Градски музеј Крива Паланка е институција чиишто темели
значајно ги зацврстија столбовите на културата на ова подрачје. Етнологот и
директор Драган Т. Величковски е првиот човек којшто стои позади оваа успешна
приказна. Во продолжение покрај темите за музејот, тој ни зборува за својот
живот, културата, археологијата и историјата на „Градот со вкус на симит“,
односно Крива Паланка. Прочитајте!
● Потекло и детство
RK: Здраво
Драган, како сте? И за почеток да ни објасните што означува буквата „Т“ во Вашето
презиме?
Драган: Добар
ден и од мене, добро сум. Благодарам за интервјуто и интересот пред сѐ да се
занимавате со мене и мојот лик. Буквата „Т“ се однесува на моето потекло,
односно потеклото на еден дел од мојата фамилија. По мајка, јас сум од
фамилијата Тамбуркови и бидејќи не го носам директно тоа презиме, буквата „Т“
ја користам како еден вид уметничка додавка, на некој начин да се поврзам со
тие мои предци кои дале толку многу за градот, за нашата Крива Паланка.
RK: Кои
се Тамбуркови и зошто се значајни за нашиот град?
Драган: Тамбуркови се една голема и стара фамилија од градот Крива Паланка. Нивното потекло е од дамнина, некаде од 18-ти век првите предци на Тамбуркови почнуваат да се среќават во историските извори на градот Крива Паланка. Тие биле богата фамилија која живела близу до Грнчарска маала на местото викано Амбар (над Стара Чаршија). Од најстариот предок на Тамбуркови се одделиле две гранки, од едната гранка потекнува познатиот македонски и кривопаланечки револуционер Константин Коце Тамбурков. Понатаму, од таа лоза потекнуваат двајца познати браќа Славе и Љубен Тамбуркови кои се првите книжари, претприемачи во Крива Паланка и луѓето коишто ја започнале изградбата на браната на Дурачка Река или акумулацијата на Дурачка Река како хидроцентрала, меѓутоа тој проект не заживеал.
Директен мој предок е
Димитар Мите Тамбурков, татко на дедо ми Драги по којшто и јас сум крстен.
Димитар Мите Тамбурков е првиот градоначалник (Претседател на Општина) на нашиот град којшто потекнувал од Крива
Паланка. Претходно градоначалниците потекнувале од различни места од Србија, а
во 1927 година за првпат како градоначалник бил именуван тој како некој што
потекнува од самиот град. Понатаму, д-р Наско Тамбурков е првиот детски педијатар
и воопшто првиот кривопаланчанец којшто се стекнал со лекарска диплома и
специјализирал на детска педијатрија во Белград. Неговото име го носи една
улица во Крива Паланка бидејќи тој трагично го загубил животот во 1971 година.
RK: Какво
беше Вашето детство, во кој дух бевте воспитуван?
Драган: Јас сум градско дете, по мајка и по татко потекнувам од
Крива Паланка. Како што спомнав, Тамбуркови е фамилијата на мајка ми, а фамилија
од страната на мојот татко е Абалаџови. Тие живееле во Варошка маала (токму на
Старата Чаршија), шнајдерска фамилија, биле занаетчии.
Во нашето детство се
живееше со повозрасните, со баби и дедовци. Сето тоа што сум го преживеал со
нив, на некој начин сум го впил во
мојата детска меморија и тоа ме следеше се до отворањето на овој музеј.
Живеевме во патријахална средина, тие стари традиции на градско почитување, на
градски начин на живот, уредување на куќите, односите во самото семејство,
почитување на повозрасните, уважување на соседите, роднините... Многу
повозрасни луѓе што беа носители на духот на таа градска култура беа сѐ уште
живи, така што во нашето цело маало ги познававме сите тие луѓе и многу често
престојувавме повикани и неповикани во нивните куќи и дворови.
Како деца, на собор
одевме само на Манастирот Св. Јоаким Осоговски, редовно одење на гости кај
најблиските по различни поводи и празници, детските игри во Рамнишка (Баир) над
нашите куќи во Грнчарска маала. И се разбира вкусовите на специјалитетите кои
ги правеа повозрасните жени, односно нашите баби. Тие многу често ќе нѐ пратеа
кај соседка или роднина нешто да однесеме и тоа беше пропратено со нешто да нѐ
почестат.
Растев во една мешана
средина, од аспект што во Грнчарска маала беше лоцирана зградата каде што беа
сместени децата на офицерите на ЈНА. Расневме со деца кои имаа српско,
босанско, хрватско потекло или потекнуваат од мешани бракови. Од друга страна
беше населбата Единство. Така што како деца раснавме во мултиетничка мешана
средина и тоа е многу важно за толеранцијата којашто понатму ја носиме во себе.
RK: Од
тука ли произлегува љубовта кон градот?
Драган: Јас
отсекогаш сум бил љубопитен за тие стари работи. Знаете кога престојувате и
раснете во стара (ретро) куќа, во каков што дух беа куќите на моите дедовци и
баби, предметите во тие куќи ви се интересни, особено кога ви раскажуваат за
нивните животи, покажуваат фотографии и на некој начин доколку тоа ве
интересира, го впивате и останува со вас.
RK: Дали тоа имаше влијание врз Вашиот кариерен
пат, односно образование?
Драган: Отсекогаш
општествените дисциплини ми биле блиски. Јас припаѓам на тој хуманистички свет,
со другарите со кои растев имавме афинитети кон музиката, поезијата,
историјата... Етнологијата беше една од дисциплините која ја запознав при
крајот на моето средно образование, беше предизвикувачко поле за мене бидејќи
историјата ја учевме и во средно, а етнологијата беше еден нов повик за мене.
Кога бев студент многу
влијаеше врз мене борбеноста на мојот ментор. Тогашната раководителка на
Заводот за етнологија, проф. Д-р Анета Светиева се залагаше заводот да стане
институт. Тоа беше долгорочна нејзина борба, заедно со тогашните асистенти,
подоцна професори. Кога менторот ви е инспиративен и борбен, тоа влијае и врз
вас. Таа беше ментор и на мојата дипломска работа на тема „Етнонимите во
Кривопаланечко“, односно внатрешно етнографски поделби во Крива Паланка помеѓу
пољци и планинци, карки и шопи...
● Градски музеј Крива Паланка
RK: Како
се роди идејата за отворање музеј во Крива Паланка?
Драган: Тогашниот Завод за етнологија беше многу прогресивен, постојано донесуваше професори од Балканот да ни држат предавања на нас. Во рамките на една етнографска школа што беше основана од Заводот за етнологија во местото Самоков, Македонски Брод, предавање држеше еден професор од Словенија којшто во проектот што го разработувавме согласно неговата тема, ме праша дали има музеј во Крива Паланка.
Јас му одговорив дека нема, но неговата реакција беше:
- „Направи музеј и создади си работно место“.
Тоа беше еден од мотивите заедно со љубовта кон тоа да допринесам нешто
кон својот град. Со општината и Центарот за култура почнавме да работиме на
случајот, на кој начин да оформиме збирка или самостојна институција. Во тој
период пристигна нов закон за култура кој сѐ уште е активен. Се направи реорганизација
на институциите - едни станаа национални, други станаа локални. Секоја останата
општина што сака да основа било каква институција, треба сама да ја финансира.
Ние тргнавме по тој пат, општината да основа институција и да се финансира од
општинскиот буџет мислејќи дека во меѓувреме нешто ќе се промени. Но, и до
ден-денес начинот на основање на институции останува ист, а пак ние, Градски
музеј Крива Паланка и музејот во Виница сме единствените два музеи-институции
што функционираат според тој закон.
RK: Какви
беа почетоците?
Драган: Почетоците
беа тешки, 2005/6 година општината доби проект за реконструкција на зградата на
стариот дом на АРМ, односно ЕСМ Крива Паланка, односно денешниот Градски музеј
и формирање на туристички-информативен центар. Јас бев ангажиран да работам
како раководител, но тоа не беше музеј туку реконструкција на зградата и
уредување на три канцеларии. Во тој период мошне важна беше улогата на Општина
Крива Паланка бидејќи имаше разработено проект за реконструкција на зградата и
во тие неколку години успеа да се најдат средства да се реконструира и
останатиот дел од зградата. За нас како музеј мошне важен беше периодот
2009-2011 година кога во Крива Паланка престојуваше госпоѓата Керол Хај од Сан
Франциско, САД, чијашто баба од Крива Паланка емигрирала таму во раните 1920-ти
години.
Од почит кон нејзината
баба и родниот крај, таа направи еден фонд во рамките на црквата во Мичиген
каде што живееја нејзината мајка и баба. Таа собра одредени средства да се
оформи првата поставка во музејот. Во меѓувреме и јас постојано работев, спроведов
два проекти пред Министерството за култура и пред Норвешката амбасада. Кога ги
составивме средствата од Норвешката амбасада и американските средства, тогаш
успеавме да ја оформиме првата етнолошка поставка и првата историска поставка,
тоа беше во 2011-та година.
Во тој период сум
напишал стотици проекти барајќи поддршка од многу амбасади, вклучително и
Министерството за култура. Тешко е да бидете препознаени првпат, некој да
поверува и да ви ја поткрепи идејата што ја имате. Затоа изразувам голема
благодарност до Норвешката амбасада, госпоѓата Керол Хај и градоначалникот Арсенчо
Алексовски беше мошне активен во тој период, бараше средства, имаше желба и му
беше чест што во неговиот мандат ќе се отвори нешто толку значајно за градот.
RK: Во
кој период застанавте цврсто на нозе, односно кога препознавте дека она за што
се залагате ги дава првите резултати?
Драган: 2011
година беше клучната година. Тогаш се отвори првата етнолошка поставка и мала
историска поставка. За првпат ни се врати целиот вложен труд во смисла на
сатисфакција. Особено граѓаните беа горди на старите фотографии. На нив ги
препознаваа своите предци бидејќи таму имаше многу фотографии од свадби,
испраќања во војска, во странство и други социјални моменти од градскиот живот.
Многу луѓе тогаш ја посетија поставката и дадоа позитивни коментари за истата.
RK: Како
се одвиваше процесот на формирањето на поставките во музејот?
Драган: Потоа,
со континуирана работа на проекти со Министерството за култура ги подобрувавме
нашите перформанси и капацитети. Собиравме предмети од граѓаните, вршевме откуп
на предмети. И јас самиот ги собирав најважните предмети од домовите на моите
фамилии – Тамбуркови, Абалаџови и Димитрови (фамилијата од страна на мојата
сопруга). Така се создаваше етнолошката збирка на стариот градски живот. Многу
луѓе и градски семејства подарија предмети како спомен од нивните родители и
предци и се собираа предмети за да може да се збогати збирката и да се
експонира подобро во постојаната етнолошка поставка, во историската поставка и
во археолошката поставка.
Во 2013 година кога
општината го реновира и останатиот дел од зградата, се оформи археолошката
поставка. Тоа беше голема голгота бидејќи немавме предмети. Во тој период работевме и преговаравме со Музејот на
Македонија да ни отстапат одредени предмети за да можеме да ја направиме
поставката, а колегата Милан Митовски постојано беше на теренско рекогносцирање
за да може да собере нешто од теренот и од луѓето што ги вадат предметите и
ден-денес од Славишко поле за да ја направиме археолошката поставка. И
успеавме, во 2013 година ја направивме археолошката поставка која потоа е малку
збогатена и во план е нејзино реконципирање.
Уредувањето на
уметничката галерија беше последен голем проект. Норвешката амбасада во Скопје
се затвори, а нивната амбасада во Белград стана регионална. За првпат беше
отворен еден повик за проекти којшто важеше и за Македонија. Јас аплицирав и
бевме први грантисти од Македонија коишто добија средства од Норвешката
амбасада во Белград. Со тој проект го реконструиравме целиот простор каде што
денеска е уметничката галерија која ни служи за повремените изложби кои што ги
организираме ние, а и другите институции во градот.
Генерално во 2006 година
се основаше музејот, но до 2008 година немаше ништо конкретно. Од 2008-2014 година
спроведовме интезивни активности со многу ентузијазам за да музејот изгледа
како што треба.
RK: Дали
некогаш постоеле сомнежи дека сепак треба да се откажете од идејата за музејот
и да се пренасочите кон нешто друго?
Драган: Не, јас
денеска работам со голем ентузијазам, а на почетокот тој беше уште поголем.
Интензивно работев и на други проекти за прогресот на културата во Крива
Паланка. Знаеме добро дека градот немаше
баш добро реноме кога станува збор за култура.
● Град на културата
RK: Во
2013-та Крива Паланка за првпат е „Град на култура“. Еве, единаесет години
подоцна, градот годинава повторно ја носи истата титула. Кога би направиле
споредба, која е разликата од тогаш и сега?
Драган: Тогаш,
во 2013-та тоа беше големо признание за Крива Паланка, а голем ангажман за нас.
Во тој период паралелно со работата на етнолошката поставка и уредувањето на
уметничката галерија на која се работеше 2013-2014 година. Ние како институција
го преземавме најголемиот дел за програмските и логистичките работи во рамките
на „Град на култура“.
Од друга страна сето тоа
беше ново за нас, ние дотогаш немавме воопшто работено на музичко-сценски,
концертни активности. Беше предизвик, но успешно ја реализиравме програмата таа
година заедно со Центарот за култура и Општина Крива Паланка.
Во 2024 година носењето
на титулата „Град на култура“ е многу полесно бидејќи веќе го имаме поминато
тоа искуство. Исто така, во периодот измеѓу имаме стекнато и многу искуство
работејќи на програмата за култура на Општина Крива Паланка. Центарот за
култура е екипиран, подобро уредена сала, подобро техничко озвучување.
Плоштадите се уредени, имаме и нова
летна сцена како место за одржување на културни активности покрај просториите на
музејот. Технички сме многу подобро опремени и мошне подобро се справуваме со
спроведување на програмата од „Крива Паланка - Град на културата 2024“.
● Археологија
RK: Потоа,
како течеше развојот на музејот?
Драган: Работата течеше по еден развоен пат. Општина Крива Паланка и сите градоначалници досега (Алексовски, Мицевски, Митовски) даваа силна поддршка на работата и проектите на Градски музеј. И Министерството за култура во рамките на годишните програми исто така даваше поддршка.
Така, ние веќе во 2015/16 година започнавме со реконцепција на поставките.
Ако музејот е статичен, нема да е интересен за публиката. Започнавме со
реконцепција на етнолошката поставка, а подоцна и на историската. Направивме
нов концепт со архитект Петар Намичев. Започнавме проект за презентација на
носиите, изработка на кукли за презентација на истите, дигитализација на дел од
поставките итн.
Во историската поставка истражувањата течат малку побавно, во процес сме на
реконцепија на две поставки. Веќе размислуваме и археолошката поставка да ја
реконципираме, а тоа значи менување, модернизирање, осовременување, вклучување
и прилагодување на новите технолошки средства.
Работевме на археолошките локалитети.
Музејот како музеј е само финалниот дел, презентацијата. Изискувачкиот дел
се истражувањата. Ние во Крива Паланка не сме имале институција која
систематски би си вршела истражувања на различни теми. Затоа ние не ја имавме
задачата само да го формираме музејот, туку и да работиме на истражување на
различни теми. Без разлика дали е историја, етнологија, историја на уметност,
архитектура – ништо од тоа во Крива Паланка не е проучувано.
Археолозите се солидна екипа и вршат археолошки истражувања. Десет години
вршеа истражувања на с.Градец, оваа година започнавме истражувања и во с.Псача.
Една година истражувавме и во с.Трново. Со тоа се создаде еден добар фонд на
материјали и во исто време направија систематизација и проучување на истиот.
Резултатите од сите тие истражувања се објавени во Славишки зборник и во други
списанија.
Паралелно работевме и на историјата на Крива Паланка во османлискиот
период. Тој проект започна 2020-та година и сѐ уште трае бидејќи османлискиот
период започнува 1633 година во градот, но во регионот започнува од 14-ти век.
Тоа е многу долг период.
Ја истражуваме преродбата во 19-ти век, ја истражуваме историјата на Крива
Паланка до Втората светска војна. Тоа се огромни периоди кои бараат максимална
посветеност и пред сѐ мотивираме и други истражувачи да работат по одредени
теми за да бидат подлабински обработени.
● Страмош/Стремаш
RK: Според
Вас, кој е најфасцинантниот податок до кој дојдовте преку истражувањата?
Драган: Најважен
наод за мене беше она што успеавме да го видиме во архивските документи од
османлискиот период, именувањето на населбата Страмош/Стремаш во Крива Паланка
пред основањето на градот Егри Дере (Крива Паланка). Претпоставуваме дека тоа е
населба/село со околу дваесетина куќи на територијата на горниот дел на градот.
Населбата била дервенџиска, односно луѓето се грижат за дервенот или пат.
Дервенџиско село/населба значи дека тоа се наоѓа на важен пат и населението во
тој дел од трасата се грижи за патот. Во тој период преку Крива Паланка
поминувал главниот пат помеѓу Цариград и Дубровник. Тој бил значаен царски пат
бидејќи Дубровник бил една од најважните трговски дестинации за Османлиското
царство во тоа време.
На територијата на Крива Паланка долж османлискиот пат имаме петнаесетина
дервенџиски села и сите тие се грижеле за патот. Го чуваат патот од разбојници,
арамии и несакани последици и го одржуваат патот од елементарни непогоди.
На територијата на таа населба Страмош, била изградена тврдината – Кривопаланечкото Кале во 1633 година во времето на Бајрам-паша и најверојатно после тоа Страмош се слеал во сето тоа и го изгубил своето име со тоа што почнало именувањето на тврдината Егри Дере, Егри Дере Паланка и најпосле Крива Паланка.
Тоа нас ни е многу важно бидејќи го поврзуваме со среден век. Треба да
истражуваме дали некаде во среден век се среќава топонимот Страмош и останува
да видиме дали ќе дојдеме до нешто повеќе од тоа што денеска го знаеме за
историјата на градот Крива Паланка.
● За историјата на Крива
Паланка
RK: Тврдината
е изградена 1633 и таа година се смета за основањето на Крива Паланка...
Драган: Тогаш е
изградена Кривопаланечката тврдина и плочата од основањето на Крива Паланка тоа
го потврдува. Го потврдуваат и османлиските документи кои зборуваат за „Тврдината
на Егри Дере“ или „Военото утврдување на Егри Дере“ како што го именуваат
османлиските извори. Тогаш се населени и првите жители Турци, го обезбедувале
патот што минувал низ градот. Имало мартолошка служба (народна милиција која
била користена како внатрешна безбедносна сила на Отоманското царство на
Балканот), воена служба со диздар, била изградена џамијата, караван-сарајот,
најверојатно во тврдината била изградена и воденицата. Сето тоа било изградено
како „Вакув“ – еден вид на црковна институција во Османлиската држава, завештина.
Постоеле две џамии. Едната е старата, Бајрам-пашината џамија, која се
наоѓала во горниот дел на градот каде што сега се наоѓа Европската куќа.
Втората џамија е изградена подоцна, некаде кон крајот на 18-ти или почетокот на
19 век. Таа била лоцирана во Средно маало, најверојатно каде што денеска е
лоцирана осмокатницата.
RK: Во
кој период Градец бил главно село/место на ова подрачје?
Драган: Историските
извори потврдуваат дека пред постоењето на градот Крива Паланка, Градец бил
управен центар за овој регион. Но, истражувањата не се готови да утврдиме дали
тоа се работи за периодот на Светецот Јоаким Осоговски бидејќи тогаш границите
се често менувале.
Османлиските извори се многу важни за историјата на Крива Паланка, уште
трагам за нови откритија. Со султанските реформи започнале правата и слободите
за немуслиманското население во градот и паланечките села. Била изградена
црквата, биле отворени првите училишта... османлиските извори најмногу можат да
ни помогнат за да расветлиме уште некои работи кои не ги знаеме досега за да
можеме поверодостојно да ја раскажеме приказната во историската поставка.
Од друга страна, ние како музеј не можеме да се потпреме само на текстот
како извор. Во историската поставка е многу важно публиката да има визуелен
приказ, особено за периодите за коишто нема фотографии, печати или скенови на
документи.
Со академската сликарка Кристина Стојчевска работевме на визуелизација на
одредени историски периоди. Со Кети Зашева, која е дигитален илустратор, исто
така работевме на визуелизација на неколку важни работи од историјата на Крива
Паланка. Во историската поставка е многу важно публиката да има визуелен
приказ, особено за тие периоди каде што нема фотографии, печати, скенови на
документи.
RK: Кои се најважните археолошки пронајдоци во
досегашните истражувања на ова подрачје?
Драган: Во
Градец, покрај златните монети од времето на Јустинијан, значаен е пронајдокот
на „мамузи“. Тие даваат индиции за
средновековниот период 12-14 век кога
мамузи носел само главниот на војската, принцот или локалниот велможд. Друг
значаен наод е мерен инструмент кој служел за мерење на мали, ситни количини.
Во Псача, имаме пронајдено интересен натпис на камена плоча којшто е
предаден да се дешифрира.
Од археолошките истражувања од пораниот период значаен наод е „тумуларно
погребување“ во Криво крувче. Тоа е римски наод, се смета дека тука бил
погребан некој значаен војсководец или управител од римскиот период којшто бил
погребан заедно со неговиот коњ и сите погребални предмети.
RK: Според
Вас, кое обележје во Крива Паланка е културно значајно, но не е толку популарно
или не му се дава многу на значење?
Драган: Кривопаланечката
тврдина. Најважниот културно-историски објект којшто е целосно девастиран и
државата не сака да поведе грижа. Повеќе пати сме се обидувале да иницираме
некоја активност, но безуспешно. Крива Паланка е основана 1633 година од тогаш
и датира ѕидот што е до зградата на Општина Крива Паланка, кој е остаток од
некогашната тврдина. И нема сомнеж дека за градот овој локалитет е од најголема
важност. Потребна е валоризација на објектот, да му дадат категорија и да биде
впишан во Националниот регистар на културно наследство на Македонија.
RK: Кои
се други важни објекти од историски аспект?
Драган: Манастирот
„Св.Јоаким Осоговски“ и црквата „Св.Димитрија“ се најмаркантните објекти од
културно-историското наследство. Првото училиште „Св.Димитрија“ кое се наоѓало
во црковниот двор на Црквата „Св.Димитрија“. Во него се наоѓало и читалиштето
„Зора“ до 1918-та година. Во 1925 година се гради ново училиште (зградата која
ја нарекуваме „Партизан“). Зградата на Општина Крива Паланка е исто така
значајна од културно-историски аспект, таа е изградена во последниот период на османлиското
владеење. По Младотурската револуција, тој што бил управник на градот имал
европски идеи и ја изградил првата
зграда во градот којашто има европска архитектура. Важни биле и џамиите,
чаршијата, саат-кулата (се наоѓала кај карпата на патот кон СОУ „Ѓорче
Петров“), Официрски дом изграден 1927-ма година (денешен Градски музеј),
касарна, караулите на Царев врв...
Зградата на денешното музичко училиште е исто така значајна. Фигурира како
приватен објект во времето на доминација на српската власт тука. Била во
сопственост на првиот доктор во Крива Паланка – Врченко. Тој бил руски
емигрант, живеел тука и имал своја ординација. Подоцна зградата била
конфискувана и служела за различни намени.
● 20-ти век
RK: Стигнуваме
до почетокот на 20-от век и борбата за ослободување. Имам слушнато дека Гоце
Делчев поминал низ Крива Паланка. Дали е тоа вистина?
Драган: Гоце
Делчев има писма во кои ја споменува Крива Паланка и паланечките трговци и
револуционери, но историјата на Револуционерната организација во Крива Паланка
е исто така неистражена. Многу периоди не се истражени, нема истражувач кој би
ја проучил архивски, документарно и теренски историјата на тој период.
Имало поминувања преку Крива Паланка бидејќи таа е на коридорот на
Ќустендилскиот пункт. Нашата револуционерна организација имала свој пункт во
Ќустендил и преку Кривопаланечко имало
линии преку кои поминувале чети или организацијата се снабдувала. Едниот
коридор оди кон Куманово, Скопскиот револуционерен округ. Вториот коридор оди
преку Осоговските планини кон Штипскиот револуционерен округ. На тој потег
имале јатачки места, курирски служби, луѓе што работеле за организацијата, но
за жал ние сето тоа го немаме истражено.
RK: Како
ја толкувате реченцата „Историјата ја пишуваат само победнците“?
Драган: Реално е
така, но историјата од друга страна може да биде предмет на ревизија,
доистражување, дополнување доколку има таква цел. Многу од деликатните теми во
западниот свет денеска се надминати и историјата се пишува мултиперспективно.
Од повеќе агли се проучува историјата и мислам дека тоа е најважен методолошки
пристап, историјата сама за себе е само еден политички контекст. Воопшто не
зема од останатите дисциплини како: социологијата, етнологијата и психологијата за да го
дооформи својот текст и контекст и да ни го раскаже поверодостојно од оној
политички и идеолошки поглед.
● 80 години слобода
RK: Накратко
да ги прочешламе последните осум децении... Како оди оправувањето на Крива
Паланка после Втората светска војна и НОБ?
Драган: Наскоро
ќе излезе книга на г-дин Стојо Милковски, насловена „Градежништвото во Крива
Паланка“ и низ тој времеплов Крива Паланка навистина се развила од мало,
ориентално гратче во 1950/1960 години веќе почнува да го менува својот лик.
Покрај тоа што е социјализам, се модернизира општеството. Се градат нови
згради, се отвораат претпријатија, работни организации, се вработуваат луѓето,
стануваат политички активни, учествуваат во општествениот живот. Крива Паланка
започнува брзо да се променува, го следи југословенскиот тренд, прогресивен
период за нашиот град кој се памети со голема емоција и симпатија. И така до
1990-те години кога доаѓа период на сериозна општествена транзиција.
RK: Изградбата
на пругата е вечна тема. Кога веќе имаме изградени патишта, дали и понатаму
треба да се залагаме за изградба на истата?
Драган: Историјата
на пругата е повеќе од 140 години. Пругата не е важна само за транспортот и
економијата, туку и за геополитиката. Она што е видливо на терен е градењето на
пругата во период 1941-1943 година. Веќе имаме сосема нова траса, не знаеме до
каде ќе стигне, но пругата е значајна за перспективата на Крива Паланка.
RK:
На што друго треба да се работи за подобра иднина на
Крива Паланка?
Драган: За
градот исто така е важно националните инфраструктурни објекти да бидат
подобрени, Крива Паланка да биде атрактивна за култура и туризам бидејќи е на
географски одлично место. Општината заедно со државата треба да поработи на
одреден економски субјект којшто ќе може да биде фактор на економијата.
Долгорочно, општината заедно со државата треба да се определи за одреден
капитален, стратегиски субјект или култура. Како на пример, Кавадарци има капитал на култура, а тоа е гројзето.
● Музејот денес...
RK: Денеска,
која е позицијата на Градски музеј Крива Паланка на локално и државно ниво?
Драган: Со
нашата работа успеавме да се наметнеме како фактор, главен столб на културата
во градот. Двигатели сме на многу општествени промени на културно ниво. На
државно ниво се наметнавме како институција што заслужува почит. Изградивме
реноме кое ни овозможува да сме рамо до рамо со многу поголеми музеи. Единствен
хендикеп е тоа што не успеавме да го промениме законот за култура, за којшто
зборувавме на почетокот на овој разговор. Токму затоа на моја иницијатива
изградивме „Мрежата на локални музеи“ во 2019/2020 година. Целта ни е да бидеме
повеќе слушнати од националните фактори, односно Министерството за култура за
да се променат системски.
Респектабилен музеј сме,
двапати номинирани за наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, номинирани
сме за музеј на годината во 2013-та година, добивме специјална пофалница за
поставките во музејот од страна на ИКОМ Македонија во 2014-та година. Исто
така, членови сме на балканската мрежа на музеи, на музејски организации во
Европа, така што респектирани сме како сериозен чинител во културата.
RK: Како
функционира денеска Градски музеј Крива Паланка и која е неговата визија?
Драган: Денеска
Градски музеј Крива Паланка има шест
вработени, петмина од нив се стручни луѓе поврзани директно со дејноста на
музејот. Ни недостасува археолог, но тоа го надополнуваме со колегата Милан
Митовски. Иднината за нас во долгорочна смисла е да работиме на развој,
збогатување на поставките, планираме доградба за уште едно крило. Исто така
работиме на едукативниот центар во Градец, планираме таму т.н. музеј на
отворено.
RK: Ви
благодарам многу Драган за овој исцрпен разговор. За крај, да Ве прашам од каде
Ви доаѓа инспирацијата за сето ова?
Драган: Ви се
заблагодарувам и јас. Предизвикувачко е тоа што многу периоди не се истражени
и секогаш постои можност за некое ново откритие. Културата
не е работно место, таа е животен порив, повик, страст...
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
д-р Марија Крстевска: „Да се огледаме на западноевропските земји“ |
ЦРВЕН КРСТ: Дарко Пешовски - „Уште многу работи треба да завршиме заедно“ |
БЛОЖИЌ #74 - Божиќ со Сашко Митовски |
БЛОЖИЌ #70 - „Промената може да биде тивка“ - Благородна Пешевски |
БЛОЖИЌ #67 - „2022 е феникс година за мене“ - Бети Стоилковска |