RK

Robert Krstevski

Explore Kriva Palanka | Истражи ја Крива Паланка

Animals | Животни

Прочитајте!

Post Page Advertisement [Top]

БЛОЖИЌ е серија од објави кои ќе бидат објавувани во периодот до Божиќ (07/01/2018).  


Ги предизвикувам и повикувам сите македонски блогери доколку се расположени можат да се вклучат во ова препразнично блогирање со објавување oбјави на македонски јазик на своите блогови. Содржините на постовите се основаат на вашата креативност. 




              Ете ја повторно зимата, со својата белина го маѓепсува празничното утро. Знаеш Бела, отсекогаш сум се прашувал како може зимата да е толку сурова а навидум е толку невина и чиста?
Ронењето на снегулките е толку тивко и нежно, буди задоволство додека ја слушаш симфонијата на дрвата што горат во огнот а погледот ти е вперен кон прозорецот и се маѓепсуваш од волшебниот танц на снегулките. Ех, тоа чувство ме враќа во детството кога зимските денови ги минувавме со дедо ми покрај огнот, раскажувајќи ми приказни сè додека не ми се приспие. Често знаев да барам нешто друго да ми раскажува бидејќи повторуваше едни исти приказни и ги знаев напамет. Но тој знаеше да ми каже дека ги повторува за да ги научам и да ги памтам цел живот за да можам да ги раскажувам на моите внуци, како што неговиот дедо му ги раскажувал нему. И ги памтам Бела, ги памтам и ден денес и срцето мразулци ми го прободуваат кога се сетам дека мојот внук не ги знае тие приказни. Ах Бела,  зошто зимата не е како тебе, како куче - бела и пријателски настроена? Кога ќе се сетам во никоја зима од мојот живот не уживав и едвај чекав што побрзо да помине. 
Приказните се топли спомени но студените зимски утра со снег до колена и патот од нашето село до градот, од домот до училиштето и моментите кога со опинците направени од свинска кожа чекориш и оставаш траги во студениот снег секогаш ги помнам по желбата што ми минуваше низ главата во тие мигови, што побрзо да мине и таа зима. 
Дојде зимата кога го изгубив татко ми, мајка ми плачеше со денови, браќата беа постари од мене, тие веќе се спремаа за женидба а јас бев најмалиот и оној кој треба да слуша се што ќе му кажат и наредат. Мечтаев да дојде тој ден кога ќе бидам и јас  возрасен и нема веќе да ги слушам секојдневните наредби „однеси им сено на овците, донеси дрва, запали го огнот и тргни кај кладенецот да донесеш вода...“
И растев полека и секоја следна зима бев повозрасен во споредба со минатата, но тие беа подеднакво сурови и едвај чекав да минат. Ја помнам и зимата кога тргнав во 
војска, првпат одалечен од родното место и одвоен од најблиските. Секој ден мислев на моите дома и почнав да се молам и да се заблагодарувам за семејстово што го имам. Кога се вратив од војска, се оженив и работев како градежен работник во градот. Зимата кога станав татко, јас и жена ми бевме станари во градот. И покрај целата таа радост јас чекав што побргу да мине зимата за да работам, да спечалам пари за детето а и за нас, да не живееме како станари, да си изградиме наш топол дом. И таа зима мина, како и секоја следна и успеавме да изградиме топол дом врз темелите на сите тешки мигови во животот...
Ах ете го поштарот, ѕвони на вратата. 
- Добар ден чичко, Среќни празници.
- Фала младичу, среќни нека се и на тебе и твоето семејство.
- Еве ова е за тебе.
- За мене ? Од кого ?
- Не знам, вие ќе си видите.
- Довидување.
- Пријатно.  


Еј Бела, добив писмо, од кого ли е... да го отворам да видам што пишува во него... 

Драг тато,
Среќна Нова година и Среќен Божиќ, ти посакуваме да си ни жив и здрав уште многу години. Сите ние сме добри и те поздравуваме, празниците тука во Германија завршија и сега се враќаме на секојдневните обврски. Сигурно си видел дека времето е лошо, паѓа снег, патиштата се замрзнати а и пред неколку месеци се видовме околу погребот на мама, така да решивме оваа зима да не доаѓаме во Македонија. Еве ти неколку фотографии да го видиш внук ти колку е пораснат за последните месеци. Ти праќам и пари за да си купиш ако имаш потреба од нешто.

Чувај ни се, те сакаме.

Ана




Ах Бела, слушна ли што прочитав... ова ќе е најстудената зима во мојот живот. 


Автор : Роберт Крстевски

No comments:

Post a Comment

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib