Post Page Advertisement [Top]

 БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2022).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



ПОВЕЌЕ ЗА КОНКУРСОТ ЌЕ ДОЗНАЕТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК:

КОНКУРС: „И пораснатите деца пишуваат писма до Дедо Мраз“


ПРВА НАГРАДА:


Здраво!

 

Му се обраќам, иако знам дека не постои. Ни како мало девојче не верував во неговото постоење. Бев научена дека таквите легендарни ликови не постојат. - „Измислени се, немој да веруваш во тоа.“ Дали било правилно или не, не би знаела. Знам само дека ми била скратена можноста да верувам во волшепство. А сега, кога пораснав... Всушност веќе не е ни битно дали е реален или илузија, детска бајка, божиќна магија или само лажна приказна. Сега сум на дереџе кога сè се сведува на тоа во што јас самата верувам, и знаеш што сфатив?! Можеби дури и предоцна, Дедо Мраз не е само маскирана фигура. Што ако тој постои преку целата година, во секој од нас? Во црвена наметка, во шорц, со брада или без. Што ако тој е ти? Јас? Тие? Што ако сите ние сме Дедо Мразот на својот живот? Замисли си само. Си мислиш, какви се овие глупости?! Но, размисли. Едноставно е... Нели божиќниот дедо секогаш ти го погодува подарокот. Тој некако знае што посакуваш и ти ја остварува желбата, дури и кога не му пишуваш писмо. Епа, нели е очигледно?! Кој би ги знаел твоите најдлабоки копнежи, ако не ти самиот. Гледаш? И не е толку нелогично, има смисла. И сега ако ја согледаш приказната со овој пресврт, ќе признаеш - можеби и сум во право.

 

Затоа ајде барем на миг заборави на се, одјави се од реалноста, од онаа изобличената. И логирај се во онаа твојата - единствената која е важна, а која упорно ја игнорираш. И дозволи ѝ на имагинацијата да те одведе таму. Замисли... Работилницата во Лапонија е твојот живот, а ирвасите се оние движечки запчаници во твојот ум. И сите оние божиќни џуџиња - тоа си ти, твоите соништа, мечти, надежи... Северниот Пол е твоето опкружување. Целиот тој сребрен амбиент - чудесна убавина која ти ја пропушташ, дезориентиран во маглата на она што го нарекуваш живот. А всушност, само треба да ги впрегнеш ирвасите во санките, да ги земеш со себе џуџињата и да ја започнеш својата авантура. Да ја доживееш судбината од сказните за Дедо Мраз. Сепак да те предупредам - честопати ќе заглавуваш во тесни оџаци, оставен сам на себе - ни напред, ниту назад. Или пак ќе наидуваш на многу Скруџ-ови, расипувачи на забавата, уништувачи на духот, крадачи на енергијата. Ќе се сопнуваш на лизгава снежна ледина, ќе добиваш грутки тврд, смрзнат снег во грб, а понекогаш и во лице. Ама... Секогаш има ама. Овој пат ама се новогодишни медени колачиња, топло чоколадо и мачмалоу, шеќерни бонбончиња и бастунчиња, озарени детски лица, весел џагор, споделена љубов... Добивката е поголема од загубата.


А сега, разбуди се од убавиот сон и почни да го реализираш и во грубата реалност. Наместо да очекуваш чудо за празнициве - биди ти тоа чудо. Биди Дедо Мраз на својот живот. И биди тајниот Дедо Мраз на своите сакани. Помисли кои се твоите побарувања, што имаш на листата на желби која му ја наметнуваш нему. И сети се дека ако сакаш нештата да бидат направени по твоја мерка, тогаш најубаво е самиот да си ги направиш. Затоа преземи ги уздите во свои раце и пилотирај со санките на својата судбина низ снежната бура на животот. Сакаш кариера, љубов, семејство, богатство - тоа Дедо Мраз не може да ти го подари. Само ти самиот треба да го заработиш, заслужиш - да се избориш. Секој ден – вредно, неуморно, истрајно, одлучно. И кога ќе го достигнеш нивото кое си го замислил, тогаш самиот ќе можеш да си ги дозволиш сите удобности и луксузи кои неумесно бараш друг да ти ги остварува. Верувај ми, нема поисполнувачко задоволство од она дека самиот си успеал - сè останато е краткотрајно. А ти, ти можеш повеќе. Затоа потруди се и види како правта од божиќната магија ти трае преку цела година.

Јас изгледа малку застранив со моево обраќање. Требаше писмово да го посветам на црвениот дедо. На почеток се изјаснив како не верувам во вакви ликови, а сега сите нè направив Дедо Мразовци. Малку е нереално, налудничаво ама па што ако. Животот би бил досаден без вакви необични изјави и перспективи. Сепак признај дека и те подзамисли ваквата верзија на настаните. Не е невозможно. Дури е и пологично. Секако, зависи за кого. Нели секој си верува во својата вистина. На крајот на краиштата, не е ни важно дали постои или не, дали веруваш или не, дали пишуваш писма, листи, добиваш подароци под елката или тој ги остава. Важно е да имаш со кој истите да ги отвораш, со кој да ги споделиш своите мисли, да го прераскажеш својот ден, да размениш размислување, да посветиш внимание, да се почувствуваш сакан, да имаш кого да прегрнеш, да сакаш, да има со кој да се смееш, да шеташ, да се забавуваш, да лудуваш... Па и да плачеш, да тагуваш, да освојуваш врвови и да стануваш кога ќе паѓаш. Да тешиш и да бидеш утешен. Да гледате филм стуткани заедно во пријатноста на ќебето или да чекорите рака под рака по свежо навеан снег. Да готвиш свои специјалитети или да ги дегустираш на оној другиот. Да имаш кој да те испрати и пречекада те држи за рака во болка и немаштија или да танцува и ужива во доба на бериќет и раскош. Куќата да ви биде дом, а не скелет од празнотија. Срцето да ти е осветлено од љубов, а не завиено во сивило. Од неговата аура да зрачи живот, а не преживување.


И без разлика кој е брадестиот дедо, реалноста е таа. Своите желби може да си ги исполнуваме самите, а за она што е надвор од наша контрола, може само да се надеваме на најдобриот можен исход. 

Па Дедо Мразе, кој и да си, каде и да си, измислен, сокриен, реален, неважно - продолжи да живееш во нашите верувања. И ако навистина имаш магично стапче, тогаш имам неколку барања од тебе. Подари ни здравје и уништи ги сите безмилосни болести. Не дозволувај ниедно детенце да биде расплачено, оставено, малтретирано... Нека има треска од шарена радост на нивните невини лица. Нека никој не биде разделен против своја волја. Нека немаштијата стане изветвен поим од историјата. Нека хуманоста избувне како ерупција и ги зарази сите. Нека моралните вредности бидат пак во мода. Нека тагата и несреќата бидат непознати поими, а среќата и задоволството дел од секојдневието. Нека има изобилство на прегратки, бакнежи, нежни зборови, а нека исчезне секаква потреба од суровост, покажување сила, насилство. Нека емпатијата, алтруизмот и човечноста управуваат со делата на секој од нас. Нека моќта, власта и парите станат споредна потреба, а водечка сила во светот биде љубовта. Нека омразата, одмаздата, зависта, алчноста останат во минатото. Нив да ги замениме со хармонија, разбирање, почит, учтивост, срдечност. Нека запрат сите војни и завладее мир и спокој. Нека се водат само битки во кои се бориме за љубов, среќа, успех. Да се натпреваруваме кој ќе биде почовек, а не кој кого поитро ќе изигра. Затоа што во моментов светот е во дефицит за човечност, а токму тоа ни фали најмногу. И можеби ако успееме да внесеме барем малку солидарност и сочувство, ќе го направиме светот поподносливо место за живеење. 


Па Дедо Мразе, мислам дека е време да ја протресеш снежната топка, да го спремиш магичното стапче и да ја започнеш својата мисија. Па нека и понатаму постојат некои како мене, кои не веруваат во тебе. Ти сепак врати ни ја вербата во добрината и покажи ни дека и невозможното е возможно ако доволно силно посакуваме.

 

Ајде сега среќно.


Па, до некое следно слушање. Хохохо!


 

Јасмина Станимировиќ

25 години

Куманово


ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

БЛОЖИЌ #64 - Втора награда: Мила Виларова

БЛОЖИЌ #63 - Трета награда: Сања Стојанова

БЛОЖИЌ #62 - Сите книги од Фредрик Бакман!
БЛОЖИЌ #61 - Божиќ со Сара Костадиновска
БЛОЖИЌ #60 - Артист Бенд: „Очекувајте нешто ново за Божиќ“
БЛОЖИЌ #59 - Новогодишниот базар од моја перспектива

БЛОЖИЌ #58 - НО,ОВАА година
БЛОЖИЌ #57 - Најдоброто од 2021 

БЛОЖИЌ #56 - НЕ ФРЛАЈ ПЕТАРДИ (& Secret Santa) со Елена и Стефан

БЛОЖИЌ #55 - Данбо на Новогодишниот базар во Крива Паланка

БЛОЖИЌ #54 - Помеѓу фантазијата и трилерот со Марија Ралповска

БЛОЖИЌ #53 - Пред x Потоа

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib