Post Page Advertisement [Top]


Ова е продолжението на „НАЈСТУДЕНАТА ЗИМА ВО МОЈОТ ЖИВОТ“.

Ако го немате прочитано првиот дел, кликнете на ликот подолу.

БЛОЖИЌ #9 - Најстудената зима во мојот живот [прв дел]
Ако го немате прочитано вториот дел, кликнете на линкот подолу.
БЛОЖИЌ #34 - Најстудената зима во мојот живот [втор дел]




„Почитувани присутни, почитувани граѓани во моментот ја следите денешната прес-конференција каде министерот за здравство ќе ги соопшти последните податоци во врска со пандемијата COVID – 19...
- Сине, мама те моли да го намалиш звукот на играта што ја играш, за да слушнам каква е ситуацијава во Македонија.
- Зошто? – прашува синот.
- Како зошто? Нели заборави дека дедо ти е таму, се грижам за него.
- Мојот дедо не е во Македонија. – извикува синот.
- Па тогаш каде е? – прашува Ана.
- Тој живее во Медената земја. – извикува радосно синот.
- Хаха, да во Медената земја. Значи ти се допаднал филмот со Атиџе што го гледавме во кино околу божиќните празници кога бевме кај дедо ти?
Синот климнува со глава.
- Тогаш зошто ме лажеше дека не ти се допаднал кога те прашав откако излеговме од киното?
- Те лажев. – одговара синот смеејќи се.
- Значи така, мојот син е лажго! – извикува мајката со шеговит тон.
- Не сум! – извикува синот.
- Лажго, лажго, лажго! – мајката го задева синот.
- Не сум! Не сум лажго! – извикува синот.
- Лажгоо си, мој лажго. – Ана го скокотка синот и се играат.
Во тој момент влегува таткото, односно сопругот на Ана.
- Еј, што правите вие? Потивко, се слушате во другата соба, а знаете дека работам. Тешко се навикнувам на условите да работам од дома, па уште и вие ми пречите.
- Се извинуваме! – извикува Ана.
- Тато, мама е виновна, не јас! – се правда синот.
- Така ли? Епа тогаш ќе мора да ти купи два подарока за твојот роденден што е за два  дена. – вели таткото напуштајќи ја просторијата и оди во другата соба да продолжи со работа.
- Мамо, слушна ли што рече тато? – прашува синот радосно.
- Потивко, да слушнеме што кажуваат на телевизија. – му одговора Ана.
„Ситуацијава е опасна, посебно за постарите лица. Грижете се за нив, но почитувајте ги сите мерки за заштита од пандемијава. Полицискиот час продолжува...“
- Мамо, што кажаа? Добро ли е дедо? – прашува синот.
- Ајде да му се јавиме да видиме дали е добро. – вели Ана земајќи го телефонот да ѕвони.
- Алоо тато! Како си? – извикува Ана.
- Здраво ќерко. Добро сум, како да бидам... – одговара таткото на Ана.
- Дедо, вклучи камерата за да те видиме! – извикува внукот.
- Тато, ние не можеме да те видиме. Притисни во горниот,  десен агол на телефонот и ќе се вклучи камерата. - објаснува Ана.
- Веднаш (ја вклучува камерата). Сега ме гледате? – прашува дедото.
- Дааа! – извикува внукот.
- Дедо за два дена ми е роденден и мама ќе ми купи два подарока! – со фалбаџиски глас извикува внукот.
- Знам внучко. Како може да не ти го помнам роденденот кога ти си мојот единствен внук. Да не беше ваква ситуацијава со коронавирусот, ќе дојдевте кај мене за Велигден, па дедо ќе ти купеше не два, туку пет подароци.
- Дедо, па купи ми и испрати ги, ќе пристигнат тука во Германија. – вели внукот.
- Хаха, не можам внучко. Затворени се и продавниците и границите. Поштите не знам дали работат... – одговара дедото.
- Не може, не може сега. Нели гледате каква е ситуацијава? Тато, седи дома и не излегувај. Те молам пази се. Слушаш вести, знаеш дека и кај нас ситуацијава е таква и ништо не ни преостанува освен да ги следиме препораките и да се заштитиме. – загрижено Ана го советува татко си.
- Не се грижи ќерко, си се пазам јас. Си носам маска и ракавици и излегувам во предвиденото време. Го почитувам полицискиот час, а и не сум јас толку стар, постарите се позагрозени. – вели дедото.
- Тато, не се играј. Ситуацијава е сериозна. Ти треба ли некаква помош, да јавиме на некои пријатели да те обезбедат со неопходни намирници?
- Не, ќерко не! Здрав сум, можам сам да одам да си купам леб секој ден, не сум до толку јас... А, и ти реков ги почитувам препораките. – убедливо одговара дедото.
- Добро, добро. Те молам пази се и чувај се. – одговара Ана.
Во тој момент паѓа телефонот на дедото на масата и Ана забележува лист и пенкало. Во меѓувреме дедото го крева телефонот.
- Тато, што правиш? Повторно да не излеваш емоции на хартија? – љубопитно прашува Ана.
- Ќерко, не сакав да ти кажам, но да. Ти велам ги почитувам мерките за претпазливост од вирусот, си седам дома и еве си пишувам. – се правда дедото и пробува да ја промени темата на разговор.
- Многу ми беше тешко кога ги пронајдов сите твои емоционални излевања на сметките за електрична енергија кога бевме кај тебе за Божиќ. Те молам барем кажи ми за што пишуваш, што ти тежи на душата во моментов? – загрижено прашува ќерката.
- Даа, но тогаш ги изгорев. Сега пишувам на обичен лист, не на стара сметка за електрична енергија... – одговара дедото без да каже за што пишува.
- Добро тато, но те молам кажи ми барем за што пишуваш? –  Ана инсистира да дознае.
- Ана, те молам .... – замолчува дедото.
- Тато, ме нервираш вака. Ќе се смирам кога ќе ми кажеш за што пишуваш. – Ана не престанува да бара одговор.
- Во ред. Ќе ти кажам. Мојот внук за два дена ќе наполни шест години, а јас нема да можам да го бакнам, ниту да му купам подарок. И еве пишувам, се присетувам на твојот шести роденден... – одговара дедото со тажен глас.
- Но, тато сега ситуацијава е таква. И да сакаме, не можеме да дојдеме, ни пак ти да дојдеш кај нас. Границите се затворени. Ти порано и мобилен телефон не сакаше да употребуваш, се сеќаваш дека само писма пишуваше? Сега барем преку камера се гледаме и преку камера ќе можеш да му го честиташ роденденот... – одговара Ана обрнувајќи ја темата.
- Во право си. Камо да се потрудев, уште кога ми велеше ти, да научам да го употребувам телефонот, а јас пишував писма и ги чекав со денови одговорите и фотографиите од мојот мил внук... – одговара дедото.
- Ете, гледаш дека некој пат треба да ги послушаш помладите и да не бидеш тврдоглав. Затоа те молам чувај се најдобро што можеш во оваа ситуација. – повторно нагласува  Ана.
- Се чувам, се чувам. И вие чувајте се. – одговара дедото.
- Се чуваме и ние, тато. Те сакаме многууу! – извикува Ана.
- И јас те сакам дедо! – извикува внукот.
- Јас ве сакам најмногу. – одговара дедото.
- Ајде чао засега. Те гушкаме и чувај ни се. – вели Ана.
- Чао, чао. Ве гушкам и јас. – дедото испраќа бакнежи и мавнува.
Видео-разговорот завршува. Ана малку расеана гледа во една точка и размислува.
- Мамо, дедо рече дека го помни твојот шести роденден. Ти се сеќаваш ли? – прашува синот.
...
 ВТОРИОТ ДЕЛ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОВ ЛИНК:

Роденденска торта, направена од мама [втор дел]


Автор: Роберт Крстевски





ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

RK6: It is all about numbers


RK6: 'MakeUp' времеплов со Сара



Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib