ПОВЕЌЕ ЗА КОНКУРСОТ ЌЕ ДОЗНАЕТЕ НА СЛЕДНИОВ ЛИНК:
КОНКУРС: „Вакри и Лапанка од Крива Паланка“ |
ВАКРИ И ЛАПАНКА ОД КРИВА ПАЛАНКА
(легенда за настанувањето на Крива Река)
Си беше еднаш
еден дедо кој со толку многу прочитани книги служеше како учител во едно
кривопаланечко село. Ученик му беше и неговиот внук. Еден ден, дедото ги праша
децата: „Кажете ми, мили, што ви е најомилено во нашето место?“ Некои рекоа
убавите пити и погачи на нивните баби, други рекоа чистата планинска вода од
изворите, за трети, пак, најубави беа природата, дрвјата низ шумичките и
тревата по ливадите. Внукот на учителот извика: „Јас најмногу си ја сакам
реката!“ Дел од другарите му се придружија во мислењето. Тој продолжи да зборува,
но сега со нив и потивко. „Се сеќавате како одиме на река секое лето и ловиме
рипчиња?“ Еден рече: „Многу ми е убаво кога нозете малку ќе ми се разладат во
водата од жешкото сонце.“ Другар му возбудено додаде: „А јас! Јас токму на тоа
место го имав првиот бакнеж! Знаете сите, знаат сите мои врсници!“ Учителот,
иако разговараше со другите деца, имаше многу добар слух – нешто невообичаено
за неговата возраст, па наслушнуваше и по некој збор од неговиот внук и
неговите пријатели. Сакаше да им раскаже една приказна,
но не беше сигурен дека никој не ја знае.
— И јас ја сакам
реката, деца. Колку само случки имаме со моите, сега веќе заминати врсници...
Можам да ви кажувам со денови и денови! Таков извор на животни искуства како
нашата река тешко некое друго место да има. А, да ве прашам нешто. Знаете ли
како настанала таа?
Децата се
погледнаа по двајца лице в лице, истовремено како построени војничиња, па по
кратко време сите извикаа во хор: „Не знаеме, учителу!“
— Штом е така,
јас ќе ви ја раскажам прикаскава. Таа е уште од дамнина, пред да се родите вие,
вашите дома, пред да се родам дури и јас—а знаете колку сум стар—и моите родители
и нивните родители. Прикаскава е уште пред Турците да дојдат. Замислете го двојно
времето колку што ние во селото ја знаеме нашата река, оти прикаскава е од уште
кога таа не постоела.
— Тоа е многу
одамна, учителе! – довика еден ученик.
— Токму така. Но,
како дознаваме за толку старите настани?
— Од народните
приказни.
— А од кого ги
дознаваме народните приказни?
— Од баба и дедо!
– повторно сите деца извикаа во хор.
— А тие, од кого
ги дознале? –учителот продолжи со прашањата.
— Од нивните баба
и дедо! – рекоа неколку ученици.
— Ова предавање
на случките, деца, почнало уште многу пред да постои и реката, и селото, и
градот... Затоа ги нарекуваме и „преданија“. А сега, да ви ја раскажам оваа
прикаска – и така стариот учител почна да си зборува. – Денеска во нашето село
има многу куќи и семејства, но во периодот пред реката, имало не повеќе од
десет. Затоа се викало „паланка“.Куќите биле прилично раздалечени една од
друга, на оние мали рамни делови од планините. Тогаш луѓето наместо од реката,
вода земале од изворите, горе на планините.
— Нели е тоа
многу пат и многу вода, учителе? – зачудено праша еден.
— Вистина е дека
е многу пат, но затоа тие живееле повисоко и патот им се скратувал. А и не
требало многу вода оти немало толку луѓе за да ја пијат и користат – му
одговори дедото. – Половина од тие десетина куќи, сите посебни фамилии, биле
земјоделци и одгледувале главно компири, а другата половина – сточари. Уште од
порано не сакале да се мешаат меѓу себе, на пример, девојка од едните да се
венча со момче од другите. Едните не ги сакале животните, а другите пак –
земјата.
Бидејќи беше
селски учител, кај него покрај мали, одеа и поголеми ученици. Еден од нив често
поставуваше философски прашања. Дедото го нарече „идниот философ“ и без проблем
одговараше на прашањата оти беше учен човек во многу области.
— А учителе, нели
е тоа наспроти природата? Животните јадат од земјата, па и луѓето јадат, а на
крајот сите се враќаат во неа.
— Во право си,
дете, ама луѓето често прават чудни работи спротивни на природните. Размисли
што правиш и ти самиот како ова, па за некој ден ќе те прашам да ми кажеш –учителот
му рече и продолжи со приказната за настанувањето на реката. – Се погодило во тоа
место долго време да не се роди машко дете. Која жена и да забременела, веќе сите
знаеле дека таа ќе даде девојче. Ама, еден ден на почетокот на летото, од една
земјоделска куќа се слушнала пушка!
Учениците се заплашија и стаписаа. Еден, кој почна да се тресе од страв, едвај
сврза три збора за да праша: „Зошто пушка? Да не утепале некого?“ Учителот се
насмеа бидејќи се сети дека малите уште не го знаат обичајот кога ќе се роди
машко дете да се пука пушка во воздух, па им го кажа и тоа.
— А за женско
дете, што се прави, учителе? – праша друг ученик, оти претходниот сè уште не можеше да се соземе.
— Ништо – простум
одговори учителот. – Машкото дете се смета за иден домаќин, столб на куќата,
арслан и работник. Никој не се сетил дека сите деца треба некој да ги роди и порасне,
а тоа е жената! Ете ти, дете – му се обрати на малиот философ – уште една чудна
работа кај нас – и тоа кимна со главата. – А уште од дамнини се зборува дека на
третиот ден од раѓањето, кај новороденчето доаѓаат наречници кои ја
претскажуваат неговата иднина. Затоа тоа не се вади надвор од домот првите три
дена, скраја било да не му биде нешто! Нив никој не ги гледа, но така е
останато од старите. И беља, на вториот ден по раѓањето, кај ова прво машко
дете во толку време, на прозорот слетала една врана. Ајде сега да ми кажете што
знаете за враните. – праша учителот. Најмалото веднаш извика: „Црни се!“ и сите
почнаа да се смеат.
— Така е – рече
дедото – и затоа ги гледаме како предзнак на нешто лошо, на смртта.Враната,
исто така, е и најбестрашната птица од сите птици. Таа е единствената која може
да се избори со орел, дури и да го нападне, а тој ќе се спаси само бидејќи може
да лета многу повисоко од неа.
— Лани јас видов
токму ваков натпревар, и навистина враната успешно се одбрани, а орелот стана
куц! – кажа еден постар ученик кој толку често се шеташе низ природата што
неговите домашни се шегуваа дека заборавиле како изгледа.
Внукот на
учителот потпраша продолжувајќи ја приказната:
— Учителе, како
се викало детето?
— Му дале за вас
многу чудно име: Вакри. Но, знајте, тоа било толку пред нашиот род што луѓето
имале чудни имиња. Тој имал и постара сестричка, по име Лапанка.
— Ова е убаво
име, учителе.
— Вистина. Таа
многу си го сакала брата си, не се одвојувала од него. Го чувала како капка
солза. Секогаш кога мајка им била зафатена со некаква работа, грижата за Вакри
ѝ ја доверувала на Лапанка. Но, се случило нешто лошо...
— Нешто со
враната ли? – праша истиот оној кој беше престрашен од пушката, но сега веќе се
имаше смирено. Учителот кимна со главата и продолжи.
— Точно на
триесет и деветтиот ден по раѓањето на Вакри, сестра му го чувала сама во
куќата. Седеле близу отворениот прозорец од кујната, бидејќи веќе било лето и
времето било сончево и пријатно. Одеднаш, се зачуле силни гракања какви што таа
никогаш не слушнала во нејзиниот живот, па излегла да дознае за што станува
збор. И што да види: јато врани ја прелетале куќата!Додека била надвор, една
врана застанала токму на прозорот каде што Вакри лежел полузавиткан во бебешка
облека.
— Нешто страшно
ќе се случи! – промрмореа неколку дечиња. Дури и поголемите го променија
изгледот на лицето.
— Штом Лапанка ја
отворила вратата од куќата за да се врати внатре, ја здогледала враната како
чудно го гледа брат ѝ, па почнала да мавта со рацете и да вика за да ја избрка.
Враната со нејзините големи чудни очи ја погледнала и неа, но потоа одлетала.
„Добар ли си, брате?!“ – исплашено му рекла на Вакри, но никому не споменала за
овој настан.
— Можеби
погрешила, учителе. Зарем не мислите така?
— Има кој да каже
кој греши, деца. Нејсе, годините си поминувале, Вакри растел, исто и Лапанка, тој
почнал да го учи земјоделскиот занает. Ама и тој како вашиот другар-скитник,
сакал често да се шета низ планините, дури и да оди на ризични места. Секогаш
кога ќе ѝ раскажел на сестра му каде бил, таа веднаш помислувала што сè лошо можело да му се случи и го предупредувала. Еднаш, тој ѝ кажал дека
додека чекорел по еден раб на планината, го исплашиле јато врани и за Божја
среќа се фатил за една гранка па се спасил. Лапанка, деца, веднаш се сетила на
случката која ви ја раскажав. „Што ако се повтори тоа, што ако го земе
враната?“ – си помислила скаменета од страв. „Немој, не оди веќе таму, те
преколнувам брате, немој!“ Сепак, Вакри не ѝ ветил дека ќе ја послуша.
— Се случило ли
тоа што претпоставуваме, учителе?
— Легендата вели
така, деца... Вакри продолжил да биде авантурист, но последниот пат тоа било
погубно за него. Иако Лапанка го чекала три дена, тој не се вратил. Бидувајќи ѝ
тешко да сфати дека брат ѝ го земале враните, тргнала низ планините да го бара.
Чудно е како толку слабо облечена, без вода и храна кај себе, а било веќе зимно
време, гласот сè уште ѝ се слушал низ планините. Кога
пристигнала на местото кое личело како она што ѝ го опишал Вакри, тагата ја
навјасала и почнала да плаче. Се заветила дека ќе тргне надолу за да стигне до
долот, каде што можеби ќе го најде брата си. Сето тоа време плачела, деца. Секој
ден правела само по еден чекор, за да може убаво да го разгледа пределот. Не
сакала да пропушти ни камен ни гранка ни лист. Деновите станале месеци и
години, па таа една година гледала кон Осогово, кон планините, другата година
преку долот, мислејќи дека можеби враните го однеле Вакри на другите планини.
Нејзините очи станале мали изворчиња од кои извираат две мали рекички кои се
спојуваат во една поголема река. Така, деца, настанала нашата река, а извиена е
поради начинот на одење на Лапанка.
— Колку ли само
таа си го сакала својот брат! – извика еден ученик. Друг додаде: „И јас многу
ја сакам сестра ми, учителе, и истото би го сторил за неа!“
— Ние и денес ја
имаме нашата река бидејќи Лапанка сè уште е одржувана од
надежта дека ќе си го најде брата си. Впрочем, ниту Лапанка ниту надежта, а
ниту нејзината љубов кон него нема да умрат. И вие сакајте си ги вашите браќа и
сестри како неа! – така учителот ја заврши приказната за реката, но и љубовта
меѓу браќата и сестрите.
Методија Тасевски
17 години
Скопје
БЛОЖИЌ 2022/2023:
БЛОЖИЌ #74 - Божиќ со Сашко Митовски |
БЛОЖИЌ #73 - Мачки |
БЛОЖИЌ #72 - Дедо Мраз во Крива Паланка |
БЛОЖИЌ #71 - Најдоброто од 2022 |
БЛОЖИЌ #70 - „Промената може да биде тивка“ - Благородна Пешевски |
БЛОЖИЌ #69 - Не фрлај петарди! |
БЛОЖИЌ #68 - Новогодишниот базар и ХУМАНИТАРНАТА КУЌИЧКА (број 9) |
БЛОЖИЌ #67 - „2022 е феникс година за мене“ - Бети Стоилковска |
БЛОЖИЌ #66 - Крива Паланка навива за... |