Нефикцијата секогаш има
предност кога е во прашање мојот читачки вкус. Биографиите и автобиографиите
слободно можам да ги наречам омилени жанрови. Во тој книжевен поглед, оваа
година досега прочитав три книги за три различни личности кои најшироко може да
се обединат под терминот уметност.
1. „САКАЈ МЕ ПОВЕЌЕ ОД СЀ
НА СВЕТОТ“ – Мира Фурлан
Минатото лето ја читав
„Потекло“ од Саша Станишиќ, книга која зборува за југословенските теми од
втората половина на осумдесеттите години на минатиот век па се до нејзиниот распад, почетокот на крвавите
деведесетти и миграцијата во Германија на семејството на малиот Саша. „Потекло“
ја доживеав како југоносталгија на постмодерен начин, а повеќе за неа може да
прочитате во објавата што ја пишував минатото лето:
Р04: „Потекло“ - Саша Станишиќ (Антолог) |
Во споредба со
„Потекло“, автобиографијата на Мира Фурлан можам да ја дефинирам како „класик“ за
југословенската дистопија.
Мира Фурлан ја опишуваат како најголемата филмска и театарска дива на поранешните југословенски простори која во осумдесеттите години го доживува својот пик. На почетокот на војната и распадот на Југославија, таа доживува линч наивно водејќи се од идеалот, како и секој уметник, дека – „уметноста може да нѐ спаси од војна“. Тогаш заедно со своето момче, подоцна и маж, режисерот Горан Гаиќ се преселуваат во Њујорк и почнува нивната борба за опстанок на друг континент.
Во Холивуд, Мира Фурлан ќе остане запаметена по улогите во „Вавилон 5“ (Babylon 5) и серијата „Изгубени“ (Lost). За жал, Мира Фурлан го губи животот во 2021-ва година, на шеесет и пет годишна возраст. Својата автобиографија Мира Фурлан ја адресира како писмо до нејзиниот син Марко, кој е роден и живее Америка, за да сведочи за нејзиниот живот пред тој да стане дел од истиот.
Мира раскажува за потеклото на своето семејство, престојот на нејзините родители на Голи Оток пред да се роди таа. Продолжува за животот во Загреб, средношколските денови и како дошло актерството во нејзиниот живот. Патувањата низ Европа, погледите кон светот, книгите и момчињата ја обележуваат нејзината рана младост. Целиот овој период е проткаен со интересни, но многу повеќе и болни настани. Болеста и смртта на нејзината мајка, сместувањето на нејзината баба во дом за стари лица, откритието дека всушност целиот живот нејзиниот татко имал љубовница, односно паралелен семеен живот...
Од друга страна таа станува многу позната актерка
која работи во театрите на релација Белград – Загреб. Ги добива најпрестижните
југословенски награди во областа на филмот, но водена од идеалот дека уметноста
треба да биде над националноста, Мира ќе биде прогласена за народен непријател
при почетокот на распадот на Југославија. Тогаш почнува нејзиниот живот во
Америка кој на никој начин не може да се нарече „американски сон“. По речиси деценија повторно стапнува на балканско тло, а како актерка се враќа на театарската сцена на повик од Раде Шербеџија со цел да ја игра „Медеја“ на островот Бриони. Но, повторно медиумските натписи прават скандал кој носи нови
разочарувања. Животот во Америка исто така се покажува како тежок, но светла
точка е нејзиниот син Марко.
На почетокот на книгата
Мира има оставено два цитата:
„Ако молчиш за својата болка, ќе те убијат и ќе речат дека си уживал во неа.“ – Зора Нил Хрстон
...
„На крајот, нема да нѐ паметат по зборовите на нашите непријатели, туку по молкот на нашите пријатели.“ – Мартин Лутер Кинг, Помладиот
Откако веќе ја прочитав
книгата, заклучувам дека овие две реченици перфектно го опишуваат нејзиниот
живот.
Многу повеќе детали за
животот на Мира Фурлан ве очекуваат на близуте 700 страници кои можете да ги
најдете на полиците на Антолог, или да нарачате онлајн на следниов линк:
https://antolog.mk/product/sakaj-me-poveke-od-se-na-svetot/
2. „СТОВАРИШТЕ“
– Сергеј Трифуновиќ
Оваа книга напишана од
самиот актер не е типична автобиографија, а во исто време и многу повеќе од збирка мемоари на една јавна
личност. „Геопоетика“ во која Сергеј зборува за својата кариера, животот во
Њујорк, запознавањето со Стиви Вондер и за малку не се случило да се запознае
со својот идол Марлон Брандо. Раскажува за театарот, случувањата и околностите
поврзани со одредени настани во неговиот живот кој го дефинирале како актер и
човек, наравот на познатите југословенски и балкански актери и неговиот живот
помеѓу „штиците што живот значат“.
Сергеј како личност го
опишуваат термините: бунтовништво,
своеглавост, пркосност, самокритичност, скромност, беспоштедност кон себеси...
Сите овие карактеристики
можат да ја опишат и Мира Фурлан, која заедно со Сереј го имаат делено и
филмското платно. Дали сите актери се такви?
Книгата може да ја најдете во книжарниците на Антолог или да си ја нарачате онлајн. Повелете линк: https://antolog.mk/product/stovarishte/
3. „ТИМ –
официјална биографија на Авичи“ – Монс
Мосесон
Оваа биографија е напишана постхумно за младото момче кое си го одзеде животот на само дваесет и осум годишна возраст. Почетокот на 2010-те во светската музика е познат како пик период за електронската музика (EDM). Во тој свет на диџеите како Тиесто, Дејвид Гета и Келвин Харис, музичката сцена го забележува и името Авичи – уметничкото име на шведското момче Тим Берглинг.
Хитовите ‘Levels’ и ‘Wake me up’ го вивнуваат Авичи на врвот најбарани диџеи низ најпознатите клубови и најголеми фестивали низ светот. Ибица, луди забави, помалку сон, а повеќе пат... славата го турнува Тим во вртлог кој за жал нема среќен крај. А, на крајот од сѐ, Тим бил младо момче кое што само сакало да создава музика.
Во биографијата се
вклучени и различни визуелни сегменти од сите важни делови од животот на Тим.
И ден-денес ретко
поминува забава без да се слушне барем песната ‘Levels’, а ова лето 2023, се навршуваат и десет години од излегувањето
на хитот ‘Wake me up’.
Ваш е изборот на која
музичка платформа ќе го слушате творештвото на Авичи, а можноста да ја читате
биографијата за ова момче ви е достапна само во Антолог. Повелете линк: https://antolog.mk/product/tim-ofitsijalnata-biografija-na-avichi/