Post Page Advertisement [Top]



Уште кога ја завршив „Мечкоград“, од нетрпение што ќе се случи во продолжението, ја прочитав кратката содржина за „Ние против вас“. И сега, кога ја прочитав „Ние против вас“ сфаќам дека тоа што ги знаев клучните детали беше погрешно. Затоа нема да споделам ништо за најинтригантните и клучни моменти за да не ви го скратам задоволството при читањето доколку се одлучите да ја прочитате токму оваа книга.


Оваа книга  е продолжение на „Мечкоград“. Рецензијата за „Мечкоград“ може да ја прочитате тука.


Понекогаш на луѓето мора да им се дозволи да живеат за нешто со цел да преживеат сè друго.

По дејството што се случи во Мечкоград, сите продолжуваат со своите животи. Семејството Ердал се отселува од ова мало гратче, повеќето хокеари заедно со тренерот преминуваат во Хед, а Петер е пред нови предизвици.

Локалните политичари во конференциската сала ќе го омаловажат овој состанок, ќе речат дека бил „само за спорт“. Најголема лага во која Петер некогаш успеал да се убеди е дека хокејот и политиката не се поврзани. Секогаш се, но кога политиката работи во наша корист, тоа го нарекуваме „соработка“, а кога им користи на другите, го нарекуваме „корупција“.

Политиката го става спортскиот директор Петер Андерсон во искушение од кое зависи опстанокот на хокејскиот клуб во Мечкоград. На сметка на тоа, различни видови на искушенија се наметнуваат и помеѓу сите членови на семејството Андерсон.

Луѓето велат дека да бидеш лидер значи да носиш тешки одлуки, непријатни и непопуларни одлуки.„Врши си ја работата“, им се вели постојани на лидерите. Невозможниот дел од работата, се разбира, е тоа што лидерот може да биде лидер сè додека некој го следи, а луѓето на лидерството секогаш реагираат исто: ако некоја твоја одлука ми користи, праведен си, а ако истата одлука ми штети, тиранин си. Колку што е едноставна вистината за повеќето луѓе, толку е и неподнослива: ние ретко го посакуваме најдоброто за сите, главно го посакуваме најдоброто за нас.

Кога станува збор за семејството Андерсон, Бакман во оваа книга посебен акцент става на дванаесетгодишниот Лео и неговата лутина и подготвеност да го заштити она своето.

Секои есен, зима и пролет, целото семејство живее како што диктира хокејот, летаат на небо кога тимот победува и паѓаат главечки кога губи. Мира не знае дали може да поднесе уште една сезона. Сепак станува и вели: „Што е љубовта ако не сме подготвени за жртви?“

Хокејскиот клуб во Мечкоград добива нова тренерка Елизабет Цакел. Таа го составува најдобриот тим според квалитетите кои ги поседуваат хокеарите кои останале во Мечкоград и ги подготвува за важниот натпревар против Хед.

Спортот е спорт сè додека некој кого не го боли уво за спортот нема што да добие од него; тогаш спортот одеднаш станува стопанство.

Покрај Бенџи, Амат и Бобо, хокеарската приказна во оваа книга го акцентира Видар Риниус, братот на Тему Риниус.

Ако сакате да знаете зошто луѓето жртвуваат сè за љубовта, мора да започнеме од прашањето како се вљубиле. Понекогаш воопшто не ни е потребно многу за да засакаме нешто. Само време. Сите возрасни длабоко во себе знаат дека хокејот е божемна работа, измислена игра, но, кога имаш пет години, срцето ти е мошне мало, така што мора да сакаш со сето срце.

Видар Риниус излегува од затвор. Спортскиот директор Петер не го прифаќа Видар поради неговата агресивност, како и поради едно недолично дело кое направил во минатото. Меѓутоа, тренерката Цакел верува во неговите квалитети и го вклучува во првиот, односно најдобриот тим.

Сите нешта си имаат своја критична точка и иако луѓето постојано велат дека „среќата се множи кога се дели“, како упорно да веруваат дека за тагата важи спротивното. Двајцата давеници со оловни ѓулиња околу глуждовите можеби нема да се спасат еден со друг, ако се фатат за раце, само ќе потонат двојно побрзо.

Речиси целата прва половина од книгата е фокусирана на тоа како продолжуваат со животите граѓаните на Мечкоград по сите случувања кои се случија.


Култура не е само тоа што го поддржуваме, туку и тоа што го дозволуваме.


Бенџи е повторно еден од водечките ликови во книгата. Неговата хомосексуалност е откриена преку една фотографија која се шири на интернет помеѓу луѓето од Мечкоград. Кој е виновен за тоа? Нема да ви откријам, ќе прочитате во книгата.


Човек мора да носи хаос во себе за да донесе на свет ѕвезда што танцува.


Тензијата расте помеѓу Мечкоград и Хед, натпреварот завршува во полза на хеѓани.

Кога сите играчи ќе заминат во други клубови, кога спортските директори и тренерите ќе преминат во клубови што ќе им даваат поголема плата, кога спонзорите ќе нè разочараат, а политичарите ќе нè продадат, ние сè уште ќе бидеме овде. И ќе пееме погласно. Затоа што клубот и онака никогаш не бил нивни. Клубот е наш и само наш.

Тензијата ескалира кога хеѓаните одлучуваат да го запалат Мечкоград, односно крчмата „Руно“ на Рамона. За среќа, жртви нема, но  се случува една сообраќајна несреќа. И ќе настрада една личност, но која е таа – ќе прочитате.

Рамона, крчмарката на „Руно“, подредува  пет вискија на шанкот. Таму има само една сорта виски, но неколку вида тага.

Бракот на Мира и Петер продолжува да е под голем притисок се додека и двајцата не се одлучат да свртат нов лист.

Што е бракот ако се одземе љубовта? Преговор. Некој мора да жртвува нешто. Децата нè прават ранливи. Во тоа е проблемот со соништата: можеш да стигнеш до врвот на планината и да откриеш дека ти е страв од височината.

Ведрина во семејството Андерсон внесува желбата на Маја да тргне на музичко училиште, односно повторно да продолжи со животот по сите случувања. А, што се случува помеѓу неа и нејзината најдобра другарка Ана – оставам да прочитате.

Ние ретко се гордееме со своите спонтани реакции. Се вели дека првото нешто што човек го помислува е најискрено, но тоа честопати не е вистина. Честопати е само најглупаво. Инаку, зошто би се премислувале?

Воглавно, книгата завршува со надеж, среќни почетоци за нови поглавја во животите на граѓаните на Мечкоград.


Ова е книга за машкоста, хомосексуалноста, феминизмот, политиката, семејството, родителството, жртвувањето, поддршката и надежта.


Во книгата „Мечкоград“ Бакман прво ни го дава дејството (чинот на силување), а потоа следува неизвесноста како ќе се одвиваат случувањата. Во „Ние против вас“ содржината е во поразличен редослед. Како што напоменав, првата половина главно е како продолжуваат со животите граѓаните од Мечкоград со тоа што некои ликови се поблиску доловени, а вториот дел е натпреварот и случувањата после тоа. И затоа ми недостасуваше она чувство на нетрпеливост при читањето да дознаам што ќе се случи, истото кое ме движеше при читањето на „Мечкоград“. Само затоа давам една оценка помалку, инаку темите и начинот на кој ги обработува Бакман преку оваа книга се навистина одлични и вредни за внимание.


Книгата може да си ја купите во Антолог или да ја нарачате преку нивната страница. https://antolog.mk/product/nie-protivvas


Оценка: 9/10


Нешто повеќе: Третото продолжение, насловено The Winners” ќе се појави во Шведска оваа есен.



Роберт Крстевски

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib