БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2022).
Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.
ПОВЕЌЕ ЗА КОНКУРСОТ ЌЕ ДОЗНАЕТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК:
ВТОРА НАГРАДА:
Здраво Дедо Мразе. Како си? Сигурно и оваа година добиваш
многу писма и имаш полни раце работа. Се надевам ќе имаш време да го прочиташ и
моето писмо иако го испраќам некој ден по Новата година. Немој да мислиш дека
сум те заборавила Дедо Мразе. Сѐ уште ги памтам сите писма што ти ги имам испратено кога
бев дете. Можеби и ги чуваш некаде тие хартиени потсетници,
стуткани и скриени симболи на едно поминато детство. Всушност
не мислам, туку знам дека ги имаш крај себе и можеби некогаш ги отвораш и
погледнуваш, носталгично насмевнувајќи се на несмасниот ракопис во криви линии
и искреноста на напишаното која постои само во детскиот дух и срце. Никогаш не
престанав да верувам во твојата способност да измамиш насмевки и среќа бидејќи
мене никогаш не си ме изневерил. Секогаш знаев дека ќе дојдеш и ќе го посетиш
мојот дом и ниту за момент не се посомневав во тебе. Немам сомнежи ни сега, после
толку многу години. Не сум ти пишала затоа што предност имаат децата и нивните
барања се оние коишто треба најбрзо да стигнат на твојата адреса. Без детска
среќа, нема никаква надеж за било каква убавина во овој свет. Денес добив
неизмерна желба и потреба да ти пишам. И спреми се, затоа што имам мнооогу
големи желби кои сакам да ми ги исполниш и иако одамна престанав да одам со
детски чекори, сѐ уште го гледам светот со детски очи.
Се сеќавам дека кога бев мала барав по една работа и не
сакав да ти одземам многу време за да стигнеш да го посипеш со смеа и радост секој
дом. Секогаш посакував нешто што знаев дека можеш да го најдеш лесно, а
најчесто беа плишани играчки за да имам свое животинско царство. Седам и го
пишувам ова писмо и пред мене се отвора жива слика од минатото, толку реална
што мислам дека можам да ги победам законите на физиката, да посегнам во тие одамна
поминати мигови и да го допрам првиот подарок од тебе. Бело, плишано маче со
сини очи завиткано во новогодишна црвена хартија со венец. Среќата беше колку
целиот универзум, па и до ден-денес паметам се до најситни детали. Носталгична
насмевка несвесно се искрадува на моето лице додека се присетувам на ноќта пред
твоето доаѓање кога не можев да заспијам и бев цврсто решена да те чекам со
новогодишни колачи, па баба ми ме убедуваше дека побрзо ќе дојде утрото ако
заспијам како сите умни деца и сонувам за твоето доаѓање. Секогаш ја слушав и ѝ
верував на баба ми затоа што таа е како тебе Дедо Мразе, спремна да ги исполни
сите желби изречени од мојата детска, неуморна уста. Следното утро, со поспано,
но решително лице, со брз и пргав чекор, трчав по дрвените скали во куќата на
баба ми за побрзо да стигнам до новогодишната елка и со растреперени,
нетрпеливи раце го отворав мојот подарок. Се чувствував како да го поседувам највредното
нешто на целиот свет стегајќи ја плишаната играчка во прегратка. Не знам зошто,
но откако ќе ја раскинев украсната хартија за што побрзо да го гушнам малото богатство
внатре, секогаш имав потреба да ја гушнам најсилно баба ми, можеби детскиот,
непогрешлив инстинкт ми велеше дека таа е заслужна за секое твое доаѓање. Тоа
неописливо чувство на радост е сѐ уште присутно во мене затоа што материјалното
можеби се заборава, но емоцијата на вистинските и искрени моменти засекогаш
оставаат неизбришлив белег во детските срца. Тогаш мислев дека двигател на
мојата неизмерна среќа е малиот подарок, но сега знам дека биле самите моменти
покрај накитената елка со баба ми.
Затоа моите желби оваа година се за сите денешни деца. Некако
гледам дека тие искрени и паметни главчиња прерано ја изгубиле вербата во
твојата магија. Посакувам да им ја вратиш сигурноста дека секогаш си тука за
нив и дека нема да ги изневериш. Посакувам исполнети желби и подароци за секое
дете коешто верува во твојата празнична моќ, но и за тоа коешто не верува.
Посакувам искрена, детска радост како што чувствував јас за сите послушни, но и
немирни дечиња. Деца се. Треба да ја осознаат твојата безусловна љубов и носење
на празнична среќа. Тоа го научив од баба ми. Таа секогаш велеше дека кога дава
и подарува тоа е безусловно и од срце. Сакам да ги запознаеш со убавината на
вербата во тебе и надежта во твоето фасцинантно пристигнување низ оџакот
бидејќи таа сама по себе е уште поубава од самиот подарок. Врати им ја
изгубената доверба и собери ја празничната еуфорија од моето детство за ова
ново време. Научи ги за прекрасноста на верувањето во незамисливото бидејќи таа
детска имагинација полека тоне и се губи станувајќи карактерстика на минатото и
на пораснатите деца. Помогни им да ја сфатат убавината на малите нешта и на она
што ги прави деца бидејќи имаат цел живот да бидат возрасни. Научи ги дека
скапите телефони, играчки и видеоигри се убави, но дека малите подароци купени
од љубов, завиткани со топлина и подарени од душа се уште поубави. Подари им го
тоа необјасниво чувство на топлина и радост во новогодишните мигови кое до ден-денес
не можам да го опишам бидејќи е чиста емоција, а емоцијата е над зборовите.
Научи ги дека детството е да се биде дете. Подари им го моето детство, а
најмногу од сѐ сакам да им подариш баба како мојата. И за крај, да побарам
нешто и за себе. Посакувам долг век, здравје и среќа за мојата најсакана баба
којашто ме научи и ми покажа дека полното срце е многу повредно од полните
раце.
Мила Виларова
23 години
Велес
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: