Post Page Advertisement [Top]



Ако го немате прочитано првиот дел од „Роденденска торта, направена од мама“, кликнете на следниов линк:
RK6: Роденденска торта, направена од мама [прв дел]

- Мамо, дедо рече дека го помни твојот шести роденден. Ти го помниш ли? – прашува синот.
- Не. Од каде ти е па сега тоа? Мојот шести роденден беше многу одамна, не се сеќавам. – Ана пробува да ја смени темата.
- Но, дедо рече дека го помни. Тогаш да му се јавиме пак и да го прашаме. – вели синот.
- НЕ! – извикува Ана.
- Зошто? – прашува синот со разочаран тон.
- Можеби е излегол да ја прошета Бела. Знаеш сега чичковците полицајци им дозволуваат на луѓето само во одреден период од денот да ги шетаат кучињата. – Ана го убедува својот син.
- Мамо, ама ти нели му рече да не излегува од дома? – прашува љубопитно синот.
- Ах, престани. Да не го вознемируваме човекот, пред малку се слушнавме со него. – одговара Ана со малку повисок тон.

Следниот ден. Утро. Ден пред роденденот.
- И покрај целава оваа ситуација со вирусот, поклонот успеа да пристигне и тоа ден порано. Супер! – вели сопругот на Ана, пиејќи го утринското кафе.
- Е да, но сега на глава има да ни се качи додека не заврши целава ситуација со пандемијата, за да може да го вози долго посакуваниот велосипед. – одговара Ана.
- Ни остана уште торта да нарачаме. Други набавки нема што да правиме, и така гости нема да имаме заради вирусов. – вели сопругот.
Во тој момент синот влегува во дневната соба во пижами. И го здогледува велосипедот.
- Добро утро, мал принцу! – изговара таткото.
- Тато, ова за мене е? – прашува изненадено синот.                              
- Да, ден порано пристигна твојот роденденски подарок. – одговара таткото.
- Ти се допаѓа ли? – прашува Ана.
- Да, многу ми се допаѓа! – радосно извикува синот.
- Да се облечам и ќе ме носите ли надвор да се возам на новиот велосипед? – прашува синот седнувајќи на самиот велосипед.
- А, не може тоа така. Татко ти сега ќе почне со работа, а и знаеш дека чичковците полицајци не дозволуваат сега да излегуваме надвор. Не може! – одговара Ана.
- Мамо, те молам, само пет минути! – синот ја моли Ана.
- Не, не, не! Ти реков, не ни е дозволено да излегуваме надвор. – Ана го убедува својот син.
- Тато, те молам барем еден круг да свртам. Те молам да одиме надвор! – синот го моли татко си.
- Синче, кога го нарачавме велосипедот пред месец дена, не мислевме дека ваква ситуација ќе не снајде, да не можеме да излеземе надвор. Мислевме доаѓа пролет, убаво време, ќе уживаш возејќи го новиот велосипед, но нештата се сменија. Те молам, не лути се. Има време, ќе го возиш. – таткото го убедува синот.
Синот се симнува од велосипедот, оди во својата соба и налутен седнува во ќошот од собата. Доаѓаат мајката и таткото.
- Сине, те молиме да не ни се лутиш на нас. – вели таткото.
- Ајде кажи што сакаш да направиме за да го вратиме среќното расположение. - со весел глас прашува Ана.
- Сакам да го возам новиот велосипед!!! – извикува синот.
- Но, се договоривме дека тоа не може сега. – возвраќа Ана.
- Освен тоа, што друго сакаш да направиме за да нашиот шберменш (супермен) биде повторно среќен? – прашува таткото.
- Сакам да го возам новиот велосипед, ви реков!!! – повторува синот.
- Ама немој така, утре полниш шест години. Веќе си голем, немој така да се инаетиш. – вели Ана.
Синот не одговара.
- Нели рековме дека мајка ти треба да ти купи два подарока заради вревата што ја правеше вчера, што сакаш да ти купи? – прашува таткото.
- Еј да, навистина! Мама ти должи поклони. Што сака моето синче мама да му купи за роденден? – прашува Ана надевајќи се дека ќе го расположи синот.
- Не сакам други подароци! – извикува синот.
- Тогаш што сакаш? – прашува Ана.
По неколку секунди молчење, синот проговара.
- Сакам ти да ми направиш роденденска торта. – извикува синот.
- Јас да ти направам роденденска торта? Од каде пак сега тоа? – изненадено прашува Ана погледнувајќи кон сопругот.
- Ние само што мислевме да нарачаме торта, но штом сакаш... – вели сопругот погледнувајќи кон Ана.
- Сакам да е во облик на велосипедско тркало. – одговара синот.
- Во ред, штом сакаш така, така нека биде – одговара Ана.
- Јас морам да одам во соседната соба, ме чека работа. – одговара таткото.
- Чекај ме и јас ќе дојдам. – извикува Ана и излегува во ходникот.

Во ходникот.
- Знаеш дека јас не знам да правам торти, затоа те молам јави се уште веднаш, ќе ти го пишам бројот и нарачај торта во облик на велосипедско тркало. Тортата да биде готова до вечер или најдоцна до утре сабајле. Веќе кога ќе се разбуди, тортата со свеќички да го чека во дневната соба. Јас подоцна ќе се јавам да нарачам балони. – вели Ана.
- Во ред, не грижи се. Ќе нарачам. Но, оди сега поправи му го расположението. - одговара сопругот влегувајќи во соседната соба да работи.

Ана се враќа во собата кај синот.
- Супермен мој, кај си ти мама да те види? Ајде да си играш некоја од твоите омилени игри. Се договоривме, ќе имаш торта во облик на велосипедско тркало. – одговара Ана.
- Ти ќе ја направиш, нели? – прашува синот.
- Секако, секако. – одговара Ана спуштајќи го погледот кон подот.
- Ајде сега да играш игри и повторно да бидеш најсреќниот и најмоќниот шберменш (супермен) на светот. – вели Ана.
- А, може ли малку да поминам време радувајќи му се на новиот велосипед, а потоа да играм игри? – прашува синот.
- Се разбира, велосипедот е твој. Радувај му се колку сакаш, а штом чичковците полицајци дозволат да се оди надвор и ќе го возиш. – одговара Ана.
- Супер! – се радува синот трчајќи во дневната соба да му се радува на велосипедот.

Следното утро. Денес синот полни шест години....

ТРЕТИОТ ДЕЛ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОВ ЛИНК:

RK6: Роденденска торта, направена од мама [трет дел]



Автор: Роберт Крстевски



ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

„Роденденска торта, направена од мама“ е продолжението на „НАЈСТУДЕНАТА ЗИМА ВО МОЈОТ ЖИВОТ“.

Ако го немате прочитано првиот дел, кликнете на ликот подолу.

БЛОЖИЌ #9 - Најстудената зима во мојот живот [прв дел]
Ако го немате прочитано вториот дел, кликнете на линкот подолу.
БЛОЖИЌ #34 - Најстудената зима во мојот живот [втор дел]

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib