Стефани Ѓеоргиевска е дипломиран психолог и е на патот да стане гешталт психотерапевт. За психологијата и табуата кои ја следат, улогата на психологот, депресијата и за нештата поврзани околу неа - Стефани ни открива во ова издание на КП ликови.
RK: Што претставува психологијата, а што психологот?
Стефани: Психологијата е наука која се занимава со човековите мисли, чувства, потреби. Психологот е личност која нѐ води заеднички да дојдеме до посакувана цел, до разрешување на некој конфликт, надминување на некој страв, донесување на значајна животна одлука, односно таа е тука за да ни помогне полесно да се соочиме со сите животни предизвици.
RK: Која е разликата помеѓу психолог и психотерапевт?
Стефани: Ова се две науки кои меѓусебно се надополнуваат, но функционираат засебно. Првично разликата е во едукацијата. Во нашата земја за да станеш психолог треба да дипломираш психологија, а образованието можеш да го надополниш со психотерапија. Има голем број на психотераписки правци, а во однос на тоа и различни техники и методи кои се користат. Мојот избор е Гешталт психотерапија поради нејзините основни начела и можноста за личен и професионален развој.
RK: Како се одлучи да студираш психологија?
Стефани: Уште од малечка сакам да им помагам на луѓето особено на децата со попреченост. Емпатична личност сум и во психологијата се пронајдов бидејќи е сестрана наука потребна во сите сфери на нашето живеење, а со тоа нуди и широк спектар на можности за примена.
RK: Како те промени психологијата?
Стефани: Психологијата, но и психотерапијата ми нудат секојдневен раст и развој, како на личен така и на професионален план. Почнав повеќе да ги гледам и да станувам свесна за своите капацитети. Почнав уште повеќе да верувам во она што навистина сакам да бидам и она што сакам да го постигнам. Психотерапијата ме научи дека е важно да си поставиме лична граница со себе и со околината и да знаеме да понесеме одговорност за нештата што ги правиме.
RK: Тука ми се наметнува прашањето, како да се научиме да кажеме НЕ и како да се справиме со вината која ја чувствуваме во тој момент поради таа наша одлука?
Стефани: Многу е важно во ситуациите кога сакаме да кажеме НЕ а не кажуваме, да се запрашаме што е тоа што нѐ спречува да кажеме НЕ. Како можам јас во однос кон тој човек да постапам на начин на кој мене нема да ме оптоварува и да ми претставува проблем. Доколку кажам НЕ и се чувствувам лошо, што имам добро од тоа? Многу е важно да не се ставиме во ситуација на задоволување на туѓите потреби туку да размислиме што е нашата потреба во тој момент. Отстранувањето на вината во овој случај е работа на себе. Не може одеднаш да се промениме, но секогаш кога ќе се почувствуваме виновни треба да се замислиме зошто ја чувствуваме таа вина. Кога ќе се запрашаме и ќе ги најдеме вистинските одговори на овие прашања, тогаш можеме да почнеме да употребуваме различни механизми за искоренување на вината. Да научиме која е границата до каде што треба да се грижиме како се чувствуваат другите бидејќи исто така е важно, односно најважно, како се чувствувам јас во тој момент. Ако самата јас се чувствувам добро во својата кожа, луѓето ќе ме прифатат и разберат. Понекогаш може да биде многу тешко „учењето да се каже НЕ“, но важно е да се прифатиме себеси и чувствуваме пријатно и добро со секој избор што ќе го направиме.
RK: Раскажи ни како луѓето те доживуваат како психолог?
Стефани: Најчесто луѓето бараат совет од мене како да им помогнам при решавање на некој проблем. Понекогаш знаат да кажат „Ти си психолог, можеш да препознаеш што не е во ред со мене“.
Заблуда е дека психолозите читаат мисли. Тие имаат свои методи со кои работат. Не можат од прв поглед да ја „прочитаат“ личноста туку преку разговор, интервјуа, експерименти и разни техники со кои им помагаат на луѓето да надминат некои свои лични кризи.
RK: Дали посетата и потребата од психолог/психотерапевт е табу тема?
Стефани: Од една страна има голема заинтересираност за психологијата и потреба од психолог, но луѓето не ги разликуваат поимите мотивациски говорник, психолог, психотерапевт итн. Табу е дека на психолог одат само луѓе што имат одредени ментални нарушувања. Доколку имаат потреба, а не можат да се искажат пред некој друг најдобро е да посетат психолог или психотерапевт. Стигмата постои, но ние сме тука да ја рушиме малку по малку. Психолог или психотерапевт може да посети секоја личност која има било каква животна потешкотија, криза, премин од еден период во друг или едноставно се соочува со стресни настани кои не може сама да ги надмине. Многу често знаат да кажат „Зошто да одам на психолог/психотерапевт, си ги имам пријателите и роднините“. Тие секогаш можат да ни помогнат - да ни дадат совет и да не сослушаат, но тие тоа ќе го кажат врз основа на нивното искуство кое може да биде субјективно. Психологот или психотерапевтот не ви нуди решение туку дава една објективна рамка и тој ја има улогата на водич, тој процес се нарекува ко-креација. Така преку таа повратна врска заедно доаѓаме до она што на таа личност и’ е потребно. Психологот може да даде насока, да помогне ама не и да даде готови решенија и совети тука поддршка заедно да гледате кон она што сакате да го постигнете.
RK: Дали причината е тоа што луѓето немаат доверба да си ја отворат душата пред психолог?
Стефани: Довербата е едно од најзначајните начела на психологијата и психотерапијата. Доколку ја нема, не може да функционира самата работа на психологот и психотерапевтот. Секој клиент има право на избор кај кој психолог или психотерапевт ќе оди. Тој треба да знае дека ќе биде максимално прифатен без разлика на причината за неговата посета. Ние сме тука да ги прифатиме луѓето со се она што го носат со себе без да ги осудуваме или исмејуваме за нивниот избор. Се што ќе биде споделено ќе биде со најголема дискретност,без никаква злоупотреба.
RK: Кога имаме физичка болка веднаш посетуваме доктор, а кога имаме душевна болка не веднаш ни доаѓа помислата да одиме на психолог. Зошто?
Стефани: Така е. Кога не боли некој дел од телото одиме на доктор, но болката може да биде и резултат на потиснати емоции. Телото и душата се поврзани. Тоа значи дека и главоболката или пак некоја друга физичка болка може да биде последица на потиснати мисли и емоции кои не сме успеале да ги искажеме. Од притисокот на тие заледени емоции може да дојде до некоја физичка болка. Затоа е важно да препознаеме каква е таа болка и од каде реално доаѓа за да можеме и да побараме соодветна помош.
RK: Резултатот од потиснатите емоции води кон ДЕПРЕСИЈА. Кога и како започнува оваа душевна состојба, како да ја препознаеме и кога е вистинското време да побараме помош?
Стефани: Депресијата се смета за состојба која може да трае и со месеци. Може да биде наследна, но може да произлезе и како последица на општествени фактори како што е стресот, загуба на блиска личност, загуба на работно место и други животни ситуации со кои личноста има потешкотија да се справи. Исто така депресијата може да не се појави веднаш, туку после одреден период. Значајно е да се информираме и да знаеме дали тоа е само момент на тага или пак нешто кое постојано нѐ измачува. Секој човек различно реагира и има различни механизми за справување со моментите на болка и тага. На некој му помага музиката, на други јога, прошетка, добра книга, филм... Сепак ако подолго трае и создава потешкотии при секојдневното функционирање тогаш треба да се побара помош од стручно лице. Депресијата може да се јави кога не сме присутни во сегашноста, кога размислуваме за иднината или пак многу се навраќаме кон минатото. Сметам дека најголемиот проблем не е во депресијата туку во барањето помош и начинот на справување со неа.
RK: Како најлесно да се справиме со негативните емоции?
Стефани: Секоја личност има сопствени механизми за справување со негативните емоции, значајно е да си дозволиме да ги почуствуваме и да видиме што тие ни носат. Еден од начините кои мене ми помагаат е таканареченото „свесно дишење“ , длабоко вдишување и издишување кое ми помага да се смирам и да ги намалам негативните емоции кои ме преплавиле во даден момент.
RK: Како да се справиме со (не)остварувањето на очекувањата и желбите?
Стефани: Значајно е да ги следиме сопствените желби, а не туѓите очекувања. Најголема грешка е споредувањето со другите бидејќи тоа ни буди гнев и незадоволство. Успехот е индивидуален и треба да си ги вреднуваме сопствените постигнувања и квалитети, сите ние сме различни и во тоа е убавината. Да се трудиме да успееме, но и да знаеме да бидеме задоволни од самите себеси. Честопати имаме преголеми очекувања за себе, наметнати од средината во која живееме - треба да дипломираш, да се вработиш, да имаш стабилни финансии, да го пропатуваш светот, брак, деца... Сите ние се стремиме кон најдоброто за да оствариме некој успех, но напреднуваме на различни нивоа. Да го прифатиме туѓиот успех, но и да си го вреднуваме сопствениот.
RK: Какво е твоето размислување за Законот за привлечност /law of attraction/ односно праќаме порака на универзумот и тој ни возвраќа?
Стефани: Мое мислење е дека напредокот и успехот доаѓаат со напорна работа и труд, а позитивните мисли и енергија можат само да допринесат кон уште поголем успех.
RK: Какво е твоето размислување за религијата како сфера на пронаоѓање мир?
Стефани: Мој став е дека секој ја има слободата да си верува и да си го најде својот спокој онаму каде што се чувствува најубаво и најсмирено.
RK: Кое е твоето размислување на темата пари, односно материјалното наспроти духовното?
Стефани: За мене главен мотив е духовното богатство, поддршката од најблиските, љубовта која ја добивам и враќам. Ерих Фром рекол: „Не е богат оној кој многу има, туку оној кој безрезервно дава“. Сите материјални добивки и загуби се безначајни доколку нема со кој да ги споделам.
КАМПОТ И БЕГАЛЦИТЕ
Стефани: За мене тоа беше многу значајно искуство кое ме промени како лично така и професионално, а работата таму ми беше исполнување на една животна желба. Мојата улога таму беше психо-социјална помош и поддршка за бегалците, конкретно на мајки и деца. Таму бев една година од 2016 до 2017та. Наша цел беше да ги згрижиме, да им пружиме максимална поддршка и разбирање за да се чувствуваат сигурно и безбедно додека се таму.
RK: Со оглед на тоа дека емпатијата ти е силна страна како успеа да ја одржиш граница до која ти беше дозволено да им помагаш на луѓето?
Стефани: Работата со ранливи категории знае да изцрпува, да те прави емотивно ранлив доколку премногу се даваш, а не си земаш време за себе за да го акумулираш сето искуство кое ти натежнало. Сепак тоа е благородна работа, која на крајот од денот ми претставуваше задоволство. Имаше ситуации во кои мислев дека можам да ги спасам сите, сепак научив дека и нашето малку во одреден момент за нив е многу значајно и потребно. Се фокусирав на мојата задача таму и од тој аспект се трудев да го дадам најдоброто од себе.
RK: Како комунициравте со бегалците, како се разбиравте?
Стефани: Со децата комунициравме со јазикот на играта. Со оние кои останаа подолг временски период заеднички учевме, ние го учевме нивниот, а тие нашиот јазик. Јазичната бариера беше најмал проблем. Потребна им беше поддршка, разбирање, некој убав збор или гест. За да разбереш некој треба да бидеш присутен со него, да го слушаш, не мора да кажеш збор за да ја разбереш туѓата болка. Бевме аниматори, социјална и психолошка поддршка, а награда ни беа насмевките и среќните лица.
RK: Можеш ли да ни издвоиш некои емоционални моменти од ова искуство?
Стефани: Луѓето со големи емоции зборуваа за нивната ситуација, покажуваа фотографии од нивните куќи, универзитети, од градовите кои веќе беа разрушени... Раскажуваа како родителите им останале дома или некои од блиските луѓе ги загубиле по пат. Целиот камп беше една голема бура од емоции.
RK: Стефи ти си голем љубител на животните, што имаш да кажеш на таа тема?
Стефани: Лично за мене животното е еден вид терапија. Имам кучиња со кои сум многу приврзана бидејќи ми носат позитивна енергија, мир и задоволство.
RK: Ти благодарам Стефани, и за крај да го завршиме овој разговор со една порака.
Стефани: Сите ние во себе носиме огромен капацитет за раст и развој. Потребно е само да гледаме повеќе во себе за да го согледаме истиот.