Post Page Advertisement [Top]



Лара Стевановска е тинејџерка која ужива во читањето на пишаниот збор. Како омилени писатели ги издвојува Крис Картер и Колин Хувер, а трилерот како моментално омилен жанр. Најчесто чита книги во издание на издавачката куќа „Сакам книги“, а покрај редовните посети на библиотеките, изборот најчесто го прави и преку онлајн страницата Bookland.


„Читањето мене ми е посебна љубов, хоби кое едноставно ме води во друг свет, во некое друго време и на некое друго место. Секогаш носам книга со себе и секое слободно време го користам за да читам. Мислам дека е доволно да се прочита барем една книга и веднаш ќе се заљубите во пишаниот збор. Постои книга за секого, само треба да ја најдете. Читањето е како сонување со отворени очи, притоа со читањето го подобруваме нашиот вокабулар, секако учиме многу нови работи и го надополнуваме нашето знаење.“ – Лара Стевановска


Во продолжение прочитајте кои книги се наоѓаат на нејзината топ 10 листа.

 



📚 „ВЕРИТИ“ – Колин Хувер

Книгата е неверојатен трилер којшто останува во сеќавање. Верити е позната писателка која по ужасна сообраќајна несреќа останува неподвижна и не може да зборува. Нејзиниот сопруг Џереми ќе најми една помлада писателка - Ловен за да ги допише книгите на Верити. Ловен доаѓа во нивната ќука, доаѓа до работната соба на Верити каде што ќе ја пронајде тајната автобиографија во која се кријат ужасните тајни поврзани со смртта на нејзината ќерка. Дали тоа е вистинска автобиографија или тоа е моќната имагинација на Верити? Дали Верити сакала само внимание или е одличен манипулатор? Самиот крај е она во кое ќе поверуваме ние.

 

📚 „СИТЕ ТВОИ СОВРШЕНОСТИ“ – Колин Хувер

Книга која ги покажува проблемите во бракот и ја докажува важноста на искрената љубов во еден брак. Квин и Грахам се брачен пар којшто се бори да основа семејство. Навидум тие се совршен пар, но предизвиците, болката, стравот,  грешките и тајните влијаат на нивниот брак. Зборовите кажани во афект, за кои подоцна човек се кае, ги оддалечуваат еден од друг. Целата приказна ја обработува нивната борба, предизвиците и препреките на кои наидуваат. Со оваа приказна се покажува колку е важна комуникацијата во една врска и дека вистинската љубов победува сѐ.





📚 „ОВА ЗАВРШУВА СО НАС“ – Колин Хувер

Оваа книга обработува љубовна приказна со насилство кое во краен случај ќе се прекине со развод. Лили Блум е една млада девојка која ќе се вљуби во неврохирургот Рајл. Нивната врска ќе прерасне во брак во кој сѐ ќе изгледа совршено сѐ додека Рајл не го покаже своето вистинско лице. Тој психички ја малтретира Лили, а потоа кога дознава за нејзина прва непреболена љубов - и физички посегнува по неа. Лили набргу дознава дека е бремена, со тоа е одлучна дека нема да дозволи ниту таа, а ни нејзиното дете да патат од агресивноста на Рајл.

 

📚 „ОВА ЗАПОЧНУВА СО НАС“ – Колин Хувер

Вториот дел од „Ова завршува со нас“. Книгата ни докажува дека ако нешто е судено, кога-тогаш сигурно ќе се случи. Лили Блум е веќе разведена, нејзината ќерка Емерсон ја одгледува заедно со поранешниот сопруг Рајл. Првата љубов на Лили – Атлас, претходно бил сиромашен, но сега е успешен човек кој има два ресторани. Лили и Атлас имаат случајна средба - дали таа средба ќе биде нова шанса за нивната љубов? Дали ќе се вратат старите чувства? Оставам да прочитате во самата книга.





📚 „ЈАВУВАЧОТ“ – Крис Картер

Трилер кој остава без здив, трилер кој не ти дозволува да заспиеш без да прочиташ што ќе се случи следно. Еден сериски убиец има таков начин на убивање што личностите добиваат видео-повик на кој ја гледаат личноста што им е најблиска. Убиецот поставува две прашања, ако одговорот е точен – убиецот ги остава на мир, ако одговорот е погрешен – следува казна. Легендарниот детектив во единица за ултра насилни убиства -  Роберт Хантер ги истражува овие убиства и малку по малку го открива убиецот. Дали само очите можат да бидат доволни за да се открие нечиј идентитет? Најситните детали го водат до вистината.


 



📚 „МОМЧЕТО ВО ПИЖАМИ НА РИГИ“  – Џон Бојн

Една премногу емотивна приказна која никого нема да остави рамнодушен и од која и најсилните ќе пуштат солза. Период на Втората светска војна, Евреите биле затворени во логори и биле чувани од специјални војници. Тие војници доаѓале со нивните семејства за да бидат поблиску до логорите - такво било и семејството на Бруно. На Бруно не му се допаднала целата околина и бил тажен, сѐ додека не погледнал во далечината. Ги забележал логорите, но Бруно не знаел што е тоа и мислел дека ќе си најде другарче таму. Тој го запознава Шмуел и двете деца не знаеле што се случува околу нив. Еден ден Бруно пробал да му помогне на Шмуел, не знаејќи дека го чека сигурна смрт.


 

📚 „СПОМЕНОТ НА НЕГО“  – Колин Хувер

Романса од која нема да можете да ги сопрете солзите.

Имаше пред тебе и имаше за време на тебе. Поради некоја причина, никогаш не мислев дека ќе има по тебе.“

Кена е жена која се враќа во родниот крај по излегување од затвор, таа е дојдена за прошка од својата ќерка. Нејзе сите ѝ вртат грб, единствено покрај неа е Леџер кој е пријател на нејзиното поранешно момче. Момчето починало во сообраќајна несреќа која ја предизвикала Кена. Таа испаничила и отишла да бара помош не знаејќи дека може да му помогне ако дејствува брзо. Дали Кена ќе се сретне со ќерка си и дали ќе добие прошка? Останува да прочитате сами.

„Сега кога си простив, потсетниците за него само ме насмевнуваат.“


 



📚 „НОЌНО ПЛИВАЊЕ“ – Меган Голдин

Прекрасен трилер кој остава без збор.Трилерот обработува два случаја, Рејчел Крол има поткаст за вистински случки кои ги пренесува на публиката во ситни детали. Таа добива интерес за еден случај и мора да замине во мало гратче Неаполис. Додека истражува за тој случај, силување, таа насекаде наоѓа писма со детали за друг, многу стар случај кој не е истражен до крај. Писмата ги праќала сестрата на жртвата која барала правда за сестра си. Која е таа девојка и дали е убиена или е несреќен случај? Рејчел успева да најде одговор на сите прашања и да ги реши двата случаи. Што открила таа ќе дознаете во книгата.

 



📚 „ЗАКЛУЧЕНА ВРАТА“ – Фрида Мекфаден

Малата Нора мисли дека има нормален и среќен живот со своите родители сѐ до еден ден кога полицијата ќе им тропне на врата и ќе откријат дека татко ѝ е сериски убиец кој убивал во неговата работилница.

Години подоцна Нора има нормален живот, работи како хирург и никој не ја знае нејзината тајна. Нејзината тајна се разоткрива со тоа што се појавуваат убиства извршени на истиот начин како што ги извршувал нејзиниот татко. Дали татко ѝ  е злосторникот или пак се работи за некој друг убиец? Откријте сами.

 

📚 „НЕМАТА ПАЦИЕНТКА“ – Алекс Мајклидис

Алисија Беренсон е жена која има навидум совршен живот. Таа е сликарка, мажена за познат фотограф и заедно живеат во огромна куќа во спокој и мир. Така е сѐ до еден ден кога Алисија пука пет пати во својот маж и ја сместуваат во ментална установа. Тео Фабер е докторот на Алисија кој се интересира за неа многу повеќе од потребното. Дали тој е само грижлив доктор или зад тоа се крие некоја ужасна вистина? Прочитајте.




„Од нашите македонски писатели, посебно место издвојувам за нашиот Горјан Петревски. Имав чест да го запознаам и да бидам на две дружби со него. Тој несебично ја отвори својата торба полна спомени, ни ги раскажа неговите почетоци и ни порача дека никогаш не треба да се откажуваме од зацртаните цели.“ - Лара Стевановска



Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib