Мариа Дуда Дибиаџио е родена и израсната кривопаланчанка чии места на живеење биле повеќе локации ширум светот. Нејзината хуманост и љубов кон животните и природата ги удираат темелите на ранчот „The Countryside“, кој се наоѓа во непосредна близина на Ранковце. За животот, животните, ранчот и хуманоста – Мариа ни зборува во продолжение! Уживајте!
RK:
Здраво Мариа, од каде потекнува твојата љубов кон животните?
Мариа: Уште од рано детство потекнува мојата љубов кон
животните. Лета поминати на село, цело време со животни. Со братучетка ми како
мали јававме коњи „на крадење“, хаха. Тие беа врзани, ние ги крадевме, јававме
и ги враќавме. Од коњите започнува мојата љубов кон животните. Инаку, во
последните три-четири години чувам кучиња внатре дома, порано традиционално, се
знаеше куче пред врата. Но, мојата љубов кон нив е спасувањето бидејќи кај нас,
во нашата држава, владее хаос со бездомни и напуштени животни. Приоритет ми е трансформацијата
на подобро на животите на самите животни.
RK: Како
започна твојата Американска приказна?
Мариа: Како и на сите луѓе од Македонија, преку Work
and Travel програмата, во 2009-та
година. Не ми се допадна престојот во Америка тој период, после три месеци
отидов низ Латинска Америка – Мексико, Гватемала и Куба. Имам живеано во
Мексико три месеци, супер е таму! Малку недостасуваше да останам да живеам
таму, ми понудија постдипломски студии, но не прифатив. Инаку имам завршено ДИФ
- Факултет за физичка култура, магистратура за моден дизајн, но сè уште не
завршена. Потоа, 2011-та повторно се враќам во Америка преку Wоrk
and Travel програмата и останувам.
Официјално, мојата приказна започнува во 2012-та во Њујорк, како личен тренер
во една од најелитните теретани таму. Таму се запознавам и со мојот сопруг.
RK: Зошто
реши да се вратиш и да инвестираш токму тука?
Мариа: Има нешто што ми ја полни душата тука. Не е градот, не е
Паланка, не е Скопје... има нешто околу природата што мене ми е многу убаво на
душата. Њујорк ми е град што ми одговара на темпераментот, на социјалниот
живот, а Македонија и природата е нешто посебно за мене.
RK: Што е
она што најмногу ти недостасува кога си во Америка, а што Американско најмногу
ти недостига кога си тука?
Мариа: Последните три години, кога сум во Америка ми
недостасуваат животните од тука. Кога сум тука, ми фали духот на Њујорк, менталитетот
на Американците, ми фали брзото темпо, културата... тоа што не се занимаваат со
политика, а со идеи и иновации.
RK: Ќе
можеш ли да ни направиш некоја паралела помеѓу третманот на животните во
Америка наспроти животните во Македонија?
Мариа: Сакав да волонтирам во Америка, но треба да потпишеш минимум шест месеци бидејќи не можеш да одиш и да волонтираш неколку дена и толку бидејќи животните ќе се поврзат и навикнат на тебе. Соработувам со некои здруженија за животни од Америка, но професионално немам работено со животни таму. Таму немаат улични животни. Тоа е најважното, сите се згрижени или во шелтери и ја немаат таа проблематика која за жал кај нас е присутна.
RK: Како
се роди идејата за The
Countryside?
Мариа: Во 2019-та. Низ цел свет имам шетано, во
Македонија доаѓам и си одам. Се вратив од Африка, таму одам за коњи, нудат
пливање со коњи на таа програма кај што бев. Од таму се враќам во Македонија и
цело време одам да јавам диви коњи во планина и ми дојде идеја да си купам коњ.
Но, не сакав да купам било каков коњ туку некој којшто ќе биде спасен. Така
почна целата приказна, Пикасно ми е првиот коњ. Лани, кога почна пандемијата се
враќам јас од Америка и другарките ми дојдоа, бегаат од Скопје. И мене ми дојде
идејата, постојано имам гости и зошто да
не биде достапно сето ова и за други посетители. Така одлучуваме да се направи
и базен, посебно за лица со посебни потреби бидејќи во нашата држава се
занемарени од сите институции. И планирам следното лето целиот простор да биде
целосно инклузивен и за лицата со посебни потреби.
RK: Што е
всушност The
Countryside? Што содржи и како функционира?
Мариа: The Countryside е ранч кој опфаќа терапија со помош на спасени животни за
инспирација/мотивација на луѓе. Посебно во последните две години, за време на
короната многу луѓе страдаат од поголем стрес, анксиозност и панични напади.
Имам пријатели на кои одлично им дејствува целата оваа приказна. Овој ранч нуди
хипотерапија со коњи, независно дали лицата се со посебни потреби или не. Од
чешлање, грижа за животните, собирање сено, поминување време, спортски
активности – The Countryside ги нуди сите овие активности, со преноќување/преспивање.
RK: Кој се
грижи за животните и колку посветеност е потребна?
Мариа: Јас сама. Имам помош од моите и пријатели, најчесто кога
јас сум надвор од државата. Но, кога сум во Македонија јас сама бидејќи ми е
големо задоволство.
RK:
Раскажи ни нешто повеќе за тоа како ги вдоми некои од животните!
Мариа: ЅВОНКО (куче) – прва љубов, вдомена од улица во Ранковце,
беше со залепени црева, не можеше да јаде неколку дена, феномен од куче.
ФРИДА (коњ) – спасена од планина, заглавена пет дена во река, требаше да ја продадат за месо. Случајно наидов на неа и беше спасена од прекупци.. Она е див коњ, израсната во планина, никогаш немаше оглав на неа ставено и таа си појде по мене и по Пикасо. Си продадов машина за шиење за неа.
ПИКАСО (коњ) – е од Герман, прво коњче на околу две и пол години е, беше див, трауматизиран, ако кренеш рака ќе збесне, мисли ќе го удриш.
МОНТАНА (коњ) – е тука од
август оваа година, од Албанија е, има околу дванаесет-тринаесет години, беше
слаба и ја земев од тука, во околината. Требаше да ја дадат бидејќи е измалтретиран
коњ што не може да носи, ниту да влече.
ЃОРЕ (мачор) – вдомен од
Скопје, од Лептокарија.
КИРО ГЛИГОРОВ (мачор) –
Киро, по хотели го имам криено бидејќи требаше на терапија да го носам, а имав
обврски...
Морам да напоменам дека
многу ми помага Светлана од Ветеринарната станица во Крива Паланка, за било што
да ми треба, тие излегуваат во пресрет.
RK: Како
се одвива процесот на приспособување т.е припитомување?
Мариа: Со внимание, трпение, љубов... Пикасо е послушен, но му
треба авторитет бидејќи бил тепан, а кај Фрида е обратно. Кај неа е потребно да
оставиш простор да видиш што се случува... тотално различно.
RK: Ако
мора да издвоиш едно животно со кое си најемотивно поврзана, кое би било тоа?
Мариа: Ѕвонко. Прва љубов, беше многу истрауматизирано куче.
Никогаш претходно немам чувано женско куче, тоа е женско куче - да (иако има
машко име). Сите мои животни се 95% женски, заради самиот стереотип дека се
размножуваат и подобро е да се чува машко. Ѕвонко е емотивно куче, адаптибилно,
со лица со посебни потреби функционира феноменално. Ако нешто не ти е како што
треба, ако нешто те боли, ќе дојде ќе те задуши, ќе седне до тебе, го разбира
твоето (не)расположение. Нема да скока и да ти досаѓа, ќе покаже емпатија.
RK:
Летово, за првпат ранчот беше отворен за посетители. Како
помина сезоната и какви се плановите за во иднина?
Мариа: За прва година, односно во август месец
беше отворен The Countryside за посетители и се помина супер. Беше букирано, имаше
посетители како од Македонија, така и од странство - од Русија, Молдавија,
Англија, Германија, Холандија и Шведска. Странците сакаат вакви, не
комерцијализирани работи. Се подготвуваме за следната година, новиот простор да
биде сè со природна база, биоразградливи предмети, соларна енерија и инкулзивен
за лица со посебни потреби.
RK: The Countryside беше
дел од Младинскиот самит за климатски
промени. Раскажи ни повеќе детали!
Мариа: Младински самит за климатски промени во Скопје – од Милано
до Глазгов и понатаму. Си ја претставуваш својата идеја како еко-иновација за
климатски промени и The Countryside беше дел од самитот, што ми причинува големо задоволство
бидејќи е нешто иновативно, кај нас нема хипотерапија, особено за лица со
посебни потреби.
RK: Кое
животно би сакала да е дел од The
Countryside, но сè уште не е?
Мариа: Магаренце, хах. Сакам животните да живеат убаво, не
присилено да ги носам тука колку само да ги има.
RK: Што е
„Happy Paws“?
Мариа: Тоа е здружение од неколку волонтери од Крива Паланка и
Ранковце, кои помагаме со вдомување, хранење, организирање транспорт на
бездомни животни. Стефан, Светле, Бети, Мерлина, Марија и други... Ако нè послушат установите, би сакале да
направиме шелтер за сите напуштени животни. Едно време тука кај мене имаше
тринаесет кучиња бидејќи немаше каде да бидат згрижени – си треба шелтер.
RK: Хуманоста
е твоја силна страна. Беше дел од акцијата за изградба на куќа на Атиџе од
„Медена земја“. Како помина целиот процес?
Мариа: Јас бев единствената што отвори страница за донации во
Америка, да ги обединам нашите таму да донираат средства за да се обнови
доделената куќа на Атиџе. Тоа беше стара куќа, во која немаше услови за живот.
Мајстори од Крива Паланка беа вклучени во оваа акција, со собраните средства ја
реновираа куќата во Дорфулија и Атиџе се всели.
RK: Зошто
луѓето треба да ја негуваат љубовта кон животните?
Мариа: Се враќа тројно повеќе. Љубовта кон животните е убава
карма. Не само кон животните, општо кон природата. Луѓето мислат дека се над
неа, а не во корелација со целата синергија меѓу нас, животните и природата.
Така што, мислам дека луѓето се освестуваат, особено младите во Македонија, но
потребно е уште повеќе да се крева свесноста. Дали тоа ќе е преку вакви примери
како The
Countryside, или семејни комплекси за одржување на рурален
туризам... така се креира свест кон природата, воедно и општеството.
RK: Ти
благодарам многу Мариа. Пораката е веќе јасна, но за крај што би порачала на
оние кои сè уште не веруваат во моќта на љубовта која животните ја нудат?
Мариа: Ако се отворите кон природата без предрасуди, ќе ви се
врати убава енергија. Сите спасени напуштени животни даваат тројно повеќе љубов
од оние израснати со вас. Секој треба да даде шанса на животните и природата.
RK: Во продолжение погледнете уште неколку
фотографии кои ги доловивме на ова прекрасно место.
КП ликови: Лука Стојановски - „Скејтот е необичен спорт со кој многу луѓе не се запознаени“ |
КП арт: Кирила Цветковска - „Професионализираноста на уметноста е еден вид на пандемија во денешниот свет“ |