Post Page Advertisement [Top]



Јована Мицовска е седумнаесетгодишно девојче од Крива Паланка со успешна карате кариера. За почетоците, успехот, првенствата, психичката подготвеност и многу повеќе ни открива токму оваа каратистка. Прочитајте!


RK: Здраво Јована, како си? Како го поминуваш летото?

Јoвана: Здраво Роберт, одлично. Ова лето го поминав уживајќи во кругот на најблиските. Одморот и дружбата со пријателите ми ги наполни батериите за новата сезона на натпревари.


RK: Повод за ова интервју е твојата успешна карате кариера. Ајде да се навратиме на почетоците, како започна твојата приказна со овој спорт, колку години трае и што е тоа што сè уште те тера да се занимаваш со него?

Јована: Мојата приказна со овој спорт започна во Крива Паланка кога имав дванаесет години. Веќе пет години активно се занимавам со каратето. Како темпераментна личност со немирен дух, каратето беше нешто во кое се пронајдов. Предизвикот што го дава секој тренинг да бидеш подобар од претходниот и самоконтролата што ја стекнав се едни од главните причини зошто продолжувам да тренирам. Љубовта кон овој спорт и желбата за успех се она што ми дава мотив да тренирам секојдневно.




RK: Како функционира каратето како спорт?

Јована: Каратето е боречка вештина која се состои од две дисциплини – ката (борба со замислен противник) и кумите (борба со вистински противник). Јас се одлучив за кумите бидејќи борбата со вистински противник ми дава движечка енергија и силна желба за победа.




RK: Кои се основните квалитети кои треба да ги поседуваш за да бидеш каратист?

Јована:  Самото тренирање карате и посветеноста  на овој спорт нè учат пред се на почит кон противникот,  самодисциплина и самоконтрола. Но, дефинитивно упорноста е една од главните карактеристики кои треба да ги поседува еден каратист.


RK: За успехот на еден каратист - колку е значаен тренерот, колку самиот каратист?

Јована: Според мене огромна е улогата на тренерот за успехот на еден каратист. Додека тренирав во Крива Паланка, имав голема поддршка од тренерот Жарко Ангеловски. Исто така, откако преминав во мојот нов клуб „Макпетрол“, добив огромна поддршка од моите сегашни тренери Бошко Заборски и Петар Заборски, за која сум искрено многу благодарна. Кога ќе се спојат волјата на тренерот и каратистот, успехот е неизбежен.




RK: Кој беше моментот кога одлучи попрофесионално да се занимаваш со овој спорт и што се промени од дотогашните рутини?

Јована: Моментот кога ја донесов таа одлука беше кога одлучив да ја продолжам својата кариера во еден од најдобрите клубови во Македонија – Карате клуб „Макпетрол“ во Скопје. Љубовта кон овој спорт и желбата за напредок ме однесе токму таму. Најголема промена беше приспособувањето на новата околина и секако посериозната перспектива кон каратето.




RK: Минатата година заедно со Вукашин Јовановиќ, кој е исто така успешен каратист од Крива Паланка, настапивте на Европското карате првенство. Какво искуство беше тоа и кои се другите твои достигнувања во овој спорт?

Јована: Јас за првпат настапив на Европското првенство во Тампере, Финска минатата година и остварив пласман од деветто место во мојата категорија. Исто така оваа година настапив на Европското првенство во Прага, Чешка. Од двете првенства собрав одлично искуство и уште еден поттик повеќе да ги остварам своите цели. Инаку јас сум повеќекратен државен првак во мојата категорија и имам освоено медали од повеќе меѓународни турнири.


RK: Честитки Јована, да се множат успесите. Сега сакам да те прашам за психичката подготовка. Колку е важна психичката состојба односно психичката подготвеност кога станува збор за каратето? И дали имаш некоја специјална рутина пред почеток на натпревар?

Јована: Психичката состојба на еден каратист е исто толку важна како и физичката. Состојбата на умот нè води кон победи, но исто така и кон порази бидејќи нашите мисли стануваат наша реалност. Самодовербата е една од клучните карактеристики на еден успешен каратист. Пред секој натпревар се трудам да го опуштам својот ум и да се фокусирам на позитивни мисли.




RK:  Дали е имало моменти кога си посакала да се откажеш и како ги доживуваш неуспесите (доколку има такви)?

Јована: Такви моменти доживува секој спортист во својата кариера бидејќи неуспесите се исто така составен дел од успехот. Кога ќе се најдам во таква ситуација – да, постои количество на разочарување, но тоа го доживувам како еден мотив да вежбам повеќе и да бидам подобра следниот пат.


RK: Дали момчињата (треба да) се плашат од каратистки?

Јована:  Момчињата најчесто имаат погрешна перспектива за каратистките. Мислат дека се однесуваме агресивно и грубо, иако тоа не е така. Затоа често добиваме шеги на наша сметка, но јас би рекла да не ги тестираат нашите способности  хахаха.


RK: Хаха, во ред. Веќе сме при крај, што би им кажала на луѓето што се двоумат дали да започнат да тренираат карате?

Јована: Сите кои имаат желба да започнат со овој спорт нека не се двоумат бидејќи каратето е еден од најдобрите избори кои можат да го направат. Каратето учи на вредности кои ќе ти помогнат да се изградиш во една самоуверена и самостојна личност.




RK: Кои се твоите планови и идни цели?

Јована: Својата иднина ја гледам во овој спорт и се надевам дека ќе успеам да ги остварам своите цели. Мојата следна цел е државното изборно првенство.


RK:  Јована, ти посакувам многу успех. Еден ден кога ќе ги достигнеш врвовите во овој спорт, сакам да се гордеам што сме го направиле ова интервју денес. Ти благодарам многу.




ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

The Countryside: Мариа Дуда - „Љубовта кон животните е убава карма“


КП ликови: Лука Стојановски - „Скејтот е необичен спорт со кој многу луѓе не се запознаени“

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib