Post Page Advertisement [Top]

 



„На 15 јуни (петок) 1945 година, во шест часот навечер, во просториите на денешното училиште (зграда „Партизан“) се одржала конференција на граѓанството на која е организирано Дружеството Црвен крст во Крива Паланка.“

 

Вака почнува осумдецениската приказна на Црвен крст во Крива Паланка. Во ова интервју, денешниот прв човек на организацијата ни зборува за долгиот пат, успесите, предизвиците, хуманоста и емпатијата. Дами и господа, секретарот  – Дарко Пешовски.



RK: Здраво Дарко, како си? Започнавме со еден историски факт, но прво би те прашал што претставува Црвениот крст и како функционира?

Дарко: Здраво Роби, добро сум. Црвениот крст е организација за помош, превенција, соодветна поддршка за ранливото население согласно принципите и меѓународното право. Нашиот мандат се темели на универзални принципи преку визија и мисија. 193 земји членки се составен дел од федерацијата, вклучително и  балканските земји, но во секоја држава Црвениот крст различно се дефинира и различно делува. Во нашата држава 35 градови имаат Црвен крст, ние ги покриваме општините Крива Паланка и Ранковце. Конкретно Црвен крст во нашата држава работи низ програми: организација и развој, дисиминација, здравствени и превентивни активности, социјално-хуманитарна дејност, подготвеност и дејствување при катастрофи, млади...  генерално помош и поддршка на ранливото население и превенирање од несреќи/катастрофи.


RK: Што се подразбира под тоа дека во различни држави, различно се дефинира самата организација?

Дарко: Мандатот на секое национално друштво има свој приоритет на работење. На пример, германскиот или британскиот Црвен крст ја работат emergency call програмата, односно итната медицинска помош. Шведскиот Црвен крст работи социјална програма директно поврзана со влада, на пример бегалци – грижа, нега, сместување, описменување итн.


RK: Какви биле почетоците и како се развивала организацијата?

Дарко: Монографијата беше сериозен предизвик, поранешната секретарка Анка Стојановска ја има работено. Благодарение на одличната архива и луѓето, сите позначајни нешта успеавме да ги обединиме на едно место. Првите „црвенокрсташи“ распределувале облека, обувки и храна на најсиромашните семејства, потоа во 1946-та се формира Секција за борба против туберколоза како прва комисија од здравствено-воспитно поле. Се спроведуваат курсеви за прва помош, курсеви за хигиена и заштита од заразни болести. Потоа, се формираат секции за алкохолизам, трансфузија на крв, елементарни непогоди... Во 1995-та следува отворање на Дневен центар за лица со посебни потреби. Сигурно испуштам некои важни детали, но верувај многу богата и успешна историја има зад себе Црвениот крст во Крива Паланка.


RK: Да, во моногафијата е опфатен деталниот развој низ сите декади, па и структурата како работи Црвен крст. Дали и денеска е иста структурата или има некои разлики?

Дарко: Нема разлика. Имаме собрание, финансиска комисија, раководен одбор, претседател, потпретседател и седум членови, две советодавни тела и секретар. Имаме два столба: раководен одбор, што ги донесува одлуките и начинот на движење на организацијата и вработените – порано е бил само секретарот, а денеска може да се пофалиме дека имаме повеќе работни позиции и места.


RK: Во текот на овие осум децении, многу луѓе се заслужни за градењето на имиџот и репутацијата на самата организација и сите се опфатени во монографијата. Од денешен аспект, од каде до каде има стигнато организацијата во текот на своето досегашно постоење?

Дарко: Голема трансформација. Особено можам да зборувам за последните години и да потврдам дека преобразбата е голема во начинот на функционирање на организацијата. Сегментот во делот за социјалата е изразен, во 2010-та започнува проектот „Активно стареење“ со поддршка од германскиот Црвен крст и Црвен крст Баден-Винтемберг.


„Достоинствен живот“ - меѓу првите во државата осовани  клубови на пензионери.


Проектот опфаќаше две компоненти: А компонента - имавме за цел посета на стари лица во руралните делови од страна на волонтер и медицинско лице еднаш месечно. Согледавме дека е голема потребата да се дејствува на терен, па го проширивме проектот од едно во три села, опслужувавме 30 луѓе. Б компонента беше да се формира клубот „Достоинствен живот“ – активна, креативна и делотворна старост, психо-социјална ревитализација на старите лица. Почетокот на нешто, на кое и денеска работиме и во блиска иднина ќе биде факт, а тоа е Центарот за дневен престој на стари лица. Во почетоците беше грижа за стари лица во домашни услови со поддршка од австриски Црвен крст преку Црвен крст на Република Северна Македонија. Во последните години од проектното финансирање добивме поддршка со кофинансирање и од општината. Низ годините заедничкиот труд го оформивме со поддршка од Светска банка преку Министерство за труд и социјална политика ја развиваме социјалната помош и нега во домот. Денес, опслужуваме 72 корисиници со 20 негуватели, само што заврши третата генерација курсисти за сертифицирани негуватели. Ние како организација сме лиценциран давател на услуги и сертифицирани сме да држиме обуки по наставна програма за помош и нега во домот.



RK: Кој беше Дарко пред да стане дел од Црвен крст?

Дарко: И како дете имав желба да носам униформа, но од финансиски причини бев спречен да станам полицаец. Многу рано ги имав изгубено дедовците и бабите, еден од родителите ми беше во тешка здравствена состојба и уште од мал, од мои 13-14 години почнав да заработувам, работев во слаткарница додека моите врсници беа на летен распуст. Бев многу среќен, луѓето го сакаа мојот манир  и тоа што го носам како личност отсекогаш беше општоприфатливо и се сеќавам на првите пари што ми ги исплатија како гратис за дополнителна работа што имав завршено. Бев пресреќен бидејќи мојот труд беше вреднуван. Татко ми беше инженер/техничар и се сеќавам на летувања во Охрид...


RK: Како започна твојата приказна со Црвениот крст?

Дарко: Најраните почетоци се во осмо одделение како волонтер во прва помош. Имавме општински натпревари по прва помош. Најпрвин како учесник, потоа како ментор, водич на екипа, денеска како секретар кој го организира сето тоа. Исто така и крводарителство, со д-р Јулијана направивме дводневна крводарителска акција во гимназијата. Во тоа време зедовме 236 крвни кеси од околу 1000 ученици што значи дека е голема бројката на првократни дарители. Потоа, кога завршив средно, дојдеа можности да бидеме младински регионални координатори. Потоа бев член на Советот на млади на Црвен Крст на Република Северна Македонија, 2007-8 бев и дел од Националните кампови за млади како едукатор. Голем бекграунд, но мора да напоменам дека бев член и во еколошко друштво „Флора“ и Регионална агенција за развој. Потоа станав дел од угостителството. Влегов да работам во кујна, а завршив како директор на фирмата со 29 вработени луѓе. Преминот од едната до другата позиција се должеше на трудот и енергијата што ја имам дадено во работата. Потоа запливав и во маркетинг водите.


RK: Бидејќи имаш богато искуство во работата со луѓе, што е важно за успехот на еден колектив?

Дарко: Клучот на успехот е кога имаш одлична комуникација со сите луѓе од тимот и се надополнувате при креирање на начинот кој води кон посакуваната цел, со безрезервната поддршка на Црвен Крст на РСМ и другите индиректни и директни поддржувачи на самата организација.


RK: Во ред. Да се вратиме на тема Црвен крст. Што конкретно се подразбира под прва помош?

Дарко: Најчесто наставник по биологија предава како да укажеме прва помош на повредени луѓе.


RK: Ја спомна г-ѓа Анка Стојановска, првата жена секретар на Црвен крст-Крива Паланка. Таа ја водела организацијата повеќе од триесет години. Раскажи ни за неа.

Дарко: Таа ми е како втора мајка. Жена со цврст карактер, висок професионалист, во круцијални моменти знае точно што и како треба да направи и имам многу научено од неа. Ме научи да се борам со општеството бидејќи работиме општествена работа поврзана со луѓе и различни судбини.


RK: Бидејќи твојата работа опфаќа луѓе со различни судбини, како научи да ја поставиш границата, да имаш самоконтрола? Бидејќи верувам дека сечија судбина емотивно те допира првенствено како човек...

Дарко: Времето. Во почетокот имаше обиди за манипулации. На пример, доаѓа една личност плачејќи, моли за помош... Јас не можев да останам рамнодушен, отидов дома собрав ресурси кои обезбедија одредена помош и се упатив кон живеалиштето на самата личност. На лице место затеков потполно различна ситуација. Или излегуваат на телевизија, велат дека никој ги нема посетено, никаква помош немат добиено, а во прилогот од телевизијата се гледаат нашите пакети, што ние ги имаме обезбедено за семејството. Но, едноставно се водиме по зборовите на Мајка Тереза – „Прави добро и не очекувај ништо за возврат“. Кон секоја активност пристапуваме сериозно, целосно колку што е во наша можност да помогнеме, но не очекуваме ништо за возврат.


RK: Дали луѓето ја ценат помошта или ја злоупотребуваат?

Дарко: Да, има и такви. Денес им дадеш, утре заборават. Но, во поголем процент се оние што навистина знаат да ја ценат нашата поддршка.



RK: Во 2014 доаѓаш на позицијата СЕКРЕТАР на Црвен Крст-Крива Паланка. Што подразбира оваа функција и што се промени во твојата релација со организацијата?

Дарко: Конкретно промената во 2014-та беше само во потписот бидејќи последните години јас ги вршев главните работи, само не ги потпишував. Така што не беше некоја голема промена и општеството, на некој начин, беше подготвено дека јас ќе ја наследам Анка која без трошка личен интерес ја предаде организацијата во моите раце и остави навистина голема обврска. Ми ги предаде клучевите со зборовите дека треба да продолжиме каде што таа застанала и навистина сметам дека направивме трансформација на целата организација.


RK: Дали има некој момент од тој период што ти беше прва потврда дека добро си зачекорил во чевлите на новата функција?

Дарко: Се сеќавам на еден телефонски повик, се јавува човек со плачење не можејќи да дојде до здив да проговори бидејќи после шест години успеа да вклучи светло во својот дом. Помогнавме да вклучи електрична енергија, за него тој ден беше празник. И во таа радост, се јавува за да ми се заблагодари, но од солзи радосници едвај можеше да изусти зборови... Срцето ми беше полно, а тоа беше сложен и макотрпен процес, верувајте. Има плејада вакви ситуации...


RK: Како гледаш на овие близу десет години на оваа функција?

Дарко: Среќен сум. Маката што ја имав дома бараше потреба и присуство од негуватели и ја знаев потребата на општеството од такви кадри. И тоа ми беше на некој начин инспирација да започнеме да создаваме квалитетни кадри кои ќе си ја вршат работата максимално професионално и луѓето ќе ја добиваат соодветната потребна нега. Жал ми е што мајка ми не е жива да биде сведок на сето ова што го направивме...


RK: Како дојде до реализација на проектот НЕГА?

Дарко: Државата го донесе проектот „Подобрување на социјалните услуги“, тоа се форми за поддршка на маргинализирани лица и групи од различен карактер. Близу две години работевме со тимот за да го оформиме „Нега центар - Крива Паланка“. Како што и напоменав порано, Црвен крст денес е сертифицирана организација за давање обуки за помош и нега во домот и за персонални асистенти, а и лиценцирани сме за давање социјална услуга помош и нега во домот.


RK: Кои други позначајни активности ги имате реализирано?

Дарко: Имаме организирано многу активности - кампови, се имаме збратимено со Црвен крст организации од други градови, во 2015-та имавме посета кај претседателот во вилата на Водно. Го организиравме 24-от Државен натпревар по прва помош, првиот државен натпревар што има добиено награда за перфектна организација на самиот настан. Учествуваа над 250 луѓе... Нашиот тим, како дел од тимовите на Црвен крст на РСМ, беше меѓу првите што влегоа во Стајковци да помогнат во поплавите што се случија 2016-та година. Третиот ден веќе бевме на терен, не во магацините. Учествувавме и во „Зелникот на баба“ во Пробиштип каде беше направен зелник во должина од 1,4 метри. Јас сум член на Општинскиот совет за превенција и потпретседател на Општинскиот совет за социјална заштита и со сите активни чинители ја направивме теоретско-покразна тактичка вежба за справување од несреќи-насилство. Скоро имавме општински натпревар по прва помош по повод 20 мај - Ден на пожарникарите. Институциите мора да бидат што поблиску до граѓаните.

 

RK: Како се справивте со COVID кризата?

Дарко: Јас бев на одмор, се враќам од Белград и започнува кризата. Одиме на обука, седнуваме и ги прашувам: „Луѓе ќе го жртвуваме ли животот?“ Сите велат – „ДА!“ Меѓу нив имаше и повозрасни личности кои несебично пристапија да помогнат онаму каде што е потребно. Ја завршивме обуката во Куманово, потоа дежуравме тука низ градот, отворавме кризни штабови, отворивме телефонска линија за психолошка поддршка... Бескрајно им сме благодарни, а потоа обучивме двајца млади да држат обуки за ментално здравје.


RK: Бидејќи работите и со стари лица, дали имаше неверување кај нив во врска со пандемијата?

Дарко: За среќа сите нѐ послушаа. Направив систем преку кои ги опслужувавме членовите на клубот на пензионери, имаа максимална поддршка од нашите волонтери. Грижата, поддршката и сигурноста што им ја понудивме им ги олесни сите околности, но не смо на нив, туку секаде каде што беше потребна.



RK: Што е денеска Црвениот крст?

Дарко: Црвен крст е секојдневие, немам земено боледување иако сум бил болен, еве секојдневно луѓето бараат помош, викендите ни се работни исто така, но сето тоа го работиме со љубов, срце и емпатија. Црвен Крст дава живот, надеж... Доаѓаат луѓе што ми споделуват „Даре, сега те сфаќам колку ти е тешко“ или доаѓаат и ми велат „Вие сте ми последната надеж, ми треба помош...“


RK: Дали е денеска полесно, во споредба со пред десетина години?

Дарко: Сега е потешко, луѓето се иселуваат, потешко се наоѓаат вистински и соодветен кадар.


RK: Ако се вратиш назад на почетокот, дали нешто би променил во работењето на самата организација?

Дарко: Би променил тоа дека не треба да работиме буквално сѐ. На некој начин преобемен е кругот на активности што ги спроведуваме и некогаш сме преоптеретени. Треба да го работиме она во што сме најдобри.


RK: Крводарителските акции ги заборавивме... нешто за нив да ни кажеш?

 Дарко: Минатата година бевме меѓу првите во државата со натфрлен план на соберени крвни кеси за една година. Животоспасителите се луѓе за пофалба и бескрајна почит за тоа што го прават, а тоа навистина нѐ прави многу горди.



RK: Што треба да поседуваат луѓето што сакаат да бидат дел од Црвен Крст?

Дарко: Ништо посебно, ако сакаат слободното време да го искористат да направат некое општествено добро – нека повелат. Функционираме врз основа на членство и волонтерство.


RK: Кои се идните планови на Црвен крст-Крива Паланка?

Дарко: Она што можам со гордост да го најавам е „Центарот за дневен престој за  стари лица со активно стареење“. Го работиме заедно со Општина Крива Паланка и со поддршка од Министерство за труд и социјална политика преку глобалниот проект Подобрување на социјалните услуги со заем од Светска банка. Ќе го цитирам другарот Петар Ѓошевски и неговата парола „Уште многу работи треба да завршиме заедно“. Оваа реченица ја затвора монографијата и верувам дека уште многу нешта претстојат да бидат реализирани кои ќе го зацврстат досегашното реноме на организацијата.


RK: Ти благодарам многу Дарко за ова интервју. Посакувам многу успех на тебе и на целата организација.

Дарко: Благодарам. Да се заблагодарим и на целиот колектив кои се на возраст од 6 до 96 години. Да не издвојувам за да не заборавам некој, но поддршката е голема и навистина сум благодарен, горд и верувам дека сме на вистинскиот пат заедно да направиме уште многу нешта. Благодарност до сите кои низ сите овие години даваат енормно висока поддршка на Црвен крст Крива Паланка на било каков начин што можат и умеат. Ние  сме само едно позитивно катче отворено за сите луѓе.




ПОВРЗАНИ СОДРЖИНИ:


БЛОЖИЌ #74 - Божиќ со Сашко Митовски

БЛОЖИЌ #70 - „Промената може да биде тивка“ - Благородна Пешевски 

БЛОЖИЌ #67 - „2022 е феникс година за мене“ - Бети Стоилковска


Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib