Post Page Advertisement [Top]

 


Христос се роди! Среќен Божиќ!

Изминативе месец дена сите пишуваа и зборуваа за Крива Паланка. Овој Божиќ, пред вас е тој – креаторот на Новогодишниот базар. 

Еден искрен и краток осврт на неговиот живот, предизвиците и сите досегашни улоги.

Прочитајте!



RK: Христос се роди! Среќен Божиќ! Здраво градоначалнику, како сте и како се чувствувате?

Сашко: Навистина се роди! Добро сум, имам измешани чувства на гордост и задоволство по сето она што го приготвивме за да може Крива Паланка да блесне во вистински новогодишен сјај.

 

RK: Дали сте задоволни во врска со тоа како помина овој, втор по ред, Новогодишен базар во Крива Паланка?

Сашко: Повеќе од презадоволен.

 

RK: Раскажете ни малку повеќе за тоа како изгледа процесот на организација, кога почнува и како се одвива?

Сашко: Подготовките почнуваат од месец септември. Потребно е прилично доста време да се развие концептот што го имаме направено и имаме навистина сериозен пристап кон подготовките. Исто беше и минатата година, кога на некој ќе спомнам во септември, ми велат дека е рано, има време, но навистина сето ова си бара многу посветеност иако можеби не изгледа така.

 

RK: Дали гледате потенцијал во тоа Новогодишниот базар да прерасне во традиција и да ја направи Крива Паланка препознатлива како мал новогодишен/божиќен град?

Сашко: Видете, критериумот е кренат многу високо и секоја наредна година ќе биде сериозен предизвик, пред се на мене лично, да направиме нешто повеќе од претходната година. Веќе имам некои идеи, но како што знаете Крива Паланка оваа година беше во фокус на сите медиуми и навистина е голем предизвик што ново да се понуди, пред се за граѓаните, а секако и за туристите.

 

RK: Навистина програмата понуди забава буквално за сите граѓани, од сите возрасти. Дали Вие учествувавте во креирање на истата?

Сашко: Целата програма лично јас ја имам креирано. Целиот концепт, програмата, контактите со изведувачите лично јас ги имам направено.

 

RK: Во споредба со првиот Новогодишен базар, на кои нешта работевте да ги подобрите овој пат?

Сашко: Првата работа е дека секогаш носиме одлуки согласно со она што бараат и сакаат граѓаните. Не е во прашање мојот личен вкус или избор, туку едноставно што е актуелно и што сакаат тие. Јас доаѓам од младата генерација, ги следам трендовите и водејќи се од помислата најдоброто што можам да им го понудам, ја креирам и самата програма. На мое огромно задоволство срушив и стереотипи, донесов изведувачи за коишто граѓаните не би можеле да замислат дека ќе ги донесеме.

 

RK: Како дојде идејата оваа година Дедо Мраз во Крива Паланка да пристигне со хеликоптер?

Сашко: Идејата е од минатата година, но поради временските услови не се реализираше тука кај нас, тогаш Општина Кавадарци ја реализираше. Инаку, тогаш пристигнувањето со хеликоптер требаше да биде изненадување. Благодарност до службите од МВР Хеликоптерската единица, оваа година на наше задоволство, а пред се за среќа на дечињата, Дедо Мраз пристигна со хеликоптер и во нашиот град.

 

RK: Дали навистина беше изгубен телефонот на Дедо Мраз или тоа беше шега?

Сашко: Да, да. Вистина е, јас му ветив дека во најбрз временски период ќе му се одолжам и за тоа.

 

RK: Каков фидбек добивате од граѓаните и дали ви причинува задоволство кога ќе ги видите задоволни и насмеани?

Сашко: Нема поубаво чувство од тоа кога ќе ги видиш луѓето задоволни од твојата работа. Конкретно околу пристигнувањето на Дедо Мраз - детските, искрени насмевки ми го полнат срцето.

 



RK: Верувам дека допреле до Вас различни коментари во врска со делењето пакетчиња, дека не добиле сите деца, имало грабање и слично. Како го коментирате тоа?

Сашко: Масовноста си направи свое, оној број подароци што го имавме навистина се покажа како недоволен. Така што, за наредена година мораме да размислиме околу начинот на делење подароци.

 

RK: Кога станува збор за куќичките, како сте задоволни од нив? Оваа година мислам дека беа повеќе на број...

Сашко: Да, оваа година имавме куќички со побогата понуда. Исто така, јас лично им се имам јавено и ги имам мотивирано да бидат дел од овој Новогодишен базар. Да понудиме содржини што големите европски метрополи ги имаат и заедно успеавме. Во неформален разговор со нив, слушам дека се презадоволни.

 

RK: Како успеавте да го изменаџирате сето ова во време на енергетска криза?

Сашко: Искрено, имав дилема како ќе се одвиваат нештата и како ќе бидат прифатени во тој контекст бидејќи сите препораки се да се штеди електрична енергија. Верувајте, со добро менаџирање успеавме да го реализираме новогодишното украсување со помош на успешни компании кои се надвор од границите на државата. Искажуваме голема благодарност до: Горанчо Јакимовски и Phenix Fenetres France, Дени Јовановски и МАК БАУ, Даниел Ѓорѓиевски и Select One Inc, GDR Company и вработените. И секако Select Caffe и Етно Гостилница Воденица 3. Тие имаат донирано за новогодишното украсување. Додека пак за новогодишната програма, значителна сума средства обезбедивме од општински, буџетски средства како и спонзорства.

 

RK: Новогодишниот базар беше Ваш новогодишен подарок за граѓаните. Дали на вашите дечиња им купивте новогодишни подароци и дали се задоволни?

Сашко: Да, задолжително. Знаете, мора да бидам искрен, кога сте презафатени и немате време за семејството, не приметувате дека тие веќе имаат пораснато. Не се повеќе мали, не се радуваат на пакетчиња, бараат нешто друго...

 

RK: Ајде да се навратиме на времето кога Вие бевте дете. Како го памтите детството, новогодишните празници?

Сашко: Ние се многу дружевме во споредба со денешните генерации. Секојдневна дружба, организиравме турнири, маалски друштвени игри. Денес, како што можам да приметам, таа дружба ја нема. Се е сведено на социјални мрежи, новото време си го прави своето.

 

RK: Дали бевте дете што бара многу, што сака сѐ? Од денешна перспектива како се сеќавате на тие спомени?

Сашко: Да, секако. Кое дете не сака сѐ? Знаеш, денес јас сум човек што се радува на малите нешта, малите нешта ме прават среќен.

 

RK: Каква личност бевте во вашата рана младост?

Сашко: Човек што постојано отскокнува од генерацијата и сака да се докаже. Бев иницијатор за организирање на настани, спортски, културни манифестации. Мило ми е што менаџерските способности кои ги имам развиено и истакнато тогаш, ми служат и ден-денес во мојата работа.

 

RK: Вие како градоначалник ги промовирате и поддржувате младите. Зошто се важни тие за едно општество?

Сашко: Младите се најважни. Тие се двигател и сила на секое општествено случување. Мене навистина ми е многу криво, и поразително за нас политичарите, кога ќе видам фотографија од наше младо дете во странство и не сме направиле нешто повеќе да остане тука. Јас можам да приметам дека платите не влијаат толку, туку младите немаат верба. Мора да имаме политичари во кои младите ќе гледаат верба во нив. Верба дека може да ги промениме нештата на подобро. Желбата на една единка за промена не е доволна, потребна е национална свест. Национално лидерство за да ја вратиме вербата на младите во целиот систем.




RK: Какви беа почетоците на вашата бизнис кариера?

Сашко: Почнавме со нешто во кое никој не веруваше дека од тоа може нешто да биде, дека може да се изгради бренд кој денес е препознатлив на регионално ниво (Етно Гостилница Воденица 3). Никој не ни веруваше дека можеме да успееме. Јас кога ги прашував луѓето да почнат со работа кај нас, повеќето беа скептици, велеа дали сте нормални, во планина кој ќе дојде... На почетокот имавме проблем со пронаоѓање луѓе што сакаат да работат. Потоа, кога се виде дека нашиот концепт е сериозен, наметнавме нови критериуми и правила во угостителскиот сектор, стана многу полесно да се најдат вработени. Кога се реши проблемот со работната сила, имавме други проблеми во континуитет од седум-осум години. Од денешен аспект, тие проблеми нѐ имаат направено да бидеме издржливи и умешни во тоа како да менаџираме во време на проблеми. Навистина, можам да кажам дека ние во нашиот бизнис поминавме трнлив, тежок пат и мило ми е што на крајот на целата приказна ние сме сепак успешни.

 

RK: Пред десетина години, дочек на Нова година во Воденица беше навистина настан во градот, сите ги очекуваа и коментираа фотографиите... Тогаш немаше програма како сега, но пак самиот дочек беше случување во градот.

Сашко: Ние со сѐ што понудивме како концепт (Воденица и Селект) наметнавме нови стандарди и правила, не само на локално, туку и на регионално ниво. Веќе сме препознатлив бренд кој ја диктира динамиката на угостителскиот сектор било да станува збор за свадби, матурски, роденденски или било каков друг вид прослави.

 

RK: Како се менуваше начинот на кој се раководи со еден бизнис во текот на сите тие години?

Сашко: Мене лично и тогаш во бизнисот, а и сега во менаџирањето со општината, главна водилка, нешто што ми дава енергија и ме мотивира се задоволни луѓе. Тие го трасираат патот и знаете што треба да правите.

 

RK: Сакате ли да ни споделите нешто за Select Pizza Bar? Дали тоа го сметате за кариерна грешка?

Сашко: Не, не, напротив. Сакавме да се пробаме и во тој сектор. Повторно понудивме нешто ново и пристапно за граѓаните. И ден-денес добивам коментари дека такво нешто недостасува на градот. Причината зошто го затворивме беше тоа што и денеска постои, односно недостиг на работна рака. Не можевме да постигнеме и моравме да донесеме таква непопуларна одлука, причината не е финансиска. Донесовме одлука дека мора да се позиционираме на два објекта за да го задржиме стандардот што го поставивме. Инаку и последниот ден имавме промет исто како и првиот ден.

 

RK: Стигнуваме до етапата ГРАДОНАЧАЛНИК, како гледате на оваа општествена улога?

Сашко: Јас сум човек борец. Секогаш може подобро и повеќе. Изминатава 2022 година е навистина успешна, со многу реализирани проекти од локална патна мрежа, култура, спорт и останати области. И во 2023-та продолжуваме со реализирање на нови проекти, само во локалната патна мрежа ќе се вложат близу милион и 800 илјади евра. Сериозна сума на средства, која во досегашната историјата на градот, се нема вложено во една календарска година.

 



RK: Да преминеме на тема празници. Претпоставувам дека празниците ги поминувате со семејството. Колку е за Вас важно семејството и нивната поддршка?

Сашко: Најмногу од сѐ. Нашата работа бара жртви, нашите најблиски трпат заради нашата работа. Нешто што најмногу ми е криво, е тоа што последната година најмалку време имам за семејството. Кога на моите дечиња им однесов пакетчиња, тогаш реално сфатив дека тие пораснале. Тоа е нешто што не можеш да го вратиш назад и со пари не се купува.

 

RK: Реално, колку имате слободно време?

Сашко: Многу малку. Јас спомнав дека сум борец и не сакам денешната работа да ја оставам за утре, давам сѐ од себе. Доаѓам на работа сабајле во 7 часот, а си заминувам 8-9-10 часот навечер. Секој ден правам барем по една теренска посета, сакам јас лично да имам увид како се одвиваат нештата на различни делови од градот.

 

RK: Кое место во градот Ви е омилено место за релаксација?

Сашко: Испосницата на Св. Јоаким Осоговски во Градец.

 

RK: И за крај, која е Вашата порака по повод Божиќ, Новата 2023-та година?

Сашко: Да шириме позитивна енергија, да се сакаме што повеќе, омразата да ја тргнеме на страна, политиката да ја тргнеме на страна. Да правиме добри дела бидејќи носат радости кои исполнуваат и даваат мотив за многу повеќе. Да ги отвориме нашите срца во 2023-та.

 

RK: Можеме да заклучиме дека сте среќен, задоволен и спремен за сите нови предизвици кои ги носи 2023-та и да продолжите да бидете тука за граѓаните како и досега.

Сашко: Фала Ви, мене ми е мило и нема поголема награда од тоа кога луѓето се задоволни од вашата работа. Тоа е најголема награда, сатисфакција и мотив за многу повеќе.


RK: Ви билагодарам и Вам, пред сѐ за искреноста и довербата, а секако и за прифаќањето на поканата да го направиме ова божиќно интервју.




БЛОЖИЌ 2022/2023:


БЛОЖИЌ #73 - Мачки


БЛОЖИЌ #72 - Дедо Мраз во Крива Паланка



БЛОЖИЌ #71 - Најдоброто од 2022


БЛОЖИЌ #70 - „Промената може да биде тивка“ - Благородна Пешевски 


БЛОЖИЌ #69 - Не фрлај петарди!


БЛОЖИЌ #68 - Новогодишниот базар и ХУМАНИТАРНАТА КУЌИЧКА (број 9)


БЛОЖИЌ #67 - „2022 е феникс година за мене“ - Бети Стоилковска


БЛОЖИЌ #66 - Крива Паланка навива за...

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib