Post Page Advertisement [Top]



Бојан Јакимовски е средношколец од Крива Паланка кој покрај љубовта кон информатиката - е вистински љубител и на пишаниот збор. Неговиот омилен жанр се трилерите и вели дека ужива во читањето бидејќи книгите му даваат можност за спознавање на нови хоризонти, од другата страна на реалноста. Во продолжение, тој ви се обраќа и ја претставува неговата листа предлог книги за ова лето. Прочитајте!


Бојан:

1. „Богат татко, сиромашен татко“Роберт Киосаки

(книга за финансии)

Книга која отсликува фантастичен приказ како функционира државен, а како приватен службеник при вршење на функција. Книга која го развива претприемачкиот дух, нè припрема на предизвици, на континуиран успех. Овозможува контроверзно гледиште кое е различно од „општото знаење“ кое се наоѓа во повеќето едукации за лични финансии. Се фокусира на претворање на приходот што го заработувате во средства што создаваат уште поголем приход. Ја нагласува моќта на мислата и континуираното учење. Оваа книга ја препорачувам за сите оние кои сакаат да имаат контрола над својата финансиска иднина.



2. „Сопругата на детективот“ – Мирјана Проданова

 (семејна драма)

Главната тематика која се содржи во романот е семејното насилство. Семејна драма со огромна доза на тајни, мистерии и болка. Низ оваа книга ве води главниот лик, хероината Лидија, која по долги години претрпено семејно насилство, го убива својот маж Димитар. Но, дали таа е убиецот? Каква животна судбина ќе доживее Лидија во затворот Сперанза? Во книгата ќе се запознаете со личности кои се доловени од близу и воедно, ќе ви предизвикаат мешавина од емоции, искомбинирани со прекрасен стил на пишување  во две различни временски етапи. Едноставно, оставам на вас да ја прочитате книгата и да се воодушевите од ова ремек-дело на една нова и талентирана авторка, Мирјана Проданова.


3. „Злосторство и казна“ – Фјодор Михајлович Достоевски

„Мислеше да ја убиеш старицата, но всушност, се уби самиот себеси“.

Фјодор М. Достоевски, заедно со Толстој и Чехов, несомнено е најголемиот руски писател на сите времиња. Неговиот роман „Злосторство и казна“ го отсликува самракот и безизлезноста во сликите на човечката беда. Дело во кое, самиот Достоевски ни укажува на морална сочуваност и потрага по малку љубов и среќа во секоја потисната психа. Главниот лик, Раскољников е лик во кој владеат  ставовите на бунтот, заедно со неговиот карактер се да се реши по насилен пат. Раскољников е најтешката последица на злосторство која го погодува злосторникот, иако верува дека во него има времена психолошка конфузија. Психичкиот немир и себеизмачувањето се доказ за тежината на неговата искрена душа, недостижна за рускиот свет.



4. „Родопис“ Анте Поповски

Издание на МИСЛА СКОПЈЕ, 1981 година

Анте Поповски е поет, есеист и публицист, кој со својата поезија го сврзува непреболот, но и болката. Го опејува злото, притоа искажувајќи дека не сака да  робува на патетиката и документарноста. Поетиката го поседува чувството, кое е карактеристично за корените на македонската книжевност. Во поезијата на Поповски, националниот мотив е главната тема, која тој доследно и искрено ја доживува и опишува. Во поголем дел од песните мотивот е толку близок што  секогаш се раслојува и усовршува. Во поголемиот дел од песните, гледани низ призмата на сегашноста, секогаш детаљот е во поопшт и универзален контекст.  Поетската величина на Анте Поповски се гледа и од фактот дека тој е застапен во сите поетски антологии посветени на македонската поезија објавени во светот. Избор од неговата поезија е објавен на околу дваесетина странски јазици.



5. „Една минута за себе“ - Спенсер Џонсон

Оваа книга е најдобрата книга на тема „грижа за себе“ што некогаш сум ја прочитал. Книгата има многу едноставен пристап и има богатство на мудрост. Најдобар начин да ја прочитате оваа книга и вистински да ја „натерате“ да работи во вашиот живот е да ја читате многу бавно, земајќи по едно мало делче од неа и спроведувајќи го тоа во нашиот живот. Многу лесно се чита, суштината е внесена во приказната за човек кој ја бара најсреќната личност што ја познава - неговиот омилен чичко, кој открива дека не било секогаш така. Моја искрена и топла препорака.



6. „Хирургот“ – Тес Геритсен

Има еден убиец во Бостон кој цели на самостојни жени. Пресот го нарекол Хирург поради прецизноста на методите на убиецот. Прецизност која укажува на неговото медицинско образование,  односно отстранување на матките на жртвите пред да им ги одземе животите. Без никаква анестезија. Слична серија убиства се случиле две години порано. Проблемот е што тогаш сторителот бил застрелан од  д-р Кетрин Кордел, која единствена успеала да преживее. Сега таа повторно е на мета на убиецот ... Детективите Томас  Мур и Џејн Рицоли се нејзини сојузници. Но, дури и тие можеби нема да ја заштитат од брилијантниот ловец со скалпел.  Динамичен и мајсторски воден трилер во кој напнатоста расте незапирливо до жестокиот и ужасен климакс, кошмар со медицинска тематика кој ќе ве остави без  зборови.


7. „Заробени сништа“ - Марина Немат

Од што би се откажале за да ги заштитите вашите најблиски? Вашиот живот?

Заробени сништа, храбриот и прониклив мемоар на Марина Немат ја раскажува потресната приказна за нејзиниот живот како млада девојка во Иран за време на раните денови на бруталната исламска револуција на ајатолахот Хомеини. Никогаш не ја пропуштам шансата да го препорачам, бидејќи примерот на отпорност и нераскинливиот дух на писателката е навистина инспиративен. Во оваа книга, Немат го споделува својот живот како дете и тинејџерка во Иран, фокусирајќи се на тоа како Исламската револуција што го собори Шахот и ја донесе Ајатола Хомеини на власт, го растури нејзиниот живот. На 16-годишна возраст, таа е  уапсена, измачувана, затворена, осудена на смрт, а потоа спасена од нејзиниот инквизитор, но под услов  да премине во ислам, да се омажи за него насила и да страда уште повеќе пред конечно да биде ослободена две години подоцна. Преку овој мемоар, оддаваме фер и трогателна почит кон сите оние храбри млади Персијци кои се бореа против неправдата и биле убиени од сè уште еден од најнасилните режими во светот. Преку болното, но убаво напишано сведоштво на Марина, потсетуваме дека мирот, правдата и слободата се скапоцени, но сепак кревки. И дека никогаш не смееме да ги земаме здраво за готово.


 8. „Замка“ - Мелани Рабе

Во овој изопачен трилер, еден повлечен автор му поставува совршена стапица на убиецот на нејзината сестра - но дали тој е навистина убиецот? Познатата писателка Линда Конрадс е мистерија за читателите и медиумите. Веќе единаесет години, најпродаваната авторка Линда Конрадс не излегува од нејзината мала психолошка оаза, нејзиниот дом. Прогонувана е од нерешеното убиство на нејзината помлада сестра - која ја открила во локва крв и лицето на човекот што го видела како бега од местото на злосторство. Но, светоста на нејзината оаза се расипува кога на телевизија ќе го види убиецот на нејзината сестра. Зафатена од повеќегодишна изолација, Линда се решава да го искористи заплетот на нејзиниот следен роман, сосема различен по содржина од нејзините претходни, со цел да постави неодолива стапица на човекот. Бидејќи планот се става во движење и минатото се враќа набрзина назад, сеќавањата на Линда - и нејзиниот здрав разум - се доведуваат во прашање. Дали овој човек е бездушен убиец, или е, само беспомошна и бескорисна жртва? Приказната на Линда се расплетува и опишува толку паметно, и Рабе како писател ве тера да се прашувате што е факт, а што не е коректно до самиот крај, притоа трудејќи се да ви ја зголеми напнатоста.



9. „Евгениј Онегин“ - Александар Сергеевич Пушкин

Александар Пушкин е татко на модерната руска поезија и литература. Евгениј Онегин е главно дело.

Метафорите стануваат толку силни во романот што престануваат едноставно да ги опишуваат ликовите, но всушност ги дефинираат Онегин и Ленски за некое време. Онегин и Ленски претставуваат два вида на млади образовани благородници чија трагична судбина е последица на разликата помеѓу нивните желби и способности, како и начинот на живеење  кој го  водат. Тврдоглавоста и глупоста го прават Евгениј убиец. Тој не е рамнодушен што го убива пријателот, го гризе совест и сосема се повлекува одејќи во непознат правец. Кога повторно ја сретнува Татјана, тој не може да се помири што таа е туѓа и недостижна. Татјана на крајот, му го наплатува стариот љубовен долг, во кој се чувствува доза на омраза кон самиот самобендисан маж, кој после сите работи повторно се враќа на својот беден и осамен живот. 


10. „Робинзон Крусо“ – Даниел Дефо (издание на англиски јазик)

Неверојатната приказна што ја препрочитав, овој пат на англиски. Приказната за Робинзон Крусо, приказна за човек кој повеќе од дваесет години бил блокиран на ненаселен остров.

Во центарот на Робинзон Крусо е тензијата помеѓу општеството и индивидуалноста. Како што започнува романот, Робинзон се ослободил од своето семејство и општеството од средната класа во кое живеел со цел да си го продолжи животот. Ако тој останал дома, ќе живеел живот што татко му го договорил веќе и од ограничувањата на англиското општество. Тој ќе избега на морепловска мисија, но за жал поради голема бура, ќе заврши сам на пуст остров. Неговото време на овој остров било продуктивно. Тој успеал да изгради засолниште за себе. Тој продолжувал да гради селска куќа од спротивната страна на овој остров. Исто така, тој конструирал тврдина во која складирал муниција и пиштоли. Робинзон Крусо по цели 28 години заробен на тој проколнат остров, конечно се враќа дома во цивилизацијата. Приказната за Робинзон Крусо беше одлична книга за читањe. И покрај тоа што заплетот беше прилично едноставен и имаше многу малку ликови со какво било вистинско значење за приказната, стилот на пишување на романот е навистина неверојатен и иако е имагинарна книга, Робинзон Крусо е вистинско англиско ремек-дело.

* сите фотографии за потребите на оваа објава се направени од самиот Бојан.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Р02: „Мечкоград“ - Фредрик Бакман (Антолог)




Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib