RK

Robert Krstevski

Explore Kriva Palanka | Истражи ја Крива Паланка

Animals | Животни

Post Page Advertisement [Top]


Благој Ламњов е истакнат македонски музичар и верен пријател на кларинетот. Велешанецот кој живее и твори во Шведска, го дочека своето музичко првенче. Имено, исцрпната работа и големата љубов кон она што го твори го донесоа на свет неговиот прв албум „Nostalgic love“. Чест и задоволство ми е моја фотографија да го краси ова ремек-дело. Како се случија нештата токму таа фотографија да се најде на првиот албум на овој истакнат музичар и каков беше патот од почетокот на неговата кариера па се до „Nostalgic love“ - Благој ни раскажува во продолжение. Уживајте!



RK: Зошто баш кларинетот е  инструментот преку кој најдобро се изразуваш себеси во музиката?
Благој: Кларинетот е еден од најпопуларните инструменти во светот. Тоа е инструмент кој е најблизок до човечкиот глас. Кога бев тинејџер забележав дека моето музицирање на овој инструмент привлекува внимание од околината, а во тие тинејџерски години секој од нас на некој начин трага по тоа внимание од околината и од спротивниот пол. Денес преку овој инструмент ги откривам моите тајни од минатото и сегашноста.


RK: Твојата кариера е богата. Раскажи ни некои од поважните и поинтересни случувања кои ги имаш доживеано.
БлагојНа 13 години се случи мојата прва турнеја. До овој момент сум настапувал во повеќето земји низ Европа, Кина, Јапонија, САД и Канада. Моментално живеам во Шведска. Овде, досега сум предавал на универзитетот во Гетеборг, универзитетот во Лунд, сум работел за операта во Малме, филхармонијата на Хелсингборг и моментално работам за театарот на Стокхолм. За мене лично најважно во секој настап до сега било желбата да научам нешто ново од самиот себе, од моите колеги и од публиката. Со таков став излегувам од дома, со таков став се враќам дома. На секој настап дознавам што умеам, а што би можело да се подобри. Возбудливи моменти имало стотици, но највозбудливи и најмило ми било секогаш кога сум свирел во мојот роден град Велес.


RK: Од кога постои „никулецот“ на твојот прв албум  „Nostalgic Love“? Од каде црпеше инспирација за сите десет песни што се наоѓат во него?
БлагојПред 15 години се преселив во Шведска и почнав на факултетот за музика при универзитетот Лунд. Благодарение на креативниот свет кој ме опкружуваше, благодарение на оваа чудесна нација,  добивав многу идеи и голема визија за мојата иднина и за еден стил на музицирање и компонирање. Го градев 15 години и конечно чувствувам дека го пронајдов тоа што го барав. Створив стил на музика кој го слушаат секаков тип на луѓе: рокери, забавњаци, блузери, турбо-фолкери, деца, тинејџери, млади и стари. Е, сега кога веќе го имав стилот и правецот, песните доаѓаа најчесто во моменти на мечтаење, сакање, недостасување некого, трагање по нешто. Една од песните во албумот  „Nоstalgic Love“ почнав да ја пишувам пред 14 години...



RK: Како дојде до фотографијата која го краси твоето ремек-дело? Раскажи ни малку повеќе.
БлагојРоберт, како што си во тек со дел од настаните околу моето ЦД, покрај музичкиот дел јас работев и се друго: продуцент, дизајн на омот, маркетинг, и така натаму со мала помош од неколку блиски луѓе.
За предниот дел од обвивката на ЦД-то потрошив месеци размислувајќи. Конечно одлучив што сакам да предизвикам кај секој кој ќе го погледне самото ЦД, но не знаев како да дојдам до конкретна идеја и реализација на предната страна на обвивката. Почнав да трагам низ интернет и наидов на многу убави фотографии и уметнички дела меѓу кои и твојата фотографија. Кога првпат ја видов твојата фотографија, буквално ги поткренав веѓите и си реков: „ЕВЕ ФОТОГРАФИЈА ЗА МОЕТО ЦД!” Фотографијата буквално ја опишуваше мојата музика и создаваше чувството кое сакав да го предизвикам кај секој кој ќе го држи ЦД-то в раце. Чудесно! Чиста случајност. Но сепак почекав неколку недели и размислував многу, затоа што знаев дека кога ќе се случи моментот на промоција на моето ЦД, веќе ништо нема да може да се измени. Ми беше многу тешко да одлучам помеѓу неколкуте конкурентни дела/фотографии. Размисливањето траеше околу 2 месеца, но целиот тој период победник беше оваа твоја фотографија, не само по мој вкус туку и по вкусот и мислењето на луѓето со кои се консултирав. Ја донесовме вистинската одлука. Оваа фотографија едноставно кажано хипнотизира и освојува емоции од секој кој ја погледнал.




RK: „Nostalgic love“ содржи 10 песни. Ќе можеш ли со по една реченица да ни кажеш нешто за секоја од нив.
Благој:

🎵 LILY – во оваа песна користам кратка мелодија од народната песна „Лилјано моме“. Во периодот кога живеев во Чикаго, од 2010-2014, често ја свирев оваа песна и така денес ми создава носталгија за Чикаго и за моите случки низ градот.

🎵 TWO HAPPY SQUIRRELS – ова е велешката народна песна „Сербез Донка“. За првпат ја слушнав од мојот татко и ми е најдрагата песна на ова ЦД.




🎵 INFINITY – оваа песна ја створив импровизирајќи на клавир. По неколку месеци, слушајќи ја таа импровизација од првпат ми дојде и мелодијата. На крајот на песната користам парче од поемата „Еригон“ на Александар Сашко Кукулев.

🎵 ELLEN „Елено ќерко“, народната македонска песна, изведена на еден поинаков начин.


🎵 FLAMENCO DE MACEDONIA – првото македонско фламенко, микс од наша народна музика и фламенко музика. Во оваа песна свири гитарист од Севиља, Шпанија. 

🎵 NOSTALGIC LOVE – ја напишав со идеја да се менува амбиентот неколку пати во текот на песната. Една од најомилените кај слушателите.


🎵 LONGING – во превод „Мечтаење”. Почнав да ја пишувам пред 14 години. Сам го свирам и клавирот и кларинетот во оваа песна. Ме враќа назад во лето 2004, но мечтата и носталгијата за тоа време е веќе изгубена...

🎵 JOVANA – тоа е народната песна „Јовано, Јованке“. Мојата верзија ја отсвирев за првпат пред 13 години и тогаш привлеков големо внимание од музичарите низ поранешна Југославија.


🎵 STROLL WITH MYSELF – во превод „Прошетка со самиот себе” има медитативен карактер.

🎵 BYE FOR NOW – во превод „Збогум засега”. Ова е една од песните чиј наслов се роди слушајќи ја самата песна. Буди огромна количина на емоции и е една од најомилените кај слушателите.

Слушнете ја „Bye for now“ на Youtube:



RK: Веќе во некое интервју имаш споделено дека „Two happy squirrels“ ти е омилена песна? Зошто оваа песна зазема посебно место во твоето срце? 
БлагојОваа песна е традиционална од мојот роден град , Велес. Се вика „Сербез Донка”. Оваа песна за првпат ја слушнав како дете од мојот татко. Секогаш кога ја слушам или свирам ми буди чувство на безгрижност и ми го насликува пред очи мојот дом и мојот град Велес. Заради мојот стил на живот во изминатите 15 години, јас потполно ја имам разбрано тежината на онаа поговорка „дома си е дома” и имајќи ја оваа песна на моето ЦД јас сум на некој начин поблиску до дома. 


RK: Која е пораката на овој албум? 
БлагојНајголемата мисија на секој човек на оваа планета е да се чувствува убаво. Да се чувствува подобро од вчера, да се чувствува безгрижно, да се чувствува сакан, и потајно да ја регенерира својата надеж.
Имајќи го ова во мисла, јас се потрудив да створам еден интимен мост помеѓу ЦД-то и слушателот, доставувајќи ги сите овие чувства кои ги набројав.


RK: Ако останаше во Македонија, дали денес овој албум се уште ќе беше само сон? 
БлагојАко не се преселив и образував во Шведска и Америка, овој албум никогаш немаше да се случи. Сигурно ќе сум снимал албуми и во Македонија, но музиката ќе била поинаква. Тоа што го научив во Шведска и во Америка, сите тие учители од кои учев и сите концерти кои ги видов од светски музичари го изградија овој мој стил на музицирање и компонирање. Научив како да ги испишам на хартија моите вистински чувства и емоции.


RK: Знаеме дека нималку не е лесно да се издаде албум, но тоа се други теми. За крај, би те прашал, сега кога веќе го имаш во раце готово твоето првенче во музичкиот свет - Дали сликата што ја имаше во глава како и што треба да го претставува твојот прв албум излезе баш како што самиот ти замислуваше?
Благој: Албумот излезе така како што замислував. Не би менувал ништо. Но за жал јас не можам да уживам во мојот албум. Јас се уште го анализирам слушајќи го самото ЦД, учам од целиот овој процес кој трае веќе 11 месеци и се надоградувам. Ужасно посакувам да можев да го слушнам и доживеам како сите други, но свесен сум дека тоа е еднствениот мој сон кој никогаш нема да ми се оствари.


RK: Ти благодарам Благој и ти посакувам многу успех со овој албум, како и со секој следен. 

ДОКОЛКУ САКАТЕ ДА ГО СЛУШНЕТЕ ИЛИ ПОСЕДУВАТЕ ОВА РЕМЕК-ДЕЛО ПОСЕТЕТЕ ЈА СТРАНИЦАТА www.blagoj.se И ТАМУ ЌЕ НАЈДЕТЕ ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ. 


ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:


Ги (фото)цитирав нив...

No comments:

Post a Comment

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib