Ако ми се постави прашањето : Која ти е омилена книга од Бакман? Мојот одговор би бил „Човекот по име Уве“. Но, ако ме прашаат: Дали си сигурен? – мојот одговор ќе биде – „Не“. За таа несигурност е виновен токму Мечкоград.
„За сторителот, силувањето трае само неколку минути. За жртвата, никогаш не престанува.“
Мечкоград е мало гратче и во книгата се опфатени речиси сите негови жители. На почеток, при самото читање, можеби ќе ви дојдат малку повеќе претставувањата на ликовите, но секоја индивидуа го збогатува дејството и го прави вклопливо во речиси секое денешно општество. Единствена надеж за ова мало гратче е хокејот. Хокејскиот клуб го чека важна одлука околу водечките структури, но претходи решавачки натпревар. Петер Андерсон, некогашна хокејска ѕвезда, заедно со своето семејство се вратиле во ова мало место после многу години, а причината е неговата кариера како спортски директор на хокејскиот клуб во Мечкоград. Уверувањата дека животот во малите места е посигурен и побезбеден им паѓаат во вода кога дознаваат дека нивната ќерка е силувана и тоа од личност која е гордост на целиот град, односно најдобриот играч во хокејскиот тим.
„Малку зборови се објаснуваат потешко од зборот „верност“. Таа секогаш се смета за позитивна карактеристика затоа што многумина би рекле дека токму поради верноста се случуваат голем дел од најдобрите работи што луѓето ги прават едни за други. Единствениот проблем е во тоа што поради неа се случуваат и голем дел од најлошите.“
Мигови пред да се случи важниот натпревар, полицијата го приведува Кевин – најдобриот играч на хокејскиот тим. Токму тогаш Маја, ќерката на спортскиот директор на клубот, одлучува да проговори за чинот кој се случи на забавата кај Кевин. И од тука започнува заплетот. Сите го вперуваат прстот кон Маја и се прашуваат зошто баш во тој момент жртвата решила да проговори. Се отвараат милион прашања од секој можен аспект, а главното е – „Кој е виновен“? Дали (воопшто е хумано да се обвинуваат) родителите на Маја, кои не ја спречиле ќерката да го одложи пријавувањето во полиција барем до завршувањето на натпреварот? Или пак родителите на Кевин, кои го воспитале својот седумнаесетгодишен син да биде емотивно стерилен, барајќи од него само најдобри резултати? Или сепак вината треба да ја препишеме на хокејот?...
Семејство на петнаесетгодишната Маја поминува низ многу тежок период, родителите веруваат во зборовите на својата ќерка, но целиот град е против нив. Никој не се осмелува да го обвини Кевин, чиј татко е главен спонзор на хокејскиот клуб. Само двајца хокеари ја знаат вистината – Амат, синот на чистачката на хокејскиот клуб и Бенџи – најдобриот другар на Кевин. Но, дали тие ќе имаат доволно храброст да застанат на страната на Маја? – Ќе откриете во книгата.
Како општеството го прифаќа чинот на силување? Како ја третира жртвата наспроти сторителот? Дали еден ваков чин мора да се „покрие“ за да не се уништи сјајот на претстојната хокеарска ѕвезда? И најважното прашање што си го поставуваат родителите – „Каде погрешивме“?
„Кога детето учи да лови, го учат дека во шумата постојат два различни вида животни: грабливци и плен. На грабливците очите им се збиени, а тие гледаат напред затоа што треба да се фокусираат само на својот плен. На нивниот плен, од друга страна, очите му се раштркани на двете страни од главата затоа што тој има шанса да преживее само ако види како грабливците му приоѓаат одзади.“
Ова е книга за борбата. Борбата помеѓу хокеарските градови, помеѓу спонзорите, тренерите и хокеарите - борба за победа. Борба помеѓу кариерата и семејството, приватното наспроти професионалното, индивидуата наспроти општеството и ... борбата со самиот себе.
Книга за храброста, доследноста и достоинството. Но, и скапата цена која човек недолжно ја плаќа доколку ги покаже овие квалитети во општество кое се темели на други вредности.
Книга за одговорите кои ги разбираме предоцна, а секогаш одѕвонувале во молкот по секој поставен знак прашалник, за свесното лицемерие.
Одговорите на сите овие прашања ќе ги најдете во книгата, која може да си ја купите во Антолог книжарниците или онлајн на следниов линк:
https://antolog.mk/product/mechkograd
Покрај гореспоменатите неколку ликови, во книгата ве очекуваат плејада други жители на Мечкоград со кои оставам вие да се запознаете.
Верувам дека секој читател би уживал во оваа книга, но мислам дека секој тинејџер и секој родител би требало да ја прочитаат.
Оценка: 10/10
Нешто повеќе: Бакман веќе има издадено продолжеток на оваа книга, насловена ‘Us against you’ за која Антолог најавија дека ќе ја објават наскоро и на македонски јазик. Инаку, можете да го најдете ‘Мечкоград (Beartown)’ и во визуелен формат. Се работи за серија на HBO, снимана според дејството на оваа Бакманова книга. Исто така, Бакман го најави и третото продолжение на приказната за Мечкоград - 'The Winners' кое би требало да се појави во октомври во Шведска.
Роберт Крстевски
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Р01: „Гала - Дали“ - Кармен Доминго (Антолог) |