Post Page Advertisement [Top]


              Фросина Стојчевска од Крива Паланка има дваесет и три години и веќе три години се занимава со квилинг техника. Ако и за вас е енигма уметноста што се крие зад овој термин - прочитајте повеќе во продолжение.

RK: Каква уметност се крие зад терминот „квилинг“ техника и како ја откри?
Фросина: Квилинг (quilling) техника претставува уметност на создавање декоративни украси од хартија. Инаку кога станува збор за најпрвите допири со оваа техника, едноставно си гледав на интернет изработки и се пробуди желбата во мене и јас да пробам да видам дали ќе можам да направам нешто.



RK: Какви беа твоите први изработки и какви материјали користеше? 
Фросина: Првите изработки беа во форма на цвеќиња, повеќето се подарени, но мислам дека се уште чувам неколку. Од материјали почнав со најосновните: хартија, течен лепак, ножички, молив, линијар...


RK: Што те наведе да пристапиш попрофесионално кон оваа уметност?
Фросина: Желбата во мене да се усовршувам и да бидам подобра во изработката на творбите. Добивав позитивни коментари кои исто така ми влеваа мотивација за да продолжам.


RK: Од каде црпиш инспирација? 
Фросина: Во почетокот најчесто изработките беа инспирирани од некои веќе готови творби кои ги наоѓав на интернет. Како што постепено навлегував се попрофесионално во квилинг техниката, така се повеќе сопствени, оригинални идеи и замисли ги преточував во изработки. Инспирацијата доаѓа спонтано, не е важно дали тоа ќе е некоја веќе видена творба, фотографија или насликана слика, важното е инспирацијата да е доволно предизвикувачка за да ја преточам во квилинг уметноста.


RK: Кои се основните, неопходни материјали за оваа техника? 
Фросина: Основен материјал е хартијата во различни бои. Покрај неа неопходен е лепакот, како и инструмент за рачно и електронско виткање на самата хартија.


RK: Дали се лесно достапни овие материјали кај нас? 
Фросина: Па не баш, јас ги набавувам преку интернет.


RK: Покрај материјалните нешта што е друго потребно? 
Фросина: Желба, трпение и време.


RK: Кога станува збор за времето, колку време посветуваш на една изработка?
Фросина: За помалите изработки минимум три часа, па и повеќе. Поголемите, најчесто А4 формат, ги изработувам неколку дена, од три до четири часа дневно работење.


RK: Опиши ни го процесот на изработка.
Фросина: Откако веќе ја имам инспирацијата што конкретно сакам да изработам, правам скица. Ги исцртувам основните детали со молив за да го определам растојанието меѓу хартиените изработки и да имам некоја претстава како би изгледала во целина потенцијалната творба. Потоа следува одредувањето на боите на хартиите, дали се совпаѓаат. Откако ќе одлучам кои бои ќе ги употребам за изработката, следува сечење на хартијата на лентички од различен размер и од тука натаму виткање, испревртување и други најразновидни начини со кои може да се манипулира со хартијата за да се креира крајната целина.


RK: Покрај ова, дали може да се користат некои други додатоци за декорација на крајното „квилинг“дело?
Фросина: Бојата е најчест додаток. Делумно насликана слика со боја, комбинирана со квилинг техника.


RK: Дали имаш доволно поддршка за да продолжиш да се занимаваш со ова? 
Фросина: Поддршката е ретка, затоа и многу ракотворци немат желба да продолжат да се занимават со техниката.


RK: Како дојде до соработка помеѓу тебе и Центарот за култура во Крива Паланка? 
Фросина: Минатата година при една посета на Градската библиотека во Крива Паланка  на вработените им подарив по една честитка изработена со квилинг техника. По некое време добив покана од тогашната директорка и се договоривме да направиме работилница која ја крунисавме со изложба.


RK: Оваа година повторно имаше работилница, во што се разликуваше од минатогодишната? 
Фросина: Минатогодишната траеше само еден месец, оваа година работилницата траеше подолго, односно за време на летниот распуст на учениците бидејќи деца од различна училишна возраст беа учесници во самата работилница. Како и лани, имавме една средба седмично со времетраење од два часа.


RK: Дали си задоволна од децата на кои им беше ментор и дали имаше некои што те воодушевија со креативност? 
Фросина: Дваесетте деца што беа учесници  во работилницата во почетокот главно доаѓаа за да не бидат дома за време на летниот распуст, чисто да си го пополнат времето. Меѓутоа, подоцна кога влеговме во процесот на креирање, толку многу им стана интересно  што не им беа доволни тие два часа седмично, па понекогаш останувавме и подолго од предвиденото време. Тоа ме исполнуваше, отсекогаш сакав да работам со деца и еве ми се исполни желбата.



RK: Значи твојата мисија како ментор е успешна. Раскажи ни за настанот што се случи на 19-ти септември, односно изложбата.
Фросина: На овогодинешната завршна изложба на работилницата за квилинг техника беа изложени околу седумдесет изработки. Четириесет од овогодинешната работилница и триесет од минатогодишната.


RK: Бидејќи се работи за квилинг техника, деталите се од исклучителна важност – дали е подобро да се стават во рамка со или без стакло?
Фросина: На изложбата околу шеесетина дела беа врамени  што не значи дека останатите не се толку добри за да бидат ставени во рамка. Рамката со стакло е подобра за заштита на самата изработка, но доколку сакаме да дојде до израз изработката и деталите тогаш секако не е препорачливо да се прекрие преднината на изработката со стакло.

RK: Честитки за изложбата Фросина, воедно и ти благодарам за издвоеното време. Која е твојата порака за крај на ова интервју?
Фросина: Голема благодарност за поддршката на Центарот за култура во Крива Паланка. Порака сакам да упатам на сите оние кои се двоумат дали вреди да се започне со квилинг изработки,  сакам да им порачам да не се откажуваат доколку имаат вистинска желба бидејќи кога-тогаш ќе се најде некој што ќе го препознае и вреднува нивниот труд и квалитет. Секако, ти благодарам и на тебе за ова интервју. ^_^ 


АКО САКАТЕ ДА НАРАЧАТЕ ПЕРСОНЛИЗИРАНА ЧЕСТИТКА ИЛИ ДРУГА КВИЛИНГ ТВОРБА, ОБРАТЕТЕ СЕ НА СЛЕДНАТА ФЕЈСБУК СТРАНИЦА:



ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

На симит со Бојана Маџовска

No comments:

Post a Comment

| Designed by Colorlib