RK

Robert Krstevski

НАЈДОБРОТО ОД 2019

Explore Kriva Palanka | Истражи ја Крива Паланка

Animals | Животни

Post Page Advertisement [Top]

БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2020).  

Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.


Ова е продолжението на „НАЈСТУДЕНАТА ЗИМА ВО МОЈОТ ЖИВОТ“ приказната која ја напишав во Бложиќ #9, пред две години.

Ако го немате прочитано првиот дел, кликнете на ликот подолу.
БЛОЖИЌ #9 - Најстудената зима во мојот живот [прв дел]
Ако го имате прочитано тогаш продолжете со вториот дел.

(Ана и нејзиниот петгодишен син се во куќата на татко и’ во Македонија.)
- Мамо, здодевно ми е...
- Тогаш земи побарај друг цртан филм или најди нешто друго да гледаш на телефонот.
- Не сакам, досадни ми се сите.
- Баш сите?
- Да!
- Па тогаш што сакаш да правиме?
- Сакам да ми раскажеш некоја приказна.
-  Ајде причекај дедо ти да се врати и тој ќе ти раскаже. Тој знае многу приказни.
- А, каде отиде тој?
- Отиде до шумата да исече бадниково гранче, утре е Бадник.
- Значи повторно ќе се падне паричката во мене?
- Секако мило мое.
- Мамо, а зошто овој пат толку бргу дојде повторно Бадник?
- На 24-ти декември го празнувавме во Германија, заедно со татко ти. Сега сме тука да го празнуваме заедно со дедо ти.
- Добро, раскажи ми приказна!
- Ти реков почекај го дедо ти.
- Не сакам, сакам сега да ми раскажеш некоја што досега не сум ја слушнал.
- Не знам, ти реков почекај го дедо ти.
- Мамо, сега сакам да ми раскажеш приказна!
- Во ред, штом толку сакаш дојди со мене во подрумот да побараме,  да видиме дали во витрините ќе најдеме некоја книга со приказни уште од моите најрани училишни денови.

(во подрумот)
- Мамо тука е студено.
- Да, што побрзо да најдеме некоја книга и да се вратиме во собата покрај огнот.
(Синот здогледува повеќе листови хартија една врз друга.)
- Мамо, какви се овие листови?
- Тоа се стари сметки за електрична енергија.
- Но, погледни мамо нешто пишува на задната страна од секоја од нив.
(Ана ги зема и ги разгледува.)
Ax, сигурно дедо ти слушал некои приказни на телевизија, па за да не ги заборави, ги запишувал тука. Дојди ќе седнеме покрај огнот и ќе ти ги прочитам. Гледаш колку ми помагаш сонце мое - ти ги пронајде нив.
- Јас сум твојот Шберменш (Супермен) мамо, нели?
- Секако сонце мое.
(во дневната соба покрај огнот)
-  Бидејќи дедо ти не пишувал наслови, не знам за што се работи во приказните, но ќе почнам со првата.
- Може.
- Еј, супер. Баш приказната на првиот лист што го земав според првата реченица што ја прочитав, се одвива во текот на зимата..
- Прочитај ми ја и мене.
- Ајде почнувам, ти слушај.

„Ете ја повторно зимата, со својата белина го маѓепсува празничното утро. Знаеш Бела, отсекогаш сум се прашувал како може зимата да е толку сурова, а навидум е толку невина и чиста?“

Бела? Мамо тоа да не е кучето на дедо?
- Не, случајна коинциденција. Слушај внимателно, ќе разбереме.
(Ана продолжува да чита.)

„Ронењето на снегулките е толку тивко и нежно, буди задоволство додека ја слушаш симфонијата на дрвата што горат во огнот, а погледот ти е вперен кон прозорецот и се маѓепсуваш од волшебниот танц на снегулките. Ехтоа чувство ме враќа во детството кога зимските денови ги минувавме со дедо ми покрај огнот, раскажувајќи ми приказни сè додека не ми се приспие. Често знаев да барам нешто друго да ми раскажува бидејќи повторуваше едни исти приказни и ги знаев напамет. Нотој знаеше да ми каже дека ги повторува за да ги научам и да ги памтам цел живот за да можам да ги раскажувам на моите внуци, како што неговиот дедо му ги раскажувал нему. И ги памтам Бела, ги памтам и ден денес и срцето мразулци ми го прободуваат кога се сетам дека мојот внук не ги знае тие приказни. Ах Бела,  зошто зимата не е како тебе...“ 

(Ана престанува да чита.)
- Мамо, зошто престана?
(Ана во себе го чита целиот текст [целиот текст од првиот дел на приказната] и солза и’ се стркалува по лицето.)
- Мамо, зошто плачеш?
(Ана чита во себе и плаче.)
- Мамо, дали и таа Бела лае по луѓе што ги познава? Не плаши се, твојот Шберменш (Супермен) е тука.
(Ана продолжува да чита во себе и не одговара.)
- Мамо, не плачи. Бела не лае повеќе по нас.
(Ана заврши со читање на текстот, го прегрна својот син и продолжи да плаче.)
Во тој момент влегува дедото (таткото на Ана) со кучето Бела и дабови стебленца.
- Тато.... (Ана си ги брише солзите и се обидува да сокрие дека плачела.)
- Белааа! – извикува детето и оди да го гали кучето.
(Дедото фрла поглед кон старите сметки за електрична енергија и му станува јасно зошто плаче Ана, но се обраќа кон внукот.)
- Е така, сега сте пријатели. Повеќе не те лае.
- А, зошто нѐ лаеше дедо? Нели ти велеше дека лае само по лица што ги не познава, нас нѐ познава, но сепак лаеше по нас кога пристигнавме од Германија?
- Ех внучко, не знам. Јас секојдневно комуницирам со Бела, но не го разбирам кучешкиот јазик па да знам што било причината.
- Мама почна да ми чита една приказна за Бела, но сигурно уште е исплашена од пристигнувањето кога таа лаеше и се расплака.
- Ана....
- Тато... Извини тато...
(Во тој момент дедото станува, ги зема останатите стари сметки од електрична енергија на чии бели позадини беа излиени сите оние нешта што дедото сакаше да ги сподели со некој, но не сакаше да вознемирува никој и ги фрла во огнот.)
- Тато, зошто го стори тоа?
- За да не ти биде потешко.
- За да се стоплиме – извика детето.
- Токму така внучко. Да се стоплиме.
-  Но, чекај тато. Зошто ги изгоре и не ми остави да ги дочитам и останатите? Не разбирам.
-  Ти реков, да не ти биде потешко. Тоа не се приказни. Тоа се сите оние моменти кога сакам да си ја испразнам душата, а нема на кого. Седнувам и си ги излевам емоциите без разлика какви се. Од кога почина мајка ти, тешко е, многу тешко.
- Зошто не ми ги пишуваш сите тие моменти? Зошто не ми ги споделуваш? И „паметен“ телефон ти купивме, но ти немаш желба да се научиш како да ракуваш со него за се гледаме почесто и тоа на камера.
- Остави, стар сум јас за тие нешта. Не ти ги пишував затоа што не сакав да те загрижувам, си имаш ти твои проблеми  и обврски.
- Ах, бе тато, тато... Чувствувам голема вина во себе и многу ми е тешко.
- Немаш потреба ќерко, биди благодарна што за овој Божиќ сум жив, здрав и имаш време да го надополниш изгубеното време. Мене срцето ми е полно што оваа година празниците ќе ги поминам со вас.
(Ана го прегрнува татко си.)
- Така е тато. Фала му на Бог, имам сѐ уште време да поминам со мојот татко и ти ветувам ниту една следна зима нема да ме спречи да дојдам и заедно да ги поминеме празниците, само биди ни ти жив и здрав.
- Ни најстудената зима?
- Ниту најстудената зима, ти ветувам.
- И јас ќе доаѓам секоја година, тука во Македонија Бадник многу побргу доаѓа.
- Ха ха, ајде еве го бадниковото гранче, да ја закитиме куќата и полека да почнуваме со подготовките за утрешниот празник.
- Во мене ќе се падне паричката дедо, без  местенки нели?
- Се разбира внучко, а сега седни и слушни ја приказната што дедо ќе ти ја раскаже...

(КРАЈ)
АВТОРРОБЕРТ КРСТЕВСКИ




УШТЕ ОД БЛОЖИЌ 2019/2020:

БЛОЖИЌ #35 - Божиќ со Клаудија и Никола

БЛОЖИЌ #34 - Најстудената зима во мојот живот [втор дел]

No comments:

Post a Comment

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib