Ако сте запознаени со
француската книжевност сигурно сте слушнале за поетот Пол Елијар. Ако подобро запознаено
поле ви е германската уметност тогаш познато ви звучи името Макс Ернст. Кога
станува збор за Салвадор Дали, покрај неговиот надреализам, верувам дека ви е
познат и неговиот лик, препознатлив по карактеристичните мустаќи. Сите овие
уметници од минатиот век ги поврзува токму таа, една од најинтригантните жени
во историјата на уметноста – Гала Дали.
„Таа ноќ, затоа што некое време неподвижно стоеше покрај влезната врата низ која пред малку излезе Гала, не знаејќи што да прави, одлучи најпрво да јаде нешто. Додека седеше на масичката во кујната, се задлабочи во набљудување на сирењето камамбер од кое избиваа капки влага. Пред да се врати Гала, пред платното, фантастичната имагинација на Дали направи чудо и по неколку часа тој ја чекаше својата жена за да ѝ покаже неколку наполу растопени часовници што ги наслика, а кои ќе бидат признаени во целиот свет како еден од симболите на надреализмот.
„Мислиш ли дека ќе ја заборавиш оваа слика по три години?“, ја праша колебливо, барајќи нејзино одобрување.
„Никој нема да ја заборави кога ќе ја види, никогаш. Ни по три години, ни по три века.“, му одговори убедливо.
„Доследноста на сеќавањето“- така е насловот.“
Русинката Јелена Дмитриевна Ѓаконова – Гала оди на лекување во санаториумот Клавадел во Швајцарија и таму го наоѓа својот пасош кон Европа – Пол Елијар. Гала се мажи со Пол, раѓа ќерка Сесил, но во себе е сигурна дека тоа не е нејзиниот начин на живот кој таа треба да го живее во Париз. Од Русија со себе носи тарот карти во кои слепо верува и тие ја одредуваат секоја нејзина следна постапка. Пол е оној лудо вљубениот, а Гала ја гледа финансиската стабилност во својот сопруг. Нивниот брак почива на неверства од страна на двајцата сопружници, но знаат дека на крајот повторно ќе се вратат еден кај друг. Така поминува и романсата на Гала со Макс Ернст, но со Салвадор Дали е поинаку. Единаесет години помладиот Дали е маѓепсан од неа, нејзината аура го смирува неговиот дух за да може да слика за претстојната изложба во Париз. И така Гала, жената со нескротливи страсти, решава да се мажи со човек со кого никогаш нема да легне во кревет. Таа е негова муза, негова најголема поддршка, но и трговец во исто време.
Негова
задача е само да слика, а продажбата на сликите е задолжение на Гала. Чекор по чекор, Гала го наоѓа своето
место во Париз за кое верува дека ѝ припаѓа. Но, сепак таа намирисува дека
центарот на светот полека од Европа се преместува во Америка. Им следуваат повеќекратни
посети на другиот континент каде Гала уште повеќе ќе ги задоволи своите
материјални апетити, а воедно ќе обезбеди и полесен живот назад во Европа. Станува
пријателка со Коко Шанел и нивните дијалози
ќе ги прочитате во книгата.
За жал, единствена
пречка на непокорливата Гала се годините.
„Кои огледала да ги оставам да висат на ѕидот без да покажуваат како поминуваат годините? Во кој момент да одлучам дека времето за мене застанало и да го задржам со себе она што некогаш постоело?“
Таа не сака контакт со
својата ќерка бидејќи нејзината младост ја потсетува дека таа старее. Иако
никогаш не била добра мајка или верна сопруга, сепак ја оправдува реченицата – „Позади секој успешен маж, стои успешна
жена.“
Гробот на Гала се наоѓа
во замокот во Пубол (Каталонија, Шпанија) кој Салвадор ѝ го купил. Замокот е
отворен за туристи, така што ако некогаш патот ве води таму може да го
посетите.
Во книгата ве очекуваат повеќе детали за животот на Гала со Салвадор, како и со сите љубовници се до нејзината смрт. Книгата може да си ја купите во книжарниците на Антолог или онлајн на следниов линк:
https://antolog.mk/product/gala-dali
Можеби нема да е по ваш
вкус животот на жената која стоела зад горенаведените еминентни имиња во
уметноста, но сигурно ќе ви се допадне романот доколку сте љубители на биографски книги.
Оценка: 10/10
Интересен факт: Дали го користи јајцето како симбол за надеж и љубов во
своите дела. Претпоставувам дека во согласност со тоа е и дизајнот на корицата.
Роберт Крстевски