Post Page Advertisement [Top]

 


Слободан Дане Димитровски, познат како „Бата“, паланчани го знаат како „кондурџија“ (чевлар). Во оваа интервју, Бата зборува за својот занает и пасијата кон украсните птици. Прочитајте и погледнете!


RK: Бата, како започна Вашата приказна со чевларството?

Бата: Уште како дете знаев да поминувам време во дуќанот на брат ми Стоимен Димитровски, кој беше опинчар. Потоа, кога завршив основно образование, кај него плетев опинчиња и го учев занаетот како чирак. Тоа се моите први чекори во чевларството.



RK: Потоа како се одвиваше Вашиот животен пат?

Бата: Потоа, завршив за кројач – кожна галантерија во „Елегант“. Завршив и за машинобравар, а во Панчево изучував и за заварување. Подоцна работев и во рудникот Тораница.



RK: Како го добивте прекарот „БАТА“?

Бата: Со моите браќа, јас им се обраќав со „БАТО“ и тие мене исто. Со текот на времето и со останатите луѓе почнавме да се поздравуваме со „Кај си БАТА?“ и така остана сите денес да ме знаат како „БАТА“.



RK: Како продолжи Вашиот пат со занаетот, односно чевларството?

Бата: Брат ми отвори плетачки дуќан, па заедно одевме по пазари и собори. Подоцна, откако се оженив, започнав самостојно да работам. Си направив работилница во мојата куќа. Почнав со најосновните алати: игли, шила, чекан и наковална, а подоцна направив и калап за ковање. Така, чекор по чекор, ја создадов својата работилница. Патиките,  што најчесто ги поправам денеска, научив сам да ги поправам,  од желба и љубов кон занаетот.

 


RK: Денеска, какви услуги најчесто нудите кога е во прашање поправка на обувки?

Бата:  Поправам разни видови на обувки, кратам штикли, пенџетирам... вршам секаков вид на поправки во зависност од тоа во каква состојба се обувките.



RK: Каде луѓето најмногу грешат при одржување на обувките?

Бата: Најголема грешка е патиките да се перат на висока температура во машина за перење алишта. Другата крајност е кога ги донесуваат на поправка, ги донесуваат ептен извалкани.



RK: Освен чевларството, што друго претставува Ваша пасија?

Бата: Голема љубов ми се украсните птици. Одгледувам гугутки, пауни, шабо кокошки и петли. Имам повеќе видови на голуби: лепезани, типлери, каплани, масери. Најмногу имам писмоносци, кои ги изнајмувам за свадби.










RK: Колку посветеност бара одгледувањето на птиците?

Бата: Потребно е многу грижа и посветеност. Да ги храниш редовно во текот на денот, да се грижиш за нивните живеалишта... годишно трошам еден тон пченица. 




RK: Цвеќарството е исто така Ваша пасија...

Бата: Да. Цвеќињата ми се пасија уште од детството. Освен тоа, изработувам: гусли, сукала, дрвени лажици за домаќинство и други предмети од дрво. Секогаш се трудам својата креативност да ја изразам преку нешто што ќе биде убаво и корисно.

 









RK: Бата, благодарам за ова интервју и гостопримството. За крај, дали имаш некоја порака?

Бата: Секој што има желба, интерес и љубов кон чевларството  е добредојден кај мене. Со задоволство ќе го научам да поправа чевли и да си заработува за свој леб – занаетите треба да се пренесуваат на новите генерации. Поздрав од Бата.




ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:


КП ликови: Катица Борисовска - „Дел од срцето секогаш ќе живее на Килиманџаро“


Драган Т. Величковски: „Културата не е работно место, таа е животен повик“

Bottom Ad [Post Page]

| Designed by Colorlib