По повод почетокот на учебната година во продолжение можете ја прочитате мојата омилена сказна. Оваа сказна првпат ја прочитав во четврто одделение, беше дел од тогашната читанка по македонски јазик и литература. Прочитајте ја и споделете во коментар која е вашата омилена сказна/лектира/книга која засекогаш ви останала во сеќавање од училишните денови.
ЗЛАТОКЛУНЕСТАТА ПТИЦА
Сте ја слушнале ли сказната за златоклунестата птица? Од каде би можеле да ја слушнете? Таа сказна се родила во длабоката тишина на темните шуми.Таму и се извела таа птица, а гласот за неа се пренесувал далеку низ градови и села. Кој прв ја видел птицата со златен клун, не се знае точно. Можеби залутан патник, можеби ловец... Луѓето во почетокот се чуделе и не поверувале дека таква птица воопшто постои.
- Тоа е сказна, велеле. - Ако постои таква птица, таа би била скапоцена како бисерната школка на морското дно.
Но, многумина биле љубопитни и отишле во шумата сами да се уверат. А кога стигнале таму, долго лутале додека не ја пронашле златоклунестата птица. И тогаш извикале:
- Вистина е! Сказната за златоклунестата птица не е измислена!
Тоа било доволно за да започне во планината дотогаш невиден лов на птицата.
Златоклунестата птица веќе никаде немала мир. Ја пронаоѓале каде и да застанала, ја гонеле бесно и настојувале да ја фатат. Заради ова, по дрвјата биле поставени стапици, а по планината многубројни стражи и заседи.
Само ноќе, кога ќе паднел мрак, несреќната птица успевала да најде малку мир. А најлошото било тоа што таа воопшто не знаела зошто ја гонат.
Еднаш, изморена од бегање, се спуштила во една грмушка и почнала да плаче, долетала до неа малата сипка и ја прашала:
- Зошто плачеш, убава птицo? Можам ли да ти помогнам?
- Не знам дали можеш да ми помогнеш. Плачам затоа што сум несреќна. Во целата планина за мене веќе нема мирно место. Каде и да застанам, ме пронаоѓаат и ме гонат. А зошто ме гонат, не знам!
- Како не знаеш? - се зачудила сипката. - Имаш златен клун. А луѓето го ценат и сакаат златото. Тој што ќе те фати ќе стане богат. Ќе те продаде за многу пари и до крајот на животот ќе живееш во кафез.
Можеби ќе биде тоа убав кафез, но ти никогаш повеќе нема да ги видиш зелените шуми и твоите крилја никогаш повеќе не ќе го осетат топлото милување на зракот во летот. Твоето срце ќе копнее по сините простори , а тие ќе ти бидат недостижни...
- Не сакам повеќе да ми зборуваш за тоа! - тажно воздивнала златоклунестата птица. Никогаш не ќе допуштам да ме фатат! Никогаш!
И оттогаш уште поочајно бегала и се криела од очите на ловците. А секој ден станувал потежок и понесреќен за неа...
Само темните ноќи и’ носеле мир. И често плачеjќи ја дочекувала зората.
- До кога вака? – си велела. – До кога вака ќе живеам?
И сепак, имала надеж дека не ќе ја фатат се’ додека еден ден ловците не донеле два сокола и не ги пуштиле да ја фатат. И тогаш птицата со златен клун разбрала дека не ќе може да се спаси. Напразно бегала, напразно се обидувала да се сoкрие. Соколите ја следеле и секој миг и’ се чинело дека ќе ја фатат. Златоклунестата птица веќе почнала да губи храброст и тогаш под себе ја забележала бистрата вода на планинското езеро. Ја гледала и си помислила:
- Подобра е смртта во брановите, отколку ропството во кафезот!
Соколите веќе биле сосема близу. Само миг и ќе се најде во нивните остри канџи... Златоклунестата птица донела решение: да ги отпушти крилјата и стрмоглаво да јурне кон длабочините... Бистрата планинска вода го дочекала нејзиното слабо тело. Птицата уште еднаш, за последен пат, ги погледнала небото, сонцето, врвовите на планините и потонала. Соколите напразно ја барале кликтајќи и вртејќи се над езерото. Златоклунестата птица, птицата која повеќе ја сакаше смртта отколку ропството, беше сега сигурна, сосема сигурна...
Ахмед Хромаџиќ
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
ВАЛЕНТИН или ТРИФУН? |