Post Page Advertisement [Top]


 Стефан Станоевски од Крива Паланка има дваесет и една година и веќе шест години доброволно се вклучува во потрагата по домови на уличните животни. Љубовта кон животните потекнува уште од најраните години од неговото детство, моментално чува пекинезер Бруно и персиска мачка Ариес, а се грижи за речиси сите улични кучиња во Крива Паланка и пошироко.


RK: Од каде љубовта кон животните?

Стефан: Љубовта кон животните потекнува уште од најраните години од мојот живот, како мал додека си играв во мојот двор постојано ќе се најдеше некое маче кое ќе го чувам два-три дена и потоа ќе го снема и ќе го најдев или прегазено на улица или воопшто нема никаква трага од него. Потоа имав две бели кучиња, едното го најдов покрај Крива Река и решив да си го земам а другото дојде сосема случајно. Едно утро тргнував накај училиште и реков на баба ми да го нахрани белото куче, но таа наместо нашето нахранила друго бело куче кое било близу нашиот двор и така започнавме да го чуваме и тоа куче. 

   Бруно

RK: Веќе шест години доброволно се грижиш за вдомување на бездомните животни, раскажи некои интересни случки поврзани со оваа доброволна дејност?
Стефан: Еден од последните случаеви е случајот со кучето кое го нареков Тоби. Студирам во Скопје, имав испит и пред да влезам во зградата на факултетот здогледав едно куче малтезер и си реков ако после испитот го начекам на истото место ќе го земам. Завршив со испитот, излегов, го најдов и го однесов во стан. Требаше истиот ден да се вратам во Крива Паланка, но заради него останав уште два дена во Скопје. Заедно со братучетка ми се јавивме во неколку студија за да го средат Тоби но немаа слободни термини бидејќи треба да се закаже околу десет дена порано но ние немавме време па го ставивме во када и сами го средивме. Го однесовме на ветеринар и објавивме во фејсбук групата, најдовме дом за Тоби. Вечерта жената која го вдоми Тоби ни се јави и рече дека не можела да го чува и го пуштила на улица, па така ние околу полноќ тргнавме да го бараме Тоби низ Автокоманда. Го најдовме, потоа го зеде привремено една друга жена и на крај најдовме постојан и сигурен дом за Тоби во Скопје. 




ЛАРА

Лара ја најдов кај Капитол Мол во Скопје, ми јавија дека се закануваат дека ќе ја отрујат заедно со нејзината мајка и јас отидов и ја зедов Лара. Потоа мајката ја стерилизираа а Лара беше само 40 дена стара, ја прочистив против глисти со апче и после три дена беше вдомена. 





САМОЈЕД 

Пред две-три години во Крива Паланка, кај бензинската наидов на бремено куче од расата на самојед, ја однесов на ветеринар и ми кажаа дека ќе се породи за два дена. Ја однесов кај мене дома, роди осум мали кучиња но за жал малите кучиња не преживејаа. 


ХАСКА 


Поголема заслуга има Еме Давитковска, која исто така се занимава со вдомување на бездомни животни, заедно со мене и Мери Митровска. Го однесовме во Скопје, потоа ни го вратија првоначалните сопственици и на крај му најдовме сигурен дом во Куманово.


ЧИВАЧА

Оваа чивава ја најдов кај пазарот во Крива Паланка, имаше повредена нога, ја негував две недели и ја вдомив во Кавадарци. 




RK: Кој е најголемиот број на животни што истовремено си ги чувал дома? 
Стефан: Бруно го имам веќе осум години, покрај него имав едно маче кое си го земав буквално од контејнер и си го чував дома, Буби беше едно друго маче кое го чував неколку години и сум имал многу мали мачиња кои ги чувам додека не им најдам дом. Персиската мачка Ариес ја имам веќе една година, ја добив како поклон. Значи сигурно е имало моменти кога сум одгледувал десетина животни истовремено. 

RK: Кога би морал да бираш - КУЧИЊА или МАЧИЊА? Зошто? 
Стефан: Стварно не можам да го одберам едното бидејќи како што споменав имам куче пекинезер Бруно кое го чувам веќе осма година, а персиската мачка Ариес веќе година дена е дел од моето семејство.

RK: Добро, а кога би направил паралела помеѓу нив, кое е поемоционално? 
Стефан: Дефинитивно кучето, кучето е поемоционално.




RK: Каков е односот помеѓу кучето и мачето? 
Стефан: Кога се заедно ни кучето не го регистрира мачето, и мачето не го регистрира кучето.

RK: Дали постои љубомора помеѓу нив кога на едното одделуваш повеќе внимание? 
Стефан: Да, кучето секогаш покажува љубомора кога ќе одделам повеќе внимание на мачката.

RK: Со кое животно си бил посебно емоционално поврзан? 
Стефан: Со Буби, тоа беше домашна мачка која ми беше донесена од Скопје, на улица беше најдена ја чував доста време но потоа беше отруена. 

RK: Дали се согласуваш дека кучето е најверен пријател на човекот? 
Стефан: Да, сосема. Кога имаш куче, никогаш не си сам. Јас обожавам да поминувам време со моето куче, секогаш сакам сам да го шетам, да го капам, да го хранам, едноставно тие моменти ме исполнуваат и ми донесуваат само позитивни вибрации.




RK: Раскажи ни за познатите кучиња пред My Market.
Стефан: Тоа црното куче го знам од кога беше неколку месеци старо. Беше многу мило, но проблем беше што е женско и секоја година се мачеше со новородени мали кученца. Ја крстивме Буба и има неколку луѓе од градот кои ги споменав погоре кои ја сакаме и се грижиме за неа како и за жолтото куче кое и' е ќерка. Сега тие двете се стерилизирани, вакцинирани, со чипови и се заштитен знак на My Market.




RK: Омилена раса куче и маче? 
Стефан: Од кучињата омилени ми се од расата Авганистански Хрт и желба ми е еден ден да поседувам едно такво, а од мачките омилени ми се персиските и како што реков веќе една година имам персиска мачка Ариес. 

RK: Како се справуваш со транспортот на животните? 
Стефан: Автобусите не дозволуваат да се транспортираат животни, дури и во транспортер. Главно со автомобили ги транспортираме животните, исто така и возовите дозволуваат да се транспортират животни.  

RK: Кои се одговорностите што ги има еден сопственик на куче? 
Стефан: Секој кој што се одлучи да земе куче треба да го третира како член од семејството. 
Кучето треба да се шета, да се носи на ветеринар, човек не треба да штеди пари кога станува збор за кучето или за било кое друго домашно милениче. 




RK: Кои се предрасудите кај луѓето кога станува збор за домашните миленици? 
Дали финансиските трошоци најчесто се причина луѓето да не чуваат домашно милениче и  дали може да кажеме дека чувањето на домашно милениче, поточно куче е луксуз? 

Стефан: Најмногу ме иритира кај луѓето што ако кучето е бело, чисто и машко сите сакаат да го вдомат, а ако е црно и женско едвај им наоѓаме дом. Не би рекол дека чувањето на куче е луксуз, се е до желба. Еве јас само сто денари да имам би купил храна да го нахранам кучето, но луѓето треба да сфатат дека не секој човек може да чува милениче. За да се чува едно милениче треба грижа и трпение, малите кучињата до една година немаат хигиенски навики, како и со малите деца така и со кучињата луѓето треба да работат на стекнување хигиенски навики. Со мачките е полесно, на нив стави им само пакет со песок и тие ќе си се навикнат, со кучињата треба повеќе работа но по една година кучињата стануваат возрасни и можат да издржат дури и пет часа без да вршат физиолошки потреби.

RK: Ти благодарам Стефан, за крај која е твојата порака за оние кои посакуваат да имаат милениче но се уште не се одлучни дали тоа е вистинското нешто за нив? 

Стефан: Како што кажав, чувањето на милениче подразбира грижа и прифаќање на животното како дел од семејството. Ако постои желба за чување независно дали е куче или маче, нека се одлучат да  чуваат макар и секој ден по една корка леб да го хранат е подобро отколку да скита гладно по улиците. Верувајте ако им давате љубов на миленичињата и тие ќе ви ја возвраќаат. 


ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib