Post Page Advertisement [Top]

 


Веќе близу две години младите од Крива Паланка имаат свој простор и поддршка каде можат да ги реализираат своите таленти. 

Ваше е да имате идеја, нивна задача е да ви дадат поддршка во реализирање на истата.

 

Во ова продолжение на Бложиќ, Благородна Пешевски од Европската куќа во Крива Паланка ни дава една панорама на младите во нашето општество. Зборуваме и за падот на мирот и важноста да се негуваат сите европски вредности. 

Прочитајте!



RK: Здраво Благородна. Како си и како се чувствуваш на крајот на оваа година?

Благородна: Здраво. Празнично расположена да, не толку еуфорична затоа што добро знаеме со какви нешта се справува светот. Неблагодарно е кога знаеме дека некои луѓе не можат да ги прослават овие празници како што можеме ние. Како што кажав, не толку еуфорично, но со голема надеж за многу подобра 2023-та.

 

RK: Нешто што сите го посакуваме за 2023-та е дефинитивно мир...

Благородна: Дефинитивно. Мислам дека оваа година нѐ научи да не ги земаме работите здраво за готово. Ако во 2021 некој ни спомнеше дека следната година на европско тло ќе има војна, мислам дека никој немаше да поверува во тоа. Човековите структури промашија да го положат тестот на човештвото. Во време во кое се зборува за напредок на човековите права, за благосостојба, кога мислевме дека сме на многу поразлично ниво од времето на водење војни, потфрливме во ценење на вредностите кои со години и децении се граделе, а такви се: мирот, толеранцијата, мирољубивоста, почитта кон другите, кон различностите... Најголемиот неуспех што едно општество може да доживее, е да дозволи војна.

 

RK: Се согласувам. Да поминеме малку на поведри теми, каква беше годината за ЕUH во Крива Паланка?

Благородна: Ако 2021-ва ни беше почетна година во која учевме како да го направивме ова место да биде интересно за младите, 2022 беше година во која се надоградивме и со она што го научивме ги спроведувавме нашите цели на малку повиско ниво. Навистина успешна година, дури остваривме многу работи за кои мислевме дека можеби во овој дел од процесот на растење и развивање на Europe House Крива Паланка не би се случиле.


RK: Ќе може ли да ни направиш една кратка ретроспектива на настани кои се случуваа во изминатава година?

Благодродна: Имавме плејада од различни настани. Се обидовме да креираме настани од најразлични интереси чија цел беше да допрат до младите. Целта мислам дека е успешна, а не би издвоила конкретни настани бидејќи секој настан е подеднакво важен.

 


RK: Каков е процесот на креирање настани од идеја до реализација?

Благородна: Секако започнуваме со бреинсторминг, планирање, размислување за најдобри начини на спроведување на конкретната идеја. Она што сакам да го истакнам е дека голем дел од настаните се предложени и организирани од локални  и регионални млади или младински организации. Така што во поголем дел ние се јавуваме како поддржувачи на настаните, а младите се организатори. Тоа ме радува бидејќи тоа покажува дека ние уживаме доверба кај младите и сме тука за поддршка, тоа всушност е и идејата на Europe House.

 

RK: Ете еден повик до сите млади кои имаат идеи, а не знаат како да ги спроведат, слободно може да се обратат кај вас.

Благородна: Europe House Крива Паланка е местото каде може да ги реализирате своите таленти. Ние сме тука заради младите.


RK: Како и дали го гледате влијанието кое го имате врз младите? На некој начин им отворате нови хоризонти, им давате поддршка. Дали имаат доволно самодоверба?

Благородна: На наше големо изненадување се сретнавме со млади кои се многу активни, на кои можеби само им недостасувално место каде би ги покажале своите таленти. Младите со кои се среќаваме имаат многу отворени хоризонти, оригинални идеи. Јас лично многу верувам во новите генерации и добрите промените кои тие ги носат. Не мислам дека им недостасува самодоверба, самодовербата знае да биде и не толку бучна.

 


RK: Раскажи ни малку повеќе за Еразмус плус програмата. Во текот на веќе изминатава 2022, видовме многу луѓе кои ја посетија Крива Паланка, а и многу сограѓани кои посетија различни европски земји.

Благородна: Еразмус плус програмата е наменета за млади, има различни видови на Еразмус мобилности: посета на школи, студиски претстој и слично. Конкретно ние имавме можност да промовираме и за студиски престој и Еразмус плус студенти кои дојдоа тука на мобилност и наши млади кои беа во Португалија, Романија и други европски земји. Секој што бил на Еразмус, добива нови хоризонти кон светот. Не сум сретнала личност која била на Еразмус програмата, а да има негативно искуство со истата. Оваа програма мислам дека е една од најубавите можности што ЕУ ги нуди на младите и секој што има можност треба да се вклучи.

 

RK: Дали може да ни споделиш некои интересни конверзации со луѓето што се биле на оваа програма?

Благородна: Може да зборуваме конкретно за самодовербата. Млада личност чија прва можност да патува надвор од државата била токму преку оваа програма. Претходно била личност што нема многу самодоверба, после Еразмус и запознавањето различни култури, луѓе и места самодовербата и била на многу повисоко ниво.


RK: На кои области најчесто сакаат да соработуваат младите, кои теми ги засегаат најмногу?

Благородна: Уметноста, особено за интерактивна уметност. Не мора да бидат директно вклучени, може и индиректно. Младите се повеќе за неофицијални форми на уметност, уметност каде тие самите ќе се пронајдат. Екологијата е многу важна за младите, исто така многу важно да се напомене фактот дека се многу емпатични кон животните. Човековите права, на младите им е многу битно неформалното образование. Критични се кон нештата што не им се допаѓаат, сакаат промени, борбени се и подготвени за промени. За секое нешто е потребно време, така е и со промените, вистинските промени се случуваат полека, чекор по чекор. Промената може да биде тивка.



RK: Имавте можност да се запознаете со многу видни европски личности, какви се тие како луѓе и што е она што ти го научи од нив?

Благородна: Ние, заедно со активните млади во Европската куќа во Крива Паланка, имаме можност да се сретнеме и запознаеме со различни луѓе кои се активни на различни сфери во ЕУ. Почнувајќи од амбасадорот Дејвид Гир, кој со својата отвореност, пристапност и скромност ужива многу доверба кај младите, па се до францускиот, италијанскиот, словенечкиот амбасадор, како и претходната амбасадорка од Шведска. Исто така и германската министерка за европски  и надворешни работи на покраината Хесен. Генерално, сите тие личности се скромни и работат со голема посветеност.  Пријатната скромност која ја имаат тие европски култури треба да биде застапена и кај нас.


RK: Кои вредностите ги промовира ЕУ?

Благородна: ЕУ ги промовира човековите вредности: толеранција, почит, прифаќање, мир, пријателство, поддршка, иновативност, развој... Сите овие вредности треба да ги негуваме за да одиме напред како општество.

 

RK: Какви се плановите за 2023 конкретно за Europe House Крива Паланка?

Благородна: Ние ги опфаќаме Крива Паланка, Ранковце, Кратово, Куманово, Старо Негоричане и имаме иницијални контакти со Липково. Нашите желби и планови се она што и досега го правиме, а тоа е пред се поддршка на младите, да продолжиме да го правиме и во иднина на некое повисоко, попрофесионално ниво.

 

RK: Ти благодарам многу Благородна. И за крај, која е твојата порака воедно и честитка?

Благородна: Посакувам здравје, благосостојба, среќа и радост за сите. Да бидеме отворени за убавите нешта, но и за проблемите. Да прифаќаме сѐ со многу поголема отвореност, да знаеме да живееме во моментот и да ги цениме и славиме сите убави нешта во животот.



БЛОЖИЌ 2022/2023:

БЛОЖИЌ #69 - Не фрлај петарди!


БЛОЖИЌ #68 - Новогодишниот базар и ХУМАНИТАРНАТА КУЌИЧКА (број 9)


БЛОЖИЌ #67 - „2022 е феникс година за мене“ - Бети Стоилковска


БЛОЖИЌ #66 - Крива Паланка навива за...



Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib