По дванаесет
години поминати во фризерството, таа ја промени својата
професија и близу седум години работеше како аптекар. Во изминатава 2022-ра
година си препиша рецепт сама на себе „нека ова биде феникс година за тебе“. Фризерскиот
салон „Бети Буп“ го означи нејзиниот камбек на фризерската сцена во Крива Паланка.
Во ова продолжение на Бложиќ прочитајте
го интервјуто со Бети Стоилковска.
RK: Здраво
Бети, како си? Како се чувствуваш на крајот на оваа година?
Бети: Екстра, топ – искажано со фрази од модерно време. Овој
период ми е фантазија, магија, немам зборови со кои можам да го опишам овој
прекрасен дел од годината. Сите се некако внесени во празничната магија, сѐ светка,
сите се расположени, насмеани лица... Луѓето се опуштени и си дозволуваат малку
повеќе да уживаат во овие моменти, а потоа ни следуваат Бадник и Божиќ, за мене
најубавите семејни празници.
RK: Како би
ја опишала изминатава 2022-ра година?
Бети: Фантастична, се вратив на нешто на кое што сум си јас потполно јас. Знам да си кажам себеси „Леси се врати дома“. За мене 2022 е ново откровение, повторно раѓање - феникс година за мене.
RK: Дали
тоа би го дефинирала како промена или повеќе како враќање на старата професија?
Бети: Јас животот го сфаќам како поле на истражување, промена,
не стојам на едно место. Креативна личност сум и благодарна сум на времето во
кое сум израсната. На
пример, на нас не смееше да ни биде досадно и секогаш наоѓав нешта преку кои ја
истражував и искажував својата креативност. И тој сегмент од моето детство го
сметам за отскочна даска за многу нешта во животот, па и ден-денес ја имам таа
желба да работам и да ја надоградувам својата креативност бидејќи мора да
истражуваш, да работиш за да таа дојде до израз. Токму креативниот начин на
изразување ми недостасуваше во аптекарството.
RK: Како се
роди желбата повторно да отвориш фризерски салон?
Бети: Во аптеката ми беше тесно, во смисла ми се допаѓаше да
помагам на луѓето, да им давам совети и слично, но немаш можност да ја
изразуваш својата креативност. И целиот период таму ми беше супер, но јас во
себе знаев дека тоа не е мојот пат, дека некако сум скршнала од патот и треба
да се вратам онаму каде што јас сум си јас.
Се случи тука во стара
чаршија во Крива Паланка, поминувам и го слушам звукот на фенови и велам на
мојот сопруг дека ме фаќа стрв кога го слушам ова за да и јас се вратам назад
на фризерството. И тој ми вика „Сакаш да се вратиш? Ако сакаш можеме веднаш да
си отвориме салон и да се вратиш на работата што ја сакаш.“ И јас како мало дете се радувам и викам „ДА!“
И правиме крукче, го здогледуваме дуќанот, наоѓаме број и коцките се поклопија
буквално за три дена се беше реализирано. Се враќам таму дека треба да бидам.
За сите беше шок, но за мене беше моментум, емоција која да би можела би ја чувствувала
постојано, возбуда, среќа, радост која посакувам сите да ја доживеат.
Благодарение на моето семејство се вратив таму каде што треба да бидам.
RK:
Да се навратиме на почетоците.
Како започна твојата кариера како фризер?
Бети: Првиот салон беше отворен во Ранковце. Супер ми беше таму, искрени и чесни луѓе, но знаев дека не сум за таму. Почетоците тука беа тешки, бевме многу малку фризери и имаше работа. Стекнувањето доверба кај клиентите и разработка на бизнисот трае отприлика околу две години. Потоа се враќаат истите клиенти, доаѓаат нови, тие ве препорачуваат и така. Тогаш одевме на семинари за фризери, за жал денеска фризерите не одат. Јас сѐ уште се надоградувам и во таа насока, следам онлајн курсеви, во тек сум со сите новитети кога станува збор оваа професија.
RK: Ако
можеш да ги споредиш претходните дванаесет години во оваа професија и сега
новиот почеток. Во што се крие разликата?
Бети: Од тие први дванаесет години имам многу убави спомени,
пријателства, клиенти и сега по пауза од седум години доаѓа момент каде
повторно истите чувства се враќат, времето се враќа назад. Разликата и можноста
е во бизнисот, почнувајќи од тоа дека многу повеќе треба да си присутен на
социјалните мрежи заради маркетинг, изучување и стекнување нови техники за
изработка на бои за коси, фризури, нови технологии како фенови и други апарати
кои се неопходни за еден фризерски салон. Јас лично го сакам
ова време, но го обожавам и претходното.
RK: Аптекарството
го напуши откако пандемијата стивна. Како беше да се работи кога таа беше во
својот пик?
Бети: Страшно, сите бевме исплашени од невидлив непријател кој
косеше со животите. Ние бевме речиси доктори. Мораше да бидеме со отворени очи,
да не направиме грешки и да бидеме барем мала утеха за луѓето на кои им беше
забрането да движат и не можеа да одат во болници, да бидеме достапни не само за
заболените од вирусот туку и од сите други болести. Тешки времиња, да не се
вратат.
RK: Велат
дека фризерството е професија што технологијата не може да ја замени, во смисла
ножичките и другите апарати мора да ги управува човечка рака. Дали тоа значи
дека има сигурна иднина оваа професија и што е тоа што ја загрозува истата?
Бети: Нелојалната конкуренција што се случува на нас малите
занаетчии е нефер борба. Не ги оспорувам нивните квалитети, ама теренот на којшто ние се соочуваме како занаетчии е
голема одговорност, плаќаме давачки додека нелојалната конкуренција е
заобиколена. Да се вратиме на основата, за да бидеш фризер треба да имаш дарба,
вештина, да знаш каква е косата, пигментот, дали косата може да ги издржи
промените кои ги бара клиентот од тебе, да дадеш идеи кои промени може да ги
поднесе косата на клиентот и да биде задоволен. Технологиите и напредокот многу
ни ја олеснуваат професијата. Има подобри фенови со јони, подобри четки, фарби
итн., но основата е раката и вештината на самиот фризер.
RK: Какви се кривопаланчанките како клиенти? Дали
експериментираат со нивните коси?
Бети: Зависно од генерациите. Постарите се потрадиционални, а
помладите сакаат да експериментираат и затоа мора да сум во тек со трендовите.
Генерално, имаме преубави девојчиња и
жени кои се грижат за својот
изглед многу повеќе отколку што тоа беше порано.
RK: Можеш
ли да ни споделиш некои анегдоти?
Бети: Има многу, пред неколку седмици се шишаше едно детенце и
мајката радосна вика „Еве сине, ова е твојата косичка на подот“, а тоа се расплача
и вика „Мамо залепи ми ја“. Една моја блиска личност ме викаше „шишарка“. Една
жена, доаѓа и ми вика – „Ми рекоа да ми направиш боб фризура, ама јас сум од
Струмица и кај нас боб значи друго нешто.“ хаха.
RK: Кои услуги ги нуди вашето студио Бети Буп и од
каде дојде идејата да се нарекува баш така?
Бети: Бети Буп ми беше желба за име на студио уште од моите
почетоци. Но било судено оваа модна икона од 50-те на минатиот век, да биде
симбол за мојот камбек во оваа професија. Во моментот опфаќам се што се
подразбира под фризерски услуги како шишање, фарбање, фризури, третмани,
ампули, ботокс на коса...
RK: Ботокс
на коса?
Бети: Да, целото влакно кое е оштетено од различни хемиски
третмани како фарбање или чисто сува коса, враќа живост со хиaлурон и кератин, се става трае пет минути, а стои две
недели. Во размислување сум дали да воведам и кератин, надградба на коса итн.
Изработувам плетенки за деца, тие беа хит цело лето. Нудиме надградба на нокти
и типсови, депилација на надусници. Исто така и шминкам, една пациентка од
аптека, а тука веќе клиентка ми вели „Бети, ми се допаѓа кај тебе тоа што ти не
ги шминкаш сите исто“. Сите пофалби ми значат и ме мотивираат што подобра да
бидам и јас.
RK: Дали
имаш трема кога знаеш дека изгледот на косата за нечиј важен настан е во твоите
раце?
Бети: Не, немам трема. Работам брзо, гледам да не настанат
гужви. Одговорна, пристапна и комуникативна личност која си ја обожава својата
работа и ги почитува своите клиенти.
RK: Добро,
кога би ги споредиле аптеката и фризерницата, од прилика се совпаѓаат по многу
квалитети кои треба да ги има личност која се занимава со овие дејности.
Услуга, комуникација, одговорност...
Бети: Да,
само како што напоменав, во аптеката не може човек да се изрази креативно,
барем јас не можев. Пристапот кон пациентот во аптека си бара многу поголема
одговорност. И таму мора да напредуваш, да имаш знаење, да си комуникативен...
RK: Кои се
трендовите кога станува збор за женската коса?
Бети: Портокалови нијанси, омбре, сомбре, балајаж, боб фризурата
не умира...
RK: Доаѓаме „на крајот“…
„…Прошетај
низ времето
На крајот кога ќе стигнеш,
Сврти се.
Таму, на крајот од времето,
На работ од провалијата
Пак ќе се родиш...“
(извадок од песната „На крајот“
напишана од самата Бети)
Познато ли ти е ова?
Бети: Да, тоа
се мои стихови, беа убави времиња.
Инаку, чисто информативно јас бев прв претседател на клубот „Калин“
и баш ми се допаѓа тоа што и денеска е активен.
RK: Дали сѐ
уште пишуваш?
Бети: Да, пишувам помалку, но поквалитетно. Имам добиено неколку награди.
Последната беше на конкурсот за „Блаже Конески“ каде добив трета нагрда.
Пишувам, уште од детство се подготвувам да издадам нешто, но тоа го оставам за
некои времиња на поголема зрелост.
RK: Сега
сме навистина на крајот на овој разговор, која е твојата порака?
Бети: Сакајте се, бидете со отворено срце и отворен ум,
прифатете ги луѓето какви што се за да има разбирање и љубов. 2023 да биде
година кога сите ќе бидеме добри едни кон други. Да се грижиме за животните. Да не ги забораваме младите,
да ги поддржуваме, да им бидеме ветер во грб. Да не ги забораваме и да им
помагаме и на старите, бидејќи еден ден и ние ќе бидеме стари и секако - да не
се заборавиме себеси. Да живееме во моментот со отворено срце, да примаме и да
даваме.
RK: Прекрасна
завршница на ова интервју. Ти благодарам многу Бети.
БЛОЖИЌ 2022/2023:
БЛОЖИЌ #66 - Крива Паланка навива за... |