Post Page Advertisement [Top]

   БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2022).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.



Во ова продолжение на Бложиќ, гостинка ни е младата писателка Марија Ралповска. Нејзиното продолжение на „Најстудената зима во мојот живот“ беше едно од наградените три на конкурсот од минатата сезона на Бложиќ. Професионално, изминатата година беше многу успешна за младата авторка. Таа издаде две книги, за кои ни зборува во продолжение. Дајте ѝ можност на оваа млада писателка да биде дел од вашите читателски светови! Прочитајте!

 

RK: Здраво Марија, како си и како ја доживуваш празничната еуфорија?

Марија: Здраво Роберт, одлично сум, ти благодарам за прашањето. Можам да кажам дека празничната еуфорија веќе некое време се чувствува во воздухот. Елката ми е накитена, подароците се завиткани и „ситно“ одбројуваме до Новата година.


RK: Со оглед на тоа дека си и писател за деца, дали празничната магија те инспирира да напишеш нешто новогодишно за најмалите читатели?

Марија: Секако дека ме инспирираше. Всушност, веќе подготвувам една Божиќна приказна којашто наскоро ќе може да ја прочитате.


RK: Кога веќе ја начнавме темата за литература за деца, изминатава 2021 година ти издаде токму книга наменета за детската публика. Раскажи ни за неа и како се одвиваше целиот процес.

Марија: Книгата „Самовилата од Виленија“ е своевиден минироман за деца. Во неа се зборува за осумгодишната Харли која пронаоѓа волшебна школка што ја носи во друга, мистериозна земја со име Виленија. Во неа постојат самовили, виленици, животни што зборуваат и волшебни моќи. Кога Харли ги добива своите самовилски крилја, сфаќа дека таа е многу повеќе од обично девојче кое, според едно дамнешно претскажување, треба да ја спаси Виленија од опасноста што бдее над неа.

Приказната за Самовилата се роди одамна, кога и јас сѐ уште бев дете. Тогаш всушност,започнав со пишување. По околу десетина години, одлучив да ја извадам приказната од фиока и како миникнига да ја споделам, пред сѐ, со децата, но и со останатата читателска публика.


RK: Како ја прифатија најмалите читатели и како си ти задоволна?

Марија: Навистина сум задоволна што книгата им се допадна на малите читатели, така што мислам дека приказната успешно ја разигра нивната фантазија и дека уживаат следејќи ја авантурата на самовилата Харли.


RK: Каде може да си ја купат тие што сакаат да ја прочитат?

Марија: „Самовилата од Виленија“ е достапна во книжарницата на „Едука Мак“, воедно и издавач на книгата, а може да се порача и од нивната онлајн страница на следниот линк: http://www.knizarnica.mk/ngjyreske

 


RK: 2021 г. дефинитивно беше успешна година за тебе. Покрај книгата наменета за деца, излезе во продажба и еден трилер, насловен „Сенки во подземјето“. Раскажи ни за оваа книга.

Марија: Идејата за трилерот се роди уште во 2017 година. Тогаш сѐ уште бев студентка на Факултетот за безбедност и сакав да направам спој меѓу професијата што ја одбрав и желбата за пишување. Нафрлив неколку клучни реченици околу главната идеја и подоцна, како што пишував, така ја разработував идејата и ги редев сликите во романот. Ме мотивираше вечната борба меѓу доброто и злото. Таа борба не е црно-бела, како што не е ниту светот во кој живееме. Со романот сакав да ја доловам сликата на сиватазона, она што се наоѓа меѓу двете гранични линии, како и фактот што понекогаш мора да влеземе во сивилото за да се избориме за она што е праведно и добро. Романот го завршив кон крајот на 2019, а наредната година конкурирав со него на Конкурсот за најдобар необјавен роман што беше распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“. По завршувањето на конкурсот, „Арс Ламина“ ме контактираше за издавање на романот. По сите подготовки, романот излезе од печат во септември 2021 година.



RK: Ќе може ли накусо, сите љубители на трилери да ги заинтригираш да ја купат и да ја прочитаат токму „Сенки во подземјето“? Кои теми ги обработува самата книга?

Марија: Книгата ги следи приказните на тројцата главни ликови кои сè до моментот на нивното случајно поврзување, функционираат секој во својот свет и со свој поглед кон светот. Банкарот, чесен и искрен човек, е посветен на работата и на семејството. Обвинителот е беспоштеден во својата борба против сите криминогени појави и структури во општеството. Крадецот е лукав и снаодлив млад човек кој својата егзистенција ја обезбедува со помош на своите вештини, кршејќи го законот. Тројцата немаат ништо заедничко, освен жената по која трагаат. Обидувајќи се да ја фатат и да го срушат наркокартелот што владее во Париз, тројцата ќе мора да играат надвор од рамките на правилата и на законите. Целиот тек на настаните води до две клучни прашања: дали целта ги оправдува средствата и каде е црвената линија што обвинителот нема да ја премине во оваа опасна игра?

RK: Звучи примамливо. Каде може да си ја купат тие што сакаат да ја прочитаат?

Марија: Романот може да се купи во книжарниците на „Литература.мк“, а е достапен и за онлајн нарачки на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14688



RK: Пред гореспоменатите две книги, исто така, имаш издадено и три романи  „Фрагарија“, „Осумте чувари“ и „Рај во пеколот“ кои се имат закитено со неколку награди.  За какви романи станува збор?

Марија: Романите „Фрагарија“ и „Осумте чувари“ се поврзани и тематски спаѓаат во жанрот фантазија. Во нив се открива една нова, мистериозна земја којашто се вика „Фрагарија“ и каде главните ликови имаат волшебни моќи и нѐ водат низ најразлични авантури. „Рај во пеколот“ пак, е роман во кој се испреплетени нишките на реалното и надреалното и во него е опишана животната приказна на главниот лик низ паралелните светови на сонот и на јавето. Тоа е роман во којшто се зборува за љубовта, семејството и пријателите и за прашањето што си го поставува Марко: како продолжува мојата приказна кога ќе го завршам животот овде, на Земјата?“



RK: Од денешна перспектива како гледаш на нив? Дали има некои моменти во кои си велиш како сум можела да го напишам ова, а во други моменти да се гордееш што на помала возраст си напишала нешто што од денешен аспект сметаш дека е навистина добро? Верувам дека ова е застапено кај секој писател...

Марија: Мојот прв роман „Фрагарија“ го напишав кога имав тринаесет години. Од денешен аспект, како возрасна личност, интересен ми е стилот на пишување. Целата приказна произлегла од мојата детска имагинација и е раскажана со детски јазик. Да, на моменти се чудам токму на детскиот стил на пишување. Сепак, ништо не би променила во книгите затоа што тие се сведоци за бујната фантазија на девојче што успеало да создаде еден цел нов свет.



RK: Исто така, пишуваш раскази за кои си била и наградувана. Ме интересира како изгледа твојот процес на пишување?  Кога ќе добиеш инспирација, како селектираш во која форма најдобро може да го изразиш она што сакаш да го пренесеш преку пишаниот збор?

Марија: Во принцип, немам „писателски блокади“. Инспирација може да добијам додека сум на работа, додека возам, додека гледам филм...Важно ми е што поскоро да ја запишам идејата. Кога веќе го имам јадрото, односно главната поента околу која ќе се водам во творечкиот процес, понатаму е лесно. Останатите идеи, целиот тек на настани ми надоаѓаат со пишувањето. Дури и да не сум сигурна дека расказот или романот ќе го имаат тој првичен тек, кога еднаш ќе го оформам со зборови, подоцна лесно го адаптирам или го надополнувам.


RK: Од твоето искуство, што е потешко - да се задоволат книжевните вкусови на децата или на возрасните?

Марија: Детската фантазија навистина работи со полна пареа и секоја приказна што ги води во нова волшебна авантура, ја прифаќаат со задоволство. Возрасните пак, тие веќе имаат дефиниран вкус, жанр на книги и писатели коишто ги читаат, па од тој аспект потребно е повеќе време за да се допре до нив, особено за автор кој влегува во писателските кругови.


RK: Кој ти е омилен жанр за читање, а кој за пишување и дали имаш некој писател кој го сметаш за идол?

Марија: Омилени жанрови и за читање и за пишување ми се фантазија и трилер. Има неколку писатели чиишто приказни, креативност и пишување ме восхитуваат и кои кај мене разбудиле продлабочени идеи, но и самокритики. Од нив би ги издвоила Ју Несбе, Линвуд Баркли, Себастијан Фицек, Ден Браун.


RK: Дали има некој жанр во кој би сакала да напишеш некоја книга во иднина и дали подготвуваш нешто ново за 2022 година?

Марија: Сега-засега останувам на двата жанра на пишување: фантазија и трилер. Во подготовка се уште една миникнига за деца и нов кримитрилер, како и еден расказ во збирка раскази за деца. Се надевам дека во 2022 година сите три творби ќе излезат од печат.


RK: Ти благодарам многу Марија што прифати да бидеш дел од овогодишниот Бложиќ. Ти посакувам успех со овие, како и со сите следни романи. За крај, ако може една честитка/порака до сите оние кои ќе го прочитаат ова интервју?

Марија: И јас би сакала да ти се заблагодарам за поканата да учествувам во Бложиќ. На читателите им посакувам да имаат успешна и среќна Нова година, да веруваат во себе, да веруваат дека она што ќе го замислат може и да го остварат, да се осмелат да сонуваат и да го менуваат светот на подобро. Истата честитка ја упатувам и до тебе, драг Роберт, продолжи со она што го работиш, со твојот блог, нешто што навистина е поразлично и креативно, а тоа секогаш ни е потребно.

RK: Ти благодарам за убавите зборови.


* фотографиите во оваа објава се направени од АРС ЛАМИНА и самата Марија Ралповска.



Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib