Post Page Advertisement [Top]


Денеска, не само што календарски ја пречекуваме новата пролет, туку го одбележуваме и Светскиот ден на поезијата. По тој повод, денеска имаме чест вљубеничката во пишаниот збор и историчарка на уметност – Кирила Цветковска, да ни пренесе дел од своето искуство во уметноста. Уживајте!



RK: Здраво Кирила. Како уметничка душа, какво влијание има изолираноста (поради пандемијава) врз тебе и твојата креативност? Дали имаш повеќе инспирација за создавање на нешто или е другата крајност?

Кирила: За творење е потребна самотија, но тоа вообичаено е луксуз во денешниот свет и време, додека пандемијата додава и една нова димензија во која веќе постојните економски и политички проблеми само излегуваат на површина. Мислам дека секоја уметничка душа има потреба да живее кон внатре, изолирана во својата глава, но истовремено и кон надвор, одговарајќи на различните тензии во социјалниот контекст. Во сегашните услови на живот и начин на вреднување на секојдневието, каде посилнитеод позиција на моќ многу полесно и хипокритично ги решаваат проблемите, креативната индивидуа има многу причини за фрустрација, но и поттик за создавање, колку тоа во одредени моменти и да звучи едноставно бесмислено.


RK: За секој човек, не само уметник, детството зазема специјално место во животот. Со какви чувства се навраќаш на спомените секој пат кога повторно ќе се вратиш во родниот град, односно Крива Паланка? Како се справуваш со носталгијата?

Кирила: Спомените за мене претставуваат дел од едно засолниште во времето чие значење, влијание, како и товар, дури сега почнувам да ги откривам. Носталгијата може брзо да прерасне во парализа, но и да пробуди одговорност за колективна работа, бидејќи лесно e да се создава во место каде што има избилство на достапни ресурси, додека реалниот предизвик и длабоката вредност според мене се наоѓаат токму при создавањето во нивно отсуство.   


RK: Како се откри себеси како уметник и зошто баш поезијата е најдоброто средство преку кое најдобро можеш да се изразиш себеси?

Кирила: Јас вообичаено делувам според инстинкт и имам потреба од контемплација и губење време. Оваа природа ми има наметнато одреден пoглед кон животот при што уметноста и културата во поширока смисла ни обезбедуваат простор за делување надвор од конзервативните социјални норми. Поезијата како дел од мојот креативен израз ми нуди одредени немирни води што со оваа форма го информираат и надополнуваат мојот мисловен процес.     


RK: Кои уметници / поети / музичари или други личности имаа најголемо влијание во текот на твоето растење? Кои личности би можела да ги наведеш како инспирација?

Кирила: За мене уметноста покрај одредена форма на израз е и начин на живот и (спо)делување. Покрај професионални уметници, поети или музичари, посебно денес кога професионализираноста е и своевидна пандемија, отсекогаш ми оставале впечаток оние кои опстануваат надвор од општествените ограничувања со својата секојдневна и креативна инвенција, во соработка и споделувајќи со другите.


RK: Како и зошто се одлучи да студираш историја на уметност и тоа баш во Рим? Раскажи ни малку повеќе за твоето образование.

Кирила: Повторно ја послушав интуицијата, без многу размислување. На првиот час, кога изгаснаа светлата во училницата, а слајдовите со уметнички слики се менуваа со звукот на еден стар аналоген проектор, пред мене се отвори еден поинаков свет во таа мала просторија. Откривајќи понатаму различни уметнички светови и епохи преку истражување и пишување за нив, се развиваше и мојата љубопитност. Академската рамка нуди одредено знаење, но за мене образованието се крие во многу различни агли и надвор од таа рамка, од пријателства и разговори на настани и на улица, до предизвици од секојдневниот живот во кој уметноста ни ја буди имагинацијата.


RK: Дали Рим беше градот во кој се пронајде себеси како уметник? Каков впечаток ти остави животот во овој град?

Кирила: Се пронајдов таму во одреден период, во град што подеднакво сериозно ја сфаќа потребата за губење времеи за творење. 


RK: Покрај Рим, сигурно ги имаш посетено најпознатите градови-домаќини на уметноста низ целиот свет. Дали има некој град чија уметност оставила посебен впечаток кај тебе, но сепак не е толку афирмиран и познат?

Кирила: Посебен впечаток ми остави Минск, главниот град на Белорусија, каде луѓето и покрај ужасната политичка репресија наоѓаат неверојатно креативни начини на израз и делување.


RK: Каков е твојот впечаток за позицијата на уметноста во светот? Дали општеството го убива уметникот?  Што (не) ти се допаѓа во врска со тоа?

Кирила: Споменав дека според мене професионализираноста на уметноста е еден вид на пандемија во денешниот свет, што поставува многу ограничувања и функционира на принцип на ексклузивитет. На овој начин се отфрлаат или инструментализираат оние кои западот ги нарекува периферија, трудејќи се да ги смести во одреден канон.


RK: Во 2019-та беше кураторка на изложбата на реномираниот академски сликар од Крива Паланка - Роберт Цветковски. Изложбата се случи во “Gallery MC” во Њујорк. Какво влијание имаше тој и соработките со него врз твоето уметничко битисување? Кои се квалитетите кои ги научи од него и ги примени во твојата работа?

Кирила: Соработката со академскиот сликар Роберт Цветковски се базира на споделување креативни идеи во потрага по нови форми на израз. Мислам дека денес како да имаме изгубено дел од сетилото за слух, кое во оваа соработка е темелот на делување и доблест на Цветковски. И покрај тоа што сме од различни генерации, во време и општество со култ на обожување на авторитети, се стремиме да излеземе од зоната на удобност, при што искуството на Цветковски тлее како искра што ги надополнува новите уметнички простори. 

 

   „НАБЉУДУВАЊЕ“ – Кирила Цветковска

 

Собираме зраци светлина

во квечерини

исполнети со досадна веселост.

Веруваш ли во идејата за манија

кога се менуваат годишните времиња?

Пролет е и те гледам

како расцутен нарцис

што експлодира во целост.

 

Гледам согорување на чувства,

пробиваат во мојата глава.

Пролет е и те гледам

како зумбул

што се ниша и ѕвони.

 

Пролет е и те гледам

во далечината

како танцуваш

во ритам на дамнешна мелодија.

Те гледам како паднат ангел,

заразно ширејќи привлечност.

 

 

“OBSERVATION” – Kirila Cvetkovska

 

We fetch rays of light

in evenings of irksome gaiety.

Do you trust the notion of mania

when seasons change?

It’s spring and I see you

as a blooming daffodil,

exploding in full range.

 

I see a combustion of sentiments

breaking into my head.

It’s spring and I see you

as a bluebell,

ringing and pulling a thread.

 

It’s spring and I see you

in the distance,

dancing to a primordial vibration.

I see you as a fallen angel,

contagiously spreading an attraction.


RK: Денеска е денот на поезијата. Раскажи ни малку повеќе за твојот процес на пишување. Како пишуваш, дали ја обмислуваш идејата некое време или сето тоа се моментално излеани зборови? На што се темели твојата поезија?

Кирила: Идеите лебдат некаде во просторот и отпрвин се само неорганизирани белешки во телефон или на лист хартија, што подоцна служат како инспирација за поконцизна форма на пишан израз. Мојот процес произлегува од сврзување на персоналното со општественото и се темели на желба за поттикнување можности за нови алтернативни светови.


RK: Може ли да ни споделиш на кои теми пишуваш/твориш и сметаш дека треба да бидат споделени?

Кирила: Ме интересира имагинацијата и нејзиниот потенцијал за културна трансформација, достапноста и социјалните последици од нејзиното отсуство, како и рутината на секојдневниот живот со сите пошироки општествени тензии и нивна манифестација. Прашањата на колективна меморија и поимот дом – ментален и физички, се дел од темите што би сакала креативно да ги споделам.


RK: И за крај, дали се согласуваш со Платон дека - „Поезијата е поблиску до виталната вистина од историјата“?

Кирила: Зависи кој авторитет ни ја поставува оската. :)


RK: Ти благодарам Кирила што ни дозволи да ѕирнеме во твојот уметнички свет. Ти посакувам успех на секое поле.

Кирила: Ви благодарам и се надевам на многу соработки.




Повеќе за Кирила може да дознаете на следниве линкови:

kirilacvetkovska.weebly.com

kirilacvet.blogspot.com


ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:


Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib