Post Page Advertisement [Top]

БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2021).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.


Денеска е Свети Никола. Славите и имендените оваа година се разликуваат од претходните, но сепак се весели. Денеска на овој убав празник гостин ни е исто така добропозната личност на читателите на овој блог – Никола. И овој пат ќе зборуваме за љубовта, но онаа кон музиката. Но, пред да прочитате малку повеќе за омилениот музички инструмент на денешниов славеник, специјално да се заблагодарам на Клаудија за сите фотографии во оваа објава. Поради пандемијава, тие ја преземаа одговорноста за визуелниот изглед на ова продолжение на #Бложиќ во кое се надевам дека ќе уживате. Наздравје! Среќен празник!



RK: Среќен именден Никола. Каков е овогодишниот празник Св.Никола за тебе со оглед на ситуацијава?

Никола: Ти благодарам. Оваа година различно е само прославувањето, кое ќе помине само со најблиското семејство, со оглед на ситуацијата. Друго ништо не ми недостига додека сите најмили ги имам на број.



RK: За музичарите беше тешка година, но пак од друга страна слободното време дали пробуди инспирација за создавање на нешто во музички правец?

Никола: Да, дефинтивно. Појавив еден нов видик во склоп со музиката, со тоа што решив мојот матичен инструмент, а тоа е хармониката, да го проучам малку повеќе и подлабоко. Така, почнав да се занимавам со секој можен дел од неа да ја научам целата анатомија на хармониката, без разлика каква и да е. Едноставно не можев да одолеам да свирам толку години,  да не го знам секој можен дел од неа и да не и бидам нејзин „доктор“ кога ќе затреба.


RK: Колку време се занимаваш со музика и што претставува таа за тебе?

Никола: Веќе шеснаесет години се занимавам со музиката, а таа за мене е храна за душата.



RK: Како се случи преминот од хоби во професија? Дали имаше двоумење  или слично.

Никола: Најдобар пакет е секогаш кога хобито го претвараш во професија. Тоа се случи и кај мене, од мотивација до реализација. Во ниту еден момент немав било какво колебање ниту пак се покајав што воопшто сум почнал професионално да се занимавам. Надоградувајќи се, како со знаење така и со работни аранжмани, самиот не си ни свесен кога тоа веќе поминало во работа. И еве нѐ, сѐ уште.


RK: Дефинирај ја хармониката како инструмент.

Никола: Хм... Ако ја гледаме хармониката како инструмент кој ќе ти користи само за свирење, тогаш станува збор за инструмент кој нуди многу можности за музицирање. Но, ако почнеме да ја проучуваме, од изработката до произведувањето на секој тон, станува збор за многу сложен инструмент со многу делови, секој приказна сам за себе.



RK: Од што е составена хармониката?

Никола: Хармониката е составена од три главни дела: десна страна – клавијатура, средишен дел – мев и лева страна – басов дел. Меѓутоа ова е само тоа што ние го гледаме надворешно. Внатрешноста на една професионална хармоника крие од 3000 до 4000 делови. Кој би рекол, нели?


RK: Кои се предностите, а кои минусите на овој инструмент?

Никола: Едно од најголемите предности е што може да се користи во сите музички стилови, почнувајќи од класична музика, џез, па потоа се среќава речиси во сите светски фолклори итн. Се работи за полифон инструмент, со кој може да се настапува сам, а да исполнува една музичка целина.

Јас би издвоил само една негативна страна, а тоа е нејзината тежина која кај една професионална хармоника е околу 13 кг, а може да биде и повеќе. Тоа понекогаш при подолго свирење доведува до поголемо физичко оптеретување кое кај секој музичар различно се манифестира.



RK: Со кои инструменти е во најдобра комбинација, а со кои никогаш не би можела да се комбинира?

Никола: Тврдам дека не постои инструмент со кој не може да се комбинира. Се среќава во сите видови оркестри, од најголемите симфониски, до соло изведби.



RK: Разликата меѓу црните и бели копчиња?

Никола: Хаха, ова и другпат сум го слушнал. Па вака наједноставно, луѓето што не се занимаваат со музика ги гледаат како црно-бели полиња исто како шах, различно наредени. Но, секое поле од тие е копче на кое се наоѓа различен тон, со различна висина и боја и во вистински момент прави свој шах-мат.



RK: Кои се најдобрите марки на хармоники, која марка е твојата омилена?

Никола: Се е тоа работа на вкусови. Но, дефинитивно најдобрите хармоники доаѓаат од едно мало гратче Кастелфидардо во Италија од кое излегуваат многу легендарни марки на хармоники, како: Scandalli, Guerrini, Settimio Soprani, Victoria, Pigini, Paolo Soprani и уште најмалку педесетина други. Јас поседувам легендарен модел на Guerrini, но сепак помеѓу сите овие кои ги набројав, не би можел да се одлучам.



RK: Со каква хармоника би требало да почне еден почетник и  каков е твојот совет до нив?

Никола: Најпрвин, треба да се одбере хармоника според возраста. Првата хармоника не би требало да биде професионална и многу скапа. Со самото напредување на ученикот, постепено ќе се јави потребата за попрофесионален инструмент.


RK: И за крај, без која песна не минува Св.Никола во твојот дом?

Никола: Е, ова ми е тешко прашање. Мојот репертоар е баш широк и разновиден, така да почнуваме и завршуваме со сосема различни жанрови. Секогаш е така!



RK: Ти благодарам, ве оставам да уживате во преостанатиот дел од оваа вечер, како и во претстојните празници!



БЛОЖИЌ 2020/21:

БЛОЖИЌ #47 -  Божиќ со Бојана Николовска




Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib