Една кривопаланечка љубовна приказна
...Беше шеесет и некоја година од минатиот век, се отвори фабриката „Карпош“ во Крива Паланка. Јас млада, со зацртана желба дека ќе го напуштам селото и ќе си ја барам својата иднина во градот – се вработив во фабриката.
Тоа подразбираше дека мора да си најдам сместување, не можам секој ден да одам пешки од родното село до градот и назад. Почнав да живеам под кирија кај едно семејство во градот, а неработните денови се враќав назад во селото. И така течеше мојот живот, не можам да кажам дека беше лесно, но човек се навикнува.
Тогаш младите луѓе одеа на собори, игранки, на пазар во сабота и така се запознаваа. Јас мојот животен сопатник го познавав и претходно, бевме од исто село, но различни маала. Една јануарска сабота се зедовме, тогаш тој работеше како градежен работник надвор од градот. Ме одведе кај неговите во село и ги направивме побараните адети. Ги испочитувавме и неговото и моето семејство. Арно ама заради работата јас морав да бидам во Паланка, си продолжив да живеам под кирија. Потоа и тој се пресели, во истиот стан живеевме заедно, но не престана да инсистира да се вратиме и да живееме на село. Така, еден ден ми се налути и си замина. Јас сепак не тргнав по него, си останав во станот. Газдарицата виде дека веќе ден-два го нема и ме праша што се случило. Јас раскажав како стојат работите, а таа ми кажа – „Ако те сака, ќе се врати!“
И така третиот ден, тој се појави и го продолживме нашиот заеднички живот. Потоа и тој се вработи во „Карпош“, прво купивме земјиште, потоа изградивме и куќа, одгледавме деца и го испочитувавме она „додека смртта не нè раздели“.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
🍷4/❤2 - Love & Wine |
Мотелот, Турист и Ловечки
|