Post Page Advertisement [Top]

  БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2022).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



За првпат после скоро седум години се враќа во родната Крива Паланка и ги празнува празниците со најблиските. Овој Божиќ, на гости ни е Сара Костадиновска и ни зборува за нејзиниот американски живот.


RK: Христос се роди! Среќен Божиќ, Сара! Како си? Како се чувствуваш во Крива Паланка?

Сара: Навистина се роди! Среќни празници Роби. Се чувствувам прекрасно, после шест и пол години го празнувам Божиќ со моето семејство тука и чувството е неописливо.


RK: Баш ми е мило. Ајде сега да се вратиме на почетокот - каква беше твојата претстава за Америка? Како се роди идејата да заминеш таму?

Сара: Желбата отсекогаш постоела. Како што знаеш, јас сум фан на филмовите и различни други американски формати и сигурно од тука проникна мојата желба да бидам дел од тој свет. Се започна преку Work & Тravel програмата и кога заврши - одлучив да останам.


RK: Како се случи тоа? Како го прифати тој ризик?

Сара: Дефинитивно беше ризично. И јас многу се колебав. Но, желбата ми беше да живеам таму и морав да ризикувам.


RK: И од тогаш започна твојот американски сон...

Сара: Прво да разјасниме нешто, американскиот сон не постои и попрво би го нарекла кошмар отколку сон.


RK: Откако го зеде решението дека ќе останеш таму што се случи потоа?

Сара: Покрај  работата што ми беше од Work & Travel, работев уште две работи. Откако се одлучив дека ќе останам, малку потешко ми беше да најдем работа, да се сместам. Потоа, кога почнав да работам, морав да работам по две-три работи истовремено за да направам доволно пари. Работев како келнерка и хостеса. Запознав луѓе кои ми станаа пријатели и така ми помогнаа да се прилагодам на новиот живот.


RK: Дали има некои интересни реакции од луѓе кога слушнале дека си од Македонија?

Сара: Едни луѓе ме имаат прашано дали Македонија се наоѓа некаде во Јужна Америка... и јас им објаснив дека е во Европа. Најмногу ме прашуваат дали е веднаш до или некаде околу Русија.


RK: Што ти беше најтешко во почетокот?

Сара: Јазикот. Верувале или не јас мислев дека перфектно го знам јазикот, но кога отидеш таму и веднаш препознаат дека го немаш оној американски акцент и веднаш те прашуваат од кај си. Кога работев како келнерка ретко кога ќе отидев на некоја маса, а да не ме прашаат од каде сум.




RK: Може ли да направиш една паралела помеѓу Америка од филмовите и реалната Америка?

Сара: Реалноста е секако многу поразлична од филмовите, мора многу да се трудиш и храбар да бидеш за да опстанеш. На почетокот, немав ништо и многу тешко ми беше да се навикнам на сето тоа. Oд друга страна, тоа што ми недостасуваше семејството ми создаваше дополнителен товар.


RK: Како се бореше со носталгијата тогаш во тоа време?

Сара: Скајп. Ако не беше скајп за да можам да се слушам и гледам со моите тука, не знам што ќе се случеше. За сите овие години нема ден да се немам слушнато со домашните барем еднаш во текот на денот.


RK: Како продолжи твојот живот таму?

Сара: Јас почнав да просперирам кога се преселив од Њу Џерси во Њујорк. Од јужниот дел на Њу Џерси се преселив во северниот дел за да можам да патувам до Њујорк за да најдам работа, а потоа и да се преселам. Во Њујорк најдов работа во ресторан што го држеше еден Хрват, а менаџерката беше од Битола.


RK: Тоа беше твојата прва средба со Македонци таму?

Сара: Не, во Њу Џерси живеев со Македонци. Потоа и на приватен план нештата почнаа да се развиваат во добра насока и можам да кажам дека тоа исто така многу ми помогна. Сега живеам на север од Њујорк, во едно планинско гратче. Временските услови се како тука, срни и елени ни доаѓаат во двор, зајчиња има насекаде. Убаво е.


RK: Што најмногу ти недостига таму од Македонија?

Сара: Семејството и храната.


RK: Дали имаш некое омилено јадење таму?

Сара: Во Њујорк, има една пекара Магнолија и колачињата таму ми се најубави. Има српска кафана „Кафана“ во Њујорк. Има една македонска продавница во Њу Џерси каде бев да си купам ајвар, „Милка“ чоколади, наше македонско сирење...




RK: На која американска рутина најлесно се адаптира, а на која најтешко?

Сара: Американците многу работат и се дисциплинирани. Јас на почетокот секогаш доцнев, но потоа се вклопив. Стануваш, работиш и правиш пари.


RK: Какви се Американците како луѓе? Какви се кога станува збор за социјализација?

Сара: Сите ти се другари додека си на работа, дури се и приметува дека се фејк. Но, ако им побараш помош за нешто, повеќето би ти помогнале. На пример, јас не си ги познавам соседите, само на здраво сум со нив и тоа она кога ептен блиску ќе се сретнеме.


RK: Пандемијата како го промени животот?

Сара: Работев како келнерка и штом почна короната ја изгубив работата. Ресторанот се затвори. Бевме затворени 24/7. Маските беа задолжителни и за цела година имам излезено неколку пати од дома и тоа до маркет бидејќи можевме да си нарачуваме храната да ни ја донесат до пред врата.


RK: Дали виде или запозна некои познати личности таму?

Сара: Го запознав Биг Шон и бев на негов настап. Џенет Џексон ја имам послужено во ресторанот во кој работев и неколку познати водители  и ТВ лица ги имам видено низ улиците на Њујорк.




RK: Во текот на пандемијата го отвори и твојот Youtube канал. Раскажи ми повеќе за тоа.

Сара: Финтата во Америка е дека можеш да најдеш работа на секоја страна во било која насока. И лесно можеш да почнеш свој бизнис. Во Америка секое нешто можеш да го продадеш. Никогаш не знаеш што на некого ќе му се допадне. Јас почнав со ТикТок кога почна карантинот, но сакав да правам нешто покреативно и почнав да постирам и на Youtube и така започна се. И се заработува добро, но повеќе е до рекламите.




RK: Колку е брз животот таму?

Сара: Ако не работиш за себе, ако работиш за друг тогаш животот ти е многу брз и немаш ни малку време за себе.


RK: Нешто друго интересно да ни споделиш?

Сара: Па не знам... на пример има служба за пчели. Ако имаш пчели во куќа, им се јавуваш и доаѓат, ги фаќаат за да не ги убиваш бидејќи нели тие се едни од најважните инсекти за живиот свет.


RK: На што се најмногу надразливи Американците, на кое прашање?

Сара: Колку пари правиш?


RK: Колку време требаше да помине за да се почувствуваш дел од новата средина? Дали веќе се чувствуваш таму како да си на свое?

Сарa: Би рекла три-четири години. Да, чувствувам дека повеќе припаѓам таму отколку тука.


RK: Најголемата лекција што ја научи?

Сара: Научив да размислувам за себе. Тука сите имаат некој совет или мислење како треба да го живееш животот, а таму ги земаш конците во свои раце. Америка ме натера да пораснам многу побргу. Јас мислев дека сум созреана на 18 години, но кога отидов таму сфатив уште колку многу искуство ми треба за да созреам.


RK: Што имаш да кажеш на тема расизам и Америка?

Сара: Расизмот е уште присутен и не верувам дека ќе се искрени во скоро време. Повеќе се забележува кај постарите бели луѓе. Додека бев келнерка, поради тоа што сум белкиња, луѓе си даваа за право да ми кажуваат какви расисти биле нивните деца.


RK: Политика – што имаш да кажеш на оваа тема? Дали е важно од која партија си како што е тука?

Сара: Во 2021 е важно од која партија си. Но, не заради опстанок на твојата кариера туку заради твоите човекови права.


RK: Да преминеме на тема празници. Имам впечаток дека таму празниците се многу повеќе нагласени отколку кај нас тука.

Сара: Американците немаат многу време да се гледаат со семејните и затоа таму многу се акцентираат празниците. Како овде за Коледе, таму доаѓаат за  Халовин маскирани деца и треба да ги исплашиш, ако не ги исплашиш треба да им дадеш бонбончиња (trick or treat).




RK: Како се прославува Божиќ таму?

Сара: На први ноември веќе сите имаат украсено. Сите се занимаваат со декорации, имаат цели маала украсени. Шеташ низ населбите само за да видиш како имаат украсено. Сите се многу презафатени со купување подароци за Божиќ и тоа не ми се допаѓа. Има луѓе што не се баш при пари, но за подароци ќе потрошат и последниот денар што го имаат. Како непишано правило е дека ти мораш да купиш подароци за сите. На 24-ти е Бадник, 25-ти е Божиќ тогаш се отвораат подароците. Празникот е повеќе за чувството, за времето да го поминеш со семејството, а не толку да се потенцираат подароците. И на пример има деца што на нивните листи за подароци имаат пишано некој скап телефон и ако не им го  купат, тие се лутат - разгалени се.


RK: Напоменав дека годинава го празнуваш Божиќ со семејните тука. Како ти се чини Крива Паланка после скоро седум години?

Сара: Изменета, но сепак позната.


RK: Пред самиот крај сме, би те прашал, кога би се вратила назад во времето – која беше твојата најголема грешка поврзана со целото ова искуство?

Сара:  Ако треба да се вратам назад во времето и да треба да преживеам повторно се што преживеав – не би се вратила. Кога станува збор за грешките, па не бев запознаена доволно со законите. Можев да си го олеснам животот додека не ми беше истечена визата. Но, јас немав никаков план дека ќе останам, до последен момент се двоумев и пресеков дека ќе останам.


RK: Порака за крај?

Сара: Па тоа, секој детаљ треба да го проучиш за да си го олесниш животот таму кога веќе си решен дека ќе останеш. Кога се решиш, треба да знаеш дека мора се да даваш од себеси. Ќе ти е тешко на почетокот, но треба да мислиш на крајната цел. Ти треба истрајност. Ако истраеш, овој живот е за тебе.


RK: Сара, ти искажувам голема благодарност за ова интервју. Те оставам да ги поминеш празниците со најблиските и ти посакувам успех на сите полиња во понатамошниот живот.

Сара: Ти благодарам и на тебе, ми беше задоволство. Им го честитам Божиќ на сите кои го читаат ова интервју и ти посакувам се најдобро и на тебе.



ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

БЛОЖИЌ #65 - Прва награда: Јасмина Станимировиќ
БЛОЖИЌ #64 - Втора награда: Мила Виларова

БЛОЖИЌ #63 - Трета награда: Сања Стојанова

БЛОЖИЌ #62 - Сите книги од Фредрик Бакман!
БЛОЖИЌ #61 - Божиќ со Сара Костадиновска
БЛОЖИЌ #60 - Артист Бенд: „Очекувајте нешто ново за Божиќ“
БЛОЖИЌ #59 - Новогодишниот базар од моја перспектива

БЛОЖИЌ #58 - НО,ОВАА година
БЛОЖИЌ #57 - Најдоброто од 2021 

БЛОЖИЌ #56 - НЕ ФРЛАЈ ПЕТАРДИ (& Secret Santa) со Елена и Стефан

БЛОЖИЌ #55 - Данбо на Новогодишниот базар во Крива Паланка

БЛОЖИЌ #54 - Помеѓу фантазијата и трилерот со Марија Ралповска

БЛОЖИЌ #53 - Пред x Потоа

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib