Post Page Advertisement [Top]



Пандемијата  коронавирус  владее на глобално, државно и локално ниво.  Изолирани седиме дома слушајќи вести како епидемијата  зазема се поголем замав и од час во час ги броиме заболените и жртвите. Лекарските совети и препораки како да се однесуваме во овој период на сите ни се добро познати, но од еднаква важност е и тоа како од психолошка страна сето ова го доживуваме, преживуваме и кои се последиците. Коронавирусот познат како COVID -19 низ психолошка призма ќе ни го долови психологот и гешталт психотерапевт во едукација Стефани Ѓеоргиевска во продолжение. Останете дома и грижете се за сопственото психичко и физичко здравје.

RK: Ситуацијава е многу сериозна. Мој впечаток е дека ние како граѓани првично не го доживеавме ни најмалку сериозно вирусот, но подоцна одеднаш започнавме да се движиме кон другата крајност. Во почетокот седевме во  кафулиња без да ни е гајле, потоа  стигнавме до тој степен кој побрзо ќе ги испразни рафтовите во маркетите. Дали сериозноста на ситуацијава го оправдува начинот на кој го прифативме/доживеавме коронавирусот и како од психолошка страна го објаснуваш тој преод?
Стефани: Стравот е нормална реакција која се појави кај повеќето од нас. Сите ние на различен начин ги прифаќаме информациите и се носиме со нив. Многу е значајно да знаеме дека ние сме тие кои си правиме селекција на информациите и си дозволуваме да слушнеме колку и што сакаме. Не бевме спремни за ситуацијата со вирусот бидејќи се ни доаѓа многу брзо и не можеме сите информации веднаш да ги разбереме, затоа и имавме едно заедничко неприфаќање. Ни требаше време за да ја сфатиме сериозноста на ситуацијата и да прифатиме дека најдобро би се заштитиле со физичка изолација. А, тоа е едно од нештата кое ни створи и паника. Нормално е да имаме измешани емоции, нормално е да сме лути или тажни, но иако сме физички изолирани да не си дозволиме емотивно да се изолираме.

RK: Седењето дома звучи многу едноставно од физичка гледна точка, но од психолошка страна знае да биде мачно и многумина не ги разбираат луѓето кои тешко  ја доживуваат изолацијата. Зошто е тоа така?
Стефани: Седењето дома верувам е најтешко за оние кои се навикнати да се постојано надвор од домот, да се физички активни и опкружени со многу луѓе. Исто така во многу семејства луѓето се навикнати скоро и воопшто да не се гледаат, а сега треба да поминуваат многу време заедно. Одеднаш треба да  седат на едно место и да го реорганизираат нивното целокупно функционирање. За некој ќе биде тешко што ќе мора повеќе време да поминува дома со најблиските, додека пак за други ќе биде тешко бидејќи можеби ќе бидат сами. Секако дека има и луѓе на кои изолацијата ќе им биде можност за бивање сам со себе, за будење на креативноста во себе, за посветување време на себе.

RK: Од една страна ги имаме луѓето кои  се во изолација и не одат на работа, а од друга ги имаме оние кои мораат да работат, односно дејностите со кои се занимаваат се најпотребни во овој момент. Како тие треба да ја прифатат оваа ситуација бидејќи и кај нив се присутни стравот и паниката бидејќи се во постојан контакт со други луѓе?
Стефани: Најпрвин да се заштитат, да ги слушаат сите препораки, да се консултираат за сите нејасни прашања и колку што можат да одржуваат физичка дистанца. На тој начин би биле и посигурни во себе и ќе можат подобро да се фокусират на работата.
Им препорачувам да позборуваат со блиска личност, доколку е потребно да се консултираат и со стручно лице ( да имаме некој кој ќе не сослуша во овие моменти е повеќе од потребно). Да го споделиме личното искуство едни со други, да видиме како можеме едни со други да си помогнеме, ние кои одиме на работа како се справуваме со сите предизвици,  да се сослушаме и да побараме начин за полесно да минеме низ овој процес. Би ги повикала да гледаат и во тоа што позитивно може да им донесе сето ова.

RK: Симптомите на коронавирус  се појавуваат по 14 денови. Зборуваме хипотетички,  за тоа време заболеното лице  може да е било во контакт со други лица и тие да бидат заразени од COVID – 19. Се надеваме дека во никој случај нема да дојде до ваква ситуација, но - како да се справиме со тоа чувство на вина дека и други животи сме ставиле во ризик?
Стефани: Без разлика на комплексноста на ситуацијата ние мора да продолжиме да функционираме. Некои од нас поголемиот дел од времето ќе го поминат во домот, додека пак останатите ќе одат на работа. Ние не знаеме кој се може да ни го пренесе вирусот, сепак може да внимаваме со кого доаѓаме во контакт и како се заштитуваме. Да бидеме одговорни спрема себе, но и спрема другите.

RK: Дали е добро тоа што коронавирусот се случи баш во 2020-та година кога имаме насекаде пристап до информации, имаме интернет и пристап до толку многу нешта со кои можеме да го исполниме времето седејќи дома  или сето тоа ни е дополнително оптоварување во ваква ситуација?
Стефани: Не можам да кажам дали е добро или не, но сепак за мене е олеснителна околност. Тоа што имам пристап до сите потребни информации, што можам да учам, да се рекреирам, да комуницирам со луѓето, мене ми дава едно чувство на смиреност. Да не заборавиме иако сме физички изолирани, тоа не значи дека социјално треба да се изолираме. Можеме да си направиме online групи со своите пријатели па заеднички на тој начин да пиеме кафе, да зборуваме  и да се забавуваме. Интернетот ни нуди многу можности, како и тоа дека може да си направиме селекција што и колку ќе гледаме и слушаме. Дали постојано ќе читаме или слушаме вести, или ќе се фокусираме и на нешта кои ќе не исполнат зависи од нас самите.

RK: Ако знаеме дека последиците од коронавирусот може да бидат фатални, какви последици може да имаме врз психичката состојба?
Стефани: Не е едноставно да се носиме со се што оваа ситуација ни носи. Секој од нас ги користи сопствените механизми и капацитети за да полесно се справи со предизвикот наречен - корона. Психичките последици ги чувствуваме сега, а после оваа криза можеби ќе бидат уште повеќе изразени. Сепак значајно е да се потсетиме дека светот помина и надмина многу катастрофи, но и ние како луѓе секојдневно ги живееме нашите лични битки. Виктор Франкл (психолог и психотерапевт ) во својата книга „Човековата потрага по смисла“ објаснува дека не можеме да го избегнеме страдањето, но можеме да избереме како да се справиме со него, да најдеме смисла во него и да продолжиме напред со обновена цел за своите животи.

RK: Велат дека ситуацијата е важна за да се спознаеме себеси, да почнеме да ги вреднуваме навистина важните нешта во животот. Како да успееме да ја извлечеме позитивната страна од целата ситуација, односно како да си ја заштитиме психата минувајќи низ сето ова?
Стефани: Секоја промена е нов предизвик. Гледајќи така и од оваа ситуација можеме да научиме да го вреднуваме повеќе она што го имаме. Всушност овие ограничувања ни помагаат да погледнеме што се навистина имаме и можеме. Верувам дека и ова ќе помине, а додека трае, секој од нас може да си го организира времето на начин кој најмногу му одговара. Можеме да се запрашаме што е она што најмногу сакаме да го правиме дома, а досега не сме имале можност за тоа. Да пробаме некој нов рецепт, да прочитаме некоја книга, да се едуцираме, да уживаме во звуците на нашата омилена музика, да танцуваме, но и да продолжиме да ги правиме нештата кои до сега ги правевме само со поинакво темпо и во други услови... На пример доколку вежбате јога или зумба имате бесплатни апликации кои можете да ги спуштите и да продолжите, или пак online да вежбате со некој тренер. Може да пишувате личен дневник во кој ќе си дадете можност да бидете сами со себе, со своите мисли, емоции, стравови.
Позитивната страна ја гледам и во тоа што почнавме повеќе да гледаме овде и сега, а не да правиме проекции и планови  за понатака.Не знаеме колку сето ова ќе трае, се концентрираме повеќе на тоа како најквалитетно да го поминеме денот, па така биваме и повеќе во контакт со себе си.

RK: И едно прашање од лично искуство да ми одговориш – ти како психолог веќе знаеш како треба да ги прифатиш нештата и како да се поставиш кон нив. Што ти беше најнеприфатливо или најтешко прифатилво во врска со целата оваа ситуација? Односно дали има некој детал од целата ситуација каде буквално речено „теоријата и праксата се разминаа“?
Стефани: Ситуацијата сама по себе носи неизвесност и непредвидливост, со тоа и потешко прифаќање. Верувам дека на сите ни беше потребно време и уште ни е, за да се носиме со се она што ни доаѓа. Физичката изолираност која се бара, ни создава уште поголема конфузност бидејќи сега интернетот ни е еден од главните начини на комуникација, едукација и рекреација. Сепак се смирувам гледајќи во се она што го имам на располагање во овој момент. Го користам времето да читам, да се едуцирам, да си посветам време на себе си и да го надоместувам она за кое претходно  мислев  дека немам доволно време.

RK: Ти благодарам многу Стефани, се надевам дека одговорите наведени погоре ќе им се од полза  на многу граѓани. И за крај која е пораката која ја упатуваш кон сите што ќе го прочитаат овој текст?
Стефани: Како дел од тимот на Црвен крст сум вклучена во давање на психо-социјална поддршка на нашите сограѓани и сакам да упатам апел  да ме побараат доколку имаат потреба со некој да поразговараат и да ги споделаат своите емоции во врска со целокупната ситуација. Психолошката помош и поддршка ни е потребна на сите. Па доколку сте преплавени со негативни емоции, се чувствувате анксиозно и уплашено, значајно е да знаете дека имате можност тоа да го споделите.
Чувајте се, бидете селективни во примање на  информациите и на тој начин заштите го вашето ментално здравје.




Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib