Post Page Advertisement [Top]



Од нашите баби, дедовци и родители сме слушнале дека Југославија ја помнат како „златната ера“ од нивните животи. Тогаш сите нешта биле повистински, животот бил подобар... Сè уште ќе видиме фотографии од Тито, ако не закачени на ѕид, тогаш сигурно фатиле прашина во некој подрум или таван.


„Земјата во која сум се родил денес веќе ја нема. Додека постоеше, се сметав себеси за Југословен. Како и моите родители: татко ми – Србин, а мајка ми – од бошњачко муслиманско семејство.“



Една од последните книги што ги прочитав е „Потекло“ од Саша Станишиќ. Тој е босанско-германски писател, роден во Вишеград, Југославија во 1978 година. Вака стојат нештата:

„Бев дете на мултиетничка земја, плод и исповед на двајца луѓе што се сакале и кои југословенскиот melting pot ги ослободил од притисокот на различното потекло и религија.“




Со смртта на Тито започнува и крајот на оваа „утопија“. Осумдесеттите се декадата на детството на Саша кој ги живее своите најрани години во духот на југословенството. Неговите родители се академски граѓани, а неговите баби и дедовци исто така важен дел од неговиот живот.




„Еднаш и јас ја носев штафетата. Беше тоа во 1986 или 1987 година. Тогаш мислев дека ме избрале оти бев добар ученик и пишував песни за херојски паднатите партизани. Денес знам дека татко ми замешал прсти.“


Деведесеттите се деценија болна за Балканот. Саша има среќа во целата таа несреќа, односно во 1992 година го напушта родниот Вишеград и оди во Хајделберг, Германија. Првин заедно со неговата мајка, баба и дедо од мајчина страна, а по одреден период им се придружува и татко му. Таму имаат статус на бегалци и некогаш почитуваните академски граѓани сега се подготвени на секакви предизвици за да преживеат на новото место.


„Лето е, пред војна, во немирните и сонливи осумдесетти, мама и тато танцуваат.“




„Хајделберг беше бегство и нов почеток, беа проблеми и пубертет, првата полициска контрола и првата љубов, мебел од отпад и студии.“


Болното минато тежи на плеќите, но животот мора да продолжи. Саша раскажува за животот во новото место, за годините кои го оформиле како личност и неговите посети кај баба му Кристина која останала во Вишеград. При секоја посета тој на различен начин го искусува местото од каде што потекнува.


Книгата е еден вид дневник, одлично компонирана временска линија помеѓу минатото и сегашноста, спомените и моментите, времето и датумите, онаму каде што припаѓаш и таму каде што си.


Мене лично книгата многу ми се допадна. Иако не сум бил роден во тоа време, некако ја чувствувам југоносталгијата. Донекаде сум заинтересиран за југословенскиот живот, за онаа носталгија што најчесто ја гледам во очите на моите баби и дедовци кои неретко ми раскажуваат за тие времиња.

Читачки ми беше пријатна целата постјугословенска  меланхолија од остатоците на некогашната „утопија“.




Книгата може да си ја купите во Антолог или да ја нарачате преку нивната страница. https://antolog.mk/product/poteklo


Оценка: 10/10


Нешто повеќе:  Во 2019 година, за „Потекло“ - Саша ја добива најзначајната книжевна награда во Германија.


Роберт Крстевски



ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Сите книги од Фредрик Бакман


Р03: „Ние против вас“ - Фредрик Бакман (Антолог)


Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib