служба. Авионите ќе продолжат да летаат по истиот
распоред, почнувајќи од утрешниот ден. На Ана ѝ се роди една идеја и се
насмевна. Време беше за патување. Таа го извади големиот куфер од плакарот.
- Ана,
веќе разговаравме за ова. - рече
сопругот кој штотуку влезе во спалната соба.
- Знам
миличок, но јас навистина морам да одам, сакам да одам. Чувствувам силен копнеж
во градиве, морам да го видам татко ми. Аеродромот ќе се отвори утре. Тоа мора
да е знак, нели?
Куферот беше поставен врз креветот, а Ана внатре ги
редеше џемперите, волнените пижами и дебелите чорапи. Нивниот син дотрча во
спалната соба и скокна врз креветот.
- Ќе
одиме кај дедо?
- Не
сине, ти ќе останеш овде со мене. - рече
татко му.
- Но, тато! Ние
му ветивме на дедо дека веќе никогаш нема да биде сам за Божиќ. И јас сакам да
одам во Македонија, те молам татооо.
- Ана,
знаеш дека ситуацијата со пандемијата не може да се предвиди. Треба многу да
внимавате. Што ако ги затворат границите и аеродромот и останете таму?
- Не
грижи се, ќе бидеме добри.
Ана го прегрна сопругот, а тој попушти и се согласи.
Детето извика радосно и истрча од собата. За кратко се врати влечејќи го по
земјата својот мал куфер, а неговите родители се насмевнаа.
- Може
ли да го земам и велосипедот што го добив за роденден?
- Синко,
не можеш да го возиш велосипедот по снег. Но, знаеш на што можеш да се возиш? На санка.
- Супееер,
а дедо ќе биде главниот ирвас. Ајде мамо, да побрзамеее!
Следното утро сопругот со автомобилот ги однесе до
аеродромот. Пред да влезат во зградата, тројцата се прегрнаа силно, а детето си
ја стави на лице омилената маска со Супермен. Летот помина во најдобар ред и
тие безбедно слетаа во Македонија. Се качија во такси и од аеродромот се
упатија кон куќата на дедото. Снегот веќе вееше и белата покривка се таложеше.
Кога пристигнаа, забележаа дека куќата беше тивка и
изгледаше тажно. Немаше светилки ниту други новогодишни украси. Недостигаше
божиќниот дух. Се чу лаење од куќата и Бела дотрча до нив. Таа ги препозна и
почна радосно да мавта со опашката и да скока во снегот.
- Што
се случува девојко, зошто лаеш? - дедото
си ја наметна јакната врз рамениците и излезе во дворот.
- Изненадувањее!
- во ист глас извикаа
Ана и детето.
Дедото зјапаше во нив со неверување. Широка насмевка му
се појави на лицето додека се обидуваше да ги задржи солзите во очите. Детето
му се фрли во прегратка, а тој го погали по косата. Ана го бакна во образот.
- Дадовме
ветување дека веќе ниедна зима нема да ја поминеш сам, нели?
- Дедо,
каде е елката?
- Јас
немам елка оваа година.
- Зошто?
- Па,
мене и на Бела не ни е потребна. Но,
сега кога мојот омилен внук е тука, секако дека ќе ја китиме елката заедно.
Само најпрво треба да купиме една.
- Се
сеќаваш ли на дрвото во дворот што имаше светилки? – праша Ана.
-Ти и мама ја украсувавте целата куќа, а јас постојано
земав по некој лампион. Кога веќе забележавте дека недостигаат, дрвото беше
накитено и светкаше. И тоа се случуваше секоја зима. - Ана се закикоти потсетувајќи се.
- Да,
да, секако дека помнам. Сѐ уште стои таму, не сум го исекол.
- Е, па
тогаш, имаме елка.
Дедото ги пронајде старите лампиони и светилки во
подрумот. Ги чуваше како драги спомени, но никогаш не помисли дека токму тие ќе
создаваат нови спомени. Секако дека не можеше да го исече дрвото. Тој го засади
дента кога се роди неговата ќерка и ги гледаше како заедно растеа низ годините.
Тројцата заедно го украсија дрвото кое заблеска во
новогодишно руво. Детето направи мала снежна топка што ја фрли кон мајка си, а
потоа уште една кон дедото. За кратко, дворот стана „бојно поле“ со снежни
топки кои летаа во сите правци. Тројцата се бркаа и се смееја гласно, а потоа
легнаа во снегот што беше натрупан зад куќата и правеа ангелчиња, мавтајќи со
рацете и нозете, додека Бела скокаше околу нив.
- Што
мислите за топло чоколадо и „Не
лути се човече“ покрај каминот? - предложи
дедото.
- Супеееер!
- извика детето и
продолжи да си игра со Бела.
- Ти
благодарам ќерко. Ова е најубавиот новогодишен подарок во мојот живот.
Солзите конечно се стркалаа по неговите образи додека ги
гледаше снегулките како лебдат на белото небо. Сѐ уште лежеше во снегот, но не
му беше студено. Душата му беше стоплена и можеше да ја згрее и најстудената
зима во неговиот живот.
автор: Марија Ралповска
23 години, Скопје