КОНКУРС: „Вакри и Лапанка од Крива Паланка“ |
Вакри и Лапанка од Крива Паланка
Секое утро Вакри со своите стари рѓосани железни клучеви го отвораше своето мало дуќанче наредено во низата на старите неваросани дуќанчиња долж малото гратче. Занаетот ја предодреди неговата судба, а таа беше детерминирана од неговите претци. Четири века тие векувале и тихувале, челад изродиле, умирале, па се намножиле и биле прочуени како фамилијата Егријци по стариот турски назив на планинското гратче покрај коритото на Крива Река. Мажите од фамилијата Егријци биле стамени и високи луѓе, кротки по нарав, великодушни по душа и памук во срце, додека пак жените им биле најубавите моми со долги руси коси сплетени во густи плетенки, гајтан веѓи, тенки половини и јадри бедра. Вредни на разбој и скромни во однесување. Егријците и Егријките биле одмерени во зборој, точни во времето и прецизни во својата работа. Впрочем таков им бил занаетот да се часовничари. Тие биле првите предвесници во градот кои знаеле кога ќе застуди и заснежи и кога ќе раззелени и затопли.
Верни биле на својата традиција и секое машко новороденче го нарекувале Егриј, а секое женско новороденче Егријка и така ја ,,исправувале’’ симболиката на Егри преведена како Крива.
Вечерта кога мајката на Вакри се пораѓала во тешки породилни маки, реката ѝ ги чула нејзините жалосни лелекања и од жал по неа се расплакала, па се излила од своето корито. Излевајќи се таа не сакала повеќе да е крива, па се обидувала да го исправи своето течение, зашто така мислела дека ќе го исправи своето ,,кривоклетство’’.
Секако дека не успеала, бидејќи таа не била кривоверна, но затоа успеала да ја помеша својата со плодовата вода и мајката на Вакри го донела на свет малото белузлаво детенце. Откако таа се породила, цела вечер се думала со својот маж како да ја променат традицијата, бидејќи ,,кривоклетството’’ од водата при породувањето навлегла во плуќата на нивниот син. И така од Егриј станал Вакри.
Кутрите не почувствувале дека ќе му го сменат животот на своето дете и тој додека растел освен карактеристичностите од својата фамилија да ги поправа часовниците умеел да ги маѓепса стрелките да изберат среќни мигови со кои ќе ги усреќат паланечките семејства. Се облачал како чудак, но, на луѓето не им пречеле неговите дреи и се прочул не само во градот и околните села, туку и во пошироката околија по неговите чуда.
Од другата страна на реката постоела уште една ценета фамилија - Дерејци. Мажите Дерејци биле стројни и витки луѓе, праведни и честити, а жените им биле лични и мамеле машки погледи со најубавите очи кои ги краселе паланечките тесни сокаци. И така Дерејците и Дерејките се издвојувале по најпитомите, најбистрите и најсјајните погледи кои можеле во еден миг да ја прелетаат Осоговијата со својата острина и да ја проценат нејзината убост. Учени луѓе биле. Во нивното дуќанче на полиците биле наредени најмудрите книги од кои ги црпеле вештините на својот занает. Оптичари по еснаф. Ги поправале очилата на паланчанки и паланчанци.
И тие како фамилијата Егријци машката ја именувала како Дереј, а женската челад како Дерејка се до моментот кога мајката на Лапанка ја променила традицијата. Во раната мугра кога таа се пораѓала бабицата не можела да ѝ дојде, оти околу нејзината трошна куќичка наврнале поројни дождови и ѝ го срушиле стариот покрив, па комшиите и помагале да го поправи. Мајката на Лапанка останала сама, од породилните маки таа се онесвестила и сонувала чуден сон како една река станала паланка. Не можела да се изначуди на сонот како една река можела да се претвори во гратче. Впрочем и нејзината лоза Дере течела како река, но, како ли би можела водата да се зацврсти и да се втемели во едно планинско гратче!
И така додека се будела била во недоумица дали ќе е река или паланка одлучила својата женска челад да ја преименува од Дерејка во Лапанка.
Родителите ја променија Лапанка и таа освен личните белези кои ги имаше од својата фамилија ја имаше моќта поправајќи им ги очилата на луѓето да им ја подобрува видливоста и да им ја остварува нивната најубава визија. Првото дуќанче до дуќанчето на Вакри беше дуќанчето на Лапанка, но тие никогаш не се сретнале. Ех, да биле Егри Дере тие одамна ќе се љубеле, но биле Вакри и Лапанка! Нив двајцата градот ги залиќаше како две осамени души, а нивната осаменост најмногу ги погодуваа нивните семејства, бидејќи тие стасаа за женидба и мажачка.
Еден ден, во двата најпосетени дуќани се раскопчуваше една поинаква реалност. Реалност во која битисуваше вечното бдение од Бога дадено и притоа се забележуваше дека секое камче во калдрмата не се скаменува, туку дека сака да ја зазборува и да ја расприкаже нејзината дамнешна желба да ги сретне двајцата млади.
Таа сакаше Вакри да ги запознае најубавите очи од Лапанка, а таа да го запознае Вакри со неговата великодушност да подари радост на целото човештво.
-Д’нска е Божиќ! Адет е да ги наместам часовниците да одбројуваат среќни мигови и да ги раздадам како подароци на несреќните срца. - си помисли во себе Вакри и почна со своите магични прсти да ги мести стрелките од тага во радост.
-Д’нска е Божиќ! Адет е да ги поправам очилата и да ги раздадам како подароци, за да можат рамнодушните срца да ги обвистинуваат најпосакуваните пророчки визии. - си помисли наглас Лапанка и почна да се радува на нејзината замисла.
Додека двајцата беа занесени во своите занаети, божиќната магија се погрижи и за нив така што испрати еден поганец да се вовлече во дуќанчето на Лапанка. Откако таа го виде кутриот поганец како се вртка околу нејзините нозе, вресна толку силно што Вакри излета од своето дуќанче и влета во нејзиното дуќанче. Тогаш тој за првпат ги наврте стрелките на љубовта и ги застрела од својот биолошки часовник во срцето на Лапанка, а таа за првпат му ги распосла своите златести видици на кои тој не можеше да им се изнагледа!
Течението на Крива Река си го продолжи животот, но истовремено и ја сокри тајната дали Лапанка беше прва што го пронајде Вакри со својот поглед или Вакри беше прв што ја наместил стрелката да ја застрела во нејзиното срце.
Како и да е, таа му ги подари највеличествените видици, а тој на неа ѝ го измери своето време посветувајќи ѝ ги најрадосните мигови на млада челад. Беше негова. Беше нејзин.
Секој ден таа му велеше: „Такв те сакам“, а тој на неа: „Таква те љубам!“ Градот веќе знаеше дека се споија во љубов Вакри и Лапанка, бидејќи станаа ЕДНО! Дишеа ЕДНО! Беа ЕДНО! Станаа КРИВА ПАЛАНКА!
А, нивните дуќанчиња сѐ уште работат и сѐ уште е адет да се подаруваат часовници и очила за Божиќ. Така луѓето ги усреќуваат и така на луѓето им ги остваруваат визиите за потполна љубов. Занаетчии беа и нивните деца и нивните внуци.
Продолжија да создаваат чуда во нивните малечки дуќанчиња, кои наизглед мали ама поголеми беа и од најголемите светски облакодери и со своите излози посјајни и од најсјајните светски шопинг центри.
Наши се и на нас читателите иако си имаат свои сопственици! И ние посетителите си ги поседуваме додека се пулиме по нив!
Е, таква си е Осоговијата, да не можеш да ја изнагледаш и да не сакаш да се одвоиш од неа! Медитативна миризба од планинско духовно битие кое полека и спонтано се вовлекува и од здивени, заматени, неодмерени и крволочни ги претвора во одмерени, точни, питоми, бистри и сјајни човечки души!
Какви што биле семејствата Егријци и Дерејци со своите паланечки домаќинлаци!
Во какво и да е руво Крива Паланка пак ќе посака секој гостин да ѝ дојде и да ѝ прозбори!
Маја Трајковиќ
47 години
Скопје
БЛОЖИЌ 2022/2023:
БЛОЖИЌ #74 - Божиќ со Сашко Митовски |
БЛОЖИЌ #73 - Мачки |
БЛОЖИЌ #72 - Дедо Мраз во Крива Паланка |
БЛОЖИЌ #71 - Најдоброто од 2022 |
БЛОЖИЌ #70 - „Промената може да биде тивка“ - Благородна Пешевски |
БЛОЖИЌ #69 - Не фрлај петарди! |
БЛОЖИЌ #68 - Новогодишниот базар и ХУМАНИТАРНАТА КУЌИЧКА (број 9) |
БЛОЖИЌ #67 - „2022 е феникс година за мене“ - Бети Стоилковска |
БЛОЖИЌ #66 - Крива Паланка навива за... |