БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2020).
Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова претпразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на објавите се основаат на вашата креативност.
Во текот на изминатава
година на блогот се појавија повеќе објави со фотографии обработени да наликуваат на аналогни (сликани на филм) –
RETRO collection, Rock & Roll, Lemonade, Ultraviolence. Имам потенцирано дека го обожавам овој стил бидејќи ја
пренесува чистата емоција на моментот, а палета такви емоции се пренесени на
инстаграм профилот ЕДНА СКАЗНА (@ednaskazna). Зад „сказните“ стои Елена Василевска, блогерката која се
појави во минатогодишниот Бложиќ (БЛОЖИЌ #17), но годинава акцентот е на аналогната фотографија и
профилот ЕДНА СКАЗНА. Како што споменав го обожавам овој стил на фотографија и
овој инстаграм профил ми е еден од најомилените за изминатава 2019-та година и
слободно можам да го наречам „инстаграм профил на годината“. Уживајте!
[Насловната фотографија е исто така аналогна и е дело на @majapl94]
[Насловната фотографија е исто така аналогна и е дело на @majapl94]
Елена: Отсекогаш сум била заинтересирана за
фотографија, се сеќавам колку ги молев моите во 2012 да ми купат DSLR апарат и колку се лутев
кога ќе ми кажеа не. Неколку години подоцна, почнав да забележувам дека кога се
работи за изгледот на некоја фотографија, повеќе ме влече тој одреден „старински“
изглед, со длабоки жолто-кафени тонови и
целев моите фотографии да ти едитирам на тој начин. Набрзо дознав дека тоа се всушност
фотографии сликани на филм, т.е. со аналоген апарат, и дека постои цела
заедница на инстаграм што фотографира на овој начин. Се сеќавам на првиот пат
кога сликав со аналоген апарат, ми беше страв дека ќе направам нешто погрешно,
дека ќе го утнам фокусот или дека ќе биде матна. Се разбира, до сега се’ од
наведеното веќе ми се има случено, но барем стравот го нема. Го купив мојот прв
аналоген апарат во jануари 2019, со цел дека ќе се учам да фотографирам на него за време на
мојот семестар во Мадрид, Шпанија. Пред тоа, имав сликано само со disposable,
што е буквална играчка и нема шанса нешто да се утне, но знаев дека е време да
се испробам и со the real deal. После многу исликани филмови, некои успешни,
некои не, се’ уште се чувствувам како да сум прваче. Уште учам, уште испробувам
нови техники и си ги пронаоѓам преференциите.
ЕДНА СКАЗНА како
концепт ми стоеше зачувана во некое забутано шкафче во паметот, ептен доле, со
прашина со све. Главната инспирација ми беа миксовите „Една сказна“ на Ненад
Стефановски кои топло ги препорачувам на сите доколку сте фанови на ретро
работи. Дур разговарав на тема аналогна фотографија со другар, го спомнав името „Една сказна“ како предлог за инстаграм профил, и од тогаш ми остана во памет.
Кога се решив дека дефинитивно ќе купам аналоген апарат, знаев дека ќе ми треба
посебно место за тоа што ќе испадне од него, и тогаш го отворив профилот каде секоја фотографија е сказна самата по себе. Тоа ме натера да бидам
поселективна со работите што ги сликам. Дали овој кадар ќе ми наврати некој
драг спомен? Ако одговорот е не, тогаш не вреди да трошам поза на него. Можеби
тоа звучи строго, но менталитетот се менува кога знаеш дека имаш само одреден
број на пози и една шанса да ја направиш фотографијата, која не ни знаеш дали ќе
биде успешна.
Ќе споделам неколку
фотографии кои веќе се објавени на профилот, со своите сказни, но ќе пробам
дополнително да доловам што се случувало во моментот и како дошло до таа
фотографија.
@ednaskazna: Сказна бр. 32: Кога бев мала обожавав да читам книги. За родендени барав само книги и ништо друго, и сè уште ги чувам во длабочините на стариот регал во дневна. Низ годините, успеав да ја изгубам таа љубов, и не можев да се натерам да посветам време само за мене и за книгата која сакав да ја прочитам. Но, среќна сум да кажам дека повторно ја најдов, и повторно се чувствувам како мало дете без нитуедна грижа на светот кога читам. Навиките се губат, но многу е лесно и да се вратат.
Елена: Сказна бр. 32 ми е најверојатно една од најомилените фотографии кои ги имам направено. Другарка ми Јована беше дојдена на посета во Мадрид и се шетавме низ маалото Чуека (доста познато и посетено место). Некако стигнавме до оваа мала книжара која не примами со излогот. Јована влезе да разгледа што има внатре, а јас во истиот момент го извадив апаратот и ја сликав. Искрено, оваа фотографија е дело на судбината, бидејќи со овој апарат имав проблеми со фокусот и 90% бев сигурна дека фокусот ќе е утнат. Кога ја добив назад и беше буквално совршена мислам дека скокнав од среќа.
@ednaskazna: Сказна бр. 34: Гранада, скоро па зајдисонце и искачување низ стариот дел од градот. Дечково си читаше книга без нитуедна грижа, и мило ми е што набрзинка успеав да го фатам овој момент.
Елена: Сказна бр. 34 е пример за тој утнат фокус што го спомнав
претходно, но фала богу не испадна толку драстично (со ова сакам да кажам дека
големи беа шансите ни силуетата да не се гледаше). Со две другарки решивме да
одиме на викенд во Гранада, и оваа фотографија беше направена на пат кон
видиковецот Сан Николас, дечково си читаше книга и си седеше сам без ниту едно
гајле.
@ednaskazna: Сказна бр. 60: Кога започнав да фоткам аналогно, имаше нешто прекрасно во спонтаните моменти кои успевав да ги фатам, и тоа и ми беше првичната замисла за тоа во каква насока сакам да движи овој профил. Но, од друга страна, секогаш сум била заљубена во портретна фотографија. Почнав пред камерата за мојот блог, продолжив со заедничка соработка со фотографите за тоа како сакаме да изгледаат фотографиите, за на крај да соберам храброст и јас да се испробам позади камерата. И најкул од се ова е што имам прекрасни пријатели што секогаш се тука за сите фикс идеи кои ќе ми паднат на ум, и што можат да ме хајпнат како никој друг! Немам ограничувања на профилов, никогаш не ни сакав да си поставам, па се надевам ќе ви се допаднат и овие малку поразлични сказни што следат.
Елена: Сказна бр. 60 ми беше првиот успешен обид да направам
еден тип на портретна фотографија. Обожавам портрети и секогаш имам некоја
идеја за како би сакала да го позиционирам субјектот, но и многу помага кога
имаш прекрасни другарки што се секогаш тука за да клечат во грмушки заради
кадарот хаха.
@ednaskazna: Сказна бр. 66: Сигет Фестивал, Будимпешта. Првиот ден кога стигнавме решивме да купиме disposable, што мислам дека е најпаметната идеја која можевме да ја имаме. Пет незаборавни денови исполнети со многу музика, 3 тона прашина на патиките и ковчеже спомени за враќање. Тука ни дадоа знаменца за сите да ги вееме во истиот момент, и се разбира дека со Ангела си ги донесовме дома.
Елена: Сказна бр. 66 е фотографија направена на Кодак
disposable, од летово кога јас и Ангела бевме на Сигет Фестивал во Будимпешта.
Целото искуство беше незаборавно и знаев дека сакам да имам аналогни спомени,
па едно мало камерче-играчка беше логичниот избор.
@ednaskazna: Сказна бр. 74: Двојна експозиција од последниот ден во Мадрид и прославата за дипломската на Ангела три месеци подоцна. Два прекрасни дена, исполнети со различен тип на љубов. Еве зошто ја обожавам аналогната фотографија, успеа да ме изненади, усреќи и растопи со само една неочекувана слика.
Елена: Сказна бр. 74 е дел од серијата фотографии направени со
техника двојна експозиција, што кај мене испадна да биде и повеќеслојна
експозиција. Што беше всушност приказната – купив филм за време на последната
недела во Мадрид, и почнав да го сликам. Сликав на point and shoot аналоген
апарат, и поради некоја причина филмот се заглави. Го вратив дома, со 12
исликани пози, го извадив и го ставив во SLR-от со апсолутно никакво знаење за
што точно имав веќе сликано, по кој редослед и слично. Знаев дека ќе добијам
некоја варијанта на двојна експозиција, но немав никакви очекувања. Крајниот
резултат е апсолутна среќа, бидејќи бев вчудоневидена колку добро се имаа
поклопено сите фотографии. 74-кава поточно, е пола парк Ретиро во Мадрид, пола
кафанска маса во Дебар Маало кога славевме за дипломската на Ангела.
RK:
Ти благодарам Елена што за втора година по ред прифати да си дел од Бложиќ, а
за крај да ви ги споделам моите две најомилени фотографии од овој профил.
УШТЕ ОД БЛОЖИЌ 2019/2020:
БЛОЖИЌ #35 - Божиќ со Клаудија и Никола |
БЛОЖИЌ #34 - Најстудената зима во мојот живот [втор дел] |
БЛОЖИЌ #33 - #ТинЛексикон со мистериозната тинејџерка |
БЛОЖИЌ #32 - Среќна Нова 2020 година |
БЛОЖИЌ #31 - Најдоброто од 2019-та |
БЛОЖИЌ #30 - Како да се нашминкате за новогодишната ноќ? |
БЛОЖИЌ #29 - „ЕДНА СКАЗНА“ - инстаграм профил на годината [@ednaskazna] |
БЛОЖИЌ #28 - НЕ ФРЛАЈ ПЕТАРДИ! |
БЛОЖИЌ #27 - „Ловецот на ѕвезди“ [Давид Георгиевски] |
БЛОЖИЌ #26 - Каде да се фотографирате во Крива Паланка? |